Аикидо
Верзија на „фрлањето во четири правци“ (шихонаге). | |
Насоченост | Граплинг, ММА - Мешани боречки вештини |
---|---|
Земја на потекло | Јапонија |
Основач | Морихеи Уешиба |
Потекло | Аики-џуџуцу; Џудо; Џуџуцу; Кенџуцу; Соцуцу |
Прославени во оваа вештина | Хироши Тада, Масатоми Икеда |
Олимписки спорт | не |
Аикидо (合気道 Aikidō, или 合氣道) (во буквален превод „Начин на хармонизирање на енергијата“) е модерна јапонска боречка вештина. Основана е во периодот од 1930 до 1960 година од г. Морихеи Уешиба (Morihei Ueshiba) (наречен од аикидоките - О сенсеи - што во превод значи Големиот учител). Технички, главните делови на аикидото се преземени од Daitō-ryū Aiki-jūjutsu (大東流合気柔術) , една школа на џуџуцу со многу придружни техники од кенџуцу (剣術, kenjutsu) - јапoнски вештини со меч. Една од позначајните причини за остварувањето на посебност на аикидото во однос на другите боречки вештини, е влијанието од сектата Оомото Кјо – Шинто огранок, каде што членувал Морихеи Уешиба. Поради влијанието што Шинто религијата го извршила за негово создавање, многумина мислат дека аикидото е нејзин израз, но тоа не е точно, за што ни сведочи и неговата распространетост ширум светот. Религијата е нешто што е потполно одвоено од аикидото.
Оној што вежба аикидо се нарекува аикидока.
Поимот аикидо
[уреди | уреди извор]Јапонскиот збор аикидо е составен од три слога,
Преведено како „Начин на хармонизирање на енергијата“, името потполно ја изразува смислата на оваа боречка вештина, која се состои во принципот на неотпор. Овој принцип подразбира аикидоката да не се потпира на својата физичка сила во текот на борбата туку со точни и навремени движења да успева да ги пренасочува нападите на противникот не блокирајќи ги и не судирајќи се со нив.
Историјат
[уреди | уреди извор]Аикидото е резултат на синтезата од боречки вештини кои основачот ги совладал во текот на својот живот и на влијанието од неговите идеолошки гледишта и определби. Денес, бидејќи практикувано насекаде во светот, аикидото еволуира и постојано се преиспитува и се здобива со нови значења и изрази.
Искуството во боречките вештини на основачот на аикидото
[уреди | уреди извор]Морихеи Уешиба (盛平 植芝 Morihei Ueshiba, 14 декември 1883 - 26 април 1969), го создал аикидото и поради тоа бил наречен „О сенсеи“ (Големиот учител). Ова се случило во периодот од касните дваесетти (1920) до крајот на триесеттите години (1930) на XX век, како резултат на стекнатото знаење од различни боречки вештини со и без оружје. Јадрото или основата на аикидото произлегува од боречката вештина „Даито рју аики-џуџуцу“ (Daito-ryu aiki-jujutsu), која Уешиба ја учел директно од Такеда Сокаку (武田 惣角 Takeda Sōkaku, 1859-1943), првиот кој оваа вештина почнал да ја подучува надвор од кланот Такеда. Дополнително, познато е дека Уешиба учел и Тенџин Шинјо Рју (Tenjin Shin'yō-ryū) кај Тозава Токусабуро (戸沢 徳三郎 Tozawa Tokusaburō, 1848-1912) во Токио во 1901, Јагју Шинган Рју (Yagyu Shingan-ryū) кај Накаи Масакатсу (中井 正勝, 1891-1908) во Осака од 1903 до 1908, и Џудо кај Кијочи Такаги (高木 喜代子 Takagi Kiyoichi, 1894-1972) во Танабе во 1911.
Понатаму, вештината ја збогатил додавајќи и движења преземени од користење на копје, стап и можеби и бајонет, но најголемо влијание извршило неговото познавање на користење на меч, катана. Може да се каже дека еден аикидока се движи како невооружен мечувалец.
Уешиба се доселил на Хокаидо во 1912 година, каде што од 1915 почнал да тренира кај Такеда Сокаку. Неговата официјалана поврзаност со Даито Рју продолжила до 1937 година. И покрај тоа, во последните години од тој период, Уешиба почнал да оформува свој стил. Во тоа време, за неговата вештина тој го употребувал името „Аики-Будо“. Непознато е кога точно Уешиба почнал да го користи името „Аикидо“, но официјално е усвоено во 1942 година, кога јапонските официјални органи (Dai Nippon Butoku Kai) го признале како такво.
Распространување на аикидото
[уреди | уреди извор]Аикидото стигнало во Велика Британија 1955.година, во САД 1960., во Австралија 1965, а во Македонија 1989. Денес, ширум светот, постојат голем број на клубови во кои може да се тренира аикидо.
Техники
[уреди | уреди извор]Техниките на аикидото содржат удари, фрлања и лостови, всушност сѐ она што би се користело во борба со голи раце. Она што тие техники ги прави специфични, е токму принципот на ускладување и движењата кои се користат да го пренасочат и неутрализираат напаѓачот. Се одликуваат со широки и постојани, континуирани движења, но тоа не е задолжителна форма. Бидејќи аикидо техниките бараат од вежбачите постојано движење додека се изведуваат, тие се соодветни за одбрана од повеќе истовремени напади. Но тоа е условено од повеќе фактори. На (условно) највисокото ниво на аикидо, поединецот може да ги користи овие техники за самоодбрана без нанесување сериозни повреди на напаѓачот. Ако правилно се изведуваат, големината и јачината на противникот не е важна за нивната ефикасност. Се смета дека аикидото е најтешка боречка вештина за совладување меѓу оние со потекло од Јапонија.
Аикидо во Македонија
[уреди | уреди извор]Во Македонија, аикидо се изучува во неколку клубови во Скопје, Битола, Куманово и Охрид. Погледнете ги надворешните врски за повеќе информации.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Аикикаи фондацијата во Јапонија - Официјална страница за аикидо (англиски)
- Македонска Аикидо Федерација - Аикикаи Македонија (македонски)
- Македонска аикидо асоцијација Архивирано на 19 февруари 2007 г. (македонски)
- Аикидо Клуб Хенбо - Скопје (македонски)
- Аикидо Клуб Икеда - Скопје (македонски)
- Кенбукан Доџо Битола - Аикидо Аикикаи Македонија Архивирано на 13 октомври 2008 г. (македонски)
- Аикидо Клуб Фудошин - Скопје Архивирано на 29 мај 2013 г. (македонски)
- Зендокан Доџо Скопје Архивирано на 12 март 2008 г. (македонски)
- Аикидо Клуб Заншин - Куманово (македонски)
- Аикидо Клуб Агатсу - Куманово Архивирано на 20 мај 2013 г. (македонски)
|