Прејди на содржината

Филозоф

Од Википедија — слободната енциклопедија
Атинската школа (1509–11) од Рафаел, на која се прикажани разни антички филозофи како разменуваат мисли.

Филозоф — во поширока смисла, лице што се занимава со изучување на филозофијата. Поимот доаѓа од старогрчки: φιλόσοφος (филозофос), што значи „вљубеник во мудроста“. Се смета дека поимите „филозоф“ и „филозофија“ прв ги вовел античкиот мислител Питагора.[1]

Поим и одлики на философот

[уреди | уреди извор]

Во потесна смисла, философ е секој интелектуалец со свои придонеси на некое поле на философијата, како што е естетиката, етиката, епистемологијата, логиката, метафизиката, општествената теорија и политичката филозофија. Философ, во некогашна смисла, може да биде и некој што работи во областа на општествените и други науки кои низ вековите се одвоиле од самата философија; такви се уметностите, историјата, економијата, социологијата, психологијата, лингвистиката, антропологијата, теологијата и политиката.

Во класична смисла, философ е човек кој го живее живот на извесен начин, кој се занимава егзистенцијалните прашања за човечката состојба, а не некој кој расправа за теориите или мислењата на други автори.[2] Најдобар пример на таквата посветеност на живеење на животот според своите убедувања се старогрчките мислители. Во обете дефиниции, философите се посветуваат на ваквите прашања со критички, систематички и промислен приод.

Според италијанскиот поет Џакомо Леопарди, исто како поетот, и философот може да биде оригинален и да се разликува од останатите философи по тоа што на различен начин расправа за истите вистини. Во тој поглед, философот може да стане различен и изворен, и тоа, како во поглед на останатите луѓе, така и во поглед на самиот себе.[3] Фридрих Ниче го сфаќа философот како „некоја страшна експлозивна материја, пред која е сè во опасност“, велејќи дека неговиот поим на философот е многу далеку од поимот кој ги вклучува Кант или академските философи.[4] Во своето дело, „Пофалба на глупоста“, Еразмо Ротердамски вели дека философите се некорисни не само за извршување на јавните функции, каде личат на магаре што свири на флејта, туку тие се некорисни и во приватниот живот во кој повеќе личат на трупци отколку на луѓе. Оттука, философите не се корисни ниту за себе, ниту за татковината. Токму поради тоа непознавање на материјалниот и на духовниот живот на заедницата, философите ја навлекуваат врз себе општата омраза.[5]

Историја

[уреди | уреди извор]

Стара Грција и Рим

[уреди | уреди извор]

Иако Питагора е човекот што го вовел поимот, Платон е првиот што се осврнал на љубовта кон мудроста. Во делото Гозба, тој заклучува дека љубовта е израз на отсуство на нешто посакувано. Така, филозофот е тој што ја бара мудроста, а кога ќе ја најде, истиот станува мудрец. Филозофот во Стариот Свет е човек во постојана потрега по мудроста, кој настојува да живее во склад со таа мудрост. Разни мислители имале своја претстава за тоа што значи да се живее мудро, и оттука настанале разните филозофски школи или традиции. Секој антички филозоф подучувал во рамките на својата традиција.

Средновековие

[уреди | уреди извор]
Свети Кирил, познат како „Константин Филозоф“

Во средниот век, поимот филозоф се однесувал на секој што се занимава со академска дејност и кој предава на големите школи или универзитети. Значаен пример за тоа е македонскиот светител Кирил, кој го добил името „Константин Филозоф“ поради неговата истакната работа како професор по филозофија на Цариградскиот универзитет[6].

Во XIV век, зборот „филозоф“ можел да има и значење на некој што води монашки живот, вон досегот на материјалниот свет.

Во подоцнежниот дел на средновековието, филозофи биле нарекувани и оние што се занимаваат со алхемија, па затоа го имаме познатиот Камен на мудроста, кој е алхемиска супстанција.[7]

Ран нов век

[уреди | уреди извор]

Многу од филозофите на раниот нов век сè уште иле плод на класичната традиција, и на својата филозофија гледале како на начин на живот. Меѓу најзнаменитите мислители од ова време се вбројуваат Рене Декарт, Барух Спиноза, Никола Малбранш и Готфрид Вилхелм Лајбниц. Со појавувањето на универзитетите во современа смисла се изменило и поимувањето за тоа што значи да се биде филозоф и го добило денешниот облик. Почнувајќи од филозофи на XVIII век се школувале на универзитети и работеле на нив, разработувајќи ја својата мисла и предавајќи на студенти. Меѓу првите примери за вакви филозофи се Имануел Кант, Јохан Готлиб Фихте, Фридрих Вилхелм Јозеф Шелинг и Георг Вилхелм Фридрих Хегел. Ова продолжило од тој период, па сè до денес, со извесни исклучоци како Артур Шопенхауер и Фридрих Ниче. Последниот значаен филозоф кој немал академска спрема бил Лудвиг Витгенштајн.[8]

Современа дејност

[уреди | уреди извор]

Во денешницата, оние со постипломски степен на образование во филозофијата често остануваат во образовните установи. Според истражувањето спроведено во 1993 г. во САД, 77,1% од 7.900-те доктори по филозофија биле вработени во академските установи. Вон тоа, филозофите може да работат и во други области, каде се потребни нивните мислечки и творечки способности: во медицината, биоетиката, деловното работење, издаваштвото, како хонорарни публицисти, во медиумите и во правото.[9]

Философите како тема во уметноста и во популарната култура

[уреди | уреди извор]

Философите се јавуваат како тема во бројни дела од уметноста и популарната култура, како:

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. φιλόσοφος. Henry George Liddell, Robert Scott. A Greek-English Lexicon - Perseus Project
  2. Пјер Адо, Внатрешната крепост. стр. 4
  3. Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, стр. 112.
  4. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 97.
  5. Erazmo Roterdamski, Pohvala ludosti. Beograd: Rad, 2016, стр. 32-33.
  6. „Денеска е Св. Кирил и Методиј“. Република. 24 мај 2015. Посетено на 14 ноември 2015.[мртва врска]
  7. „Online Etymology Dictionary“. etymonline.com.
  8. A. C. Grayling. Wittgenstein: A Very Short Introduction. Oxford University Press, 2001. стр. 15
  9. APA Committee on Non-Academic Careers (June 1999). „A non-academic career?“ (3. изд.). American Philosophical Association. Посетено на May 24, 2014.
  10. Марко Цепенков, Три вреќи лаги. Скопје: Мисла, 1967, стр. 89-90.
  11. Томас Бернхард, Имитатор на гласови. Скопје: Темплум, 2008, стр. 13.
  12. Томас Бернхард, Имитатор на гласови. Скопје: Темплум, 2008, стр. 143-144.
  13. Томас Бернхард, Имитатор на гласови. Скопје: Темплум, 2008, стр. 48.
  14. Емброуз Бирс, Басни. Скопје: Темплум, 2016, стр. 40.
  15. Јован Јовановиħ Змај, Краљевина Лаждишажди. Београд: Просвета, 1963, стр. 19.
  16. Јуриј Мамлеев, Вампир-психопат, Темплум, Скопје, 2022, стр. 85-93.
  17. Tadeuš Ruževič, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg / Čigoja štampa, 2013, стр. 250-252.
  18. Tadeuš Ruževič, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg / Čigoja štampa, 2013, стр. 265.
  19. YouTube, John Cale - The Philosopher (1972) (пристапено на 19.2.2018)