Ернест Гулбис
Ернест Гулбис | |
---|---|
Земја | Латвија |
Место на живеење | Јурмала, Латвија |
Роден на | 30 август 1988 |
Роден во | Рига, Латвија |
Спорт | Тенис |
Висина | 1.90 м |
Професионалец | 2004 |
Игра со | • десна рака • дворачен бекхенд |
Заработка | $ 4,785,064 |
Поединечно | |
Победи-порази | 194-155 |
Титули | 6 |
Највисок пласман | Бр. 10 (9 јуни 2014) |
Сегашен пласман | Бр. 12 (18 август 2014) |
Резултати на Гренд Слемови | |
Австралијан Опен | 2К (2009, 2014) |
Ролан Гарос | ПФ (2014) |
Вимблдон | 3К (2013) |
УС Опен | 4К (2007) |
Други турнири | |
Олимписки игри | 1К (2008) |
Во двојки | |
Победи-порази | 25-25 |
Титули | 2 |
Највисок пласман | Бр. 130 (23 ноември 2009) |
Сегашен пласман | Бр. 440 (9 јуни 2014) |
Ажурирано на: 9 јуни 2014. |
Ернест Гулбис (роден на 30 август, 1988) е латвиски професионален тенисер.
Во 2008, Гулбис ја освоил својата прва АТП титула во двојки на Тениското првенство на Хјустон, заедно со Рајнер Шитлер, а во 2010 ја освоил својата прва АТП титула во поединечна конкуренција на турнирот во Делреј Бич, победувајќи го Иво Карловиќ во финалето. Досега во кариерата, Гулбис има освоено 6 АТП титули. Негов најдобар Гренд Слем настап е полуфиналето на Отвореното првенство на Франција во 2014. Со пласманот во првите 10 на АТП листата во јуни 2014, Гулбис станал првиот латвиец на кој тоа му успеало.
Гулбис започнал да тренира тенис на 12 годишна возраст, кога се приклучил на тениската академија на Ники Пилиќ во Хрватска. По Вимблдон 2011, тренер на Гулбис е австриецот Гунтер Бресник.
Личен живот
[уреди | уреди извор]Гулбис доаѓа од многу богато семетство. Неговите родители кои биле колекционери на книги, името му го дале по писателот Ернест Хемингвеј.[1] Неговиот татко, Аинар, е стопанственик, додека пак неговата мајка, Милена Гулбе-Каваце, е глумица во театар. Неговиот дедо по мајка, Улдис Пуцитис, бил популарен глумец и режисер.
Како второ од пет деца, Гулбис има три сестри и еден брат, кој тренира во Флорида за да стане професионален играч на голф. Неговата помлада сестра Лаура Гулбе исто така е тенисерка. Гулбис главно потекнува од спортско семејство, и неговиот дедо од таткова страна, Алвил Гулбис, бил дел од првиот тим на кошаркарскиот клуб Рига, со кој трипати по ред ја освојувал кошаркарската Евролига. Гулбис започнал да игра тенис со својата баба и за негови омилени спортови ги смета кошарката, фудбалот и хокејот на мраз.
Гулбис е познат како еден од најсмешните личности во светот на тенисот. Поради слабите нерви, на речиси секој натпревар се случува тој да скрши еден или повеќе од своите рекети. За време на Мастерсот во Синсинати во 2010, во една спортска емисија, коментаторите Бред Гилберт, Патрик Мекинро и Крис Фаулер го споредиле Гулбис со поранешниот Светски бр. 1 Марат Сафин, во однос на стилот на игра и однесувањето во и надвор од теренот. Исто како Сафин, Гулбис често ја коментира својата недисциплина, но е целосно подготвен да ги оствари своите големи желби за влегување во најдобрите 10, 5, или дури да стане Светски бр. 1 на АТП листата.
Гулбис исто така е личност која често е поврзана со контроверзии. Во 2009, Гулбис бил уапсен во Шведска поради наводно барање проститутки.[2] Тој околу тоа изјавил дека е недоразбирање. Откако платил мала парична казна, тој бил ослободен токму на време за Отвореното првенство на Шведска. Исто така, зборувајќи за желбата за повеќе експлозивни соперништва во тенисот (како соперништвото Конорс-Мекинро), во 2013 тој изнел став дека Федерер, Надал, Ѓоковиќ и Мари се "досадни" во интервјуата.[3] Следната година на Отвореното првенство на Франција, кога Гулбис бил запрашан дали ќе ги охрабри своите сестри да играат професионален тенис, тој изјавил дека наместо тоа жените треба "фокусот треба да го стават на семејството и децата." На овој негов одговор Марија Шарапова не се согласила.[4]
Гулбис зборува латвиски, англиски, руски, и по малку француски и германски јазик. Тој во слободно време чита книги.
