Прејди на содржината

Александар Фадеев

Од Википедија — слободната енциклопедија

Александар Фадеев (руски: Алекса́ндр Алекса́ндрович Фаде́ев, 24 декември 1901 - 13 мај 1956) — руски и советски писател, еден од основачите на Сојузот на советските писатели и негов претседател од 1946 до 1954 година.

Животопис

[уреди | уреди извор]
Александар Фадеев

Фадеев се родил во Кимри, во Твреската област, а од 1908 до 1912 година живеел во Чигуевка, во Приморскиот Крај. Во 1918 година се зачленил во партијата на Болшевиците. Тој бил учесник во граѓанската војна во Русија при што учествувал во борбите против јапонската армија и против белогаредејската војска.[1] Фадеев бил миленик на Сталин и во текот на 1940-тите активно го поддржувал ждановизмот. По смртта на Сталин, на 20. конгрес на партијата, неговиот пријател Шолохов го обвинил Фадеев за лошата состојба во советската книжевност.[2] Како последица на тоа, Фадеев станал алкохоличар, а тоа му предизвикало и нервно растројство и на 13 мај 1956 година извршил самоубиство во својата дача во Переделкино. Притоа, тој оставил писмо во кое ги искажал своите негативни ставови како кон Сталиновиот режим, така и кон режимот на Хрушчов.[3] Така, во своето проштално писмо, тој го нарекол Сталин „сатрап“, а сталинистите ги обвинил за физичкото уништување на најдобрите луѓе во советската книжевност. Истовремено, тој го нападнал новиот режим, обвинувајќи го дека се состои од необразовани луѓе кои се одликуваат со незнаење, примитивизам и самољубие.[3] По повод неговата смрт, неговиот сосед во Переделкино, Борис Пастернак, напишал епиграм. Фадеев бил погребан на Новодевичанските гробишта во Москва.

Фадеев бил оженет со познатата театарска глумица, Ангелина Степанова.

Творештво

[уреди | уреди извор]

Во 1927 година, Фадеев го објавил романот „Пораз“ (познат и како „Деветнаесетмината“) во кој ја опишал борбата на партизаните портив јапонската војска. Во 1930 година излегол првиот дел на недовршениот роман „Последниот од Удеге“ (Последний из удэге), а вториот дел се појавил во 1940 година.[4] Во овој недовршен роман, Фадеев, се обидел да покаже дека „крајно примитивните луѓе може да направат скок од племенски комунизам кон сложената колективна организација на XX век, прескокнувајќи ги посредните историските етапи: родовското општество, приватната сопственост, робовладетелството, феудализмот, капитализмот и социјализмот... Овој роман ги содржи најдобрите страници што ги напишал Фадеев, така што фактот што тој ја трошел енергијата во администрирање на советската книжевност наместо на неговото довршување претставува мала книжевна трагедија.“[5] Во 1945 година, Фадеев го објавил романотМладата гарда“ (заснована врз вистински настани од Втората светска војна), за кој следната година ја добил Сталиновата награда.

  1. Milosav Babović, „Poraz A. Fadejeva“, во: A. Fadejev, Poraz. Beograd: Rad, 1963, стр. 170.
  2. Говорот на Шолохов на 20. конгрес на КПСС
  3. 3,0 3,1 Sovlit.net: Прошталното писмо на Фадеев и извештајот на КГБ
  4. Фадеев, „Последниот од Удеге“ Архивирано на 18 август 2017 г..
  5. Edward J. Brown, Russian Literature Since the Revolution: Revised and Enlarged Edition. Harvard University Press, 1982, стр. 138.(ISBN|0-674-78204-6).