Општина Валандово
Општина Валандово | |||
---|---|---|---|
Општина | |||
Држава | Македонија | ||
Седиште | Валандово | ||
Населени места | |||
Управа | |||
• Градоначалник | Перо Костадинов | ||
Површина | |||
• Вкупна | 331,4 км2 (128,0 ми2) | ||
Население (2021)[1] | |||
• Вкупно | 10.508 | ||
• Густина | 32/км2 (82/ми2) | ||
Час. појас | CET (UTC+01:00) | ||
• Лето (ЛСВ) | CEST (UTC+02:00) | ||
Повикувачки број | +034 | ||
Регистарски таблички | VA | ||
Мреж. место | valandovo.gov.mk |
Општина Валандово — општина во југоисточна Македонија. Центар на општината е градот Валандово.
Географија
Местоположба
Денешното Валандовско административно–територијално (општинско) подрачје се наоѓа на југоисточниот дел на Македонија, распространет на југ од Демиркаписката Клисура, источно од реката Вардар и на запад и север од планинските огранки на Плавуш и Беласица. На север, општината Валандово се граничи со Општина Конче, на исток со Општина Струмица, на југоисток со Општина Дојран и Општина Богданци, а на запад со Општина Гевгелија. Оттука, општината Валандово се наоѓа на патиштата кои водат кон Струмица и Дојран, а низ територијата на општината минува автопатот Е-75. Општината е оддалечена 26 километри од граничниот премин Дојран и 30 километри од граничниот премин Богородица, како и 48 километри од граничниот премин Ново Село. Територијата на општината Валандово се протега на 331 квадратни километри.
Релјеф
Според релјефот, општината Валандово се дели на два дела: ридско-планински и рамничарски. Првиот зафаќа 208 квадратни километри (63% од територијата), и тоа: целата северна страна оградена со планината Плавуш, источната страна кон планината Беласица и јужната страна кон Погана. Рамничарскиот дел зафаќа 123 квадратни километри (37 %) и се протега од изворот на Анска Река, на подножјето на Беласица, по целиот нејзин тек, сè до нејзиното влевање во Вардар. Просечната надморска височина на општината изнесува 226 метри, а на валандовското поле 82 метри, со што општината Валандово е една од најниските општини во Македонија.[2]
Хидрографија
По централниот дел на Валандовската котлина се протега Анска Река, која претставува продолжение на Башибоска Река. Во јужната страна на општината тече реката Студена Вода, а на северната страна тече реката Мичковица, при што двете реки ги прифаќаат подземните води од јужниот и северниот масив. Студена Вода се влева во Анска Река кај месноста Страиште, а Мичковица се влева во Вардар крај селото Марвинци.[3]
Клима
Валандовската општина се одликува со средоземна клима, со многу топли денови, со блага зима, при што просечните температури се движат од -5 до 35 °C. Годишното количеството врнежи изнесува од 400 до 600 литри на квадратен метар, од кои најголем дел се во зимските и пролетните месеци. Во општината има 290 сончеви денови во текот на годината, просечната годишна температура изнесува 14,5 °C, а апсорбираната топлинска енергија надминува 4 000 степени годишно.[4]
Минерални богатства
Валандовската котлина се наоѓа на седименти од геолошки и органски талози. Самата котлина претставува моќен расед со длабочина меѓу 300 и 500 метри. Тоа се потврдува со палеонтолошкиот наод на заби од лофодон (еден вид мамути), најдени покрај селото Прстен, што покажува дека во раните геолошки периоди, во котлината имало бујна растителна вегетација. Раседот на кој се простира Валандовската котлина е причина за честите тектонски активности (земјотреси) кои го погаѓаат ова трусно подрачје, од кои најсилен бил земјотресот од 1931 година.
