Прејди на содржината

Зоологија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Зоологија

Зоологија — она поле од биологијата кое се занимава со проучување на животните. Како наука, таа се дели на општ дел или општа зоологија и специјален дел или систематика на животните. Општата зоологија ги проучува сите појави во животинскиот свет кои имаат општо значење, а систематиката на животните се обидува сите животни, според различните одлики, да ги подели во одреден број разновидни систематски категории заради полесно распознавање и проучување.

Одлики на животните

[уреди | уреди извор]
  1. Еукариотски организми.
  2. Присуство на актин-миозински комплекс во клетките (за разлика од растенијата и габите);
  3. Ингестија на храната (за разлика од габите);
  4. Имаат митохондрии, но отсуствуваат хлоропласти (кои ги има кај растенијата);
  5. Способни се (по дефиниција) за активно движење.

Зоологијата има многу гранки и таа е поврзана со другите науки.

Зоологијата ја изучува физиологијата, анатомијата, ембриологијата, екологијата и филогенијата на животните.

Според групата на животни кои ги проучува, зоологијата е поделена на зоологија на без‘рбетни животни и зоологија на ‘рбетни животни. Овие гранки можат и понатаму да се делат.

Зоологија на без‘рбетни животни

[уреди | уреди извор]

Зоологијата на без‘рбетните животни ги изучува сите оние животни кои не припаѓаат во типот на хордати (Chordata). Најпознати гранки (според таксонот кој се проучува) се протистологијата (наука за праживотните), малакологија — наука за мекотелите, арахнологија — наука за пајаковидните, ентомологија — наука за инсектите, акарологија — наука за акарите, хелминтологија — наука за црвовидните животни, која е дел и од медицината.

Зоологија на ‘рбетни животни

[уреди | уреди извор]

Зоологијата на ‘рбетните животни ги изучува животните кои припаѓаат во типот Chordata. Важни гранки на овој дел од зоологијата се: ихтиологија — наука за рибите, херпетологија — наука за влекачите, орнитологија — наука за птиците, териологија — наука за копнените цицачи.