Прејди на содржината

Шерлок Холмс

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Од Википедија — слободната енциклопедија
Шерлок Холмс
Шерлок Холмс (Сидни Паџет, 1904)
Прво појавување1887
Последно појавувањенеизвесно
СоздавачСер Артур Конан Дојл
Информации
ПолМашки
ЗанимањеСоветодавен детектив
СемејствоМајкрофт Холмс (брат)
НационалностАнгличанец

Шерлок Холмс (англиски: Sherlock Holmes; роден 1854 година) во приказните на сер Артур Конан Дојл и создаден според Џозеф Бел) — измислен детектив од доцниот XIX и раниот XX век кој за првпат се појавил во 1887 год. Тој бил измислен од шкотскиот автор и лекар сер Артур Конан Дојл. Холмс е познат по своето мајсторство во употребата на логика и досетливи набљудувања во решавањето на неговите криминални случаи. Тој е веројатно најпознатиот измислен детектив и еден од најпознатите и лесно распознатливите литературни ликови.

Конан Дојл напишал четири романи и 56 раскази со овој лик. Речиси во сите нив раскажувачот е пријателот и биографот на Холмс, Д-р Џон Х. Ватсон, со исклучок на две во кој самиот Холмс е раскажувачот и уште две кои се напишани во трето лице.

Расказите најпрвин излегувале во списанија во продолженија, меѓу кои доста од нив во списанието The Strand, во временски период од четириесет години. Ова бил чест облик на издавање во тоа време: Чарлс Дикенс исто така пишувал за списанија. Расказите покриваат временски период од 1878 до 1903 год. со последен случај во 1914. Треба да се знае дека иако многу од насловите на расказите ја носат претставката, „Авантурите на...“, медиумите каде што се издавани не биле доследни на ова. Долгата и кратката верзија варијабилно се употребуваат во оваа статија.

Во делата Шерлок Холмс се опишува себеси како „советодавен детектив“ („consulting detective“), експерт кај кого се оди во случаи кои се премногу тешки за обичните иследници; тој ја има способноста многупати да реши случај без да го напушти својот стан. Но се разбира, оваа способност не е доминантна во делата, кои се концентрират на случаите кои Холмс мора да ги реши со надворешни активности. Тој специјализира во решавање на необични случаи со неговата чудесна моќ на набљудување и логичко расудување, моќ која често ја демонстрира на неговите нови клиенти со правење на дедукции на лице место за нивните карактери и скорешни активности. Оваа едноставна маркетинг стратегија оддава посебен впечаток и влева доверба кај неговите клиенти.

Артур Конан Дојл му ја оддавал заслугата за создавањето на Холмс на неговиот предавач на медицинскиот факултет при Единбуршкиот универзитет, талентираниот хирург и криминалистички детектив, Џозеф Бел. (криминалистиката била релативно нова гранка во тоа време.) Неколку години подоцна Бел му напишал на Конан Дојл, дека „самиот тој е Шерлок Холмс и дека тој тоа добро го знае“.[1]. Холмес бил именуван по Оливер Вендел Холмс, чиј обожавател бил Дојл, и англискиот крикетер по име Шерлок [2].

Историски, Холмс живеел од 1881 г. на адресата 221Б Бејкер Стрит во Лондон во стан на првиот кат (во раните записки стои дека живеел на Горен 'Upper' Бејкер Стрит), каде ги провел најголемиот дел од своите професионални години со неговиот добар пријател, Д-р Ватсон со кого бил цимер некое време пред Ватсоновата женидба во 1890. Станот бил одржуван од неговата газдарица Г-ѓа Хадсон.

Во многу од расказите Холмс е припомаган од практичниот Ватсон, кој не само што му бил пријател, туку и хроничар (неговиот „Бозвел“). Во најголемиот дел од расказите Ватсон е раскажувачот, кој ги прераскажува Холсовите решенија на разни злодела. Во некои од подоцнежните раскази, Холмс го критикува Ватсон за неговите записи бидејќи тој ги прикажува како возбудливи приказни наместо како објективни и детални извештаи.

Холмс исто така има и постар брат, Мајкрофт Холмс, кој се појавува во следниве раскази: „Грчкиот преведувач“, „Последниот проблем“ и „Плановите на Брус-Партингтон“. Споменат е во разни други раскази како „Празната куќа“.