Во однос на минералните богатства, во месноста Раброво до 1960 година се експлоатирал рудникот за хром, во месноста Казандол се пронајдени минерали богати со бакар, а над селото Бајрамбос се вршени испитувања за присуство на минерали богати со благородни елементи.[5]
Историја
Во општината Валандово постојат повеќе археолошки наоѓалишта, кои сведочат за богатата историја на овој крај. Така, во минатото, општината била дел од областа Пајонија, за што постојат бројни докази. На пример, во близина на селото Дедели се наоѓа голема некропола со површина од околу 1 000 квдаратни метри, во која се пронајдени т.н. рамни скелетни гробови од пајонско време, оградени со камени плочи во форма на ковчези (цисти).
На просторот каде што денес се наоѓа градот Валандово се пронајдени остатоци од римската антика, кои се присутни во трите зони на археолошкиот комплекс "Валандово". Исто така, во овој комплекс се пронајдени остатоци од пајонската цивилизација, како и од старомакедонскиот, римскиот и рановизантискиот период. Врз основа на овие откритија се проценува дека во антиката Валандово достигнало висок цивилизациски развој, за што сведочат мозаичната површина од околу 200 м² во северозападниот дел на градот, како и мозаиците откриени во месностите "Расадник" и "Стакина чешма".
На оддалеченост од 7 километри југозападно од Валандово, од левата страна на Вардар, во близината на селото Марвинци, се наоѓа археолошкото наоѓалиште Исар-Марвинци (Исар-Кале), во кое се откриени траги од праисториска населба врз чии остатоци подоцна се развила античка населба од старомакедонскиот период. Оваа населба прераснала во значаен економски, сообраќаен и културен центар на областа, која се нарекувала Амфакситида.
Според некои претпоставки, во Валандовската котлина се наоѓал епископскиот град Добер, кој за првпат се споменува кон крајот на 5 век од страна на хелинистичкиот историчар Тукидид.
Стопанство
Главна стопанска гранка е земјоделството. Повеќето луѓе во Валандовскиот регион се занимаваат со лозарство и сточарство. Од земјоделските култури најмногу се произведуваат: зелка, кромид, пиперка, жито, јапонско јаболко, калинка итн.
Иако се наоѓа во близина на коридорот 10 и магистралниот пат Е-75, општината Валандово се одликува со слабо развиена туристичка дејност. Така, според Пописот на капацитетите во угостителството од 2008 година, во општината имало 26 угостителски објекти (ресторани, кафе-барови итн.) и само еден хотел „Анска Река“, со капацитет од 26 легла.[6]
Демографија
Според пописот од 2002 година,[1] општината Валандово имала 11 890 жители и 3 545 домаќинства, а според пописот од 2021 година имала 10.508 жители:[7]
2002 | 2021 | |||
НАРОД | број | % | број | % |
ВКУПНО | 11.890 | 100 | 10.508 | 100 |
Македонци | 9.830 | 82.67 | 8.166 | 77.71 |
Турци | 1.333 | 11.21 | 1.412 | 13.44 |
Срби | 639 | 5.37 | 469 | 4.46 |
останати | 88 | 0.74 | 97 | 0.92 |
лица без податоци | / | / | 364 | 3.46 |
Вероисповед | Вкупно |
православни | 10.135 |
муслимани | 1.355 |
католици | 10 |
протестанти | 0 |
останати | 390 |
Јазик | Вкупно |
македонски | 9.892 |
албански | 0 |
турски | 1.324 |
ромски | 24 |
влашки | 1 |
српски | 621 |
бошњачки | 0 |
останати | 28 |
Во однос на образовната структура на населението постаро од 15 години, 313 жители (3,2 %) се без образование, 2 495 жители (25,9 %) се со нецелосно основно образование, 2 859 жители (29,7 %) имаат завршено основно училиште, 3 416 жители (35,4 %) се со средно образование, 235 жители (2,4 %) имаат виша школа, 314 жители (3,2 %) имаат високо образование, а во општината има и еден магистер и тројца доктори на науки. Според економската активност, работната сила ја сочинуваат 9 590 жители, од кои 5 434 се економски активни, додека 4 156 се економски неактивни. Во рамките на економски активното население, 3 236 жители се вработени, а 2 198 се невработени. Во структурата на вработените преовладуваат оние кои се вработени во земјоделството (41,5 %), 35,5% работат во услугите и 22,3% се вработени во индустријата.[8]