Тениска кариера
[уреди | уреди извор]2004–2006
[уреди | уреди извор]Најдобри резултати кои Гулбис ги остварил до 2006 биле финалето на челинџерот во Оберштауфен во јули 2006, каде што бил поразен од Михал Табара, финалето на челинџерот во Тампере, исто така во јули 2006, каде што бил поразен од Флоријан Мајер, полуфиналето на АТП турнирот во Санкт Петербург во октомври во кое бил поразен од Марио Анчиќ, како и освојувањето на првата титула од челинџер серијата во Екентал, во ноември со победата во финалето над Филип Печнер.
2007
[уреди | уреди извор]Гулбис ја започнал сезоната како квалификант на турнирот во Сиднеј, каде во првото коло бил поразен од Маркос Багдатис.[5] Тој не успеал да се квалификува за Отвореното првенство на Австралија и бил поразен уште во првото квалификациско коло.
Гулбис бил релативно успешен на турнирите од челинџер серијата во 2007. Тој стигнал до четвртфиналето на челинџерот во Бергамо (пораз од Фабрис Санторо) и до полуфиналето во Хајлброн (пораз од Микаел Лодра). Гулбис успеал да ја освои својата втора челинџер титула, откако во финалето во Безансон бил подобар од Едуард Рожер-Васлен, со што за првпат во својата кариера влегол во првите 100 на АТП листата. На следниот турнир, на челинџерот во Сараево, Гулбис ги освоил титули и во поединечна конкуренција и во двојки.
Во првата недела на октомври, Гулбис го освоил челинџер турнирот во Монс победувајќи го Кристоф Флиген, со што влегол во првите 50 на АТП листата и станал највисоко пласираниот играч роден во 1988 година. Оваа титула за Гулбис била четврта во сезоната.
Прв Гренд слем настап
[уреди | уреди извор]Гулбис за првпат во својата кариера бил дел од главен ждреб на Гренд слем турнир, и тоа на Отвореното првенство на Франција. Тој ја забележал својата прва Гренд слем победа во првото коло победувајќи го ветеранот Тим Хенман во три сета и се пласирал во второто коло. Оваа негова победа, капитенот на Британскиот дејвис куп тим Џон Лојд ја искоментирал како "... брилијантно издание на Гулбис, кој е само чист и комплетен талент."[6] Во второто коло, Гулбис бил запрен од Алберт Монтањес во четири сета.
На Вимблдон, Гулбис бил извлечен во првото коло да игра против Маркос Багдатис. Тој бил поразен во четири сета и покрај тоа што успеал да го освои првиот сет.[7] На Вимблдон, Гулбис го забележал својот прв Гренд слем настап во игра на двојки здружувајќи се со Иван Љубичиќ, со кој стигнал до полуфиналето на турнирот во Хертогенбош.
На последниот Гренд слем во годината, на Отвореното првенство на САД, Гулбис ги изненадил 30. носител, Потито Стараче, во првото коло и 8. носител, Томи Робредо во третото коло. Во натпреварот против Робредо, Гулбис шест пати успеал да го одземе сервисот на Робредо и имал 39 директни бодови наспроти седумте на шпанецот.[8] Во четвртото коло Гулбис бил поразен од поранешниот Светски бр. 1, Карлос Моја во четири сета.
2008
[уреди | уреди извор]Во првото коло на Отвореното првенство на Австралија, Гулбис загубил од Марат Сафин во три сета. Тој стигнал до второто коло на Мастерсот во Индијан Велс, каде бил тесно поразен од Давид Налбандијан во последниот сет во тајбрејк. Во првото коло на Мастерсот во Мајами, Гулбис бил подобар од Доминик Хрбати, но во второто коло бил поразен од Николај Давиденко, кој подоцна и го освоил турнирот. Гулбис го добил првиот сет со 6–3, но следните два сета ги загубил во тајбрејк.
Неговиот најдобар резултат до тој момент се случил на Отвореното првенство на Франција и пласманот во четвртфиналето. Во текот на турнирот, тој остварил победи над Симон Гројл, седмиот носител Џејмс Блејк, Николас Лапенти, и домашниот фаворит Микаел Лодра.[9] Во четвртфиналето, Гулбис бил поразен од третиот носител Новак Ѓоковиќ во три изедначени сета.
Следен турнир за Гулбис бил Првенството на клубот Квинс каде што тој стигнал до третото коло откако забележал победи над Кристоф Флиген и Андреас Сепи. Во третото коло тој загубил од Енди Мари, и покрај тоа што првиот сет го добил со 7–5.
Во првото коло на Вимблдoн, Гулбис го победил Џон Иснер, но загубил во второто коло од вториот носител и шампион Рафаел Надал во четири сета. Освен Роџер Федерер, тој бил единствениот играч кој му одземал сет на Надал.
