Алексиј III Ангел
Алексиј III Ангел (грчки: Αλέξιος Γ' Άγγελος, о. 1153 - 1211) — византиски цар од династијата Ангели кој владеел од 1195 до 1203 година. Член на проширеното царско семејство, Алексиј дошол на престолот по соборувањето на неговиот брат во 1195 г. Најзначајниот настан од неговото владеење бил нападот на крстоносците врз Цариград во 1203 г., во име на Алексиј IV Ангел. Алексиј III ја презел одбраната на градот, кој лошо ја предводел, и потоа избегал од градот во ноќта со една од неговите три ќерки. Од Едрене, и потоа Мосинопол, тој неуспешно се обидел да ги собере неговите приврзаници, при што само завршил како заробеник на маркизот Бонифациј Монфератски. Тој бил даден на откуп, пратен во Мала Азија каде водел заговор против неговиот зет Теодор Ласкарис, но тој на крајот бил уапсен и ги поминал неговите последни денови затворен во манастирот Хијакинтос во Никеја, каде починал.
Алексиј III Ангел Αλέξιος Γ' Άγγελος | |
---|---|
Цар на Источното Римско Царство | |
Алексиј III од Promptuarii Iconum Insigniorum | |
Византиски цар | |
На престол | 1195 - 1203 |
Претходник | Исак II Ангел |
Наследник | Исак II Ангел и Алексиј IV Ангел |
Роден(а) | околу 1153 |
Починал(а) | 1211 |
Сопружник | Ефросина Дукина Каматера |
Деца | Ирина Ангелина Ана Комнина Ангелина Евдокија Ангелина |
Династија | Ангели |
Татко | Андроник Дука Ангел |
Мајка | Ефросина Кастамоница |
Доаѓање на власт
уредиСметајќи на унгарската поддршка Исак II на чело на силна војска тргнал во нов поход против Бугарите, но на 8 април 1195 г. неговиот постар брат Алексиј III го симнал од престолот и наредил да го ослепат.[1]
Владеење
уредиОпшти одлики
уредиАлексиј III бил типичен производ на ова време на опаѓање. Крајното властољубие се споило во него со кукавичката слабост. Како да сакал да ги карикира големите владетели од династијата Комнини овој суетен слабак се нарекувал Комнин, зошти името Ангел не му се чинело доволно отмено. Византиското царство, коешто во времето на Исак II, иако слабо и нездраво, донекаде ги одржувало своите позиции, сега ја загубило последната отпорна моќ. Од година на година се појасно се манифестирало неговото внатрешно опаѓање, а и во надворешната политика, пресвртот од 1195 г. имал далекусежни последици.[2]
Односите со Србија
уредиОсобени последици имала промената на византискиот престол за односите на Византија и Србите. Фактот што тестот на Стефан Неманиќ станал цар, секако влијаел на промената на владата во Србија, каде што наскоро после тоа власта ја презел царевиот зет, севастократорот Стефан. На 25 март 1196 г. Немања се откажал од престолот во полза на Стефан и како калуѓер се повлекол во Студеница, а потоа му се придружил на својот најмлад син Сава на Света Гора.[3]
Можело да се очекува дека Стефановата влада ќе отвори нова ера на византиското влијание во Србија. Но до тоа не дошло бидејќи слабата византиска влада не умеела да ја искористи поволната ситуација. Одлучувачкото во Рашка, како и во Босна, веќе во наредните години добила моќната римска курија и нејзиниот експонент Унгарија. Вукан, најстариот син на Немања, којшто морал да се задоволи со Зета и поради тоа се чувствувал запоставен, се кренал против брата си потпирајќи се на унгарската и римската курија. Не верувајќи во помошта на Византија, Стефан исто така побарал спас во спогодбата со Рим. На Цариград толку малку сметал што дури ја испадил својата сопруга, Византијка. Меѓутоа, Вукан го надитрил. Со помош на Унгарите го симнал од престолот и ја презел власта откако ја признал надмоќта на папата и суверенитетот на Унгарија (1202 г.). Навистина, Стефан наскоро го повратил престолот но не со византиска туку со бугарска помош. Настаните во Србија посебно јано покажуваат колку нагло опаѓала византиската моќ. Во 1195 г. Византија сè уште можела да влијае на промените на српскиот престол, а неколку години подоцна таа конечно испаднала од играта, препуштајќи ја Србија на римско-унгарското влијание.[4]
Борбите против Бугарите
уредиБорбата против Бугарите, Алексиј III се обидел да ја избегне со преговори, но до спогодба не дошло, бидејќи бугарските барања се чинеле прекумерни. Војната одново избила и за Византија имала неповолен пресврт. На двапати, во 1195 г. и во 1196 г. Бугарите ја опустошиле серската област, ја поразиле византиската војска и го заробиле нејзиниот заповедник, севастократорот Исак Комнин. Заслепена од своето славно минато, но слаба и неспособна, Византија не умеела ниту да се спогоди со непријателот, ниту со него да стапи во отворена борба. И преостанал уште еден пат: поддржувањето на опозицијата во непријателската земја. Во 1196 г. Асен паднал како жртва на заговор на болјарите. Меѓутоа, неговиот убиец, болјарот Иванко, не успеал да се одржи на власт, зошто помошта која ја очекувал од Византија не стигнала подари бунтот во византиската војска. Морал да бега во Цариград и местото да му го отстапи на Петар којшто влегол во Трново и зазел царскиот престол. Но не поминал ни една година откако и Петар бил убиен.[5]
