Прејди на содржината

Брод (село)

Координати: 40°57′00″N 21°34′00″E / 40.95000° СГШ; 21.56667° ИГД / 40.95000; 21.56667
Од Википедија — слободната енциклопедија
Брод

Поглед на селото

Брод во рамките на Македонија
Брод
Местоположба на Брод во Македонија
Брод на карта

Карта

Координати 40°57′00″N 21°34′00″E / 40.95000° СГШ; 21.56667° ИГД / 40.95000; 21.56667
Регион  Пелагониски
Општина  Новаци
Население 23 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7225
Повик. бр. 047
Шифра на КО 02011
Надм. вис. 740 м
Слава Свети Никола Летен
Брод на општинската карта

Атарот на Брод во рамките на општината
Брод на Ризницата

Брод — село во Општина Новаци, во околината на градот Битола.

Потекло и значење на името

[уреди | уреди извор]

Првпат името на селото како Брот било споменато во XVI век и се поврзува со зборот брод со значење „плитко место на река, каде што таа може да се премине“.[2]

Името на селото доаѓа од неговата местоположба, каде Црна Река е најтесна и може најлесно да се премине.[3]

Според други сознанија, името на селото доаѓа од верувањето дека во старо време на ова место реката се преминувала со еден вид бродчиња.[4]

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Куќи во селото

Селото се наоѓа во југоисточниот дел на Битолското Поле, непосредно од левата страна на Црна Река, во јужниот дел на територијата на Општина Новаци.[5] Селото е ридско, на надморска височина од 740 метри. Низ селото поминува регионалниот пат 2340, кој води за битолско Мариово и се движи низ Пелагонија. Од градот Битола е оддалечено 30 километри.[5] Од општинското средиште Новаци е оддалечено 15 километри.[4]

Брод се наоѓа на бреговите на Црна Река, на самиот нејзин влез во Скочивирската Клисура. Селото е сместено помеѓу реката на југ и ридот Ќетен на север. Соседни села се: Бач, Добровени и Велесело. Селото нема особено извори со вода за пиење, во минатото ја користеле самата река.[3]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Кутлишта, Измидол, Чепен, Гладно Поле, Јалишта, Копачка, Бара, Ќетен, Бела Црква, Грдилово, Гола Глава и Црна.[3]

Селото има збиен тип, издолжено во насока запад-исток. Поделено е на три маала: Горно, Долно и Средно Маало. Роднинските куќи во маалата се близу една до друга и се групирани. Помали делови од маалата се нарекувани по родовските имиња, како што се: Илиовци, Поповци, Кржевци и други.[3]

Историја

[уреди | уреди извор]
Мост на Црна Река кај селото за време на Првата светска војна.

Брод е старо село, со сочувани голем број староседелски родови. Во познатите извори за првпат се споменува во XVII век, помеѓу 1620 и 1650 година.[3]

Селото се споменува во отоманските документи од 1638 година (помеѓу 22 август и 1 септември) во еден договор за заем склучен помеѓу каданата Ајша како заемодавец и населението од село Брод (Битолско). Земениот заем изнесувал 5.000 акчиња со лихва од 750 акчиња.[6]

Во турско време Брод било долго време рајатско село.[3]

На почетокот на XIX век по ова село нападнал некој Велија со 40 души. Бротчаните еднаш се жалеле на некој паша од Битола за зулумите кои ги трпеле. Тој (пашата) им ветил дека ќе ги заштитува од зулумќарите, но под услов тој да биде главен во селото. На крај селаните се согласиле. Кога виделе по околните села дека зулумќарите престанале да напаѓаат и селаните од околните села оделе кај пашата, нудејќи му да бидe главен во нивните села, во замена за нивна заштита.[3]

Во близина на селото во периодот октомври-ноември 1916 година се одиграла една од најжестоките битки помеѓу бугарската војска и војските на Антантата во Првата светска војна која била наречена битката на свиокот на Црна.

По смртта на пашата, неговата ќерка и двајцата синови си го поделиле чифликот. Едниот син кон средината на XIX век си го продал својот дел на селаните. Така некои селани повторно си дошле до своја земја (Поповци). Ќерката на пашата се омажила за некој Нури-паша исто така од Битола. Тој пред крајот на својот живот во 1907 година земјата на бродскиот читлук бесплатно ја отстапил на чифлиџиите. Останатите жители се ослодиле од чифличиството по 1912 година.[3]

Вкупно 2 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[7]

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Атарот има средна големина и зафаќа простор од 21,3 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.274,7 хектари, на пасиштата отпаѓаат 630,1 хектар, а на шумите отпаѓаат само 0,7 хектари.[5]

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[5]

Во атарот на селото се наоѓа наоѓалиштето за јаглен Брод Гнеотино, кое се користи при работењето на РЕК „Битола“.[8]

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948699—    
1953799+14.3%
1961846+5.9%
1971535−36.8%
1981407−23.9%
ГодинаНас.±%
199190−77.9%
199488−2.2%
200257−35.2%
202123−59.6%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Бач живееле 490 жители, сите Македонци.[9] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Бач имало 520 Македонци, патријаршисти.[10]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Брод се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 61 куќа.[11]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 600 Македонци.[12]