На Мастерсот во Синсинати, Гулбис ги поразил Јарко Ниеминен, Арно Клеман, и Џејмс Блејк, но неговата серија победи ја завршил Новак Ѓоковиќ во четвртфиналето.
Младиот летонец потоа бил дел од тенискиот турнир на Летните олимписки игри во Пекинг, каде во првото коло доживеал пораз од Николај Давиденко.
На Отвореното првенство на САД, Гулбис бил подобар од Томас Јохансон во првото коло, но во второто коло бил поразен од Енди Родик откако претходно го освоил првиот сет. Случајно, на денот на одигрување на натпреварот и двајцата играчи славеле роденден. Гулбис годината ја завршил на 53. место на АТП листата.
2009
[уреди | уреди извор]Гулбис ја започнал новата сезона на високо ниво победувајќи го поранешниот тренинг партнер Новак Ѓоковиќ во два сета во првото коло на турнирот во Бризбејн, но во второто коло бил поразен од Пол-Анри Матје. На Отвореното првенство на Австралија, Гулбис стартувал со победа во првото коло над Алберт Монтањес, но веќе во второто коло бил поразен од Игор Андреев во пет сета.
Како трет носител Гулбис настапувал на турнирот во Делреј Бич, но бил елиминиран од турнирот уште во првото коло од Маркос Багдатис. Тоа било четврти пат Гулбис и Багдатис да играат помеѓу себе во прво коло на АТП турнир.
Гулбис имал лоша сезона на земјена подлога споредено со 2008, неуспевајќи да направи некој посериозен резултат на турнирите пред Отвореното првенство на Франција. Тој исто така не успеал да го одбрани четвртфиналето на Францускиот Гренд слем, со што паднал на 67. место на АТП листата, кое за него било најниско место од летото 2007.
На Вимблдон, Гулбис во првото коло забележал победа над италијанецот Рикардо Гедин но во второто коло бил поразен од миленикот на домашната публика, третиот носител Енди Мари.[10]
Следен турнир за Гулбис бил турнирот во Индијанаполис. Тој уште во првото коло бил поразен од Марк Жикел, но сепак во двојки заедно со Дмитриј Турсунов тој го освоил турнирот, победувајќи ги во финалето првите носители австралијците Ешли Фишер и Џордан Кер [11]
На Отвореното првенство на САД, Гулбис повторно за противник го добил вториот носител Енди Мари од кој повторно доживеал пораз.
Во октомври, Гулбис како квалификант се пласирал во главниот ждреб на Отвореното првенство на Јапонија, и стигнал до четвртфиналето, победувајќи ги шестиот носител Радек Штепанек во првото коло и Хуан Монако во второто коло. Во четвртфиналето, Гулбис иако го добил првиот сет, бил поразен од Жо-Вилфрид Цонга.
Пред сè поради слабите резултати на Гренд слем турнирите, Гулбис сезоната ја завршил на 90. место на АТП листата.
2010
[уреди | уреди извор]Гулбис годината ја започнал со Отвореното првенство на Катар, каде во првите две кола забележал победи над Алберт Монтањес и Андреас Сепи. Во третото коло тој тесно во три сета бил поразен од Светскиот бр. 1, Роџер Федерер. На Отвореното првенство на Австралија, Гулбис уште во првото коло бил елиминиран од Хуан Монако во три сета.
Во февруари, Гулбис стигнал до своето второ полуфинале на турнирите од АТП 500 серијата, на турнирот во Мемфис. Во второто коло, тој го победил третиот носител Радек Штепанек, а потоа во третото коло петтиот носител Томаш Бердих. Во полуфиналето, Гулбис бил поразен од победникот на турнирот, Сем Квери.
На крајот на февруари, Гулбис играл на турнирот во Делреј Бич, и успеал да стигне до својата прва АТП титула во кариерата. Во финалето, тој го победил вториот носител, хрватот Иво Карловиќ. Со оваа победа тој се вратил повторно во првите 50 на АТП листата.
Следен турнир на кој Гулбис се појавил бил Мастерс 1000 турнирот во Индијан Велс. Гулбис го победил швајцарецот Марко Чиудинели во првото коло, но во второто коло бил поразен од Николај Давиденко кој во третото коло го предал својот натпревар поради повреда добиена на натпреварот против Гулбис. По овој пораз, Гулбис се вратил во Европа, за да тренира за сезоната на земјена подлога.
На првиот турнир не земјена подлога, на Мастерсот во Монте Карло, Гулбис повторно во првото коло го совладал Марко Чиудинели, но повторно бил поразен во второто коло, овојпат од Станислас Вавринка во два сета. На следниот турнир, на Отвореното првенство на Барселона, Ернест сигнал до четвртфиналето, победувајќи ги Питер Лучак, Жереми Шарди, и Алберт Рамос, сите во два сета. Во четвртфиналето Гулбис загубил од Фернандо Вердаско, кој потоа го освоил турнирот.
