Прејди на содржината

Џигокухен (расказ)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Џигокухен (јапонски: 地獄変) - расказ на јапонскиот писател Рјуносуке Акутагава од 1918 година. На јапонски, „Џигокухен“ или „Џихокухен но биобу“ значи слика на пеколот насликана на параванот кој во јапонските куќи служи како ѕид или како врата.[1]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Високиот благородник Отоно Сама му наредува на познатиот сликар Јошихидо да ја наслика сликата „Визија на пеколот“. Јошихидое на лош глас како многу злобен, суетен и горделив човек, така што сите го мразат и прават разни шеги на негова сметка, на пример, еден мајмун го нарекуваат со неговото име. Јошихидо, пак, чувствува голем љубов единствено кон неговата убава ќерка, Јузуки, која се спријателува со мајмунот. Јузуки станува омилена дворјанка на Отоно Сама, наспроти молбите на Јошихидо за нејзино отпуштање од дворот. Јошихидо работи на сликата половина година со неверојатна посветеност при што, за потребите на сликањето, често ги измачува своите ученици. Најпосле, за да може да ја наслика централната сцена од сликата, тој бара од Отоно Сама да запали кочија во која ќе биде ставена една девојка. Отоно Сама му ја исполнува желбата, но во кочијата ја става Јузуки, врзана со синџири. Додека девојката се пече во кочијата, наеднаш се појавува нејзиниот мајмун, кој прифаќа да изгори заедно со својата верна другарка. Јошихидо ја гледа сцената со голема болка, по еден месец ја довршува сликата која станува негово ремек-дело, а потоа извршува самоубиство зашто не може да го поднесе натамошниот живот без Јузуки.[2]

Осврт кон расказот

[уреди | уреди извор]

Расказот за првпат се појавил во неколку продолженија во дневните весници во Токио и во Осака во 1918 година. Дејствието се одвива во Кјото, во ерата Хејан (794-858), а главен лик во расказот е сликарот Јошихиде чие име за првпат се споменува во една приказна на непознат писател од ерата Кенпо (1213-1219), објавена во збирката „Уџи Шуи Моногатари“. Приказната се вика „Сликата на Рјошу (Јошихиде) која го претставува Фудо“ и во неа се зборува за будистичкиот живописец Рјошу. Еднаш, соседната куќа ја зафатил пожар и тој веднаш избегал на улица, оставајќи ги во куќата жената и децата. Пожарот ја зафатил и неговата куќа, а кога соседите му изразиле сочувство, тој само гледал како му гори куќата, велејќи дека пожарот бил голема придобивка за него, зашто дури тогаш сфатил колку погрешно го сликал огнот во пеколот. Инаку, Акутагава постогнал голем успех со расказот „Џигокухен“ кој јапонските критичари го оцениле како ремек-дело. Подоцна, во 1935 година, расказот бил прикажан во токискиот театар во вид на „кабуки драма“, а улогата на Јошихиде ја играл славниот глумец Садањџи. Исто така, според овој расказ е снимен и филм.[3]

  1. „Džigokuhen“, во: Riunosuke Akutagava, Rašomon. Beograd: Plavi krug; Zemun: Neven, 2003, стр. 8.
  2. „Džigokuhen“, во: Riunosuke Akutagava, Rašomon. Beograd: Plavi krug; Zemun: Neven, 2003, стр. 5-46.
  3. Vera Ilić, „Riunosuke Akutagava“, во: Riunosuke Akutagava, Rašomon. Beograd: Plavi krug; Zemun: Neven, 2003, стр. 220-223.