Холштајн
Холштајн (германски: Holstein, севернодолносаксонски: Holsteen, дански: Holsten, латински: Holsatia) — област помеѓу реките Елба и Ајдер, дел од денешната Шлезвиг-Холштајн, најсеверна сојузна покраина во Германија.
Холштајн некогаш постоел како Грофовија Холштајн (германски: Grafschaft Holstein; 811–1474), подоцна Војводство Холштајн (германски: Herzogtum Holstein; 1474–1866) и бил најсеверната територија на Светото Римско Царство. Историјата на Холштајн е блиску поврзана со историјата на данското Војводство Шлезвиг. Главен град на Холштајн е Кил.
Името на Холштајн доаѓа од Холцетае (Holcetae), саксонско племе споменато од Адам од Бремен што живееле на северниот брег на Елба, западно од Хамбург. Името значело „жители во дрво“ (северодолносаксонски: Hol(t)saten; германски: Holzsassen).
Историја
[уреди | уреди извор]Потекло
[уреди | уреди извор]По Големата преселба на народите во раниот среден век, Холштајн бил погранична област помеѓу Нордалбингија (дел од Стара Саксонија) на брегот на Северното Море, земјата на словенските Вагри кои припаѓале на Ободритите на брегот на Балтичкото Море и земјата на Данците во Јитланд.
Со освојувањето на Стара Саксонија од Карло Велики околу 800 година, земјата северно од реката Ајдер ја доделил на Данците со договорот во Хајлиген потпишан во 811 година. Остатокот на Холштајн бил даден на Ободритите, а саксонското население било пренесено на различни области на царството. По 814 година, Сасите се вратиле во Западен Холштајн. Вагрите биле избркани од Limes Saxoniae — новата граница водела од реката Елба близу Бојценбург на север долж реката Биле до устието на Швентине во Килскиот Фјорд и Балтичкото Море.
Грофовија Холштајн
[уреди | уреди извор]Новата Грофовија Холштајн била воспоставена во 1111 година; најпрвин била феуд на Војводството Саксонија, потоа на Војводството Саксо-Лауенбург и на крајот на Епископијата Либек. Со основањето на новата територијална единица, проширувањето на Истокот започнало и Вагрите конечно биле поразени во 1138 година.
Грофовијата Холштајн била под власта на династијата Шаумбург; прв гроф бил Адолф I. Холштајн бил окупиран од Данска по Битката кај Штелау (1201), но бил повторно освоен од грофот на Шауенбург и неговите сојузници во Битката кај Борнхевед (1227).
Поделба на Грофовијата Холштајн (1111–1474)
[уреди | уреди извор]Грофовите на Шауенбург и Холштајн го делеле Холштајн неколкупати помеѓу синовите наследници; биле создадени шест линии, именувани по градовите на нивните резиденции:
- Холштајн-Ицехо — грофовија помеѓу 1261 и 1290 година, одделено од Холштајн, повторно делено на Холштајн-Пинеберг, Холштајн-Плен и Холштајн-Рендсбург
- Холштајн-Кил — грофовија помеѓу 1261 и 1390 година, одделена од Холштајн, во 1273 година Холштајн-Зегеберг (прв) било одделена од Холштајн-Кил, но била вратена во 1308 година, но потоа предадена на Холштајн-Пинеберг, Холштајн-Плен и Холштајн-Рендсбург во 1316 година; Холштајн-Кил го припоил Холштајн-Плен во 1350 година и самата се споила со Холштајн-Рендсбург
- Холштајн-Пинеберг — грофовија помеѓу 1290 и 1640 година, одделена од Холштајн-Ицехо, добила дел од Холштајн-Зегеберг во 1316 година, се споила со Војводството Холштајн
- Холштајн-Плен — грофовија помеѓу 1290 и 1390 година, одделена од Холштајн-Ицехо, добила дел од Холштајн-Зегеберг во 1316 година, се споила со Холштајн-Кил
- Холштајн-Рендсбург — грофовија помеѓу 1290 и 1474 година, одделена од Холштајн-Ицехо, добила дел од Холштајн-Зегеберг (прв) во 1316 година и Холштајн-Кил во 1390 година, во 1381/1384 година Холштајн-Зегеберг (втор) била одделена од Холштајн-Рендсбург, но вратена во 1403 година, се издигнала на војводство во 1474 година
- Холштајн-Зегеберг (прв) — грофовија помеѓу 1273 и 1308 година, одделена од и вратена на Холштајн-Кил, но освоена од сојузничкото Холштајн-Пинеберг, Холштајн-Плен и Холштајн-Рендсбург, кои го поделиле Зегеберг на три дела во 1316 година
- Холштајн-Зегеберг (втор) — грофовија помеѓу 1381/1384 и 1403 година, одделена од и вратена на Холштајн-Рендсбург
Во 1386 година кралот Олаф II на Данска и неговата мајка регент, кралицата Маргарет I, го назначила во Ниборг Герхард VI, грофот на Холштајн-Рендсбург, и неговите наследници за војвода на Шлезвиг.[2] Така, тој станал Герхард II, војвода на Шлезвиг. До 1390 година, линијата Рендсбург по наследство ги добила сите линии освен онаа на Холштајн-Пинеберг.