На следниот турнир, на Мастерсот во Рим, Гулбис во првото коло бил извлечен да игра против Маркос Багдатис, што била нивна петта пресметка во прво коло на турнир, но за првпат на земја. Тој лесно го победил Багдатис и закажал натпревар со Светскиот Бр. 1 Роџер Федерер. Тој го загубил првиот сет, но потоа се вратил во натпреварот и во третиот сет победил со 7–5, искористувајќи ја својата седма меч топка со што ја забележал својата најголема победа во кариерата.[12] Во третото коло тој ја потврдил големата победа од претходното коло и во тежок натпревар го победил квалификантот Филипо Воландри. Во следното коло, Гулбис го победил Фелисијано Лопес и за првпат во својата кариера стигнал до полуфинале на турнир од АТП Мастерс 1000 серијата, но во полуфиналето бил поразен од Рафаел Надал во тесен натпревар во три сета. И покрај поразот, Гулбис можел да се гордее со фактот дека бил единствениот играч кој успеал да му одземе сет на Надал на земја во 2010. Со пласманот во полуфиналето, Гулбис обезбедил место меѓу носителите на Отвореното првенство на Франција.
На Мастерсот во Мадрид, Гулбис ја продолжил својата добра форма победувајќи го Алберт Монтањес во првото коло. Потоа тој забележал победи над Михаил Јужни и Фелисијано Лопес и се пласирал во четврфиналето. Таму, тој бил поразен од Роџер Федерер, кој овојпат го изгубил првиот сет, но ги добил наредните два.
Очекувањата на Гулбис на Отвореното првенство на Франција биле големи и тој бил назначен за 23. носител на турнирот, по одличната сезона на земјена подлога. Сепак, Гулбис разочарувачки морал да го предаде натпреварот на Жулијен Бенето уште во првото коло поради повреда на тетивата. Поради оваа повреда, Гулбис не настапил на Вимблдон и ја пропуштил целата сезона на тревна подлога.
Гулбис се вратил на тениските терени во јули, и заиграл на турнирот во Лос Анџелес. Тој остварил победа над Лукаж Лацко во првото коло, но потоа во следното коло загубил од Алехандро Фаља во три сета. Следната недела тој се пријавил на турнирот во Вашингтон, каде бил слободен во првото коло, но во второто коло го предал натпреварот на украинецот Иљја Марченко поради замор.
Следен турнир за Гулбис бил Роџерс Купот. Тој лесно го победил Томаш Белучи во првото коло, но во второто коло загубил од Робин Седерлинг во тесен натпревар. Следната недела, Гулбис се појавил на Мастерсот во Синсинати, победувајќи ги Доналд Јанг и Јирген Мелцер во првите две кола. Како и да е, во третото коло, тој бил поразен од Енди Мари во тесен натпревар кој се одлучувал во тај-брејк во одлучувачкиот сет.
Гулбис загубил уште во првото коло на Отвореното првенство на САД од Жереми Шарди во три сета, и повторно четврти пат по ред не успеал да стигне до второ коло на Гренд слем турнир. Потоа Гулбис направил пауза од три недели и се вратил во Дејвис Куп пресметката против Полска, победувајќи во двата натпревари во поединачна конкуренција против Јежи Јанович и Михал Пшисежни. Следен турнир за Гулбис бил Отвореното првенство на Тајланд, каде бил слободен во првото коло. Тој во второто коло го победил германецот Рајнер Шитлер, но во четвртфиналето загубил од Гуљелмо Гарсија-Лопес. Потоа тој играл на Отвореното првенство на Јапонија, но изненадуваќки уште на стартот бил поразен од 432. тенисер во светот, Дмитриј Турсунов.
На следните два турнира, на Мастерсот во Шангај и на турнирот во Базел, Гулбис на двапати бил поразен во првото коло од турнирите, од Ришар Гаске и Новак Ѓоковиќ редоследно. Сепак, на последниот турнир во сезоната, на Мастерсот во Париз, Гулбис ги победил Хуан Игнасио Чела и Михаил Јужни, во два сета, но во третото коло бил поразен од Енди Родик исто така во два сета.
Гулбис сезоната ја завршил на 24. место на АТП листата, кое во тој момент било негово највисоко во кариерата.
2011
[уреди | уреди извор]Гулбис новата сезона ја започнал на Отвореното првенство на Катар, и со победите над Виктор Ханеску и Антонио Веиќ го одбранил четвртфиналниот пласман од минатата година. Тој не успеал да направи чекор повеќе, и во четвртфиналето бил поразен од Светскиот бр. 1, Рафаел Надал. Следен турнир за Гулбис бил турнирот во Сиднеј. Тој бил трет носител на турнирот и бил слободен во првото коло, а потоа забележал победи над Игор Андреев и Сергеј Стаховски, со што се пласирал во полуфиналето во кое бил поразен од победникот на турнирот Жил Симон. На Отвореното првенство на Австралија се очекувало многу од Гулбис, но тој уште во првото коло бил поразен од Бенјамин Бекер во три сета.
