Музеј Карије (Истанбул)
Музеј Карије Kariye Müzesi (турски) Манастир „Хора“ | |
---|---|
Поглед кон музејот | |
Координати | 41°01′52″N 28°56′21″E / 41.03111° СГШ; 28.93917° ИГД |
Место | Истанбул (историски Цариград), Турција |
Тип |
|
Материјал | камен, тула |
Завршен | XX век |
Музеј Карије (турски: Kariye Kilisesi, Kariye Müzesi или Kariye Camii) — поранешна православна црква која во текот на својата историја била претворена во џамија, а денес е музеј. Објектот се наоѓа во реонот во Едринекапи, северозападниот дел на Фатих, Истанбул, Турција[1]. Христијанскиот храм бил изграден во текот на 5 век и претставува еден од најубавите примери на византиската архитектура[1]. По падот на Цариград во 1453 година, црквата била претворена во џамија. Како таква се задржала до нејзината реконструкција во 1948 година кога била претворена во музеј.
Назив
[уреди | уреди извор]Најчесто оваа црква се нарекува „Хора“, кое означувало дека црквата се наоѓа надвор од градските ѕидини. Потеклото на името е поврзано со времето кога била градена во 5 век, кога таа се наоѓала надвор од ѕидините. Во времето кога биле изградени Теодосиевите ѕидини, градбата се нашла во внатрешноста на градот, но таа го задржила своето име. Освен овој назив, во текот на историјата се употребувал и османлискиот назив Карије, кога храмот служел како муслимански храм.
Историја
[уреди | уреди извор]Византиски период
[уреди | уреди извор]Црквата била изградена кон почетокот на 5 век, северозападно од тогашниот град. Во времето кога ѕидините биле проширени, под раководство на императорот Теодосиј II (408—450), градбата се нашла во внатрешноста на градот, но и покрај ова таа го задржила своето старо име, кое во превод означува „Црква во полето“[2]. Според Симеон Метафрастес, телата на 84-те христови маченици кои биле погубени во 298 година за време на владеењето на Максимијан биле пренесени од Никеја во Цариград и погребани надвор од ѕидините на Константин I.
Така, на местото каде биле погребани мачениците била изградена црката Хора. Во манастирот во 740 година бил погребан патријархот Герман I (патријарх од 714 до 730), познат по својата побожност, учење и противење на императорот Лав III Исавријанин во времето на иконоборството. Подоцна, неговите мошти биле пренесени во Франција. Поради врската со Герман I, манастирот станал предмет на омраза на Константин V Копроним и монашкиот живот бил речиси уништен во тој период. Во 743 година кога Артавазд, оженет за ќерката на Лав III, водел борби против Константин V, по неговиот пораз тој заедно со неговите синови биле ослепени и донесени во манастирот. По победата на иконопоклониците во 842 година, Михаил III и неговата мајка Теодора го обновите животот во манастирот а за игумен бил избран Михаил Синкелиј.
Поголемиот дел од структурата на сегашниот објект датира од периодот меѓу 1077 до 1081 година кога Марија Дукина, мајка на Алексеј I Комнин дала наредба за обнова на црквата и самиот храм добил форма на христијански крст, како еден од најпопуларните архитектонски стилови од тоа време. Кон почетокот на 12 век, дошло до рушење на црквата, најверојатно поради претходен земјотрес, па била обновена од страна на Исак I Комнин, син на Алексеј I кој бил погребан во храмот. Денешниот изглед верскиот објект го добил во текот на 14 век, под раководство на Теодор Метохит. Во овој период, од 1315 до 1321 година, бил реновиран ентериерот на црквата, и биле поставени мозаици и фрески. Мозаиците претставуваат најдобар пример за ренесансата на Палеолозите. По ова следувала граѓанска војна во Византија по кое Теодор Метохит бил протеран во 1328 година по налог на Андроник III Палеолог (1328—1341) кој ја узурпирал власта, но по две години му било дозволено да се врати во Цариград, а тој како монах последните две години од животот ги поминал токму во Хора.
