Масакр во Кокошиње
Масакрот во Кокошиње е масакр, односно серија од неколку масакри, извршени од страна на чети на ТМОРО врз српското население во околината на Куманово и Кратово во периодот јули-септември 1904 година. Злосторствата се извршени како одмазда за предавството на четите на Атанас Бабата, Славејко Арсов и Стојан Донски, а биле извршени под команда на Атанас Бабата, Јордан Спасов и Мише Развигоров. Збирниот назив Масакр во Кокошиње за убиствата извршени како во Кокошиње така и во Шопско Рударе и Татомир го дал тогашниот печат според селото Кокошиње во кое имало најмногу жртви.
Настани
[уреди | уреди извор]На 11 јули 1904 година четите на Атанас Бабата, Славејко Арсов и Стојан Донски биле опколени од турскиот аскер кај светиниколското село Горно Ѓуѓанци. По шестчасовна битка, четите биле принудени да отстапат. Во Битката загинале околу 20 четници и војводата Донски, додека ранетиот војвода Арсов се самоубил.[1]
Истиот ден четата на Јордан Спасов влегува во кратовското село Татомир и го убива селскиот првенец Димо Спасов (Спасиќ), бидејќи одбива да го префрли селото во Бугарската егзархија.
Откако Атанас Бабата добил информации дека четите биле поткажани од србомани од селото Кокошиње, на 6 август неговата чета влегува во ова село и убива 53 селани. После тоа, Бабата одржал говор пред останатите селани за бугарштината и за нужноста делото да се префрли во Егзархијата. Труповите биле оставени на сред село и била оставена белешка дека се убиени како одмазда за убиените четници на ВМОРО.[2]
На 24 август четата на Јордан Спасов влегува во Шопско Рударе и го убива селскиот кмет Трајко Здравковиќ Јовев како и уште четири мажи и три жени, кои пред тоа биле силувани.
Кон средината на септември Мише Развигоров влегол со својата чета во Кокошиње и убил осуммина селани.[1]
Последици
[уреди | уреди извор]Како резултат на овие акции, селата Шопско Рударе и Кокошиње преминале кон Бугарската егзархија.[3] Доаѓа до прекин на односите помеѓу ТМОРО и Српскиот четнички комитет и одмазда од српските чети. На 12 декември 1904 година една српска чета влегла во Шопско Рударе, за да ги казни селаните кои се одвоиле од Патријаршијата, и го убила синот на еден од највидните семејства во селото Бојко, Тасев. Следниот ден биле уапсени и десет селани.[4]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 Христо Силјанов, “Ослободителните борби на Македонија”, том 2, Софија, 1993, 309 стр.
- ↑ Влатко Билески, „Војводата Кочо Куршумот“, „Македонска нација“
- ↑ Христо Силјанов, “Ослободителните борби на Македонија”, том 2, Софија, 1993, 126 стр.
- ↑ Христо Силјанов, “Ослободителните борби на Македонија”, том 2, Софија, 1993, 307 стр.