Прејди на содржината

Антихрист (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Антихрист (англиски: Antichrist) е филм од 2009 година, во режија на Ларс фон Триер, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги толкуваат: Вилјем Дефо (Willem Dafoe) и Шарлот Гејнзбур (Charlotte Gainsbourg). Филмот освоил вкупно 22 награди, меѓу кои и наградата на Гејнзбур, за најдобра глумица на Канскиот филмски фестивал. Исто така, филмот имал и 20 други номинации, меѓу кои и оние за „Златна палма“ на Канскиот филмски фестивал и за најдобар режисер и најдобра глумица на Европските филмски награди.[1] Филмот трае 108 минути.

Ларс фон Трир, режисерот и сценарист на „Антихрист“, во 2011 г.

Содржина

[уреди | уреди извор]

Централна тема на филмот е мрачната страна на човековата природа. Додека еден маж и една жена водат љубов во својот дом, нивното мало дете излегува од креветчето и паѓа низ прозорецот. Потресена од смртта на детето, мајката завршува во болница, доживувајќи нервен слом. Нејзиниот маж, кој е психијатар, се нафаќа да ја излечи, барајќи од неа да ги наброи нештата од кои се плаши. Таа ја наведува дрвената куќа во шумата наречена „Рај“ (Eden) во која минатото лето се случувале чудни нешта. Затоа, двајцата заминуваат таму. Понекогаш, жената добива страсни желби да води љубов со мажот, а еднаш, таа го онесвестува, му ја прободува ногата и во отворот му става тежок железен предмет. Мажот се освестува и се обидува да избега, криејќи се во една лисичја дупка, но жената го пронаоѓа и го враќа во куќарката. Таму, тој се ослободува од железниот предмет и ја задавува жена му. Додека ја напушта шумата, од сите страни се појавуваат многу жени.[2]