Серам
Pulau Seram | |
---|---|
Карта на Серам | |
Географија | |
Место | Југоисточна Азија |
Координати | 3°08′S 129°30′E / 3.133° ЈГШ; 129.500° ИГД |
Архипелаг | Молучки Острови |
Површина | 17.100 км2 |
Највисоко место | 3.027 м |
Највисока точка | Бинаја |
Држава | |
Индонезија | |
Покраина | Малуку |
Намесништва | Централно Малуку, Источен Серам, Западен Серам |
Демографија | |
Население | 434.113 (2010) |
Густина | 25,4 /km2 (658 /sq mi) |
Дополнителни податоци | |
Часовен појас |
|
Серам (индонезиски: Pulau Seram) — најголем и главен остров во покраината Малуку во Индонезија. Се наоѓа веднаш на север од помалиот остров Амбон и други соседни острови како Сапаруа, Харуку, Нуса Лаут и архипелагот Банда.
Географија и теологија
[уреди | уреди извор]Низ островот минува централен планински венец чија највисока планина Бинаја (3.027 м) е покриена со густи дождовни шуми. Местото има извонредно сложена геологија бидејќи се наоѓа на спој од неколку тектонски микроплочи, опишан како „едно од тектонски најсложените места на светот“.[1] Плочата на која лежи Серам се свртила за 80° во последите 8 милиони години[2] од релативно побрзото движење од микроплочата на Папуа. Заедно со северно насоченото туркање на Австралиската Плоча, ова е одговорно за издигањето на високите планини во северно-централниот дел на островот. На серам има важни карстни подрачја. Во планините кај Савај е пештерата Хату Сака, најдлабока во Индонезија (-388 м). Во округот Танивел на северниот брег тече понорницата Сапалева, една од најголемите подземни реки на светот.[3][4][5]
Населението на островот и соседните мали острови во 2020 г. броело 773.459 жители.[6] Поделено е на три намесништва (kabupaten) — Централно Малуку (204.907 жители на самиот Серам[7] и 218.185 на помалите острови, највеќето од островот Амбон), намесништвата Западен Серам и Источен Серам.[8]
Екологија
[уреди | уреди извор]Островот Серам е исклучителен по ендемизмот на неговите птици.[9] На него има 117 видови птици; 14 видови и подвидови се ендемски: благороден, големоклун и молучки кралски папагал, виолетовотило и црвено лори, молучко какаду, серамска кукувија, ѓерданесто, свето и лазурно рибарче, серамски сколовранец, отмена овоштарка, серамска жолна, метален сколовранец и серамски медојад.[10]
Од цицачите на островот се застапени азиските глувци и австралазиските торбари како дамчестиот кускус и неколку други кускуси од родот Phalanger. Планинските делови имаат повеќе ендемски цицачи од било кое место во регионот. Тука живеат 38 видови цицачи, од кои 9 се ендемски или речиси ендемски, а неколку живеат само во планински средини. Такви се серамскиot бандикот, неколку лилјаци како молучката и серамската летечка лисица, потоа мануселскиот мозаичноопашен стаорец, серамскиот бодликав стаорец и серамскиот стаорец. Сите овие се под закана.[11]
Влекачите се мошне распространети на островите. Најголемиот и најопасен по човекот е морскиот крокодил, кој живее во крајбрежните соленикави води и речните делти; некои стасуваат во внатрешноста преку водотеци како реката Салавај. Други влекачи се амбонскиот едрен гуштер, долгоопашестата агама, кафеавата бојага, смарагдниот скинк, зелената морска желка, индонезискиот синојазичар, молучката летечка змија и геконот токе, како и разни други гекони и скинкови. Од водоземците застапени се жабата фејерварја, чаталојазичните жаби и амбонската и џиновската гаталинка.[12]
На источниот дел од островот се наоѓа националниот парк „Манусела“, кој зафаќа површина од 1.890 км2 (11 % од островот).[10]
Историја
[уреди | уреди извор]Највеќето жители на централно Малуку го сметаат Серам за нивна прататковина и до денес разговорно го нарекуваат Нуса Ина (Мачјин Остров).[13][14] Во XV и XVI век Серам бил под влијание на Тернате, но под непосредна управа на Буру, вазална држава на Тернате. Првите Европејци на островот биле членовите на кспедицијата на Антонио де Абреу (како капетан) и Франсиско Сераун, кои го истражиле целиот јужен брег на Серам на почетокот на 1512 г.[15] Таму во XVI век дејствувале и португалски мисионери. На почетокот на XVII век биле отворени холандски трговски испостави, па околу 1650 г островот прешол под номинална контрола на Холандија. Султанатот Тидоре повремено поалгал право на Серам, и од 1700 до 1768 г. имал сизеренство на источниот дел на Островот. во 1780-тите Серам бил упориште на тидорскиот султан Нуку во неговиот долготраен бунт против Холанѓаните.[16] Од 1954 до 1962 г. во планинските краишта на островот се одвивале герилски борби против индонезиската држава од контрареволуционерната Република Јужно Малуку предводена од Крис Соумокил.
Административна поделба
[уреди | уреди извор]Серам е поделен на три намесништва од покраината Малуку, макар што секоја од нив опфаќа и други помали острови во соседството на Серам.
- Западен Серам (Kabupaten Seram Bagian Barat) — сместено главно на островот Серам, но ги опфаќа и островите на запад од него — Манипа, Келанд, Боано и помалите Баби, Пуа и Марсегу. Зафаќа површина од 6.948 км2 и брои 212.393 жители (2020);[17] Главно населено место е Пиру.