Кога линијата Холштајн-Рендсбург на грофовите Шауенбург исчезнала со смртта на Адолф VIII од Холштајн-Рендсбург (и во личен сојуз како Адолф I, војвода на Шлезвиг) во 1459 година, Кристијан I на Данска го наследил — поради вујко му Адолф I — Војводството Шлезвиг, дански феуд. Со Договорот во Рибе (1460) Кристијан бил избран за гроф на Холштајн-Рендсбург, тогаш сè уште подфеуд на Саксо-Лауенбург во рамките на Светото Римско Царство.
Војводство Холштајн
[уреди | уреди извор]Во 1474 година, лауенбуршкиот земјопоседник царот Фридрих III го издигнал Кристијан I од гроф на Холштајн-Рендсбург во војвода на Холштајн, така станувајќи непосреден царски вазал. Војводството Холштајн останало со таков статус до распуштањето на Царството во 1806 година.
Поделба на Војводството Холштајн
[уреди | уреди извор]Во 1490 година, Војводството Холштајн било поделено на Холштајн-Зегеберг и Холштајн-Готорп. Холштајн-Зегеберг останало со данскиот крал и било исто така познато како „кралски Холштајн“; подоцна станало познато како Холштајн-Гликштат. Холштајн-Готорп, исто така познат како „војводски Холштајн“, било доделено на линија на олденбуршката династија, на која припаѓале кралевите на Данска.
Помеѓу 1533 и 1544 година, кралот Кристијан III ги владеел двете војводства, Холштајн и Шлезвиг, во име на тогаш сè уште малолетните негови полубраќа Јохан II и Адолф. Во 1544 година тие ги поделиле војводствата Холштајн (феуд на Светото Римско Царство) и Шлезвиг (дански феуд) на необичен начин, по преговори помеѓу браќата и советите на војводствата, кои завршиле во 1460 година со договорот во Рибе и тоа без фактичка поделба. Постарите тројца браќа го одредиле нивниот најмлад брат Фредерик како лутерански администратор на црковната држава во рамките на Светото Римско Царство.[3]
Така, приходите на војводствата биле поделени на три еднакви делови, одредувајќи кои приходи припаѓаат на одредени области и совети на секој од постарите браќа, додека другите општи приходи, како даноците од градовите и царинските такси, биле собирани заедни, но подоцна делени помеѓу браќата. Советите, чии приходи биле одредени на други, направиле Холштајн и Шлезвиг да изгледаат како закрпени, технички одвоени војводства. Секуларното владеење во фискално поделените војводства станало кондоминиум на страните. Војводите на Холштајн и Шлезвиг на двете династии ја носеле формалната титула „Војвода на Шлезвиг, Холштајн, Дитмарш и Штормарн“. Трите дела обично биле нарекувани:
- Војводски дел Готорп во Холштајн и Шлезвиг, одделен од војводски Холштајн во 1544 година, припоил половина од делот на Хадерслев во 1580 година, се споил со кралскиот дел во 1773 година додека неговиот владетел за возврат го добил претходниот дански посед, Грофовијата Олденбург.
- Војводски дел Хадерслев во Холштајн и Шлезвиг, одделен од војводски Холштајн во 1544 година, поделен помеѓу Готорп и кралскиот дел во 1580 година.
- Кралскиот дел во Холштајн и Шлезвиг, припоил половина од делот на Хадерслев во 1580 година, Грофовијата Холштајн-Пинеберг во 1640 година и делот Готорп во 1773 година, така составувајќи го целиот Холштајн. Помеѓу 1648 и 1773 година, кралскиот дел се нарекувал Холштајн-Гликштат по неговото седиште Гликштат.
Името на династијата Холштајн-Готорп доаѓало од вообичаената употреба на техничко поточното „војвода на Шлезвиг и Холштајн во Готорп“. Адолф, третиот син на војводата и кралот Фредерик I и вториот најмлад полубрат на кралот Кристијан III, основале династиска линија наречена Холштајн-Готорп, која била линија на тогашната кралска олденбуршка династија. Данските монарси и војводи на Холштајн-Готорп владееле со обете војводства заедно како централна влада, меѓутоа нивните приходи ги собирале како одвоени субјекти. Јохан Постариот, војвода на Шлезвиг-Холштајн-Хадерслев, немал наследник, па поради тоа линијата прекинала на неговата страна.
Слично со гореспомнатиот договор, најмладиот син на Кристијан III, Јохан Помладиот, добил за себе и неговите наследници дел во приходите на Холштајн и Шлезвиг во 1564 година, третина од кралскиот дел, односно деветина од приходите на Холштајн и Шлезвиг гледано од фискална гледна точка. Меѓутоа, Јохан Помладиот и неговите наследници немале дел во заедничкото владеење, па така не носеле официјални титули.