Во три раскази, меќу кои и во Знакот на четворицата, Холмс е потпомогнат од група на улични деца-немирковци кои ги нарекува Доброволците од Бејкер Стрит.

Неговата позадина

[уреди | уреди извор]
Шерлок Холмс (десно) и Д-р Ватсон. Нацртал: Сидни Паџет

Во најпрвиот расказ, Студија во светлоцрвено, дадена е дел од Холсовата позадина. На 4 март, 1881 год. прикажан е како независен студент по хемија со разни други интересни хобија, од кои скоро сите подоцна испаѓаат дека се наклонети да му помогнат да биде супериорен решавач на случаи. Во еден друг ран расказ „Глорија Скот“, дадено е уште повеќе позадина за тоа што го инспирирало Холмс стане детектив: добил голема пофалба од таткото на еден негов соученик .

Во авантурата Грчкиот преведувач Холмс кажува дека баба му била сестра на францускиот сликар 'Верне' (веројатно Хорациј Верне).

Во Студија во светлоцрвено, Д-р Ватсон прави проценка на Шерлоковите способности и знаења:

Шерлок Холмс—неговите ограничувања

  1. Познавања од литературата.—Никакви.
  2. Познавања од филозофијата.—Никакви.
  3. Познавања од астрономијата.—Никакви.
  4. Познавања од политиката.—Слаби.
  5. Познавања од ботаниката.—Варијабилни. Добар во беладона, опиум и воопшто во отрови. Не знае ништо од практично градинарство.
  6. Познавања од геологијата.—Практични, но ограничени. Може со поглед да распознае разни почви. По прошетките, ми покажа прсканици на неговите панталони и ми кажа од кој дел на Лондон ги добил по нивната боја и густина.
  7. Познавања од хемијата.—Длабоки.
  8. Познавања од анатомијата.—Точни, но несистематични.
  9. Познавања од возбудлива литература.—Огромни. Го знае секој детал од секој ужас извршен во овој век.
  10. Свири добро на виолина.
  11. Експерт во мечувалство со дрвени стапови, Бокс и мечување.
  12. Има добри практични познавања од британското право.

При сетоа тоа знаење, надарен е со интелигенција од 190 (јасно искажано).

Но подоцнежните раскази покажуваат дека оваа листа е лажлива и дека Холмс — кој само што го запознал ватсон — само се шегувал. Два примера: и покрај неговото привидно непознавање на политиката, во „Скандал во Бохемија“ Холмс веднаш го распознава вистинскиот идентитет на божемниот Гроф фон Крам. Што се однесува до несензационална литература, во разговорот тој честопати се повикува на Библијата, Шекспир, па дури и Гете. Ова е некако недоследно до фактот што Холмс го укорува Ватсон заради неговите разговори како Земјата се врти околу сонцето, а не обратно, ако Холмс сакал да избегнува да си го преполнува умот со нешта кои не му користат за детективската работа.

Холмс е исто така добар криптоаналитичар. Му кажува на Ватсон: „Прилично ми се познати сите облици на тајно писмо, и самиот сум автор на една ситна монографија на таа тема, во кој анализирам сто и шеесет различни шифри“. Оваа негова способност ја искористува во „Танцувачи“ во кои се користат „глишовци“, како на пример на следниов начин:

Танцувачи како шифриран текст
Танцувачи како шифриран текст

Во „Празната куќа“, Холмс споменува дека има „некои познавања“ од барицу, „јапонски начин на борење“, со помош на кој тој избегнува силниот зафат на неговиот најголем непријател, Професор Мориарти (кој и покрај неговата озлогласеност, се појавува во само два расказа).

Во Студија во светлоцрвено, Конан Дојл прави споредба меѓу неговиот истражник и два постари и подокажани измислени детективи: Август Дупен (Едгар Алан По) и Мисје Лекок (Емил Габорио). Ликот на По за првпат се појавува во Убиствата на Ру Морг, издадена во 1841 г., и подоцна во Загатката Леруж во 1866. Краткиот разговор помеѓу Холмс и Ватсон за овие два лика започнува со забелешка од страна на Ватсон:

„Ме потсетуваш на ликот на Едгар Алан По, Дупен. Не сум знаел дека такви личности постојат вон расказите."

Шерлок холмс се подигна и го запали лулето. „Несомнено мислиш дека ми даваш комплимент со тоа што ме споредуваш со Дупен“, рече тој. „По мое мислење, Дупен е слаб тип. Оној трик каде што му ги чита мислите на пријателот со благовремен коментар по четврт час тишина е навистина наконтен и плиток. Тој има аналитички геинј, во тоа не се сомневам; но воопшто не е таков феномен каков што По сака да го претстави."

