Прејди на содржината

Опера Гарние

Од Википедија — слободната енциклопедија
Опера Гарние, Paris

Операта Гарние позната и како Палата Гарние (фр. Opéra Garnier, Palais Garnier) — оперска куќа со 2200 места во Париз. Тоа е една од најубавите згради во Париз, дизајнирана од архитектот Шарл Гарние во необарокен стил, завршена во 1875. година. Официјалното име на операта, кое е и со златни букви испишано на фасадата е „Национална академија на музиката - театар на операта“ (фран. Académie Nationale de Musique - Théâtre de l'Opéra). Денес седиштето на Националната опера на Франција е преселено во Операта Бастиља, изградена во 1989.

Историја

[уреди | уреди извор]

Во 1672 кралот Луј XIV му наложил на Жан-Батист Луји да основа Кралска музичка академија, која ќе биде институција составена од опера, балет и музички состав. Во 1713 Луј XIV ја прогласил операта за државна установа, вклучувајќи го и ансамблот на балетот. Оттогаш па сѐ до инаугурацијата на Операта Гарние, Кралската академија за музика сменила 13 театри како свои седишта, од кои повеќето биле уништени од пожари. Сите овие театри, без оглед на нивното вистинско име, биле нарекувани Париска опера (фран. Opéra de Paris).

Палатата Гарние била изградена како дел од големата реконструкција на Париз иницирана од императорот Наполеон III, кој за тие зафати го ангажирал Баронот Осман. Во 1858. императорот го задолжил Осман да обезбеди 12.000м² колку што биле потребни за градба на нова зграда која ќе ги вдоми светски познатите париски опера и балет. Конкурсот за проектот бил објавен во 1861. и победил архитектот Шарл Гарние (1825-1898). Темелите биле поставени во 1861, но поради низа технички и политички проблеми (подземни води, Француско-пруската војна, Париската комуна, и други), градбата завршила дури на крајот на 1874., а првата претстава била играна на 15 јануари 1875.

Зградата била целосно реставрирана во периодот помеѓу 1994. - 2006. при што била заменета целокупната сценска техника, електриката и биле поправени темелите.

Архитектура и стил

[уреди | уреди извор]

Палатата Гарние има површина од 11.000 м², собира околу 2.200 гледачи, централниот лустер тежи преку 6 тони, а на сцената собира до 450 артисти. Таа е украсена со многу орнаменти, стилот е монументален, а внатрешноста е украсена со мермерни столбови, рамки и статуи. Познати вајари како Жан Батист Карпо и Жан Жозеф Перо работеле на декорацијата на внатрешноста и на фасадата.

Помеѓу столбовите на предната фасада се сместени бронзени статуи на големите композитори како Моцарт и Бетовен. Внатрешноста се состои од ходници што се преплетуваат, скалила, фоајеа и галерии, што овозможува голем број посетители слободно да се движат и да се среќаваат за време на паузите. Карактеристично за барокниот стил, ѕидовите се украсени со кадифе, златни листови и фигури на ангели и нимфи.

Таванот на главната сала, околу лустерот, бил насликан од Марк Шагал во 1964.

Галерија на слики

[уреди | уреди извор]
  • Allison, John (ed.), Great Opera Houses of the World, supplement to Opera Magazine, London 2003
  • Beauvert, Thierry, Opera Houses of the World, New York: The Vendome Press, 1995. [ISBN 0-86565-978-8]
  • Guest, Ivor Forbes, Ballet of the Second Empire, London: Wesleyan University Press, 1974
  • Guest, Ivor Forbes, The Paris Opera Ballet, London: Wesleyan University Press, 2006
  • Kleiner, Fred S., Gardner's Art Through The Ages, Belmont: Thomsom Wadsworth, 2006 [ISBN 0-534-63640-3]
  • Zeitz, Karyl Lynn, Opera: the Guide to Western Europe's Great Houses, Santa Fe, New Mexico: John Muir Publications, 1991. [ISBN 0-945465-81-5]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]

Координати: 48°52′19″N, 2°19′54″E