Гулбис ги пропуштил следните три планирани турнири и на АТП турнејата се вратил на крајот на февруари. Тој се појавил на турнирот во Дубаи, и како осми носител потешко од очекуваното го победил својот поранешен партнер во двојки Михаел Берер во првото коло. Како и да е, во второто коло, Гулбис загубил од Сергеј Стаховски во три сета.
Следен турнир за латвиецот бил Мастерсот во Индијан Велс, каде поради тоа што бил носител на турнирот го пропуштил првото коло. Во второто коло, Гулбис во израмнет натпревар успеал да забележи тешка победа над Лу Јен-Хсун, за во третото коло да биде убедливо победен од Новак Ѓоковиќ освојувајќи само еден гем во натпреварот. Две недели подоцна на Мастерсот во Мајами, Гулбис бил слободен во првото коло, и во второто коло бил поразен од Карлос Берлок. Рангиран на 30. место на АТП листата, Гулбис заиграл на Мастерсот во Монте Карло, и во првото коло бил подобар од 21. играч во светот, Александар Долгополов во два сета. Сепак во второто коло Гулбис загубил од Милош Раониќ исто така во два сета. Потоа тој отпатувал во Белград, на Отвореното првенство на Србија но изненадувачки бил поразен уште во првото коло од Иљја Марченко.
Од крајот на април до средината на мај, Гулбис три недели паузирал поради замор а потоа се појавил на турнирот во Ница. Во првите две кола, тој забележал победи над Фабио Фоњини и Денис Истомин, но во четвртфиналето загубил од 6. играч во светот, Томаш Бердих. По овој пораз, Гулбис забележал низа на лоши резултати и паднал од 30. на 85. место на АТП листата, неуспевајќи да ги повтори добрите резулати од 2010. Тој доживеал четири порази по ред: против Блаж Кавчиќ на Отвореното првенство на Франција, против Адријан Манарино на Квинс, против Дмитриј Турсунов на Вимблдон (што бил седми пораз по ред на Гренд слем турнирите и по кој паузирал еден месец за да тренира со својот тренер), и против Џејмс Блејк на турнирот во Атланта.
По оваа серија на лоши резултати, Гулбис се вратил на победничките патеки освојувајќи ја својата втора АТП титула во кариерата, на турнирот во Лос Анџелес, каде на патот до финалето забележал победи над Ксавие Малис, Даниел Косаковски, Хуан Мартин дел Потро и Алекс Богомолов. Во финалето, Гулбис остварил победа над првиот носител на турнирот, Марди Фиш, во три сета.
Гулбис добил вајлд карта за настап на Роџерс Купот. Во првото коло тој го победил поранешниот бр. 1 Хуан Карлос Фереро во три сета, а во второто коло остварил победа над Микаел Лодра. Во третото коло, тој загубил од Марди Фиш, кој му се одмаздил за победата во Лос Анџелес. Следен турнир за Гулбис бил Мастерсот во Синсинати, каде во првото коло загубил од Иван Додиг. Тој конечно ја прекинал серијата од седум порази по ред на Гренд слем турнирите, со победата над Михаел Јужни во првото коло на Отвореното првенство на САД. Сепак, во второто коло тој загубил од Жил Милер. До крајот на годината, латвиецот играл на уште пет турнири, но само на еден од нив успеал да го помине првото коло.
Тој сезоната ја завршил на 61. место на АТП листата.
2012
[уреди | уреди извор]Гулбис годината ја започнал со три последователни порази на турнирите во Доха и Мемфис, како и на Отвореното првенство на Австралија. Тој сепак бил успешен во Дејвис Купот и успеал да победи на своите два натпревари против Египет. Тој стигнал до четвртфиналето на турнирот во Делреј Бич, поразувајќи ги Алехандро Фаља и Стив Дарцис, но потоа бил поразен од Маринко Матошевиќ. Дека Гулбис не бил во форма говори фактот дека на сезоната на земјена подлога тој успеал да победи на само два натпревари, против Ксавиер Малис на турнирот во Минхен и против Михаил Кукушкин на Отвореното првенство на Франција. За време на овој период, Гулбис го сменил тренерот и за свој нов тренер го назначил Гунтер Бресник, кој претходно работел со Борис Бекер и Анри Леконт.
Гулбис стигнал до второто коло на Вимблдон победувајќи го шестиот носител Томаш Бердих во првото коло во три тај-брејк сета. Сепак во второто коло, Гулбис во пет сета бил поразен од Јежи Јанович.