Населени места
ВКУПНО | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Власи | Срби | Бошњаци | Други | Лица за кои податоците се преземени од административни извори | |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Општина Валандово | 10.508 | 8.166 | 10 | 1.412 | 24 | - | 469 | 4 | 59 | 364 |
Ајранли | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - |
Аразли | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - |
Бајрамбос | 1 | - | - | 1 | - | - | - | - | - | - |
Балинци | 366 | 281 | - | - | - | - | 82 | - | - | 3 |
Баракли | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - |
Башали | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - |
Башибос | 110 | - | - | 103 | - | - | - | - | - | 7 |
Брајковци | 384 | 360 | - | 3 | - | - | 14 | - | 2 | 5 |
Булунтули | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - |
Валандово | 3 671 | 3 393 | 1 | 47 | 16 | - | 47 | 1 | 36 | 130 |
Вејсели | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - |
Градец | 3 | 3 | - | - | - | - | - | - | - | - |
Грчиште | 176 | 171 | - | - | - | - | 3 | - | - | 2 |
Дедели | 252 | 1 | - | 236 | - | - | - | - | - | 15 |
Ѓулели | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - |
Јосифово | 1 651 | 1 116 | 2 | 376 | 3 | - | 97 | - | 9 | 48 |
Казандол | 182 | - | 1 | 167 | - | - | - | 1 | - | 13 |
Кочули | 53 | - | - | 50 | - | - | - | 1 | - | 2 |
Марвинци | 437 | 196 | 2 | 1 | - | - | 215 | 1 | 1 | 21 |
Пирава | 1 586 | 1 505 | 2 | - | 5 | - | 4 | - | 7 | 63 |
Плавуш | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - |
Прстен | 30 | - | 1 | 29 | - | - | - | - | - | - |
Раброво | 248 | 230 | - | - | - | - | 2 | - | 1 | 15 |
Собри | 180 | 172 | - | - | - | - | 1 | - | 1 | 6 |
Татарли | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - |
Терзели | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - |
Удово | 766 | 738 | - | 11 | - | - | 3 | - | 2 | 12 |
Чалакли | 412 | - | 1 | 388 | - | - | 1 | - | - | 22 |
Честево | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - |
Самоуправа и политика
Градоначалник на општина Валандово е Перо Костадинов од редовите на СДСМ. Тој бил избран на локалните избори од 2017 година за мандат од четири години.[9] Советот на општина Валандово е составен од 15 члена. Според последните локални избори од 2017 година, членовите на советот според политичката припадност за мандатот 2017-2021 се:
Општествени установи
Во 1983 година, со здружување на киното "Хром", пионерскиот дом и локалната радио-станица, е формиран културниот центар "25 Мај", кој претставува најважна културна институција во општината. Во просториите на културниот дом се сместени седиштата на повеќе културни организации и институции, како што се: "Фолк-фест Валандово", КУД "Гоце Делчев", "Распеани Валандовчани" и "Радио Валандово". Исто така, во составот на домот работи матичната библиотека "Гоце Делчев", како и постојаната музејска збирка.[10]
Културни и природни знаменитости
Во општината Валандово постојат повеќе археолошки наоѓалишта, од кои најпознати се:[11]
- Археолошкото наоѓалиште "Исар-Марвинци (Исар-Кале)", кој се наоѓа во близина на селото Марвинци, на оддалеченост од 7 километри југозападно од Валандово. Тука се најдени остатоци од праисториска населба и развиена хелинистичка населба.
- Археолошкиот комплекс "Валандово", кој се наоѓа на просторот на денешниот град Валандово, богат со остатоци од пајонската цивилизација, хелинистичкиот период, римската антика и рановизантискиот период.
