Наполеон на бојното поле кај Ајлау
Творец | Антоан- Жан Гро |
---|---|
Година | 1807-1808 |
Димензии | 521 см × 784 см |
Место | Музеј Лувр, Париз |
Наполеон на бојното поле кај Ајлау (француски: Napoléon sur le champ de bataille d'Eylau) — маслена слика на платно од 1808 година на францускиот романтичен сликар Антоан-Жан Гро. Сликата била завршена во текот на зимата 1807–1808 година и станала икона на новонастанатиот стил на францускиот романтизам. Прикажува миг од последиците од крвавата Битка кај Ајлау (7-8 февруари 1807 година) во која Наполеон Бонапарт го надгледува бојното поле каде што неговата Гранд Арме обезбедила скапа победа против Русите. Иако Наполеон на бојното поле кај Ејлау ги задржува елементите на историското сликарство, тоа е убедливо најреалистичкото дело на Гро што го прикажува Наполеон и се издвојува од суптилноста на неокласицизмот. Сликата се наоѓа во музејот Лувр во Париз.
Заднина
[уреди | уреди извор]На почетокот на февруари 1807 година, руската армија, под команда на Левин Август фон Бенигсен, била во целосно повлекување додека била прогонувана од Големата армија на Наполеон Бонапарт.[1] Теренските армии на рускиот сојузник, Кралството Прусија, биле целосно поразени од Големата армија во двојната Битка кај Јена-Ауерштет на 14 октомври 1806 година. Со тоа руската армија останала како единствена голема копнена сила што му се спротивставила на Наполеон во Војната на Четвртата коалиција.[2] По неколку неуспешни обиди да го попречи француското напредување, Бенигсен одлучил да ги прегрупира своите сили што се повлекле во пруското село Ајлау (денес Багратиновск, Калининградска Област ).[3]
Борбите започнале попладнето на 7 февруари кога делот за багаж на Наполеон пристигнал во Ајлау како подготовка за пристигнувањето на царот, несвесен дека Русите сè уште се во селото. Мислејќи дека Французите се обидуваат да го заземат селото, Бенигсен испратил засилување во Ајлау. Наполеон возвратил со сопствената борбена сила. Следеле силни борби, особено околу црквата и гробиштата во селото, но Французите ја задржале контролата над Алау до крајот на денот.[1][2]
Русите возвратиле во раните утрински часови на 8 февруари со масовно артилериско бомбардирање. На работ на катастрофален пораз, Наполеон го вклучил Резервниот коњанички корпус да ги нападне руските колони кои се приближувале до Ајлау.[4] На овој начин руската офанзива била доволно долго прекината за француските линии да се стабилизираат. На примрак, Бенигсен им наредил на своите сили да се повлечат. Французите, иако можеле да прогласат победа, останале на крваво снежно бојно поле со замрзнати трупови.[2]
Нарачка
[уреди | уреди извор]Наполеон се обидел да обезбеди победата во Ајлау, иако скапа, да не биде заборавена, доверувајќи му на директорот на Лувр Виван Денон да нарача уметник како дел од многу поголема пропагандна кампања.[5] Еден месец по битката, Денон објавил јавен конкурс за нарачка: 26 уметници испратиле свои скици кои биле изложени во Лувр. Антоан-Жан Гро бил прогласен за победник на 13 јуни, а го завршил Наполеон на бојното поле во Ајлау во текот на зимата 1807-1808 година.[5] Според Франсоа де Верњет, Денон навел голем дел од она што требало да биде прикажано на сликата, вклучувајќи го „моментот што треба да се прикаже, бројот на „додатоци“, трупови во преден план и големиот формат“.[6]
Опис
[уреди | уреди извор]Сликата го прикажува Наполеон како пристигнува на бојното поле кај Ајлау за да го прегледа на 9 февруари 1807 година, ден по завршувањето на борбите. Сликата е со монументална големина од 521 x 784 см, така што повеќето од средишните ликови се дадени во природна големина.[7] Некои од ликовите на рабовите на сликата се намерно отсечени за да се всади чувство дека делото е вистински фрагмент од вистинска сцена. Вниманието на гледачот веднаш го привлекува големиот куп трупови во преден план чии лица се двојно големи; друг војник, ранет, извикува во состојба на лудило.[6][7] Според 64-тиот Билтен на Гранд арме, сцената била замислена „да всади кај принцовите љубов кон мирот и ужас кон војната“.[5]
Во средиштето на сликата Наполеон е качен на светол дорат како ја набљудува грижата на ранетите, со подадена рака во поза што потсетува на благословување на војниците. „Утешителниот израз на големиот човек“, напиша Денон, „се чини дека ги ублажува ужасите на смртта и шири помека светлина на оваа глетка на колеж“.[5] Тој е опкружен со членови на неговиот персонал: маршалот Бертие, маршалот Бесиер и генералот Коленкур се лево, додека маршалот Су, маршалот Даву и маршалот Мира се десно.[5] Ранет литвански војник, изненаден од сочувството на царот, му се заколнува на верност на Наполеон додека друг поранешен борец му ја прегрнува ногата.[6]
Прием и наследство
[уреди | уреди извор]Наполеон на бојното поле во Ајлау за прв пат била прикажана во Парискиот салон во 1808 година. Првично, некои политичари се сомневале дека сликата има за цел да го прикаже неповолно царот, но самиот Наполеон ја одобрил работата на Гро и му ја врачил Легијата на честа на церемонијата на доделувањето.[6] Приказот на Гро на Наполеон покажал одреден степен на реализам што не бил присутен во неговата претходна слика на царот, Бонапарт во посета на жртвите од чума во Јафа (1804), ниту во слики на кој било друг уметник. Во својот портрет на непријатната вистина на војната, Наполеон на бојното поле кај Ајлау раскинува со преовладувачкиот стил на неокласицизмот и била рано обележје во новото романтично движење.[6] Неговото влијание е очигледно во делата на француските уметници како Теодор Жерико и Ежен Делакроа, и двајцата пионери на романтизмот.Сл[8]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 Rickard, J. „Battle of Eylau“. History of War. Посетено на 26 March 2017.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Beorn, Cadet. „French Cavalry at Eylau, 1807 and Napoleon's Cavalry Doctrine“. Napoleon Series. Посетено на 26 March 2017.
- ↑ Jensen, Nathan D. „Battle of Eylau“. French Empire. Посетено на 26 March 2017.
- ↑ Hawkins, Jenkins. „Napoleon Vs Russia: Battle of Eylau“. Warfare History Network. Архивирано од изворникот на 2019-04-17. Посетено на 26 March 2017.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 Huguenaud, Karine. „NAPOLEON VISITING THE BATTLEFIELD AT EYLAU, 9 FEBRUARY, 1807“. Napoleon Foundation. Посетено на 26 March 2017.
- ↑ 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 Vergnette, François de. „Napoleon at the Battle of Eylau“. Louvre. Архивирано од изворникот на 2023-12-15. Посетено на 26 March 2017.
- ↑ 7,0 7,1 „Napoleon on the Battlefield of Eylau, 1807“. Web Gallery of Art. Посетено на 26 March 2017.
- ↑ Празен навод (help)