Прејди на содржината

Хатор

Од Википедија — слободната енциклопедија
Статуа на Хатор (Музеј Луксор)

Во египетската митологија Хатор (на египетски значи „Куќа на Хорус“) на почеток била персонификација за Млечниот Пат, кој се сметал како млеко што тече од вимиња на небесната крава.

Хатор била древна божица, обожувана како божество-крава најмалку од 2700 п.н.е., во тек на втората династија, а можно е дури и за време на владеењето на кралот Скорпија. Името Хатор упатува на нејзиното свивање во форма на Млечен Пат околу ноќното небо, а следствено на тоа и околу богот на небото Хор.

Хатор е именувана како Онаа што има Две Лица, а причината за тоа е сѐ уште нејасна. Се шпекулира дека е така именувана бидејќи е симболичен одраз за земскиот и задгробниот живот, огледало и лицето кое е одразено. Сепак, не постои разјаснување за овој религиозен еуфемизам на божицата. На почетокот била сметана за ќерка на создателот Ра, чие космичко раѓање било формализирано како космогонија на Огдоадата. Нејзино алтернативно име, кое опстоило 3000 години, било Мехтурт (спелувано и како Мехурт, Мехет-Верет и Мехет-урет), кое значело голема поплава и со тоа директно се упатувало на нејзиното поистоветување со Млечниот Пат.

Млечниот Пат бил сметан за воден тек на небесата, врз кој пловеле сончевиот бог и кралот, па тоа ги навело Египќаните да го опишат како Небесен Нил. Заради тоа, и заради името мехтурт, таа била сметана дека е надлежна за годишното поплавување на Нил. Друга причина за ова именување е што Хатор била сметана како гласник на неодложното раѓање; пукнувањето на амниотската кеса кај жената и истекувањето на водата е медицински индикатор дека детето треба да се породи што е можно побрзо.

Хатор, исто така, била величана и како заштитник на пустинските региони. Некои египтолози ја поврзуваат Хатор со вештачката светлина, бидејќи на некои прикази од нејзините храмови се појавуваат електрични светилки. Некои научници пак сметаат дека тоа се само прикази на лотосов цвет во кој лежи змија.

Во една химна за Хатор стои;

Ти си Господарка на Прославата, Кралица на Танцот, Господарка на Музиката, Кралица на свирењето на харфа, Дама на Хорскиот Танц, Кралица на Извивањето, Господарка на Бескрајната Опиеност.

Во основа, Хатор станала божица на Радоста и многу била сакана од народот и вистински почитувана од жените кои се стремеле да ја отелотворат нејзината повеќекратна улога како сопруга, мајка и љубовница. Поради тоа, таа ја здобила титулата Божица на Куќата на Радоста и Онаа Која го Исполнува Светилиштето со Радост. Обожувањето на Хатор било толку многу популарно што повеќе фестивали биле одржувани во нејзина чест отколку за некое друго египетско божество, и повеќе деца биле именувани според оваа божица отколку според некое друго божество. Дури и свештенството на Хатор било невообичаено; во нејзиниот култ биле застапени и машки и женски свештеници.