Прејди на содржината

Светски економски форум

Од Википедија — слободната енциклопедија

Светски економски форум (англиски: World Economic Forum) - меѓународна непрофитна фондација, со седиште во Швајцарија. Секоја година, оваа организација го одржува познатиот самит во градот Давос.

Лого на Светскиот економски форум

Историјат

[уреди | уреди извор]

Фондацијата е основана во 1971 година од Клаус Шваб, професор по бизнис на Универзитетот во Женева. Првобитното име на фондацијата било Европски менаџмент форум, а во 1987 година била наречена Светски економски форум. Во 2015 година, таа била признаена како меѓународна организација за јавно-приватна соработка.

Мисија и организација

[уреди | уреди извор]

Мисијата на Светскито економски форум е „посветеност кон подобрување на состојбите во светот преку ангажман на бизнис, политичките, академските и други водачи во општеството за обликување на глобалните, регионалните и индустриските агенди“. Светскито економски форум има седиште во Швајцарија, како и четири канцеларии во: Њујорк, Пекинг, Токио и Сан Франциско. Канцеларијата во Сан Франциско била отворена во 2016 година, со цел да ги покрива прашањата поврзани со т.н. четврта индустриска револуција.

Со фондацијата управува Одбор составен од истакнати светски претставници од бизнисот, политиката, академскиот свет и граѓанското општество. Притоа, членовите на Одборот не ги застапуваат личните интереси, туку се грижат за мисијата и вредностите на фондацијата. Светскиот економски форум има 1.000 членки, а тоа се големите светски компании со годишен промет над пет милијарди долари. Принципот на членство бил воведен во 1976 година. Фондацијата се финансира од своите членки, а годишната членарина е поставена скалесто според степенот на активност на членките. На пример, членките кои имаат статус „стратешки партнер“ плаќаат членарина од 600.000 швајцарски франци.[1]

Активности

[уреди | уреди извор]

Светскиот економски форум организира бројни средби на кои учествуваат директори на големи светски компании, амбасадори, претседатели и премиери на држави, новинари, универзитетски професори итн. Притоа, фондацијата организира бројни иницијативи од областа на здравјето, образованието, борбата против корупцијата, заштитата на животната средина итн. Во 2017 година започнала Коалицијата за иновации за подготвеност во однос на епидемии, која со финансиска поддршка од околу половина милијарда долари (обезбедени од владите на Германија, Јапонија и Норвешка, како и Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс) има за цел да обезбеди вакцини за борба против глобалните епидемии. Исто така, Форумот издава и разни извештаи, како: Извештајот за глобалната конкурентност, извештаите за глобалниот туризам, за глобалните ризици, за глобалниот јаз меѓу родовите итн. Најпозната активност на Форумот се средбите што ги организира, вообичаено шест до осум средби годишно, кои се одржуваат на различни континенти. Сепак, најпознат е годишниот самит во Давос на кој може да се учествува само со посебна покана.[1]

  1. 1,0 1,1 Кирко Бошкоски, „Светскиот економски форум во Давос - Глобална платформа за подобро утре“, Економија и бизнис, година 18, број 225, март 2017, стр. 73-75.