Џејсон Кид
Џејсон Кид (англиски: Jason Kidd) (роден на 23 март 1973 во Сан Франциско, САД) — пензиониран американски професионален кошаркар кој последен пат настапувал за екипата на Њујорк Никс.
Пред да заигра во НБА, Кид играл кошарка за универзитетот Беркли (Калифорнија). На НБА драфтот од 1994 година, Кид бил избран како втор пик од страна на Далас Маверикс. Првите две сезони ги одработил во Далас, а во периодот 1996-2001 ги бранел боите на Феникс Санс. Добар дел од кариерата минал во клубот Њу Џерси Нетс (2001-2008) пред повторно да заигра за Мавси.
Најголем дострел во неговата професионална кариера е шампионскиот прстен од 2011. Претходно со екипата на Нетс двапати играл во големото финале, но и во двата наврати губел од шампионот на Западната конференција. Освен тоа, тој е десеткратен учесник на Ол Стар натпреварите, како и најдобар асистент во лигата вкупно пет натпреварувачки сезони.
Џејсон Кид има богата репрезентативна кариера, освојувајќи два златни медали на Олимписките игри 2000 и 2008. На Олимпијадата 2008 тој бил капитен на американскиот состав.
Овој кошаркар има интересен играчки профил. Тој е универзален играч, кој може да асистира, поентира и да собира скокови. Во текот на натпреварите од регуларниот дел на НБА има направено 107 „трипл-даблови“ (двоцифрен број на бодови, асистенции и скокови),[1] со што е втор на вечната листа позади Џон Стоктон. Што се однесува до натпреварите од разигрувањето, таму има направено 11 такви статистички подвизи.[2]
Два месеци по неговото повлекување од активното играње кошарка, бил назначен за тренер на екипата на Бруклин Нетс.[3]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Jason Kidd's triple-double helps Mavs roll 76ers“. 1 март 2011. Посетено на 1 март 2011.
- ↑ „Nets control boards this time around, take Game 3 from Cavs“. ESPN. 12 мај 2007. Посетено на 12 јули 2007.
- ↑ Џејсон Кид нов тренер на Бруклин[мртва врска]; Утрински Весник (13.06.2013)
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|