Бретонвудски систем
Бретонвудски систем (англиски: Bretton-Woods System) е систем на монетарни правила воспоставен во јули 1944 година година од претставниците на 44 држави кои се сретнале во Бретон Вудс, Њу Хемпшир, САД, кога ги подготвиле и потпишале членовите на Договорот за Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Целта на овој систем била да се воспостави меѓународен монетарен систем кој ќе одржува полна вработеност и стабилни цени и во исто време ќе им овозможува на државите да постигнат надворешна рамнотежа, без да применуваат рестрикции на меѓународната трговија.
Системот воспоставен со договорот од Бретон Вудс се зановал на фиксни девизни курсеви во однос на американскиот долар и непроменлива цена на златото од 35 долари за една унца. Земјите членки ги чувале официјалните меѓународни резерви главно во злато или во долари и имале право да продаваат долари на Системот на федерални резерви за злато по официјална цена. Системот според тоа бил златен девизен стандард, со доларот како главна резервна валута.
Во исто време со Бретонвудскиот систем биле создадени и некои други институции: Светска Банка и Меѓународна спогодба за царини и трговија (како претходник на Светската трговска организација).
Конференцијата во Бретон Вудс
[уреди | уреди извор]Во јули 1944 година, во местото Бретон Вудс, во сојузната држава Њу Хемпшир, се собрале претставниците на 44 земји со цел да разговараат за меѓународниот монетарен систем по завршувањето на Втората светска војна. По долги дискусии и преговарања, конференцијата завршила со потпишувањето на Спогодбата за создавање на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој ја претставува основата на повоениот меѓународен монетарен систем. Подоцна, Спогодбата била постепено ратификувана од повеќе земји-учеснички на конференцијата така што ММФ започнал со работа во 1945 година. Исто така, на конференцијата била донесена одлука за основање на уште една меѓународна финансиска институција — Меѓународната банка за обнова и развој, позната како Светска банка. Инаку, основната тема на конференцијата било избегнувањето на повторното враќање на економскиот национализам, изразен низ политиката позната како „осиромаши го соседот“ која била спроведувана меѓу двете светски војни. Британските делегати, предводени од Џон Мејнард Кејнс, предложиле да со формира меѓународна клириншка унија која би создавала меѓународна резервна валута наречена „банкор“. Според овој предлог, секоја земја би прифаќала плаќања во валутата „банкор“ без никакви ограничувања при што секоја земја би имала право на дозволено пречекорување на својата сметка во клириншката унија. Од друга страна, американските делегати, предводени од Хари Декстер Вајт, предложиле да се формира валутен фонд во кој ќе придонесува секоај земја и од каде ќе може да позајмува за решавање на краткорочните дефицити во платниот биланс. Најпосле бил прифатен американскиот предлог, кој станал составен дел од Спогодбата за ММФ.[1]
Системот на фиксни девизни курсеви
[уреди | уреди извор]Бретонвудскиот систем, всушност, бил мултилатерален систем на фиксни девизни курсеви во кој секоја земја имала обврска да воспостави паритет на својата валута во однос на американскиот долар, кој пак бил врза за златото во однос 35 долари за една унца злато. Притоа, секоја земја имала обврска да го одржува фиксниот курс во однос на доларот, и тоа во тесни граници од 1 % околу паритетот. Меѓутоа, доколку некоја земја била соочена со „фундаментална нерамнотежа“, таа добивала дозвола да изврши промена на паритетот на нејзината валута во однос на доларот. Во Бретновудскиот систем, доларот бил единствената валута што била конвертибилна (заменлива) за злато по официјалниот курс од 35 долари за една унца, додека другите валути не биле непосредно заменливи за злато. Секоја земја чувала резерви во долари и во злато со чија помош го одржувала паритетот во однос на доларот. Поради овие одлики, Бретонвудскиот систем е познат и како златно-доларски стандард. Приврзаниците на овој систем сметале дека тој ја штеди употребата на залто во меѓународните плаќања, зашто покрај златото, земјите можеле да ги употребат и своите девизни (доларски) резерви за плаќање кон странство. Друга предност на златно-доларскиот систем е тоа што земјите можеле да заработат камата на доларските резерви, што не е случај со резервите во злато. Најпосле, земјите заштедувале и на трансакциските трошоци поврзани со превозот на златото од една во друга земја.[2]
