Локвица
Локвица — село во Општина Македонски Брод, во областа Порече, во околината на градот Македонски Брод.
Локвица | |
Поглед на селото Локвица | |
Координати 41°34′31″N 21°16′32″E / 41.57528° СГШ; 21.27556° ИГД | |
Регион | Југозападен |
Општина | Македонски Брод |
Област | Порече |
Население | 72 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 6530 |
Повик. бр. | 045 |
Шифра на КО | 03029 |
Надм. вис. | 800 м |
Мреж. место | Локвица |
Локвица на општинската карта Атарот на Локвица во рамките на општината | |
Локвица на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во областа Порече, на источната страна на територијата на Општина Македонски Брод, чиј атар се издигнува на планината Даутица.[2]
Поточно, селото Локвица се наоѓа на источниот раб на поречкиот басен, а лежи во подножјето на отсек од некогашниот праисториски езерски брег висок 900 метри.[3] Самото село Локвица е сместено во мала зарамнета котлина окружена со високи планински гребени од сите страни и тоа Осој (1285 м.н.в.) на Даутица на исток, Лаишта (889 м.н.в.) на југ, Голиње (920 м.) и Орлов Камен (914 м.) на запад и Рупиште (808 м.) на север. Непосредно северно од селото се наоѓаат обработените ниви, а веднаш на југоисток над самото село низ Богданов Дол се наоѓа изѕиданата цевководна траса на водоводот која преку месноста Јасика завршува кај местото Долга Рупа и ловџиската локва на врвот на билото висок 1130 метри во правецот над Крапа.
Селото е ридско, на надморска височина од 800 метри. Од градот Македонски Брод е оддалечено 11 километри.[2] До селото води асфалтен пат, кој се двои кај пештерата Пешна.
Најблиски соседни села се Крапа на југоисток и Вир на север, а преку земјен и наместа калдрмисан пешачки пат Локвица на север е поврзана со маалото Старовци во селото Црешнево.
Локвица има мошне голем атар, кој зафаќа површина од 39,4 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 2.685 хектар, на пасиштата отпаѓаат 479 хектари, а на обработливото земјиште 382 хектари.[2]
Од 1975 година е асфалтиран патот и улиците низ населбата. Изграден е водовод во должина од 18 километри. Водата се каптира од Крапска Река, од месноста „Грамада“, со капацитет не само за домаќинствата, туку и за наводнување на нивите и градините. Во минатото, жителите се снабдувале со вода од бунари длабоки и до 20 метри. Секоја куќа имала бунар.
Историја
уредиСпоред народното предание селото Локвица настанало од едно семејство и доселени домазети.[3]
Селото Локвица е доста старо и за него постојат записи уште од средновековниот период, односно од XV век. Според истражувањата на Милан Ристески, кои се засноваат на пописниот дефтер од 1467 година, Локвица имала четиринаесет домаќинства.
Во XIX век, Локвица било село во Поречката нахија на Кичевската каза на Отоманското Царство.
За време на илинденскиот период населението било изложено на брутални репресии од отоманската власт. Него го карактеризираат случувањата на Комитетот на организацијата што го создале Ѓорѓи Сугаре и Ѓурчин Секулоски во 1902 година, во куќата на поп Мицко кој бил избран за началник. По неуспехот на Илинденското востание не згаснала револуционерната мисла за национално ослободување кај македонското население. Војводите продолжиле со четите да дејствуваат повлечени во своите реони. Војводата Арсо се повлекол во Крапската Планина. Селаните од Локвица, Црешнево и Крапа ги обезбедувале со храна.