Иванко во Цариград бил дочекан со почести, бил поставен за намесник во Пловдив а потоа дури и за заповедник на царската војска во војната со Бугарија. Меѓутоа, итриот бугарски болјар, кому Алексиј III му ја доверил судбината на византиско-бугарската борба, наскоро се одметнал од Византија и завладеал во областа на Родопите. Распаѓањето на Царството продолжувало. Во Македонија, војводата Добромир Хрс уште од порано загосподарил со струмската област, а потоа го проширил своето подрачје сè до Вардар, зацврстувајќи се во тешко пристапниот Просек. Византија се обидела со него да се спогоди, дури му ја дала царевата ќерка за жена, но наскоро морала и против него да крене оружје. Потпирајќи се врз Бугарското Царство, Хрс ги започнал непријателствата, ги освоил Прилеп и Битола, а потоа продрел низ цела Грција, заедно со својот тест, византискиот проспатор Мануил Камиц, којшто привремено завладеал со Тесалија. Својот бивш пријател, Иванко, Византијците најпосле го фатиел на измама и после тоа неговата област и припаднала одново на Византија. Меѓутоа, долгите и променливи борби со Добромир Хрс завршиле со тоа што неговите територии му припаднале на царот Калојан и на тој начин голем дел од Македонија дошол под власта на Бугарија.[6]
Во времето на Калојан (1197 г.-1207 г.) новото Бугарско Царство го доживеало својот бурен подем. Тоа станало еден од најважните чинители на Балканот и во повеќе ситуации пресудно влијаело врз развојот на целото околно подрачје. На своето царство, кое се афирмирало во борбата против Византија, Калојан му обезбедил правно признавање од Рим. Асеновото крунисување, коешто го извршил бугарскиот архиепископ во Трново, не давало доволна правна основа. Вистинско крунисување имале само два светски центра, Рим и Цариград, и полноважна била само круната испратена од Рим или Цариград. Не е чудно што Калојан му се обратил на Рим, а не на ослабената и непријателска Византија. Така, пред паѓањето на Цариград, не само Србија, туку и Бугарија потпаднала под влијанието на Рим. По долги преговори Калојан ја признал папината надмоќ. Главниот чин бил извршен дури по византискиот слом. На 7 ноември 1204 г. легатот на папата Инокентиј III го поставил бугарскиот архиепископ Василиј за примас на Бугарија, а утредента го крунисал Калојан со кралска круна.[7]
Ситуацијата со Светото Римско Царство и папата
уредиВизантија трпела сè поголеми неуспеси на Балканот затоа што била изложена на се посилен притисок од Запад. Најтешки грижи и задавале со години освојувачките стрежеми на германскиот цар Хенрик VI. Оженет со сицилијанската престолонаследничка Констанца, Хенрик VI по смртта на Барбароса го наследил и него и норманскиот крал Вилхелм II (умрел во 1189 г.). Отпорот на Сицилија којшто се концентрирал околу Вилхелмовиот внук Танкред, со поддршка на римската курија и на Византија, се распаднал по смртта на Танкред и на Рождество Христово (Коледа) 1194 г. Хенрик ја примил во Палермо сицилијанската кралска круна. Спојувањето на Сицилија со германското царство им дало силен потстрек на Хенриковите стремежи за светско владеење, а Византија, неговата главна цел, ја ставило пред најголемата опасност. Како наследник на Вилхелм II, Хенрик барал Византија да му ја отстапи целата област од Драч до Солун, којашто Норманите ја освоиле и потоа повторно ја загубиле во 1185 г., да му плати голем данок и да учествува со својата флота во престојната крстоносна војна.[8]