Одржување на внатрешната рамнотежа
[уреди | уреди извор]Според Бретонвудскиот систем, за внатрешна рамнотежа се сметала полната вработеност, односно, состојбата кога агрегатната побарувачка е еднаква на нивото на полна вработеност во производството Yf. Агрегатната побарувачка за домашно производство е збир од потрошувачката (C), инвестициите (I) и тековната сметка (CA). Производството е растечка функција од расположливиот доход, Y-T, каде T ги означува нето-даноците. Суфицитот на тековната сметка е опаѓачка функција од расположливиот доход и растечка функција од реалниот девизен курс EP*/P. На крајот, се претпоставува дека инвестициите се константни. Според тоа, условот за надворешна рамнотежа е:
Равенката ги покажува средствата на политиката кои влијаат на агрегатната побарувачка и со тоа влијаат на производството на краткорочен план. Фискалната експанзија (покачување на G или пад на T) ја стимулира агрегатната побарувачка и предизвикува зголемување на производството. Слично на тоа, девалвацијата на валутата ( покачување на Е )ги прави домашните добра и услуги поевтини од оние кои се продаваат во странство и со тоа ги зголемува побарувачката и производството.
творците на политиката може да го одржуваат производството на нивото на полна вработеност,Yf преку фискалната политика или промените на девизниот курс. Монетарната политика не е делотворно средство при фиксни девизни курсеви. Ова е затоа што обидот на централната банка да ја измени понудата на пари преку купување или преку продавање домашна актива ќе предизвика промени во странските резерви, оставајќи ја непроменета понудата на пари. Трансакциите со домашна актива од страна на централната банка може да се користат за да го изменат нивото на странските резерви, но не влијаат врз состојбата на вработеноста и врз производството.[3]
Одржување на надворешната рамнотежа
[уреди | уреди извор]Целта за надворешна рамнотежа бара владата да управува со фискалната политика и девизниот курс така што ќе биде задоволена равенката:
Бретонвудскиот систем: 1944-1973
[уреди | уреди извор]За да ги избегнат изненадните промени во капиталната сметка што би можело да предизвика платнобилансна криза, земјите од овој систем често ги спречувале движењата на финансискиот капитал преку границите. Но, истовремено тие ги охрабрувале тековите на стоки и услуги бидејќи сметале дека трговијата е од полза за сите економии. На тој начин, валутите постепено станувале конвертибилни (разменливи) помеѓу земјите членки за да се охрабри трговијата на стоки и услуги вреднувана во различни валути.
Во тој систем на фиксни курсеви, сите земји, освен САД, имале неефективни монетарни политики за одржување на внатрешната рамнотежа. Главни инструменти за внатрешна рамнотежа била фискалната политика (државните расходи и даноците) додека главни инструменти за надворешна рамнотежа биле позајмувањата од ММФ, огранучувањата на капиталните текови и ретките девалвации.
Надворешната и внатрешната рамнотежа во САД
[уреди | уреди извор]Колапсот на Бретонвудскиот систем бил предизвикан од нерамнотежата во САД во 1960-те и 197-0те години. Проблемот со надворешната рамнотежа во САД бил различен од оној со кој се соочиле другите држави во системот Бретон Будс. Тоа била така затоа што државата која имала N-та валута (САД) не била одговорна за врзување на девизните курсеви на доларот. Нејзината главна одговорност била да ја одржува цената во долари на златото на 35 долари за унца, особено за да гарантира дека странските централни банки може да ги претворат своите долари во злато по таа цена. За таа цел требало да имаат доволно резерви на злато.[5]
Проблемите на фиксниот девизен курс
[уреди | уреди извор]Друг проблем бил, како што странските економии растеле, нивните потреби за девизни резерви исто така растеле, но овој раст бил побрз од растот на златните резерви што ги држеле централните банки. Истовремено понудата на новооткриено злато растела бавно. Единствениот начин на кој централните банки можеле да одржат соодветни нивоа на меѓународни резерви (освен ако нема дефлација) бил преку акумулирање долари. Повремено имало официјални претворања на доларите, и тие ги испразниле американските резерви злато и предизвикале загриженост. Но, сè додека повеќето централни банки сакале да додаваат долари во своите резерви и да се лишат од правото да ги разменат тие долари за американско злато, надворешното ограничување на САД изгледало поголемо од она со кое се соочувале другите држави во системот.