Следен турнир за латвиецот бил турнирот во Умаг, каде во второто коло бил поразен од Фернандо Вердаско.[13] Потоа Гулбис заиграл на Отвореното првенство на Швајцарија, и во првите две кола забележал победи над Филипо Воландри и Беноа Пер. Во четвртфиналето, Гулбис бил поразен од Пол-Анри Матје, и покрај тоа што успеал да го освои првиот сет. Тој успешно ги поминал квалификациите на турнирот во Винстон-Салем и откако успеал да победи во првите две кола против Карлос Берлок и Кевин Андерсон, во третото коло бил поразен од Марсел Гранољерс.
На Отвореното првенство на САД, во првото коло, Гулбис бил подобар од Томи Хас, но во второто коло разочарувачки загубил од американскиот квалификант Стив Џонсон.
Тој пазуирал еден месец поради повреда и на турнејата се вратил на турнирот во Виена каде бил поразен во второто коло од Јанко Типсаревиќ. Гулбис не успеал да се квалификува за турнирот во Базел, но веќе следната недела успеал да стигне до финалето на челинџер турнирот во Екентал, во кое бил поразен од Даниел Брaндс. Тој ги пропуштил последните два челиџери во годината поради болест и решил накратко да одмори за да биде подобро подготвен за следната сезона.
2013
[уреди | уреди извор]Гулбис го пресконал првиот гренд слем во сезоната и играл на два челинџер турнири на кои забележал само една победа. Негов прв АТП турнир во сезоната бил турнирот во Ротердам, на кој влегол во главниот ждреб поминувајќи ги квалификациите. Во првото коло, тој забележал победа над домашниот тенисер Робин Хасе, но во второто коло бил поразен од Хуан Мартин дел Потро. Потоа на турнирот во Марсеј, тој во главниот ждреб влегол со помош на вајлд карта и во првото коло го победил Јарко Ниеминен. Во второто коло, тој тесно бил поразен од Томаш Бердих.
Следен турнир за Гулбис бил турнирот во Делреј Бич, каде тој успешно ги поминал квалификациите. По трите победи во квалификациите, тој победил на уште три натпревари и се пласирал во финалето на турнирот, во кое го победил Едуард Рожер-Васлен во два сета, со што ја освоил својата трета АТП титула во кариерата, прва по две години.
Гулбис го продолжил својот одличен почеток во сезоната со одличниот резултат што го остварил на Мастерсот во Индијан Велс. Тој најпрво успешно ги поминал квалификациите, а потоа забележал победи над Фелисијано Лопес, Јанко Типсаревиќ и Андреас Сепи и закажал натпревар против Рафаел Надал во четвртото коло. Гулбис го загубил натпреварот во три израмнети сета откако успеал да го добие првиот сет со 6–4, со што ја завршил својата победничка низа од 13 натпревари. На Отвореното првенство на Франција, Гулбис стигнал до второто коло во кое загубил од Гаел Монфис.
Сезоната на тревна подлога, Гулбис ја започнал на турнирот во Хале, каде во првото коло бил подобар од Маркос Багдатис, за потоа во второто коло да биде поразен од Томи Хас. На Вимблдон тој забележал победи над Едуард Рожер-Васлан и Жо-Вилфред Цонга, но во третото коло бил поразен од Фернандо Вердаско.
На Роџерс Купот, Гулбис стигнал до четвртфинлаето во кое бил поразен од Милош Раониќ во три сета, откако претходно остварил победи над Фелисијано Лопес, Фабио Фоњини, и Енди Мари. Тој не ја продолжил својата добра форма на Мастерсот во Синсинати и на Отвореното првенство на САД и на двата турнири бил елиминиран уште во првото коло.
Гулбис успеал да стигне до својата четврта АТП титула во кариерата, на Отвореното првенство на Санкт Петербург, каде во финалето со пресврт успеал да го победи шпанецот Гуљелмо Гарсија-Лопес во три сета. Со овој резултат, Гулбис се искачил на 27. место на АТП листата.
Поради повреда, Гулбис пропуштил неколку турнири, и на турнејата се вратил на турнирот во Стокхолм каде стигнал до полуфиналето, во кое бил поразен од Давид Ферер во три сета. На патот до полуфиналето, Гулбис забележал победи над Жереми Шарди, Игор Сислинг и Јежи Јанович.
Гулбис ја завршил сезоната со поразите од Џон Иснер и Фернандо Вердаско на турнирот во Валенсија, односно на Мастерсот во Париз, завршувајќи на 24. место на АТП листата.
Дејвис куп
[уреди | уреди извор]Гулбис е дел од Латвискиот дејвис куп тим од 2005 година. Тој за својата држава има одиграно вкупно 41 натпревар од кои забележал 30 победи (22 во поединечна конкуренција, 8 во двојки) и 11 порази. Во септември 2007, тој бил најзаслужен во победата над Монако и пласманот на Латвија во првата група од Евро/Африканската зона, за првпат во историјата на земјата.
