Четврта книга Царства
„Четврта книга Царства“ — книга од Стариот завет.
Содржина
[уреди | уреди извор]Царот Охозиј се разболува, а пророкот Илија претскажува дека наскоро ќе умре. Тогаш, царот двапати испраќа војници да го фатата пророкот, но Господ ги убива со оган. На своите патувања, пророкот Илија е придружуван од Елисеј, а во една прилика, од небото слегува огнена кочија и така Илија се вознесува на небото. Тогаш, духот на Илија се преселува во Елисеј, кој почнува да прави чуда: прво, тој ја подобрува водата во Ерихон која не е добра за пиење, а потоа, кога му се потсмеваат децата во градот Ветил, наеднаш се појавува мечка која раскинува 42 деца. По смртта на царот Ахав, него го наследува син му Јорам, кој војува против Моавците, помогнат од јудејскиот цар, и ги поразува, разурнувајќи ја нивната земја. На една сиромашна вдовица, која нема пари да го врати долгот, пророкот Елисеј ѝ го умножува маслото кое таа го продава и така го враќа долгот. На друга жена, која го прима во својот дом и го храни, ѝ претскажува дека ќе роди син и тоа се остварува; меѓутоа, детето расте и наеднаш умира, а Елисеј го оживува. Следното чудо на Елисеј е кога своите ученици ги храни со малку храна која ја умножува. Во друга прилика, Елисеј го лечи сирискиот војвода Нееман, кој е болен од лепра; Елисеј одбива да земе поклон од војводата, а кога неговиот слуга го зема поклонот, лепрата преминува на него. Понатаму, кога сирискиот цар поставува заседа за еврејскиот цар, Елисеј дознава за тоа и го предупредува. Тогаш, сирискиот цар испраќа војници за да го заробат Елисеј, но тие ослепуваат, а Елисеј му ги предава на еврејскиот цар. Подоцна, сириската војска го опколува градот Самарија и во него настапува глад, а Елисеј најавува крај на гладот и утредента, сириската војска ја нема, а нивната храна им останува на Израилците. Во продолжение, Елисеј претскажува дека ќе настапи седумгодишен глад и дека ќе умре сирискиот цар. Во годините што следат се менуваат еврејските цареви, кои продолжуваат со гревовите и поради тоа постојано се напаѓани од сириската војска.[1]
Во согласност со некогашното пророштво на Илија, војводата Јуј се прогласува за цар и ги убива царот Јорам, синот на Ахав, а сопругата на Ахав, Језавела ја фрлаат од ѕидините, а нејзиното тело го јадат кучињата. Исто така, Јуј ги убива и 70-те синови на Ахав, како и сите негови големци и блиски роднини и така го истребува сето потомство на Ахав. Освен тоа, Јуј ги убива и браќата на јудејскито цар. Потоа, тој ги собира свештениците на богот Ваал и ги убива, и ги разурнува неговите светилишта. Меѓутоа, и Јуј отстапува од божјите закони и продолжува со гревовите на претходните цареви. По смртта на јудејскито цар Охозиј, мајка му Готолија го истребува сиот царски род, но слугите успеваат да скријат едно царско дете, а кога тоа ќе наполни седум години, народот го прогласува за цар, а потоа ја убива Готолија и ги уништува светилиштата на Ваал. Царот Јоас владее 40 години во Ерусалим при што го поправа божјиот храм, но подоцна го убиваат неговите соработници. Најпосле, Елисеј се разболува и умира, а подоцна, кога во неговиот гроб закопуваат еден мртовец, тој се допира до коските на пророкот и оживува.[2]
Поради грешниот живот, и следните владетели на Израилевите племиња и на Јудејците се казнети од Бога. Така, јудејскиот и Израилевиот цар војуваат меѓу себе, а во редовите на Израилевите цареви се случуваат чести преврати со насилна смена на власта. Покрај тоа, Израилевото царство и царството на Јудејците се постојано напаѓани од сириската и од асирската војска. Најпосле, Господ ги казнува Израилевите потомци за нивното непочитување на божјиет закони така што нив ги поробува асирскиот цар, кој го преселува еврејското население во Асирија, а еврејските градови ги населува со асирско население. Доселениците го почитуваат Господ, но истовремено им служат и на своите божества. Во тоа време, цар на Јудеја е Језекиј, кој постапува богоугодно и ги уништува светилиштата на идолите. Кога асирската војска го опсадува Ерусалим, пратениците на сирскиот цар го навредуваат Господ, а пророкот Исаија му ја пренесува на очајниот цар Језекиј дека асирската војска нема да го освои градот. И навистина, ноќта Господ ја уништува асирската војска чиј цар се повлекува во Нинива, а таму го убиваат неговите синови. По некое време, царот Језекиј смртно се разболува, но Господ се смилува на неговите молитви и тој наеднаш оздравува. Меѓутоа, Исаија му претскажува дека неговите потомци ќе бидат поробени од Вавилонците.[3]
По смртта на јудејскиот цар Језекиј, него го наследува син му Манасиј, кој прави големи гревови: пролева невина крв, ги обновува светилиштата на туѓите идоли итн., поради што навлекува гневот на Господа, кој се заканува дека сурово ќе ги казни Јудејците. И неговиот син, царот Амон, продолжува со грешниот живот, а него го наследува царот Јосиј, кој води богоудобен живот и го поправа божјиот храм. Неговиот првосвештеник ја пронаоѓа книгата на божјиот завет и тогаш царот Јосиј ги чита божјите заповеди пред насобраниот народ. Потоа, тој ги уништува сите туѓи светилишта, идоли и споменици, ги убива свештениците на туѓите божества, гатачите и маѓепсниците и повторно го воведува празникот Пасха. Поради тоа, Господ се смилува и ја одложува својата казна. Подоцна, царот Јосиј е убиен во борбата против египетскиот цар, а неговите наследници продолжуваат со грешниот живот. Во тоа време, вавилонскиот цар Навуходоносор го зазема Ерусалим, го заробува царот Јехониј заедно со неговото семејство, а повеќето жители на градот ги преселува во Вавилон. Навуходоносор назначува нов цар на Ерусалим, но подоцна го опсадува градот, го ослепува царот Седекиј, ги убива неговите синови, а него го носи окован во Вавилон. Вавилонците го палат Ерусалим, ги уништуваат неговите ѕидови и божјиот храм, а Јудејците ги раселува во Вавилонија, додека некои бегаат во Египет. Така се остварува божјата казна над Јудејците поради големите гревови на царот Манасија. Дури подоцна, по 37-годишно ропство, новиот вавилонски цар го ослободува царот Јехониј.<ref>Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 428-434.</ref
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 402-412.
- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 412-418.
- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 418-428.