Во една влијателна книга која се појавила во 1960 година, економистот Роберт Трифин од Универзитетот Јеил го свртeл вниманието кон суштинскиот долготраен проблем на Бретонвудскиот систем, проблемот со довербата. Од една страна, за да ги задоволат сè поголемите потреби на останатите земји за девизни резерви, САД би биле принудени д аодржуваат постојани дефицити во билансот на плаќањата. Меѓутоа, ако САД имаат постојани платнобилансни дефицити, тоа неизбежно би довело до намалување на довербата во доларот и до спекулативен напад во кој другите земји ќе настојуваат да ги заменат доларите за злато. На тој начин, намалената доверба во доларот најпосле ќе доведе до пропаст на системот на златно-доларски стандард. Оваа дилема е позната како Трифиновиот парадокс.[6]
Едно можно решение во тоа време било покачувањето на официјалната цена на златото во однос на доларот и на сите други валути. Но таквото покачување би предизвикало инфлација и ќе има политички непривлечна последица на збогатување на државите ко се главни производители на злато. Покрај тоа, покачувањето на цената на златото ќе предизвика централните банки да очекуваат понатамошно намалување на вредноста во злато на своите резерви во долари во иднината, и со тоа само ќе се влоши проблемот на довербата а нема да се реши.[5]
Пропаста на Бретонвудскиот систем
[уреди | уреди извор]Во 1965 година, владините воени набавки почнале да растат како што претседателот Линдон Б. Џонсон ја зголемил вмешаноста на САД во конфликтот во Виетнам. Во исто време, другите категории на владино трошење, исто така, се зголемиле драстично, како што се прошириле програмите за т.н „Големо општество“ (кои вклучувале средства за јавно образование и повторен урбан развој). Овие зголемувања на трошоците на владата не биле усогласени со брзо зголемување на даноците: 1966 не била година за избор на претседател, претседателот Џонсон не сакал да покрене испитување од страна на Конгрсот за своите трошења преку тоа што ќе бара покачување на даноците. Како резултат на тоа, настанала значјна фискална експанзија која помогнала во зголемувањето на цените и предизвикала ненадејно намалување на суфицитот на американската тековна сметка. Иако монетарната политика (мерена преку стапката на раст на понудата на пари) на почетокот станала контракциона како што се проширувало производството, негативниот ефект и високите каматни стапки кои резултирале во градежната индустрија довеле до тоа Системот на федерални резерви да избере многу поекспанзивен монетарен тек во 1967 и 1968 година. Раните знаци за идните проблеми дошле од лондонскиот пазар на злато. Кон крајот на 1967 и почетокот на 1968 година, приватните шпекуланти почнале да купуваат злато во очекување на покачување на неговата цена во долари. По масовните продажби на злато од страна на Системот на федерални резерви и европските централни банки, централните банки го бјавиле создавањето на двостепен пазар на злато, со еден приватен и еден официјален степен. Приватните трговци со злато ќе продолжеле да тргуваат на лондонскиот пазар на злато, но цената на златото која е таму определена ќе може да флуктуира. Од друга страна централните банки ќе продолжат да работат заедно во официјалниот степен по официјалната цена на златото од 35 долари за унца.