Османлиски период
[уреди | уреди извор]Во времето на опсадата градот во 1453 година, од црквата неколку икони кои се сметале за чудотворни и заштитнички на градот биле пренесени кон бојното поле, слично како во 1422 година за божествена помош во одбраната на градот од неверниците. Наводно пред ѕидините била истакната и паролата: „Боже, заштити ни го градот но не со оружјето на земјата, туку со божјето оружје“. Но, по ова градот паднал во рацете на Османлиите, а прва од црквите која била на удар од новите господари била Хора, главно поради близината на ѕидините. По зазимањето на градот, црквата продолжила да опстојува како христијански храм.
Во времето на Атик Али-паша, Големиот везир на Бајазид II (1481—1512), објектот бил претворен во џамија и наречен Карије. За да не се гледаат прекрасните мозаици и фрески, тие биле покриени со малтер поради муслиманското верување за идолопоклонство. Францускиот преведувач и топограф Пјер Жил го посетил објектот во 1580 година и според запишаното, тој бил фасциниран од убавината на храмот, но не споменува за мозаиците и фреските. Постојат докази дека зградата претрпела неколку оштетувања во османлиско време од пожар и земјотреси, но прецизни податоци за овие катастрофи не можат точно да бидат утврдени.
Џамијата исчезнала од општиот поглед на градот со текот на времето, кога во 1860 година била откриена од страна на еден грчки архитект. Објектот бил пронајден во лоша состојба. Основните куполи биле распаднати, ѕидовите и сводовите биле напукани и на многу места биле поцрнети со голема влага од чад, дожд и сњично. Во следните години започнала реставрација на објектот.
Мозаици
[уреди | уреди извор]Теодор Метохит најпрвин ја подарил својата огромна библиотека на црквата. Во еден дел од црквата Теодор се насликал себеси на прекрасниот мозаик кое го зазима централното место во храмот.
На овој мозаик, Теодор е клекнат пред Исус, облечен во раскошна облека и со голем турбан на главата, според модата од тоа време. Во својата рака, Теодор држи модел од црквата која ја изградил во чест на Исус. Се смета дека поради овој мозаик, самиот Теодор бил испратен во егзил. Останатите мозаици од кои поголемиот дел од нив се зачувани до денес, го раскажуваат животот на Пресвета Богородица и Исус во различни периоди. Овие мозаици се правени според апокрифни текстови од средниот век, и на тој начин се разликуваат делумно од останатите цркви. На пример во композицијата Деисис, Исус не седи на престолот како во поголемиот дел на слики од тоа време, туку е иправен. Исто така недостасува и фигура од Јован Крстител. Во една од сликите, во ногата на Бгородица стои император Исак I Комнин, а од другата страна принцезата Марија Монголска.
Најголем впечаток привлекуваат мозаиците на Богородица, подредени по хронологија кои раскажуваат за нејзиниот живот, нејзиното детство, изборот за Јосиф и нивната венчавка. Мозаиците поврзани со Исус исто така не отстапуваат. Така, постојат мозаици како Исус ја претвора водата во вино на свадба во Кана, исцелување на тештата на Петар, на младо момче со болна рака, на парализирани итн. На еден од мозаиците се прикажани деца кои собираат по земјата парчиња леб, кои паѓаат од рацете на Исус, при едно од неговите чуда.
Од фреските, најимпозантна е Анастасис или Воскресение. На неа е прикажан Исус, облеченцелосно во бело, како ја држи раката на Адам и Ева и ги вади од гробница. Самата фреска е позната и како Влегувањето во пеколот, и се смета дека самиот Теодор бил погребан под овој стенопис.
Наводи
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Музеј Карије (Истанбул) на Ризницата
- Columbia University | Restoring Byzantium | The Kariye Camii in Istanbul and the Byzantine Institute Restoration Архивирано на 26 јануари 2010 г.
- Byzantium 1200 | Chora Monastery
- Interior and exterior pictures in http://rubens.anu.edu.au Архивирано на 9 септември 2006 г.
- Photos with explanations Архивирано на 1 ноември 2006 г.
- visit info Kariye (Chora) Museum, Istanbul, Turkey Travel Planner by Tom Brosnahan Архивирано на 9 ноември 2006 г..
- BYZANTINE MOSAICS OF CHORA MONASTERY Архивирано на 3 март 2016 г.
|
|
|