„Имаш ли прочитано нешто од Габорио?“, прашав. „Дали Лекок би те задоволил како детектив?“

Шерлок Холмс шмркна потсмевливо.„Лекок е беден смотанко“, рече тој со налутен тон; „го бидува зџа една работа — енергичност. Од таа книга ми се слоши. Прашањето беше како да се препознае еден незнаен затвореник. Јас би го направил тоа за дваесет и четири часа. На Лекок му требаа отрпилика шест месеци. Може да биде учебник за детективи кој ќе ги подучи што да не прават."

Холмс е убеден дека е далеку подобар од двајцата, додека Ватсон го изразува својот восхит кон тие детективи. Ова би можел да биде начинот на кој Конан Дојл ја изразува својата почит кон писателите кои го инспирирале, додека пак инсистирајќи дека неговото дело е големо подобрување.

Холмсовиот најголем непријател и одмаздник е Професор Џејмс Мориарти („Наполеон на криминалот“), кој подоцна во борба со Холмс паѓа од Рајхенбахскиот водопад. Конан Дојл го определил "Последниот проблем", расказот во кој ова се случува, како последен расказ со Шерлок Холмс. Но огромниот број на писма од читателите го убедиле да го оживее својот лик. Во „Празната куќа“ се објаснува дека само Мориарти паднал кај водопадот, а Холмс сакал светот да знае дека и тој умрел за да ја избегне одмаздата на соработниците на Мориарти. Многу извори тврдат дека Мориарти првобитно му бил тутор по математика на Холмс.

Холмс и жените

[уреди | уреди извор]

Холмс и неговите обпжаватели отсекогаш зборувале за Ирена Адлер како за „Жената“ според Ватсон. Ватсон кажува дека самиот Холмс никогаш не го употребува овој збор— но тој го употребува нејзиното име неколкупати. Ирена се појавува само во расказот „Скандал во Бохемија“, и е единствената жена која успеала да го надитри Холмс. Во расказот „Чарлс Август Милвертон“, Холмс се свршува со една жена, но само од професионални побуди - да се здобие со некои информации кои му се потребни за случајот.

Холмс јасно искажува интерес за неколку од неговите пошармантни клиентки (како Виолета Хантер во расказот „Бакарните буки“, за која Ватсон мислел дека би можела да му биде повеќе од само клиент на Холмс). Меѓутоа, од контекстот се гледа дека тој изразува интерес заради тоа што нивната нивната убавина и енергичност (и случаите кои му ги задаваат) му претставуваат едно освежително искуство, а не заради тоа што има романтични чувства кон нив. Ова јасно се гледа во гореспоментиот случај каде Холмс „не покажа(л) понатамошен интерес за неа кога таа престана(ла) да биде центар на еден од неговите проблеми.“

Кога Холмс навистна ќе покажел дадена доза на шарм, како што може да се види од овие епизоди, сепак немало индикации за долги, сериозни врски освен во случајот на Адлер. Ватсон кажува дека Холмс има „одбивност кон жените“, но „но влева многу доверба во нив“. Холмс се изјаснил: „Јас не сум со сета душа љубител на жените“. Неговата ненаклоност веројатно се должи на фактот што за него „побудите на жените... (се) толку загадочни... Како да се гради на таков жив песок? Нивните најситни потези можат да значат томови... нивното најнеобично однесување може да зависи од една шнола.“ Ова несоодветствување со неговите дедуктивни процеси веројатно му пречело.

Од друга страна интересно е дека неговата газдарица, Г-ѓа Хадсон, никогаш не е опишана. Веројатно читателите претпоставуваат дека таа била жена во години, но сосема е возможно таа да била на возраст на Холмс и да имала врска со него без Д-р Ватсон воопшто да знае.

Ватсон пак, е љубител на жените: тој зборува со наклонетост за нив и е се жени со Мери Морстан од расказот Знакот на четворицата.

