Прејди на содржината

Западнонилска треска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Западнонилска треска
Западнонилски вирус
СпецијалностИнфектологија
СимптомиНема, треска, главоболка, повраќање или дијареа и мускулна болка[1]
КомпликацииЕнцефалитис, менингитис[1]
Вообичаена појава2 до 14 дена после изложување на вирусот[1]
ВреметраењеНеколку недели до месеци[1]
ПричинителиЗападнонилски вирус кој се пренесува од комарци[1]
Дијагностички методВрз основа на симптомите и крвните анализи[1]
СпречувањеНамалување на бројот на комарци, превенција на убоди од комарци[1]
ЛекувањеСупортивна нега (лекови против болка)[1]
Прогноза10% ризик од смрт кај потешките случаи[1]

Западнонилската треска е инфекција предизвикана од западнонилскиот вирус, кој вообичаено се шири од комарци.[1] Кај околу 80% од случаите има благи или воопшто нема симптоми.[2] Околу 20% од случаите развиваат треска, главоболка, повраќање, или осип.[1] Кај помалку од 1% од случаите, се јавува енцефалитис или менингитис, со вкочанетост во вратот, конфузност и епилептични напади.[1] Закрепнувањето може да потрае со недели до месеци.[1] Ризикот од смртност кај оние кај кои е зафатен нервниот систем е околу 10 проценти.[1]

Западнонилскиот вирус (WNV) вообичаено се пренесува од комарци, главно преку инфицирани птици, кои се носители на болеста.[1] Ретко вирусот се пренесува со трансплантација на крв и органи, или од мајка на бебе за време на бременоста, пораѓајот, или доењето,[1] но во други случаи не се пренесува од човек на човек.[3] Ризикот за потежок облик на болеста е поголем кај лицата над 60 години и кај оние со други здравствени проблеми.[1] Дијагнозата се поставува врз основа на симптомите и крвните анализи.[1]

Не постои вакцина за луѓето.[1] Најдобар начин да се намали ризикот од инфекција е да се избегнат убодите од комарци.[1] Намалување на популацијата на комарци може да се постигне со елиминирање на застоени води во садови, олуци, базени и сл.[1] Кога комарците не можат да бидат избегнати, можноста од убоди може да се намали со примена на репеленти и мрежи против комарци.[1][3] Не постои специфичен третман за болеста; лековите против болка може да ги ублажат симптомите.[1]

Вирусот бил откриен во Уганда во 1937, а прв пат бил детектиран во Северна Америка во 1999.[1][3] WNV се јавува во Европа, Африка, Азија, Австралија, и Северна Америка.[1] Во САД годишно се пријавуваат илјадници случаи, а највеќето во август и септември.[4] Можна е појава и на епидемии на болеста.[3] Тешка форма на болеста може да се појави и кај коњите, за кои е развиена и вакцина.[3] Систем за надзор на птиците е корисен за рано откривање на потенцијална човечка епидемија.[3]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 1,15 1,16 1,17 1,18 1,19 1,20 1,21 1,22 1,23 1,24 „General Questions About West Nile Virus“. www.cdc.gov (англиски). 19 October 2017. Архивирано од изворникот 26 October 2017. Посетено на 26 October 2017.
  2. „Symptoms, Diagnosis, & Treatment“. www.cdc.gov (англиски). 15 January 2019. Архивирано од изворникот 26 October 2017. Посетено на 15 January 2019.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 „West Nile virus“. World Health Organization. July 2011. Архивирано од изворникот 18 October 2017. Посетено на 28 October 2017.
  4. „Final Cumulative Maps and Data | West Nile Virus | CDC“. www.cdc.gov (англиски). 24 October 2017. Архивирано од изворникот 27 October 2017. Посетено на 28 October 2017.