Економијата на САД влегла во рецесија во 1970 година и како што се зголемувала невработеноста се зголемувала убеденоста на пазарот дека треба да девалвира доларот во однос на сите европски валути. Суфицитот во тековната сметка станал дефицит во 1971 година. За да се врати полната вработеност и урамнотежаната тековна сметка, САД некако требало да направат реална депресијација на доларот. Тоа можело да се направи на два начини. Првата опција била пад на нивото на американските цени како реакција на домашната невработеност придружена со покачување на нивоата на странските цени, како реакција на постијаното купување долари од страна на странските централни банки. Втората опција била пад на номиналната вредност на доларот во однос на странските валути. Првата насока- невработеност во САД и инфлацијата надвор - на творците на политика им изгледала како тешка. Финансиските пазари имале перцепција дека економијата на САД поминува низ фаза на „фундаментална нерамнотежа“ и дека девалвацијата е неизбежна. Тоа предизвикало пазарите да купуваат големи количества злато. Сепак, девалвацијата не била лесна во САД. Како N-та валута, доларот можел да девалвира само ако се согласеле странските влади да ги врзат своите валути во однос на доларот при новите курсеви. Сите држави, всушност, требало да се согласат истовремено да ги ревалвираат своите валути во однос на доларот. Девалвацијата на доларот, според тоа, можело да биде постигната само преку обемни мултилатерални преговори, а некои држави не ја прифатиле идејата за ревалвација, затоа што тоа ќе ги направело нивните производи поскапи во однос на американските и со тоа ќе настрадале нивните извозно и увозно конкурентни индустрии.
Претседателот Ричард М. Никсон на 15 август 1971 година ги објавил следниве мерки: прво, го запрел губењето на злато на САД со тоа што објавил дека САД нема повеќе автоматски да им продава злато на странските централни банки за долари. Ваквата постапка делотворно ја пресекла врската која останала меѓу доларот и златото; второ, тој најавил данок од 10 проценти за целиот увоз во САД, кој требало да остане во сила додека сите трговски партнери на САД не се согласат да ги ревалвираат своите валути во однос на доларот. Меѓународен договор за престројување на девизниот курс бил постигнат во декември 1971 година во Смитсонијанскиот институт, во Вашингтон, склучен меѓу десетте најразвиени земји, познати како Групата на десеттемина (Group of Ten). Во просек, доларот девалвирал во однос на странските валути за околу 8 проценти и доплатата за увоз од 10 проценти која ја наметнале САД била тргната. Исто така, со овој договор биле проширен распонот на дозволеното слободно флуктуирање на девинзите курсеви околу централните паритети од дотогашните 1 % на 2,25 %. Најпосле, оОфицијалната цена на златото се качила на 38 долари за унца, но ваквото движење немало економско значење, затоа што САД не се согласиле да продолжат со продавањето на златото на странските централни банки. Смитсонијанскиот договор бил потврда дека последниот остаток од златниот стандард бил напуштен.[7]
Смитсонијанското престројување, иако претседателот Никсон го претставувал како „најзначајниот монетарен договор во историјата на светот“, било доведено пред уривање за помалку од 15 месеци подоцна. На почетокот на февруари 1973 година започнал уште еден голем шпекулативен напад на доларот и девизниот пазар бил затворен додека САД со своите главни трговски партнери преговарале за мерките за поткрепа на доларот. На 12 февруари била објавена уште една девалвација од 10 проценти на доларот, т.е. официјалната цена на златото била зголемена од 28 на 42 доалри за една унца, но шпекулациите за девалвација на доларот продолжиле штом владите дозволиле повторно отворање на девизниот пазар. Откако европските централни банки купиле 3,6 милјарди долари на 1 март за да ја спречат апрецијацијата на нивните валути, девизниот пазар бил повторно затворен. Кога се отворил девизниот пазар повторно на 19 март, валутите на Јапонија и повеќето европски држави флуктуирале во однос на доларот. Флуктуирањето на девизните курсеви во однос на доларот на индустријализираните држави во тоа време се гледало како привремен одговор на нерешливите шпекулативни движења на капитал. Но, привремените уредувања усвоени во март 1973 година се покажало дека се трајни и го означиле крајот на фиксните девизни курсеви, а со тоа и на Бретонвудскиот систем.[8]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 36.
- ↑ Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 37.
- ↑ П. Кругман, М. Обсфелд и М. Мориц, Меѓународна економија, деветто издание, стр. 543.
- ↑ П. Кругман, М. Обсфелд и М. Мориц, Меѓународна економија,деветто издание , стр.544
- ↑ 5,0 5,1 П. Кругман, М. Обсфелд и М. Мориц, Меѓународна економија, деветто издание, стр. 547.
- ↑ Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 37-38.
- ↑ Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 39.
- ↑ П. Кругман, М. Обсфелд и М. Мориц, Меѓународна економија, деветто издание, стр. 548-551.
|