Критичка теорија
Критичката теорија го нагласува рефлексивното оценување и критика на општеството и културата, со примена на знаењата од областите на општествените науки и хуманистичките науки. Како термин, критичката теорија има две значења со различно потекло и историја: првиот се појавува во социологијата а вториот во книжевната критика. Таа опишува теорија заснована врз критика; така, теоретичарот Макс Хоркхајмер објансил дека една теорија е критичка доколку се стреми "да ги ослободи луѓето од околностите кои ги поробуваат."[1]
Во социологијата и политичката филозофија, терминот критичка теорија ја опишува нео-марксистичката филозофија на Франкфуртската школа, која била развиена во Германија во 1930-тите. Франкфуртските теоретичари ја засновале на критичките методи на Карл Маркс. Критичката теорија тврди дека идеологијата е главна пречка за човековото ослободување.[2]
Критичката теорија за првпат е дефинирана од страна на Макс Хоркхајмер во 1937 во неговиот есеј Традиционална и критичка теорија: Критичката теорија е општествена теорија ориентирана кон критикувањето и менувањето на општеството во целина, за разлика од традиционалната теорија ориентирана само кон разбирање или објаснување на општеството. Хоркхајмер ја сметал критичката теорија за радикална, еманципаторска форма на марксистичката теорија.
Основните концепти се: (1) дека критичката општествена теорија треба да биде насочена кон целокупноста на општеството со неговата историска специфичност, и (2) дека критичката теорија треба да го подобри разбирањето на општество со интегрирање на сите големи општествени науки, вклучувајќи ги географијата, економијата, социологијата, историјата, политичките науки, антропологијата и психологијата.
Маркс изречно ја разви идејата за критиката како критика на идеологијата и ја поврза со праксата на општествената револуција: "Филозофите само го толкуваа светот, на различни начини; поентата е да го променат."[3]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Horkheimer 1982, p. 244.
- ↑ [Geuss, R. The Idea of a Critical Theory, Cambridge, Cambridge University Press]
- ↑ „Theses on Feuerbach“. Marxists Internet Archive. Посетено на 11 April 2015.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Critical Theory, Stanford Encyclopedia of Philosophy
- Christina Gerhardt. "Frankfurt School." The International Encyclopedia of Revolution and Protest. Ness, Immanuel (ed). Blackwell Publishing, 2009. Blackwell Reference Online.
- "Theory: Death Is Not the End" N+1 magazine's short history of academic critical theory.