Со промената на византискиот престол во 1195 г. ситуацијата уште повеќе се заострила. Оженувајќи го својот брат Филип со ќерката на Исак II, Ирина, Хенрик VI ги истакнал династичките претензии на цариградскиот престол и истапил против узурпаторот Алексиј III како Исаков одмаздник и покровител на семејството на неправично симнатиот и ослепен цар. Заплашената византиска влада правела најголеми напори да го задоволи германскиот цар и се обврзала на огромен годишен данок од шеснаесет центенарии злато. Во сите провинции на Византиското царство бил вовен особениот "аламански данок". Меѓутоа, и покрај крајните напрегања на и без тоа преоптоварената земја, договорената сума не можела да биде собрана. Византиската влада се решила да го собере и накитот од царските гробови во црквата на св. Апостоли само за да му одоброволи на својот надмоќен противник. Всушност, единствено на интервенцијата на папата, требало Византија да и заблагодари што Хенрик VI воопшто се впуштал во преговори и што засега се задоволувал со уценување и понижување на својот немоќен непријател, зошто папата инсистирал германскиот цар, наместо освојувачка војна против Византија, да преземе крстоносен поход против неверниците во Светата земја. Остварувањето на германските стремежи за светско владеење, коешто на Византија и се заканувало со уништување, неминовно би ја довело римската црква во подредена положба спрема германскиот цар, и затоа папата се заземал за шизматичкото Византиско царство. Се работело, сепак, само за одлагање. Византија била од сите страни приклештена: кипарскиот крал Амалрих и малоерменскиот крал Лав го признале германскиот цар за свој суверен. Но пред да дојде до кобниот удар, Хенрик VI, во септември 1197 г., ненајдено умрел.[9]
Ослободувањето од аламанскиот данок во Византија предизвикало бура од радост, а кутриот цар Алексиј, кој до неодамна на германскиот цар му плаќал данок симнувајќи го накитот од гробовите на своите претходници, сметал дека дошол мигот од своја страна да ги истакне претензиите за светско владеење и по примерот на великите Комнини да му помуди на папата сојуз меѓу единствената христијанска црква и единственото христијанско царство. Меѓутоа, нападот на Запад над ослабената Византија со смртта на Хенрик бил само одложен. Смртоносниот удар дошол од друга страна и тоа веќе по неколку години.[10]
Западната империја се распаднала непосредно по Хенриковата смрт. Италија се ослободила германската власт, а во Германија дошло до борби меѓу Хенриковиот брат Филип Швапски и Отон Брауншвајски. Превласта на германскиот цар ја заменила превласта на големиот папа Инокентиј III и со самото тоа во прв план избила идејата за нова крстоносна војна. На папата не му било важно Византија да биде освоена со оружена сила, туку таа да му се потчини на Рим по пат на унија и заедно со западните христијани да учествува во крстоносната војна.[11]
Четвртата крстоносна војна
уредиПокрај Инокентиј III, духовниот двигател на новата крстоносна војна, во средиштето на претстојната акција стоела, доминирајќи во целиот потфат, моќната фигура на венецијанскиот дужд Енрико Дандоло, чија цел била да ги сврти западните сили против Византија. Овој голем и смел, и мошне трезвен политичар, целосно рамнодушен спрема идејата за крстоносната војна како таква, во уништувањето на Византија го здогледал предусловот за трајно господство на Венецијанската Република на Исток. Навистина, уште во времето на Алексиј I, Венецијанците уживале во византиските земји и во водите на вонредни повластувања коишто ги задржале и низ целиот XII век. Но честите обиди на Византијците да се ослободат од своите обврски и повремените антивенецијански испади во Цариград, создавале чувство на постојана несигурност. Венецијанската Република морала да биде на штрек, при секоја промена на владата во Цариград одново да инсистира на признавање на своите привилегии, а често да ги брани своите права и со оружје. Покрај тоа Венецијанците имале опасни конкуренти во Џенова и Пиза, на кои Византија, исто така, им доделила значајни привилегии со желба да создаде извесна противтежа на венецијанската превласт. Сè додека во Цариград би постоела византиска влада, Венецијанците не можеле да бидат сигурни дека нивната доминантна положба во целост ќе се одржи. Единствено сигурно решение било урнувањето на Византиското царство. Крстоносната војна за тоа пружала најдобра прилика и големиот венецијански дужд наумил овој крстоносен поход да го претвори во освојувачка војна против Византија. Допуштајќи им на Венецијанците да им ја одземат превласта на море, Византијците сега се нашле пред опасноста да го загубат и своето царство.[12]