Во септември 1903 година Ибраим ефенди дошол да собира данок. Османлиите биле бесни. Тие му наредиле на селскиот коџобашија Јован Трајкоски да ги собере селаните во куќата Попоска. Коџобашијата се обидел да ги заштити селаните, но Ибраим почнал прво да удира по него. Кога арачлиите се враќале од селото, Арсо Војводата ги пречекал кај Пешна. Во борбите загинале неколку сејмени, а бил ранет и еден комита. Воденичарите Трајко Сеиџимоски и Огнен Кимбески го засолниле ранетиот комита. По преврзувањето го однеле кај коџобашијата за да го однесат во трлото Кицеско и таму да го лекуваат. Османлиската власт испратила аскер во Локвица. По крвта што капела од ранетиот комита ги фатиле воденичарите. Од тепањето тие не можеле да издржат, а да не кажат каде е ранетиот комита. Аскерот го блокирал селото и ги собрале сите селани и почнале да го тепаат попот Мицко и Трајко коџобашијата. Турците успеале да го фатат ранетиот комита и го натерале да ги покажува селаните кои биле вклучени во организацијата од куќа на куќа. Фатените селани биле собрани и протерани во Кичево. Оттаму биле префрлени во Битола и осудени на 101 година затвор: Поп Мицко Трајкоски, Јован Трајкоски, Костадин Војноски, Томе Војноски (син на Костадин), Аризанко Кочоски, Јованче Брајаноски, Велко Попоски, Никодин Ѓорѓиоски, Митре Стојаноски, Стојко Видески, Нове Видески, Стојан Тодоровски, Аризанко Тодоровски, Трајко Сеиџимоски, Огнен Кебески, Димко Павловски и Јованче Стојаноски. Осудените биле протерани во Анадолија во Дијарбакир. По уриетот во 1908 година ослободени се поп Мицко и Трајко Прошески, а другите умреле како последица на мачењето, темницата и слабата исхрана.
Вкупно 12 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[4]
Потекло и значење на името
уредиИмето на селото Локвица доаѓа од македонскиот збор локва кој означува место односно вдлабнатина во која што се задржува (дождовна) вода. Според кажувањата забележани во некои записи селото го добило името по локвата која се наоѓа во еден вртач на јужната страна од селото.[3] Имено оваа помала локва, која и денес постои и се користи од ловците на дивеч, се наоѓа на самиот врв на планинскиот гребен веднаш југ-југоисточно над селото од каде што започнува трасата на цевките за водоводот. Во околината над самото село има неколку други локви со вода, од чиешто постоење веројатно селото го добило своето име. При искачувањето на падината Бел Камен во подножјето на планината Даутица, пред влезот на селото, од левата страна на патот има бара, локва вода која не пресушува цела година и по која населбата го добила името.
Стопанство
уредиСелото има мешовита земјоделска функција.[2]
Локвица е на надморска височина од 850 м и во неа виреел тутунот и пченицата. При врнежливи години се соборувале рекорди во приноси по хектар од овие култури. Во недостиг на вода за наводнување се носеле во буриња од изворите во Пешна.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Локвица имало 840 жители, сите Македонци.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Локвица имало 136 жители.[6]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Локвица се води како чисто македонско село во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 100 куќи.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 800 Македонци.[8]
Од Локвица се иселил поголемиот дел од населението, па така селото во 1961 година имало 870 жители, а во 1994 година бројот се намалил дури на 119 жители, македонско население.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Локвица имало 99 жители, сите Македонци.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 72 жители, од кои 67 Македонци и 5 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 840 | 136 | 781 | 868 | 870 | 567 | 208 | 132 | 119 | 99 | 72 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
уредиЛоквица е македонско село
Според истражувањата од 1926 година, родови во селото:
- Доселеници: Тодоровци (23 к.), Илијовци (24 к.), Ѓорговци (19 к.) и Бачовци со Кусовци (31 к.) потекнуваат од ист предок, но не се знае од каде се доселени; Домазетовци (31 к.) доселени од прилепското село Зрзе, каде имаат роднини; Војчевци (2 к.) доселени од селото Суводол, каде припаѓале на родот Србиновци, кои таму се доселиле од раселеното село Барбарос.[3]
Општествени установи
уреди- Полициска станица — сместена над селото, изградена уште во турско време, која што била во функција до педесеттите години после Втората светска војна. До војната, седиштето на општината се наоѓало во Локвица, а по ослободувањето е преместено во Македонски Брод.
- Основно училиште „Мирче Ацев“ — централно училиште во кое учеле ученици и од околните села: Крапа, Вир и Црешнево. Во училиштето учеле од четиристотини до шестотини деца. Денес, тоа училиште е срушено и на неговото место почна да се гради објект, којшто требаше да биде Еколошки факултет, но поради недостиг на средства изградбата е прекината.
- Задруга — создадена во 1948 година како набавна продавница.
