Прејди на содржината

Дервенџиство

Од Википедија — слободната енциклопедија

Дервенџии ― чувари на дервен (планински превој), припадници на полувоениот ред на Турското Царство, преземени од пресоманскиот период и прилагодени на новонастанатите услови во балканските земји.[1] Вид на локална војска во Османлиското Царство, составена од локални вооружени селани ополномоштени со указ (ферман) директно од султанот, со цел да обезбедуваат значајни патишта (најчесто тешкопроодни клисури помеѓу два града) и да го штитат населението од разни насилства.[2][1]

За оваа служба биле ангажирани претежно христијани од селата блиски до дервените. За извршување на својата служба, тие уживале извесни даночни олеснувања, што придонело за значително зголемување на бројот на жителите во некои од дервенските села. наместо целото село, за подоцна (од 16 век) биле земани најчесто по 30, поретко по 60, а само во исклучителни случаи и по 90 лица. Група од 30 лица оформувала една посебна единица наречечна давул (тапан), бидејќи тој инструмент го употребиле дервенџиските стражи за да им соопштат на патниците али патот е слободен и прооден.[1]

Дервенџиството се појавило во XIV или XV век, а статутот на дервенџииите конечно е нормиран од администрацијата на султанот Сулејман I. Дервенџиите имале право да ја известат османлиската власт за секое насилство врз месното население од страна на власта или вооружени странски разбојнички банди, кои во пограничните места често ја преминувале границата и навлегувале на територијата на Османлиската држава (Македонија). Во Македонија, познати се повеќе места кои извршувале дервенџиска дејност: Кркља, Тресонче (Кичево-Дебар), Сирула (Охридско), Маврово, Куклица (Кратовско), Златари (Ресенско), Ѓавато (Битола-Охрид), Демир Капија, Герман (Кривопаланечко), Бродец (Скопско), демирхисарските села[3] итн. На територијата на етно-географска Македонија се регистрирани преку 150 дервенџиски села.[4]

Дервенџиството претставувало значајна мерка за обезбедување на редот и мирот во Османлиската империја. Остатоци од ваквата служа се одржале сѐ до првата половина на 19 век.[1]

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Александар Стојановски. Дервенџиството во Македонија. Скопје: 1974
  • Глиша Елезовић. „Дервенџије“, Јужна Србија, 1923, књ. III, бр. 28, 321-329
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. 2000. стр. 153. ISBN 9989-624-46-1. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. Колектив (1969). Историја на македонскиот народ. Скопје: ИНИ. стр. 231.
  3. Географија на населби - општина Демир Хисар (PDF). Битола. 2017. ISBN 978-608-65616-4-2. На |first= му недостасува |last= (help)
  4. Стојановски, Александар (1974). Дервенџиството во Македонија. Скопје: ИНИ. стр. 300.