Џон Колтрејн
Џон Вилијам Колтрејн (англиски: John William Coltrane; 23 септември 1926—17 јули 1967)[1] бил американски џез саксофонист. Еден е од најголемите џез великани, и великани од модерната музика воопшто, Колтрејн бил познат по својата музичка виртуозност и постојано движење на границите на џезот.
Животопис
[уреди | уреди извор]Колтрејн е роден во Северна Каролина. Кон крајот на 1940-тите години почнал да свири во оркестарот на Дизи Гилеспи, а во 1953 година ѝ се придружил на групата на Џони Хоџиз. Првиот голем чекор во својата кариера го направил во 1955 година, кога го заменил Сони Ролинс во т.н. „првиот голем квинтет“ на Мајлс Дејвис. Со таа група снимил неколку славни албуми, но во 1957 година Колтрејн се оддалечил од групата заради зависноста од хероин. Кога се ослободил од хероинот, Колтрејн ѝ се придружил на групата на Телониус Манк. За овој период Колтрејн изјавил дека бил пресуден во неговиот животот. Во 1958 година се вратил во групата на Мајлс Дејвис и свирел на албумите Milestones (1958) и Kind of Blue (1959), станувајќи најпознатиот тенор-саксофонист на своето време.
Својата прва гупа (квартет) ја основал во 1960 година, кога почнал да свири сопран-саксофон и да се движи кон слободен џез. Сепак, најголемата слава ја доживеал со својот „класичен квартет“, заедно со пијанистот Мекој Тајнер, контрабасистот Џими Герисон и тапанарот Елвин Џоунс. Со оваа група во 1964 година го снимил еден од своите најзначајни албуми, „Совршена љубов“ (англиски: A Love Supreme). Од 1965 година, Колтрејновата музика станувала сè понепристапна, бидејќи создавал импровизација без јасно дефинирана форма и хармонија. Членови на неговата тогашна група, покрај другите, биле и Фероа Сендерс и Колтрејновата жена, Алис.
Џон Колтрејн починал во 1967 година од рак на црниот дроб.
Значење и влијание
[уреди | уреди извор]Една песна од албумот „Изложба на лекови“ (англиски: Medicine Show) на американската рок-група Дрим синдикејт (The Dream Syndicate) од 1984 година се вика „Блуз на Џон Колтрејн на стереото“ (John Coltrane Stereo Blues).[2] Еден расказ на македонскиот писател Иван Шопов од 2018 година носи наслов „Аферата Џон Колтрејн“.[3]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ John Coltrane. allmusic
- ↑ The Dream Syndicate – Medicine Show (посетено на 12.6.2022)
- ↑ Очудувања 3. Скопје: Бегемот, 2019, стр. 21-37.
|