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Македонски Брод, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што кон нејзе била придодадена поранешната Општина Самоков. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Македонски Брод.
Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Модриште, во која влегувале селата Белица, Вир, Калуѓерец, Локвица, Могилец, Модриште и Црешнево.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Модриште, во која покрај селото Локвица се наоѓале селата Белица, Брезница, Вир, Калуѓерец, Могилец, Модриште, Тажево и Црешнево.
Во периодот 1955-1957, селото било дел од тогашната општина Манастирец.
Во периодот 1957-1965, селото се наоѓало во некогашната општина Брод.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Брод.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачко место бр. 0238 според Државната изборна комисија, кое е сместено во приватна просторија.[15]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 49 гласачи.[16] На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 45 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
уреди- Цркви[18]
- Црква „Св. Димитриј” — главна селска црква, изградена во 1872 година
- Црква „Св. Атанасиј” — помала средновековна црква во маалото Тодоровци
Личности
уреди- Родени во Локвица
- Арсо Локвички (1870-1923) — револуционер
- Гоце Маркоски (р. 1966) — политичар, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ
- Милчо Тренковски (р. 1948) — примариус доктор, автор на многу значајни стручни медицински трудови
- Павле Наумоски (1885-1961) — свештеник
- Јонче Дуков Кузманоски (р. 1877 - ?) — македонски револуционер од ВМОРО. Верен соработник на Ѓурчин Наумов, во чија чета бил курир.[19]
- Јован Стојков Брајаноски — македонски револуционер од ВМОРО.[20]
- Глигор Пејчиноски — убиен од бугарската војска во Масакрот кај Дервишка Нива
- Ристе Андоноски — убиен од бугарската војска во Масакрот кај Дервишка Нива
- Миле Аврамоски — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[21]
- Мисајле Крстески — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[21]
- Костадин Миленкоски — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[21]
- Саве Здравески — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[21]
- Томе Талески — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[21]
- Тасе Костадиноски — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[21]
- Бошко Смилески (1922 - 1941) — загинат во НОБ.[22]
- Димитрија Цветаноски (1919 - 1945) — загинат во НОБ.[22]
- Киро Аџиоски (1899 - 1944) — загинат во НОБ.[22]
- Лубе Адамчески (1899 - 1944) — загинат во НОБ.[22]
- Никола Кузманоски (1919 - 1945) — загинат во НОБ.[22]
- Павле Сиљаноски (1923 - 1945) — загинат во НОБ.[22]
- Панто Димески (1920 - 1944) — загинат во НОБ.[22]
- Радивој Николоски (1918 - 1945) — загинат во НОБ.[22]
- Радивој Милески (1918 - 1945) — загинат во НОБ.[22]
- Стојмир Рувчески (1918 - 1945) — загинат во НОБ.[22]
- Саве Трајкоски (1912 - 1945) — загинат во НОБ.[22]
- Спасе Аврамоски (1919 - 1945) — загинат во НОБ.[22]
- Венче Николоски (1925 - 1944) — загинат во НОБ.
Иселеништво
уредиСелото броело многу жители, но по 1966 година завладеале големи суши и населението немало од што да живее. Тогаш бил и големиот бран на миграција во градовите, па така од селото се иселил поголемиот дел од населението.
Галерија
уреди-
Улица низ селото
-
Дел од селото
-
Сретселото
-
Поглед на селото
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 182. Посетено на 23 октомври 2017.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 Јовановиќ, Петар (1935). Порече. Српски етнографски зборник (српски). 28. Белград: СКА. стр. 320–321.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 257.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 154-155.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 35.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 23 октомври 2017.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 16 октомври 2017.
- ↑ „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-08-06. Посетено на 16 октомври 2017.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 5 мај 2019. Посетено на 5 мај 2019.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. стр. 1355.
- ↑ Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ 21,0 21,1 21,2 21,3 21,4 21,5 Порече низ историјата, Милан Ристески, НИО „Студентски збор“, Скопје, 1982, стр.257
- ↑ 22,00 22,01 22,02 22,03 22,04 22,05 22,06 22,07 22,08 22,09 22,10 22,11 . Крајчески, Цуте (2017). Порече (1943 - 1945). Скопје: Државен Архив на Република Македонија. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link)