Статистика
[уреди | уреди извор]Резултат против топ 20 играчи
[уреди | уреди извор]Билансот од победи-порази на Гулбис (29–63, 31%) против играчи кои биле рангирани на бр. 20 или повисоко на денот на натпреварот е следен:[14]
- Марио Анчиќ 0–1
- Томаш Бердих 2–4
- Карлос Моја 1–1
- Томи Робредо 1–0
- Игор Андреев 0–1
- Маркос Багдатис 0–2
- Џејмс Блејк 2–0
- Гуљелмо Кањас 0–1
- Николај Давиденко 0–3
- Григор Димитров 2–0
- Новак Ѓоковиќ 1–5
- Роџер Федерер 2–2
- Давид Ферер 0–4
- Марди Фиш 1–2
- Фабио Фоњини 1–0
- Ришар Гаске 1–0
- Фернандо Гонсалес 0–1
- Томи Хас 1–3
- Џон Иснер 0–2
- Јежи Јанович 1–0
- Хуан Монако 0–1
- Јирген Мелцер 1–0
- Енди Мари 1–5
- Рафаел Надал 0–7
- Давид Налбандијан 0–1
- Кеј Нишикори 0–1
- Хуан Мартин дел Потро 2–3
- Милош Раониќ 0–2
- Енди Родик 0–3
- Робин Седерлинг 0–1
- Андреас Сепи 1–0
- Радек Штепанек 2–0
- Јанко Типсаревиќ 1–1
- Жо-Вилфрид Цонга 2–2
- Фернандо Вердаско 0–2
- Станислас Вавринка 0–1
- Михаил Јужни 3–1
- * Статистика до 8 јуни 2014.
Стил на игра
[уреди | уреди извор]Гулбис главно применува напаѓачки стил на игра од основната линија. Најсигурен удар на Гулбис е неговиот бекхенд, кој го изведува со огромна брзина, релативно рамно и е тежок да се прочита. Гулбис исто така е познат по неговите умешни и тактички удари, како што се напаѓачкиот топспин лоб и дропшотот, кои може да ги изведе од секоја позиција, па дури и доколку се наоѓа длабоко во теренот. Играта на Гулбис главно се темели на неговата крајно агресивна игра, која често го доведува до голем број на неизнудени грешки, со што се доведува во прашање неговата сигурност и постојаност во тешки натпревари. И покрај тоа што неговиот стил на игра одговара на брзи подлоги, неговите одлични настапи на Отвореното првенство на Франција во 2008, Мастерсот во Рим во 2010 и Отвореното првенство на Франција во 2014 се резултат на неговите силни и рамни удари кои може да ги одигра на Земјината подлога.
Неговата агресивна игра од основната линија во комбинација со исклучително силниот сервис, кој често достигнува брзина од 210 км/ч до 225 км/ч се негови силни оружја, сепак вториот сервис на Гулбис не е негов најсигурен удар, и поради тоа тој често има висок процент на двојни сервис грешки. Други слабости се неговата постојаност и неговите слаби нерви. И покрај силниот сервис и вратените сервис удари, Гулбис има лоша реализација на брејк топките, лоша реализација при спасувањето на брејк топките и не толку добра тај-брејк статистика. Во бројни прилики тој често знае да направи низа од некарактеристични неизнудени грешки кога сервира или враќа сервиси за добивањето на сетот или натпреварот.
Тој е спонзориран од адидас за неговата спортска опрема.
