Македонско астрономско друштво

Македонското астрономско друштво (МАД) е претставничка организација од највисок ранг на астрономите од Македонија. Истото е член на Меѓународниот астрономски сојуз.

Друштвото е основано на 14 март 1996 година во просториите на Природно-математичкиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Република Македонија. Негов прв претседател беше професорот Мијат Мијатовиќ, чиј мандат престана во 2000 година со неговата смрт. Во текот на овие неколку години меѓу најважните започнати проекти се организацијата на Зимски астрономски школи за средошколци и Државни натпревари по астрономија. Негов наследник беше професорот Драган Михајловиќ, кој на чело на МАД остана до 2005 година. Во текот на неговото раководство е продолжена работата на првиот претседател, но се започнати и многу нови иницијативи. Од 2005 до 2016 година претседател на Друштвото беше професорката Гордана Апостоловска. Моментален претседател на Македонското астрономско друштво е професор Олгица Кузмановска.

Македонското астрономско друштво како асоцијација на научните работници, но и граѓаните љубители на астрономијата, астрофизиката и сродните науки, делува за афирмација и популаризација на астрономијата првенствено меѓу младите, но и кај целото население на Македонија преку организација на популарни предавања и соработка со локалните астрономски друштва низ македонските градови. МАД негува и потесна соработка со астрономски друштва од другите земји, особено со бугарското и српското астрономско друштво.[1]

Наводи

уреди
  1. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2014-04-17. Посетено на 2014-01-13.

Надворешни врски

уреди