- Централно Малуку (Kabupaten Maluku Tengah) — во средишниот дел на Серам и голем дел од островот Амбон (освен градот Амбон кој ја сочинува јужната половина на тој остров), островите Лејасе (Сапаруа, Харуку, Нуса Лаут) и некои помали острови, како и архипелагот Банда на југ. Седиште е Масохи. Зафаќа површина од 11.595 км2 и има 423.094 жители (2020); тука не се вбројува градот Амбон, кој административно не му припаѓа на намесништвото. Делот од намесништвото што се наоѓа на самиот Серам зафаќа 10.680 км2, и има 213.694 жители (2023).[18]
- Источен Серам (Kabupaten Seram Bagian Timur) — претежно на островот Серам, но опфаќа и помали острови на југоисток во склоп на архипелазите Гором и Ватубела. Зафаќа површина од 5.779 км2 и брои 137.972 жители (2020).[17] Главно населено место е Була. Без архипелазите Гором и Ватубела, главнината на Источен Серам зафаќа површина од 5.577 км2 и има 92.500 жители (2023).
Религија
[уреди | уреди извор]Позната верска практика на Серам е анимозмот на Алфурци (или Нуаулуанци), западномеланезиски народ кои го задржале обичајот на ловење глави сè до 1940-тите.[19] Денес највеќето жители на островот се муслимани или христијани, што се должи на преобраќањето и подоцнежните доселувања. Серам бил погоден од насилниот меѓуверски судир (1999-2002) што ја зафатил покраината Малуку, што довело до илјадници обездомени лица ширум покраината.[20] Иако оттогаш Серам е мирно место, гратчињата како Масохи неформално се поделени на христијански и муслимански дел. Околу 7.000 припадници на племето Манусела се хиндуисти.[21]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Важни производи на островот се копрата, смолата, сагото и рибите. На североистокот кај Була се произведува нафта.[22]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Cooper, Ian. „Seram Geology“. Архивирано од изворникот на 6 јануари 2002.
- ↑ Linthout, Kees; Hendrik Helmers (јануари–февруари 1994). „Pliocene obducted, rotated and migrated ultramafic rocks and obduction-induced anatectic granite, SW Seram and Ambon, Eastern Indonesia“. Journal of Southeast Asian Earth Sciences. 9 (1–2): 95–109. Bibcode:1994JAESc...9...95L. doi:10.1016/0743-9547(94)90068-X.CS1-одржување: датумски формат (link)
- ↑ Baroncini-Turricchia, Guido; Benassi, Andrea (2012), Cave and Karst Prospecting within Seram Island (Maluku Province) Indonesia, Посетено на 2 јануари 2016
- ↑ Benassi, Andrea (2015), Seram 2015: Seram Barat, Maluku, Indonesia Sapalewa
- ↑ Benassi, Andrea; Pasquini, Thomas (јуни 2017). „Seram: l'isola dei fiumi perduti“ [Seram: The island of lost rivers]. Speleologia (италијански). Бр. 76. стр. 34.
- ↑ Badan Pusat Statistik, Jakarta, 2021. Во оваа бројка не е вклучено населението на градот Амбон.
- ↑ „Hasil Sensus Penduduk 2010 : Agregat Data per Kecamatan“ (PDF). Sp2010.bps.go.id. Посетено на 21 септември 2013.
- ↑ „Statistics Indonesia“. Bps.go.id. Архивирано од изворникот на 21 септември 2013. Посетено на 20 септември 2013.
- ↑ BirdLife International: Saving Asia's threatened birds Архивирано на 30 ноември 2010., 2003, посет. 19 мај 2010 г
- ↑ 10,0 10,1 „Manusela National Park“. Indonesian Ministry of Forestry. Архивирано од изворникот на 26 декември 2010. Посетено на 19 мај 2010.,
- ↑ „Seram rain forests“. Земски екорегиони. Светски фонд за природа (WWF). (англиски)
- ↑ „Observations – Saram Bagian Barat (location)“. iNaturalist. Посетено на 22 мај 2023.
- ↑ „Homepage“. Ema-huaresi.com. Архивирано од изворникот на 21 септември 2013. Посетено на 20 септември 2013.
- ↑ Lonely Planet Indonesia 7th Edition, page 840
- ↑ Cortesão, Armando (1944). The Suma Oriental of Tomé Pires: an account of the east, from the Red Sea to Japan, written in Malacca and India in 1512–1515/The Book of Francisco Rodrigues rutter of a voyage in the Red Sea, nautical rules, almanack and maps, written and drawn in the east before 1515. The Hakluyt Society. ISBN 9788120605350.
- ↑ Widjojo, Muridan. 2009. The Revolt of Prince Nuku; Cross-cultural Alliance-making in Maluku C. 1780-1810. Leiden: Brill.
- ↑ 17,0 17,1 Badan Pusat Statistik, Jakarta, 2021.
- ↑ Badan Pusat Statistik, Jakarta, 28 February 2024, Kabupaten Maluku Tengah Dalam Angka 2024 (Katalog-BPS 1102001.8101)
- ↑ Lonely Planet Indonesia, 8th edition p762
- ↑ „Indonesia“. Human Rights Watch. Посетено на 20 септември 2013.
- ↑ Напомена: дефиницијата за „хиндуизам“ во индонезија е сложена правна работа; ова е општ поим за сите неисламски и нехристијански вери, што значи секоја паганска вера. Сепак, ова не значи дека во основа тие вери не се поврзани со хиндуизмот.
- ↑ „Oil“. Seram Non-Bula Block, Indonesia. CITIC Resources Holdings Limited. Архивирано од изворникот на 19 април 2013.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Серам на Ризницата ?
- Серам — Енциклопедија Британика (англиски)
|
|