АТП финалиња во кариерата
[уреди | уреди извор]Поединечно: 6 (6 титули)
[уреди | уреди извор]
|
|
Исход | Бр. | Датум | Турнир | Подлога | Противник | Резултат |
---|---|---|---|---|---|---|
Победник | 1. | 28 февруари 2010 | Делреј Бич, САД | Тврда | Иво Карловиќ | 6–2, 6–3 |
Победник | 2. | 31 јули 2011 | Лос Анџелес, САД | Тврда | Марди Фиш | 5–7, 6–4, 6–4 |
Победник | 3. | 3 март 2013 | Делреј Бич, САД (2) | Тврда | Едуард Рожер-Васлен | 7–6(7–3), 6–3 |
Победник | 4. | 22 септември 2013 | Санкт Петербург, Русија | Тврда | Гуљелмо Гарсија-Лопес | 3–6, 6–4, 6–0 |
Победник | 5. | 23 февруари 2014 | Марсеј, Франција | Тврда | Жо-Вилфрид Цонга | 7–6(7–5), 6–4 |
Победник | 6. | 24 мај 2014 | Ница, Франција | Земја | Федерико Делбонис | 6–1, 7–6(7–5) |
Во двојки: 2 (2 титули)
[уреди | уреди извор]
|
|
Исход | Бр. | Датум | Турнир | Подлога | Партнер | Противници | Резултат |
---|---|---|---|---|---|---|---|
Победник | 1. | 14 април 2008 | Хјустон, САД | Земја | Рајнер Шитлер | Пабло Куевас Марсел Гранољерс |
7–5, 7–6(7–3) |
Победник | 2. | 18 јули 2009 | Атланта, САД | Тврда | Дмитриј Турсунов | Ешли Фишер Џордан Кер |
6–4, 3–6, [11–9] |
Титули на челинџер и фјучерс турнири (10)
[уреди | уреди извор]Поединечно (7)
[уреди | уреди извор]Легенда |
---|
Челинџери (4) |
Фјучерси (3) |
Бр. | Датум | Турнир | Подлога | Противник | Резултат |
---|---|---|---|---|---|
1. | 12 септември 2005 | Фридберг, Германија | Земја | Марсел Ѕимерман | 6–4, 6–0 |
2. | 16 јануари 2006 | Бергхајм Австрија | Земја | Жан-Клод Шерер | 7–6(7–2), 3–6, 6–4 |
3. | 6 март 2006 | Лојгерн, Швајцарија | Тепих | Тобијас Клајн | 7–6(7–4), 6–4 |
4. | 6 ноември 2006 | Екентал, Германија | Тепих | Филип Печнер | 6–3, 6–0 |
5. | 19 февруари 2007 | Безансон, Франција | Тврда | Едуард Рожер-Васлен | 6–4, 3–6, 6–4 |
6. | 12 март 2007 | Сараево, Босна и Херцеговина | Тврда | Јан Мертл | 4–6, 6–4, 7–6(7–2) |
7. | 7 октомври 2007 | Монс, Белгија | Тврда | Кристоф Флиген | 7–5, 6–3 |
Во двојки (3)
[уреди | уреди извор]Бр. | Датум | Турнир | Подлога | Партнер | Противници | Резултат |
---|---|---|---|---|---|---|
1. | 10 јули 2006 | Оберштауфен, Германија | Земја | Миша Ѕверев | Теодор-Дачан Крачун Габриел Морару |
6–1, 6–1 |
2. | 30 октомври 2006 | Ахен, Германија | Тепих | Миша Ѕверев | Томаш Беднарек Иракли Лабаџе |
6–7(5–7), 6–4, [10–8] |
3. | 12 март 2007 | Сараево, Босна и Херцеговина | Тврда | Денис Павловс | Јан Мертл Лукаш Росол |
6–4, 6–3 |
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Пенингтон, Бил (2011-08-30). „Ernests Gulbis Forgoes Partying Well for Playing Well“. The New York Times.
- ↑ Хоџкинсон, Марк (2010-05-19). „Ernests Gulbis see the ATP Tour as just fun and games“. London: Telegraph. Посетено на 2011-09-24.
- ↑ „Gulbis: Big Four are Boring Interviews“. tennis.com. Посетено на 2014-06-08.
- ↑ „Women should Focus on Family and Kids Instead of Playing Tennis Says Ernests Gulbis“. dailytelegraph.co.uk. Посетено на 2014-06-08.
- ↑ Никол Џефри (2007-01-09). „'Baghdatis conquers jet lag, rookie'“. Theaustralian.news.com.au. Посетено на 2011-09-24.
- ↑ Орлоцац, Марк (2007-05-29). „'Gulbis vs Henman: as it happens...' from BBC Sports“. BBC News. Посетено на 2011-09-24.
- ↑ „'No trouble or stubble for Baghdatis'“. Wimbledon.org. Посетено на 2011-09-24.
- ↑ „'Gulbis gobbles up Robredo in 91 minutes'“. Sports.espn.go.com. 2007-09-03. Посетено на 2011-09-24.
- ↑ „Nadal and Djokovic into last eight (BBC – Accessed on June 3, 2008)“. BBC News. 2008-06-01. Посетено на 2011-09-24.
- ↑ Чис, Каролин (2009-06-25). „Masterful Murray crushes Gulbis“. BBC Sport. Посетено на 2009-06-25.
- ↑ „Draws“. Indianapolis Tennis Championships. 2009-07-28. Архивирано од изворникот на 2009-07-19. Посетено на 2009-07-28.
- ↑ Мичел, Кевин (2010-04-27). „Roger Federer dumped out of Rome Masters by wild card Ernests Gulbis“. The Guardian. London. Посетено на 2010-04-27.
- ↑ „Top-seeded Fernando Verdasco advances in Umag“. The Times Of India. 13 July 2012.
- ↑ „GULBIS, Ernests (LAT) – Activity“. itftennis.com. Меѓународна тениска федерација. 2013-08-12. Посетено на 2013-08-12.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Ернест Гулбис на Ризницата
- Ернест Гулбис Профил на мрежното место на АТП (англиски)
- Ернест Гулбис на официјалното мрежно место на Дејвис купот