За да се објасни зошто Четвртата крстоносна војна била свртена против Византија во историската наука се изнесувани многубројни теории и хипотези. Всушност во овој настан нема ништо загадочно туку била неизбежна последица на претходниот развој. Од времето на црковниот расцеп, а особено од почетокот на крстоносните војни, антивизантиското расположение на Запад постојано растело. Агресивната политика на Мануил во Италија и нагласениот Андроников антилатински став во тоа антивизантиско расположение дале нова острина, а очевидната слабост на Византиското царство во времето на Ангели наведувала на мислата за негово освојување. Со таа мисла, впрочем, се носеле уште Роберт Гвискард и неговиот син Боемунд, а при Втората крстоносна војна таа се јавила и во околината на Луј VII. Во времето на крстоносната војна на Фридрих Барбароса за малку не допло до нејзино остварување. Наследникот на Фридрих Барбароса и на норманските кралеви, Хенрих VI, заземањето на Цариград го ставил во средиштето на своите освојувачки планови. А кога сега Венецијанците ги ставиле на вага своите трговски интереси и политичките аспирации, мислата за освојување на Цариград станала стварност. На тој начин крстоносната војна се претворила на крајот во орудие на освојувачката политика и се свртела против христијанска Византија. Стекот на околностите го олеснил ова свртување и сторил крстоносците, покрај волјата на папата, да се стават во служба на венецијанските интереси.[13]
Крстоносците се собрале во Венеција за на венецијанските бродови да отпловат за Египет. Но, бидејќи немале доволно средства да ја платат возарината, тие го прифатиле предлогот на дуждот наместо тоа, да ги помогнат Венецијанците при освојувањето на Задар, којшто паднал под власта на унгарскиот крал. Така дошло до првото свртување на крстоносците од нивната цел. По првото дошло и второто свртување на крстоносната војна, предизвикано со доаѓањето на принцот Алексиј Ангел, синот на царот Исак II. Младиот Алексиј успеал да побегне од занданата во која бил затворен со својот ослепен татко. Барајќи помош тој тргнал на Запад и по состанокот со Инокентиј III којшто не вродил плод стигнал на дворот на својот зет - Филип Швапски. Филип со задоволство ги поддржал претензиите на својот шура за цариградскиот престол. Спречен од внатрешните тешкотии самиот да стапи во акција тој им се обратил на Венецијанците и на крстоносците повикувајќи ги да го вратат на престолот Исак II и неговиот син. Овој повик на венецијанскиот дужд му дошол како порачан, а и водачот на крстоносците, Бонифациј Монфератски, кој имал силни семејни врски на Исток, со задоволство ја прифатил приликата да се вмеша во византиските работи. Додека крстоносците зимувале во освоениот Задар, им стигнале пратеници од германскиот крал и неговиот штитеник, па дошло до спогодба која двете страни ја посакувале. Дарежлив како и секој претендент Алексиј IV им ветил на крстоносците и на Венецијанците огромни суми пари, дал до знаење, за да го одоброволи папата, изгледно склучување црковна унија и се обврзал дека по враќањето на византискиот престол со сите средства ќе ја потпомага крстоносната војна. Речиси сите крстоносци тргнале со Дандоло и Бонифациј Монфератски. Искушението било големо, совеста можела да биде мирна бидејќи крстоносната војна, по походот на Цариград, ќе продолжела и тоа со зголемени средства кои ги ветил византискиот претендент. Алексиј IV им се придружил на крстоносците уште во Задар. Во мај 1202 г. на Крф меѓу него и крстоносците, бил потпишан договор, така што веќе на 24 јуни флотата на крстоносците стигнала пред византиската престолнина, пред „царицата на сите градови“.[14]
Откако крстоносците ја зазеле Галата и го пробиле синџирот што го затворал влезот во Златен Рог, бродовите на крстоносците продреле во цариградското пристаниште и тогаш од копно и од море започнал јуриш на градските бедеми. Иако византиската посада пружила силен отпор, на 17 јули 1203 г. Цариград паднал во рацете на крстоносците. Кутриот цар Алексиј III побегнал однесувајќи го со себе државното богатство. Слепиот Исак II повторно бил кренат на престолот, а како совладетел царска круна добил и неговиот син Алексиј IV, штитеникот на крстоносците.[15]
Наводи
уреди- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 490.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 491.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 491-492.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 492-493.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 493.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 493-494.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 494.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 494-495.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 495-496.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 496.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 496-497.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 497-498.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 498-499.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 499-500.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 500.