- Подземниот споменик на културата „Идомена“, кој потекнува од пред римскиот период, т.е. крајот на 4 век и почетокот на 5 век пред нашата ера.
- Некрополата кај селото Додели, во која се најдени гробови од пајонското време.
Општината Валандово е богата и со фосилни пронајдоци. На пример, во месноста "Јолбурун", крај Прстенска Река, пронајдени се фосили на праисториски животни од семејството на слоновите - мастодони, познати под името „Фосилите од башибос“.
Почнувајќи од 1985 година, во Валандово се одржува најпознатиот македонски фестивал на новосоздадени народни песни "Фолк Фест Валандово". Од 1992 година, во селото Чалакли се одржува фестивалот на пролетни веселби "ХИД-БАХ ШЕН ФЕСТ", кој е посветен на празнувањето на пролетнот празник Хидрелез и на негувањето на традициите на локалното турско население.[12]
Личности
Ѓорге Иванов - Универзитетски професор и претседател на Република Македонија.
Петар Гошев - Поранешен претседател на ЦК на СКМ-ПДП, основач и прв претседател на Демократската партија, пратеник во Собранието на Република Македонија, министер за финансии и гувернер на Народната банка на Република Македонија.
Нано Ружин - Универзитетски професор, поранешен пратеник во Собранието на Република Македонија и поранешен амбасадор на Македонија во НАТО.
Култура и спорт
Во општината делуваат следниве спортски клубови:
- ФК Победа (Валандово)
- ФК Валандово-Вардар
- КК Александрија (Валандово)
- OK Валандово (Валандово)
Во Валандово се изгради првата спортска сала под името „Филип II Македонски“, како дел од проектот на Ввадата за изградба на нови 35 сали низ Република Македонија.
Наводи
- ↑ „Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 - прв сет на податоци“. Државен завод за статистика на Македонија. Посетено на 30 март 2022.
- ↑ Туристички акционен план на општина Гевгелија и општина Валандово, Гевгелија: Фондација за локален и ИТ развој - Гевгелија, декември 2010, стр. 18.
- ↑ Туристички акционен план на општина Гевгелија и општина Валандово, Гевгелија: Фондација за локален и ИТ развој - Гевгелија, декември 2010, стр. 19.
- ↑ Туристички акционен план на општина Гевгелија и општина Валандово, Гевгелија: Фондација за локален и ИТ развој - Гевгелија, декември 2010, стр. 18-19.
- ↑ Туристички акционен план на општина Гевгелија и општина Валандово, Гевгелија: Фондација за локален и ИТ развој - Гевгелија, декември 2010, стр. 20.
- ↑ Туристички акционен план на општина Гевгелија и општина Валандово, Гевгелија: Фондација за локален и ИТ развој - Гевгелија, декември 2010, стр. 10.
- ↑ „Население во Република Македонија на 31.12 по специфични возрасни групи, по пол, по општини, по години“. Државен завод за статистика на Република Македонија. Посетено на 2 мај 2018.[мртва врска]
- ↑ Туристички акционен план на општина Гевгелија и општина Валандово, Гевгелија: Фондација за локален и ИТ развој - Гевгелија, декември 2010, стр. 20-21.
- ↑ „Мандати за градоначалници и совет во РМ – Локални избори 2017“. Државна изборна комисија на Македонија. Посетено на 18 октомври 2017.
- ↑ Туристички акционен план на општина Гевгелија и општина Валандово, Гевгелија: Фондација за локален и ИТ развој - Гевгелија, декември 2010, стр. 22.
- ↑ Туристички акционен план на општина Гевгелија и општина Валандово, Гевгелија: Фондација за локален и ИТ развој - Гевгелија, декември 2010, стр. 23.
- ↑ Туристички акционен план на општина Гевгелија и општина Валандово, Гевгелија: Фондација за локален и ИТ развој - Гевгелија, декември 2010, стр. 22-23.
Надворешни врски
|