Прејди на содржината

Роман III Аргир

Од Википедија — слободната енциклопедија
Роман III Аргир
Ρωμανός Γ΄ Αργυρός
Цар на Источното Римско Царство
Сребрен милиаресион на Роман III.
Византиски цар
На престол15 ноември 1028 – 11 април 1034
ПретходникКонстантин VIII
Зоја Порфирогенита
НаследникМихаил IV Пафлагонецот
Роден(а)968
СопружникЗоја Порфирогенита
ДинастијаМакедонска династија (преку брак)

Роман III Аргир (968 - 11 април 1034) — византиски цар од Македонската династија кој владеел од 15 ноември 1028 г. сè до неговата смрт на 11 април 1034 г. Познат е како основач на некогашниот Св. Ѓорѓи Скоропостижник (Виргински манастир) во Скопје, урнат од Турците во 1436 г. и на чие место е изградена Султан-муратовата џамија.

Стекнување царска власт

[уреди | уреди извор]

Прашањето за наследството на престолот се поставило мошне остро бидејќи стариот цар Константин VIII немал машки деца. Неговата најстара ќерка Евдокија, заболена и осакатена од сипаници, се закалуѓерила уште на млади години. На двете помлади ќерки Зоја и Теодора, иако веќе биле во повозрасно доба, им преостанала значителната улога во византиската историја на следните децении. За чудо, Константин VIII дури на смртниот одар се сетил да омажи една од нив и да и избере достоен епарх. Неговиот избор паднал на цариградскиот епарх Роман Аргир. Позицијата на цариградскиот епарх секогаш била сметана за особено почесна. Во XI век неговото значење се зголемувало. Уште во „Книгата за церемониите“ на Порфирогенит се вели дека епархот е татко на градот, но дури подоцна, Михаил Псел, писателот на XI век, ќе рече дека тоа е царска функција на која и недостатува само царски порфир. Како носител на ова високо удостоение и како претставник на едно од најугледните магнатски семејства, Роман Аргир бил најистакнатиот претставник на цариградското чиновничко благородништво. На 12 ноември 1028 година, тој се венчал со педесетгодишната Зоја, а три дена потоа, по смртта на Константин VIII, стапил на престолот.[1]

Владеење

[уреди | уреди извор]

Влијание

[уреди | уреди извор]

Роман III Аргир бил типичен аристократ, мошне образован и, иако веќе шеесетгодишник, со сè уште привлечен надворешен изглед. Државничките способности целосно му недостасувале но, како вистински епигон, полн со суета, тој се огледал на големите цареви од славното Римско и Источно Римско минато. Еднаш го подражавал Марко Аврелиј и водел филозофски разговори, другпат го земал за пример Јустинијан и се занимавал со величествени градби, третпат се огледувал на Трајан и, вообразувајќи дека бил голем војсководец, слава барал и на бојното поле, додека најпосле не бил отрезнет од тежок пораз во еден поход во Сирија. Ситуацијата ја спасил истакнатиот војсководец Георгиј Манијакис, кој тука првпат стапил на историската сцена. Тој во повеќе наврати ја поразил непријателската војска, ја зазел Едеса (1032) и со тоа уште еднаш ја потврдил надмоќта на Византија.[2]

Поддршка на аристократијата

[уреди | уреди извор]

Роман Аргир отворено се одрекол од антиаристократската политича на Василиј II и тоа е историско најважна црта на неговото кратко, инаку, беззначајно владеење. Под притисок на благородништвото тој го отповикал алиленгионот, даночниот додаток за напуштената селска земја, кого Василиј II им го наметнал на велепоседниците. Со тоа конечно бил укинат системот кој првин по облик на епибола а потоа во облик на алиленпија, ја чинел битната особина на византиското даночно уредување. Селаните не можеле, а велепоседниците не сакале па плаќаат даночен додаток. А царот Роман III, не смеел ниту да помисли, како Василиј II, да им се спротивстави на интересите на големците. Постарите закони со кои на велепоседниците им се забранувало стекнување на селански и војнички имоти, не биле навистина официјално отповикани, и совесните судии сè уште нив ги сметале како важечко право. Но било доволно и тоа што издавањето на закони против порастот на велепоседништвото после Василиј II оддеднаш целосно било сопрено. Зошто ако многубројните наредби од X век, и покрај својата острина, не можеле да го спречат преминот на селанските и војничките имоти во рацете на благородништвото, сега при благонаклоно пасивниот став на владата, ширењето на велепоседништвото зело целосен замав. Борбата меѓу централната власт и феудалната аристократија, која се водела во текот на цел век, завршила, во политички и во стопански поглед, со одлучна победа на великодостојниците. Велепосеништвото без пречки се побрзо растело на сметка на селанските парици на благородничките и на манастирските имоти. Тоа бил крајот на здравиот систем врз кого, почнувајќи од VII век се темелела моќта на Византиското царство.[3]

Меѓу царот Роман III и царицата Зоја подолго време постоела длабока неслога. Откако дошол до царската круна, Роман Аргир не покажувал веќе никакво интересирање за старата царица, почнал да ја запоставува, па дури и ги скусил и паричните средства. Меѓутоа, царицата Зоја, која штотуку почнала да ужива во радостите на тој живот, не допуштила лесно да биде елиминирана. Нејзиниот поглед се запрел на младичот Михаил, селанец од Пафлагонија, кого неговиот брат, влијателниот дворјанин евнухот Јован Орфанотроф, го вовел во Геникејот на царскиот двор. Бидејќи како евнух и калуѓер не можел сам да претендира на царската круна, тој решил да му ја осигура на неговиот брат. И итриот евнух не се излажал во својата сметка: Зоја се заљубила во убавиот младич со сиот жар на задоцнетите страсти. И така се случило што Роман III, на 11 април 1034 г., одненадеж умрел во бања. Истиот ден царицата се омажила за својот млад љубовник и тој се качил на престолот како цар Михаил IV.[4]

  1. Г. Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр. 386-387.
  2. Острогорски, стр. 387
  3. Острогорски, стр. 387-389.
  4. Острогорски, стр. 389.