Неговите навики

[уреди | уреди извор]

Меѓутоа, Холмс воопшто не е стегнат викторијански господин; впрочем, тој се опишува себеси како „боем“ и неговите навики како „боемски“. Тој можеби страда од манијачно-тепресивна психоза, каде тој со недели бил безволен, а потоа настапувал период на голема енергичност и ангажмани во професијата, како и неговото хоби, експериментална хемија, опишана како: „екстремна прецизност и остреоумност... [или] поетско и замислено расположение, „изливи на страствена енергија“... проследени од летаргични реакции.“ Современите читатели се изненадуваат дека тој користел (кога немало стимулативни случаи) кокаин и опиум, иако Ватсон вели дека ова е неговиот „единствен порок“. Меѓутоа, подоцна во расказите, Ватсон упева до го убеди Холмс да се откаже од таа навика.

Ватсон никогаш не ги сметал за пороци дека Холмсовите навики на постојано пушење (бично на луле), или пак волноста да ја искриви правдата и да го прекрши законот (на пр. да ја лаже полицијата, да скрива докази, да краде и обива) кога така му одговарало. Во викторијанска Англија, ваквите постапки не се сметале за пороци доколку еден џентлмен ги прави од благородни причини, како да речеме заштита на честта на една жена или пак семејниот углед. Бидејќи во многу раскази ваквите постапки на Холмс и Ватсон се од суштинско значење, современиот читател би морал да ги прифати ваквите постапки како нормални во тоа време. (И денес вавките постапки играат важна улога во детективската книжевност, кога се прават за добра цел.)

Дедукција на Холмс

[уреди | уреди извор]
„Личните нешта на Холмс“ во Музејот на Шерлок Холмс во Лондон.

„Од капка вода“, напишал Холмс во својот есеј раскажан во Студија во светлоцрвено, „логичарот може да заклучи за возможноста на постоењето на Атлантик или Нијагара без да ги има видено или чуено за нив.“ Расказите со Холмс започнуваат со бравура на искажување на неговите теланти за „дедукција“. Логичарите изрзуваат интерес за анализирање на тоа што Холмс всушност го прави при изведбата на неговите дедукции. Холмсовската дедукција се бариза на заклучоци изведени или од едноставни факти — кои се резултат на внимателни индуктивни проучувања, како прпучувањето на пепелите од разни типови пури — или инференција на најдоброто објаснение. Во многу случаи дедукцијата може се моделира и на двете. Во 2002, Холмс бил прогласен за почесен член на Кралското Хемиско Здружение — единствениот измислен лик со ваква почест — како признание за придонесите кон истражните методи.

Холмсевите едноставни принципи генерално го заземаат обликот, „Ако p, тогаш q“, каде 'p' е некој увиден доказ, а 'q' е она на што тој доказ укажува. Но исто така често се јавуваат и меѓупринципи, како што може да се види од следниов пример. Во „Скандал во Бохемија“, Холмс дедуцира дека Ватсон во последно време често се намокрува и дека имал „многу несмасна и лекомислена слугинка“. Кога Ватсон со зачудување го прашува Холмс како ова го знае, тој одговара:

„Ова е едноставност сама од себе... Очите ми велат дека на страната од твојот чевел, таму каде што удира светлината од огништето, кожата е нарежана со речиси шест паралелни посекотини. Очигледно овие ги предизвикал некој кој многу безгрижно стругал околу ѓонот за да ја исчисти закоравената кал на него. И гледаш, оттука доаѓа мојата двојна дедукција дека си бил надвор на лошо време, и дека имаш особено зол, чизмосекачки примерок од лондонските служавки“.

Во овој случај, можеме да кажеме дека Холмс употребил неколку поврзани принципи како следниве:

  • Ако кожата по страната на чевелот е засечена со неколку паралелни резови, ова го направил некој кој гребел по страните на ѓонот чистејќи закоравена кал.
  • Ако чевлите на еден лондонски доктор од XIX век се гребени за чистење на закоравена кал, личноста која ги чистела е неговата слугинка.
  • Ако некој засекува чевел стругајќи за да ја исчисти закоравената кал, таа личност е несмасна и лекомислена.
  • Ако нечии чизми имаат закоравена кал на нив, таа личност во последно време могу се намокрува и била надвор на лошо време.

Применувајќи вакви принципи на очигледен начин (со повторлива примена на modus ponens), Холмс заклучува од

'p': траните на Ватсоновите чевли се засечени со неколку паралелни реза.

до

'q1': Ватсоновата слугинка е несмасна и лекомислена.

и

'q2': Ватсон е многу мокар во последно време и бил надвор на лошо време.