Делот на Јохан Постариот, кој умре во 1580 година, бил преполовен помеѓу Адолф и Фредерик II, така зголемувајќи го кралскиот дел за шестина од Холштајн и Шлезвиг.[4]
Грофовијата Холштајн-Пинеберг, која останала одвоена територија во Холштајн додека не исчезнала неговата линија во 1640 година, била споен асо тогашниот кралски дел на Војводството Холштајн. Војводата на Холштајн-Готорп станал цар на Русија во 1762 година, како Петар III и планирал напад на Данска да ги поврати поседите на Холштајн-Готорп во Шлезвиг, кои биле освоени од данскиот крал во 1713 година. Иако Петар наскоро бил наследен од неговата жена, Катерина Велика, Данците решиле да се ослободат од овој проблем. ВО 1773 година, ја разменил Грофовијата Олденбург за поседите на Готорп во Холштајн, составувајќи го цел Холштајн под нивна контрола. Така, Холштајн бил повторно обединет во една држава.
Обединет Холштајн
[уреди | уреди извор]Со распуштањето на Светото Римско Царство во 1806 година, царскиот вазален статус на Холштајн бил прекинат. Така станал суверена држава. Поради неговиот личен сојуз со Данска, Војводството Холштајн не потпаднало под француска окупација во текот на Наполеоновите војни. Од 1815 година било член на Германскиот Сојуз, иако сè уште во личен сојуз со Данска (кралот на Данска бил и војвода на Холштајн).
По смртта на кралот Фредерик VII на Данска (олденбуршка династија) во 1863 година, наследувањето на Шлезвиг и Холштајн било оспорено. Новиот крал, Кристијан IX (династија Шлезвиг-Холштајн-Зондербург-Гликсбург, ракав на олденбуршката династија), го изнел своето барање за данскиот престол и покрај женската линија. Војводата на Августенборг, подалечен потомок од друга линија на олденбуршката династија, ги побарувал војводствата и наскоро Германскиот Сојуз, предводен од Прусија и Австрија, ја повела Втората шлезвишка војна со Данска, брзо поразувајќи ја во 1864 година и присилувајќи ја да ги предаде војводствата.
Меѓутоа, војводствата не биле дадени на војводата на Августенборг. Во 1865 година бил составен договор помеѓу Прусија и Австрија, со кој Австријците го окупирале и администрирале Холштајн, додека Прусите го правеле истото во Шлезвиг. Договорот бил прекинат со Австриско-пруската војна во 1866 година, која донела Шлезвиг и Холштајн да бидат припоени кон Прусија како Покраина Шлезвиг-Холштајн. Холштајн, во меѓувреме вклувајќи го поранешното војводство Саксо-Лауенбург (до 1876) и поранешниот Слободен и Ханзин Град Либек и Регион Либек (обете до 1937) стекнал државност, сега обединет со Шлезвиг, во 1946 година, кога британската окупациска влада ја издигнала покраината на држава Шлезвиг-Холштајн, по официјалното распуштање на Прусија во 1947 година.
Географија
[уреди | уреди извор]До 1864 година, Холштајн се граничел со Данска на север, Кнежевството Либек (порано Принц-Епископија Либек, енклава на Големото Војводство Олденбург), Слободниот и Ханзин Град Либек и Војводството Саксо-Лауенбург на исток, и Кралството Хановер и Слободниот и Ханзин Град Хамбург на југ. Исто така, се граничел со Северното Море на запад и Балтичкото Море на исток. Негов единствен поголем остров е Фемарн, првично дел од Војводството Шлезвиг до 1867 година.
Градови во Холштајн се Кил, Алтона, Гликштат, Рендсбург, Зегеберг, Хајлигенхафен, Олденбург во Холштајн и Плен. Опфаќа територија од 8.385 км².
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Се граничел со следниве држави (од запад надесно): Архиепископија Бремен (виолетова), дански Шлезвиг (портокалова), Епископија Либек (виолетова), Слободен Град Либек (жолта), Саксо-Лауенбург (зелена), Војводство Брауншвајг-Линебург (розова).
- ↑ Esben Albrectsen, "Das Abel-Geschlecht und die Schauenburger als Herzöge von Schleswig", Marion Hartwig and Frauke Witte (trls.), in: Die Fürsten des Landes: Herzöge und Grafen von Schleswig, Holstein und Lauenburg [De slevigske hertuger; German], Carsten Porskrog Rasmussen (ed.) on behalf of the Gesellschaft für Schleswig-Holsteinische Geschichte, Neumünster: Wachholtz, 2008, pp. 52-71, here pp. 63seq. ISBN 978-3-529-02606-5
- ↑ Во 1551 година, Фредерик станал администратор на Епископијата Хилдесхајм, добивајќи црковна и световна моќ и без световна моќ епископ на Шлезвиг.
- ↑ Cf. Carsten Porskrog Rasmussen, "Die dänischen Könige als Herzöge von Schleswig und Holstein", Frauke Witte and Marion Hartwig (trls.), in: Die Fürsten des Landes: Herzöge und Grafen von Schleswig, Holstein und Lauenburg [De slevigske hertuger; German], Carsten Porskrog Rasmussen (ed.) on behalf of the Gesellschaft für Schleswig-Holsteinische Geschichte, Neumünster: Wachholtz, 2008, pp. 73–109, here pp. 87seq. ISBN 978-3-529-02606-5
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|
|