Капричо (опера)
Капричо Capriccio | |
---|---|
Опера од Рихард Штраус | |
Композиторот во 1922 (Фотографија на Шмуцер) | |
Либретист |
|
Капричо — опера во еден чин на германскиот композитор Рихард Штраус. Таа е неговото последно дело за кое самиот композитор го напишал либретото, во соработка со австрискиот диригент Клеменс Краус.[1] Делото е опишано како „разговорна пиеса за музика“ — драмското дејство е минимално, додека операта во голема мера е расправа за операта и уметноста. Затоа „Капричо“ се нарекува и „метаопера“, опера за опера. Главниот мотив на операта е нејзиниот најголем проблем: што е поважно, музиката или текстот?
Праизведбата на операта се одржала во Народниот театар во Минхен на 28 октомври 1942 година. На Штраус подоцна му нуделе нови либрета, но тој ги одбивал сметајќи го „Капричо“ за свое музичко завештание.
Музиката на „Капричо“ убедливо го покажува извонредниот опсег на зрелиот стил на Штраус и на некој начин претставува музички збир на сите негови опери од „Кавалерот со ружата“. Во операта се издвојуваат гудачкиот секстет, кој на почетокот ја игра улогата на увертира, инструменталниот дел „Музика на месечината“ и долгата завршница на грофицата.
Лица
[уреди | уреди извор]- Грофицата, сопран.
- Грофот, нејзиниот брат, баритон.
- Фламан, музичар, тенор.
- Оливје, поет, баритон.
- Ла Рош, управник на театарот, бас.
- Клерон, глумица, алт.
- Месје Тауп, шептач, тенор.
- Италијанска пејачка, сопран.
- Италијански пејач, тенор.
- Мајордом, бас.
- Млада танчерка, соло танц.
- Осум слуги, тенори и басови.
- Тројца музичари.
Содржина
[уреди | уреди извор]Дејството на операта се одвива во рококо-замок во близина на Париз некаде наоколу 1775 година,[2] кога Глук почнал да ја реформира операта.
Музичарот Фламан и поетот Оливје, пријатели, се заљубени во младата грофица Мадлен, која е вдовица. На самиот почеток го слушаме гудачкиот секстет што го составил Фламан. По изведбата следува нивната расправа со управникот на театарот Ла Рош, кој смета дека операта мора да биде лесна и пријатна за гледање и слушање, па особено ја пофалува италијанската опера, која ниту Фламан, ниту Оливје не можат да ја поднесат — првиот поради лоша музика, вториот заради лошото либрето. За Ла Рош особено е битна на сценографијата.
Наскоро се појавуваат грофицата и нејзиниот брат грофот. Грофот ја задева својата сестра дека предност ѝ дава на музиката пред уметноста заради Фламан, а таа му возвраќа дека тој се приклонува кон пишаниот збор поради привлечната глумица Клерон. Додека грофот е заинтересиран за краткорочни врски, грофицата сака долгорочна љубов, затоа не може да се одлучи меѓу Фламан и Оливие.
Во замокот во тек се подготовки за прославата на роденденот на грофицата. Оливје за оваа пригода напишал драма, во која ќе глумат грофот и глумицата Клерон (која порано била во врска со Оливје). Откако пристигнува Клерон, сите освен Оливје и грофицата одат на проба. Тој ѝ открива дека неговиот сонет, кој штотуку го прочитале грофот и Клерон, ѝ е посветен на Мадлен. Таа се жали дека грофот погрешно го прочитал неговиот текст и повторно ѝ го чита. Меѓутоа, Фламан, во налет на вдахновение, веднаш ја составил музиката за сонетот и доаѓа да ѝ ја испее на грофицата, придружувајќи се самиот себе на чембало. Оливје се ужаснува и мисли дека Фламан му го уништил текстот, но грофицата му објаснува дека сега многу подобро се чувствуваат зборовите. Поетот уште се жали: „Сега размислувам дали сонетот е мој или негов“. Дали сега му припаѓа нему или уште е мој?“, на што грофицата одговара: „Ако дозволиш, сега е мој! Убав спомен од денешниот ден“.
Пристигнува Ла Рош и го одведува Оливје на проба. Фламан останува сам со грофицата. Музичарот ѝ изјавува љубов и ѝ кажува како ја гледал во библиотеката додека таа читала. Бара да му даде знак дали ќе му ја возврати љубовта, но таа му одговара дека не е ни место ни време. Таа му ветува дека ќе се сретне со него во библиотеката следниот ден во единаесет часот претпладне.
Кога сите се вратени од пробата, слугите ги послужуваат со чоколадо, а Ла Рош доведува балерина и италијански пејачи да ги забавуваат гостите на грофицата. Управникот им го најавува својот дводелен роденденски подарок: изведба на „Раѓањето на Атена“ и „Падот на Картагина“ за грофицата. Останатите го исмеваат, но повредениот Ла Рош ја брани својата верба во театарот. Кога Фламан и Оливје се предизвикани да се обидат сами да создадат ново ремек-дело, грофицата им предлага да напишат опера заедно, чиј предмет би бил заплетот од тоа попладне.
Откако гостите си заминале, грофицата останува сама. По музичкото интермецо што ја претставува месечевата светлина, мајордомот ја известува дека Оливје ќе ја чека наредниот ден во библиотеката во единаесет часот, за да може од неа да го дознае крајот на операта. Грофицата прво се ужаснува кога сфаќа дека и Фламан и Оливје ќе ја чекаат на исто место, во исто време и со иста желба. Се обидува да одлучи кого од двајцата повеќе го сака. Откако си го отсвирува сонетот, сфаќа дека се неразделни. Одговорот за маката го бара од сопствениот одраз во огледалото, но не може да најде крај за операта што нема да биде тривијален.
Мајордомот повторно се појавува, објавувајќи дека вечерата е подготвена. Грофицата му се насмевнува на својот одраз и полека оди во трпезаријата.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Anderson, David E. (March 1992). „Review of '"Fürs Wort brauche ich Hilfe: Die Geburt der Oper Capriccio von Richard Strauss und Clemens Krauss" by Kurt Wilhelm“. Notes. Second Series. 48 (3): 876–879. doi:10.2307/941709. JSTOR 941709.
- ↑ Boosey and Hawks website at boosey.com Пристапено: 25 април 2011
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Boosey & Hawkes page on Capriccio Retrieved 25 April 2011
- Synopsis and libretto in English from Pacific Opera, Victoria, B.C. Retrieved 25 April 2011
- Libretto in German Retrieved 25 April 2011