Лем
Лем[1] — метално врзивно средство што се користи при лемењето (меко или тврдо), кое има точка на топење најмалку 50 °C пониска од точката на топење на лемениот материјал. Спојот се остварува со нанесување (наквасување) растопен лем на површината на споените делови, дифузија на лемот во површинските слоеви и кристализација на лемот и механичко закотвување. Нанесувањето е дотолку подобро колку што температурата на лемењето е повисока, а површините се исчистени од оксиди и други премази, нечистотии и слично. Поради оваа причина, овие површини се чистат механички и хемиски пред лемењето, а при лемењето со помош на топило, средство што ги растворува површинските нечистотии и овозможува добро навлажнување и ширење на лемот. Во зависност од работната температура, лемењето може да биде меко или тврдо.[2] Мекото лемење се врши со помош на лемови со точка на топење помала од 450 °C, најчесто легури кои содржат калај, а како топила се користат неоргански и органски халогениди. Лемовите за тврдо лемење имаат точка на топење поголема од 450 °C; тоа се обично сребрени, никелови, бакарни и алуминиумски лемови. Со ваквото лемење се постигнува поголема цврстина и тврдост на спојот.
Поделба
[уреди | уреди извор]Според нивната намена и состав сите лемови се поделени во 3 групи:
- меки лемови,
- тврди лемови,
- алуминиумски лемови (меки алуминиумски лемови и тврди алуминиумски лемови).
Видот на лемот се избира според постапката на лемење, видот на материјалот на спојните делови, а понекогаш и според посебните барања што треба да ги исполнува лемниот спој. Од лемовите најчесто се бара да ги имаат следните својства: одредена температура на топење, способност за легирање со металите на спојните делови и одредена цврстина. Понекогаш се бара лемот да има одредена електрична спроводливост (електроника и електротехника), хемиска отпорност (хемиска и прехранбена индустрија) и одредена боја (украсни предмети).
Видови лемови | Ознака на лемот | t L (˚C) |
---|---|---|
Меки калајни лемови | S. Sn 20 | 275 |
S. Sn 30 | 249 | |
S. Sn 40 | 223 | |
S. Sn 60 | 185 | |
S. Sn 75 | 185 | |
Тврди месингови лемови | S. Cu 85 Zn | 1 020 |
S. Cu 60 Zn | 900 | |
S. Cu 48 Zn | 870 | |
S. Cu 42 Zn | 845 | |
Тврди сребрени лемови | S. Cu 55 Zn Ag 8 | 870 |
S. Cu 55 Zn Ag 12 | 830 | |
S. Cu 55 Zn Ag 8 Cd | 730 | |
S. Cu 55 Zn Ag 12 Cd | 700 | |
Алуминиумски лемови | L – Ал Si 12 | 590 |
L – Zn Al 15 | 430 | |
L – Sn Zn 10 | 210 | |
L – Sn Pb Zn | 220 |
Меки лемови
[уреди | уреди извор]Мекиот лем е легура на олово и калај со додавање на 0,5 - 3,5% антимон (Pb + Sn + Sb). Односот на олово и калај зависи од намената на лемењето. За работа со лим се користи лемење со поголема содржина на олово (до 90%). За лемење садови се користи лемење со 90% калај и 1,3% антимон, бидејќи над 9% оловото е токсично. (За меко лемење на тешки метали (железни, бакарни, никелови материјали) погодни се оловно-калајните лемови (лем PbSn) според DIN 1707. Лемовите за лесни метали (алуминиум и алуминиумски легури) според DIN 8512 се состојат главно од калај, цинк и кадмиум. Кадмиумот ја намалува точката на топење.
За меко лемење најчесто се користат калајни лемови со различен однос на калај и олово, општи ознаки HRN - ознаки S. Sn X, каде што S означува дека е материјал за спојување, а X е процентот на калај во него. Важно е да се знае дека калајните лемови за лемење на лимена амбалажа во прехранбената индустрија не смеат да содржат повеќе од 10% олово поради здравствени причини (поради токсичноста на оловото).
За лемење на електронски компоненти и други делови чувствителни на повисоки температури, често се користат меки лемови со екстремно ниски точки на топење, како што се:
- Розова легура со состав 50% Bi + 25% Sn + 25% Pb (tL = 94 ˚C);
- Вудов легура со состав 50% Bi + 25% Pb + 12,5% Sn + 12,5% Cd (tL = 70 ˚C).
Тврди лемови
[уреди | уреди извор]Тврдите лемови се делат на: тешко топливи (tL = 875 до 1.100 ˚C) и лесно топливи (tL = 450 до 875 ˚C). Од тврдите лемови, според HRN, нормирани се месинговите лемови со состав од Cu + Zn, општи ознаки S. Cu X Zn (X е процентот на Cu) и сребрените лемови со состав од Cu + Zn + Ag, кои можат да да бидат од 8 до 50 % Ag. Нивната ознака според HRN е S. Cu X Zn Ag X (двете X се процентите на бакар и сребро). Сребрените лемови се со највисок квалитет (имаат поголема цврстина, подобра електрична и топлинска спроводливост и хемиска отпорност), но се поскапи од месинговите. Покрај месинговите и сребрените лемови се користат и бакарни лемови од 86 до 99,90% Cu кои се стандардизирани според DIN.
Алуминиумски лемови
[уреди | уреди извор]Алуминиумските лемови се користат за лемење на алуминиум и алуминиумски легури и можат да бидат меки лемови со состав, на пример: Sn + Zn, Zn + Al и Cd + Zn, и тврд состав, на пример: Al + Si и Al + Si + Sn. Алуминиумските лемови се стандардизирани според DIN (на пример L – Sn Zn 10 и L – Al Si 10).
Лемовите можат да ги имаат овие облици: жица или прачка за лемење, лента или фолија за лемење, прстен за лемење, бања за лемење и прашок за лемење. Жиците и прачките за лемење може да содржат хемиско средство за чистење во јадрото.[3]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „лем“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ lemljenje, "Hrvatska enciklopedija", Leksikografski zavod Miroslav Krleža, www.enciklopedija.hr, 2018.
- ↑ "Elementi strojeva", Karl-Heinz Decker, Tehnička knjiga Zagreb, 1975.