Но Холмс не дава соодветно објаснување — на крајот на краиштата, Холмс можеби веќе знае за Ватсоновата слугинка. Бидејќи Ватсон е доктор и имало врнето, веројатно е дека тој бил надвор на дожд.

Во други случаи на Холмсевата дедукција, потешко е да се моделира неговиот заклучок како дедукција која се користи со генерални принципи, и логичарите и научниците веднаш би го препознале овој поинаков метод како „индуктивен“— поконкретно, „аргумент до најдоброто објаснение“, или, во терминологијата на Чарлс С. Пирс, „абдукција“.

Случаите каде Холмс користи дедукција се обично такви каде тој веќе има насобрано многу докази, смислено ред можни објасненија за тие докази, и потоа го наоѓа објаснението кое е јасно најдоброто објаснение за доказите. На пример, во Знакот на четворицата, најден е мртов човек со својата соба, со застрашувачка насмевка на лицето, и без веднаш воочлива причина за неговата смрт. Од целата маса на информации која ја има, како и од насобраните докази на местото на злосторот, Холмс заклучува дека убиецот не е еден од разните луѓе кои Скотланд Јард ги има во притвор (секој од нив е алтернативно објаснение), туку сосема друга личност. Како што Холмс вели во неговата приказна, „Колку пати сум ви кажал дека кога веќе сте го елиминирале невозможното, што и да преостанува, колку и да е неверојатно, мора да биде вистината?“

Впрочем во последниов пример, Холмсевото решение на злоделото зависи како од низа примени на генерални принципи, така и од аргументот за најдоброто објаснение.

Значи неговиот успех во вавките дедукции се должи како на огромни познавања за нешта како траги, пепели од пури и отрови, кои тој ги користи за релативно едноставни заклучоци, така и така и на фината уметност на подредување и измерување на различни спротивставени објасенија за насобраните докази. Холмс е особено добар и во прибирање на докази на лице место, како и лоцирање и следење на движењето на криминалците низ улиците на Лондон и нвното опкружување (за доаѓање до повеќе докази) — вештини кои немаат голема врска со дедукција пер се, но имаат секаква врска со добавување на исказите за контретните Холмсовски дедукции.

Во расказите на Конан Дојл, Холмс често забележува дека неговите заклучоци се „елементарни“, бидејќи тој ги смета за едноставни и очигледни.

Треба да се спомене и дека денешниот стереотип за полициска процедура — барање на физички клучеви, наместо истражувањето на пригодите и мотивот — доаѓа од Холмс.

Човек или машина

[уреди | уреди извор]
Статуа на Шерлок Холмс во Мајринген, Швајцарија

„Многумина го сметаат за машина, а не човек“. Ватсон го опишува Холмс како „посветена машина за пресметување“, „недостатен во човечко сочувство, колку што е извонреден во интелигенцијата“, и изјавува дека „сите чувства... му биле гнасни на неговиот ладен, прецизен, но сепак извонредно избалансиран ум.“

Во добата на Чарлс Бебиџ, Холмс можел да се смета за човечки компјутер. Сетоа она што тој ќе го најде го третира како податок, информација за толкување, и не подолжува без сите факти. Како машина, тој нема друштвен живот и изгледа како ниту да јаде, ниту да спие (дури и кога е болен).

За повеќе детали видете: Список на Конан Дојловите раскази за Шерлок Холмс.

Расказите првобитно се издавале во месечни списанија, а подоцна се собрани во пет антологии:

Адаптации

[уреди | уреди извор]

Канонски адаптации

[уреди | уреди извор]

Главна статија: Шерлок Холмс во други медиуми

Заради огромната популарност на Шерлок Холмс, постојат многу театарски и филмски адапштации на делото— на истиот начин на кој се адаптираат Хамлет или Дракула.

Сродни и изведени дела (неканонски)

[уреди | уреди извор]

Главна статија: Неканонски дела поврзани со или изведени од Шерлок Холмс

Библиографија

[уреди | уреди извор]
  • Baring-Gould, William S. The Annotated Sherlock Holmes Clarkson N. Potter, Inc., New York, NY. ISBN 0-517-50291-7
  • Klinger, Leslie S. The New Annotated Sherlock Holmes W. W. Norton & Company, Inc., New York, NY. ISBN 0-393-05916-2
  1. Baring-Gould, стр. 8
  2. интересно е дека во некои рани прибелешки стои името Шеринфорд Холмс

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Викицитат има збирка цитати поврзани со:


Статијата „Шерлок Холмс“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).