Од ова село се иселил голем дел од населението и тоа од големо преминало во мало село, доведена дури во фаза на раселување. Во 1961 година селото броело 846 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 88 жители, македонско население.[5]

Според пописот од 2002 година, во селото Брод живеели 57 жители, сите Македонци.[13]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 23 жители, од кои 16 Македонци, 1 Турчин и 6 лица без податоци.[14]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 490 520 699 799 846 535 407 90 88 57 23
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[15]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[16]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[18]

Брод е македонско село.[3]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1953 година родови во селото се:

  • Староседелци: Илиовци (10 к.), Кржевци (6 к.), Сталевци (5 к.), Талевци (4 к.), Акруда (1 к.), Тасевци (8 к.), Роглевци (7 к.), Божиновци (6 к.), Чаевци (3 к.), Карабиши (1 к.), Трајановци (3 к.), Нешовци (2 к.), Романовци (2 к.), Кузмановци (2 к.), Карапанџовци (1 к.), Мицевци (7 к.), Терановци (4 к.), Диневци (3 к.), Секуловци (2 к.), Шапкаровци (1 к.), Котевци (1 к.), Толевци (1 к.) и Јолевци (1 к.);
  • Доселеници: Поповци (7 к.), потекнуваат од предокот Неделко, кој дошол во Брод како свештеник од селото Раково кај Лерин. Го знаат следното родословие: Ванѓел (жив на 73 г. во 1953 година) Толе-Костадин-Симун-Неделко, кој се доселил од Раково кон крајот на ХVIII век; Шабановци (4 к.), потекнуваат од домазет доселен однекаде; Мојановци (3 к.), доселени се од селото Велесело, каде биле староседелци, таму им се род Караџовци; Аспровци (1 к.), доселени се од раселеното село Грдилово; Вељановци (2 к.), доселени се од Тепавци, во Тепавци се доселени од некое село во околината на Корча во Албанија; Димковци (3 к.), доселени се од селото Скочивир во Мариово; Сивевци (2 к.), доселени се од селото Сливица; Враговци (4 к.), доселени се од селото Велесело, имаат истоимени роднини во Бач; Местачовци (4 к.), порано се викале Стојановци. По потекло се од селото Пожарско кај Воден. Од таму прешле во Скочивир, а по некое време се доселиле во Брод; Положани (4 к.), доселени се 1912 година од селото Полог; Симоновци (1 к.), доселени се 1912 година од селото Скочивир во Мариово; Печковци (1 к.), Куризовци (1 к.) и Стрезовци (1 к.), доселени се од селото Грдилово околу 1912 година и Првата светска војна.

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Од родот Мицевци едно семејство се иселило во Битола пред 1950-тите.[3]

Од Брод иселеници има во леринското село Асаново.

Населението од село Брод најмасовно се иселува во 60-те и 70-те години од XX век во поголемите села од Битолскиот регион како Кравари, Новаци, Бистрица, потоа во Битола и Скопје, а во странство емигрира најчесто во Австралија, САД, Канада, Германија, Шведска, Данска и други држави. Бројот на иселеници е над 500 лица.[4]

Општествени установи

[уреди | уреди извор]
Поранешното основно училиште во селото
  • Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Брод било село во Битолската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Новаци, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел на некогашната Општина Бач.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.

Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Бистрица.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Бач, во која покрај селото Брод, се наоѓале и селата Бач, Велесело, Гермијан, Гнилеш, Добровени, Живојно, Полог, Скочивир, Сливница и Совиќ. Селото било седиште на истоимената општина во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Брод, Добровени, Полог, Скочивир и Сливица.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 0172 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место е опфатено и селото Велесело.[19]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 62 гласачи.[20] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 55 гласачи.[21]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Главната селска црква „Св. Никола“
Споменик во селото за загинатите од Првата светска војна
Археолошки наоѓалишта[22]
  • Сарај — некропола од железно време;
  • Бела Црква — населба од неолитско време;
  • Браилово — утврдување од доцноантичко време;
  • Џепен — населба од железно време;
  • Грдилово — населба од доцноантичко време; и
  • Брод — населба од железно време.
Цркви[23]
Споменици
Реки[24]

Редовни настани

[уреди | уреди извор]
Слави
  • Свети Никола Летен — главна селска слава[3]
  • Ѓурѓовден — селска слава[4]

Личности

[уреди | уреди извор]
Родени во или по потекло од Брод

Култура и спорт

[уреди | уреди извор]

Во селото работел фудбалскиот клуб „Земјотрес“, кој подоцна се преименувал во ФК „Брод“.

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 75. ISBN 978-608-220-026-2.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina: antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2021-10-05. Посетено на 2021-11-07.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 40. Посетено на 6 ноември 2021.
  6. Турски документи за историјата на македонскиот народ, серија прва (1980). Скопје: Архив на Македонија. стр. 41
  7. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  8. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Брод“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 211. Text "series " ignored (help)
  9. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с. 250
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905, рр. 166–167.
  11. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 13.
  12. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  13. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 6 ноември 2011.
  14. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  15. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  16. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  17. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  18. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  19. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  20. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  21. „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 6 ноември 2021.
  22. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 24. ISBN 9989-649-28-6.
  23. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  24. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 34. ISBN 978-9989-2117-6-8.
  25. Ацев, Петър. Спомени, Алфаграф, София, 2011, стр. 396.

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]