Валандовски земјотрес (1931)
Весникот „Политика“ од 10 март 1931 г. со вест за пристигнувањето на Александар I Караѓорѓевиќ во областа на земјотресот. | |
Датум | 8 март 1931 |
---|---|
Време | 01:50:00 CET |
Траење | 3 минути |
Магнитуда | 6,7 ML |
Длабочина | 16 км |
Епицентар | Марвинци (41°16′54″N 22°28′59″E / 41.28175° СГШ; 22.483° ИГД) |
Зафатени земји/подрачја | Кралство Југославија |
Жртви | 31 загинат, 82 повредени |
Валандовски земјотрес од 1931 година — природна катастрофа која го погодила градот Валандово околу полноќ помеѓу 7 март и 8 март 1931 година. Од низата земјотреси најразорниот од нив се случил во 01:50 часот.[1]
Сеизмичност на областа
[уреди | уреди извор]Валандовското епицентрално подрачје има голема сеизмичност, што може да се забележи од големиот број на случени земјотреси во периодот 1900-2016 година. На ова подрачје често се случуваат слаби земјотреси со магнитуда ML <3 и ретка појава на умерени до силни, како што бил случајот во 1931 година. На 7 и 8 март 1931 година се случиле девет земјотреси со магнитуда од 4,0 до 6,7, од кои двата поголеми од 6,0. Едниот од нив, воедно е и најсилниот досега познат земјотрес во ова подрачје, со магнитуда од 6,7 степени и длабочина на хипоцентарот од околу 16 километри. Силината на овој земјотрес имала разурнувачка моќ на релативно голема површина. Интензитет од VIII степени бил почувствуван дури на 50 километри од епицентарот, а во потесното епицентрално подрачје земјотресот бил почувствуван со интензитет од IX и X степени според Европската макросеизмичка скала.[1]
Карактеристично за ова подрачје е појавата на афтершокови во релативно долг период по секој силен земјотрес. Така, по земјотресите во 1931 година, неколку години имало голем број на слаби и умерени земјотреси.[1]
Последици
[уреди | уреди извор]Катастрофата предизвикала релативно малку човечки жртви, или 31 загинати и 82 ранети. Најмногу луѓе настрадале во селото Пирава каде жителите непосредно пред земјотресот се скриле во куќите затоа што врнело дожд.[2]
Земјотресите оштетиле околу 45 населени места, од кои 29 во најтесното епицентрално подрачје, околу градот Валандово, и 16 во неговата непосредна околина, главно областа околу Струмица.[1]
Во самото епицентрално подрачје скоро целосно биле уништени околу 90% од севкупните градби, додека во непосредната околина на Валандово се уништени околу 40% од градбите.[1]
Исто така, голем број села од тогашните срезови: Неготински, Дојрански, Струмички и Гевгелиски биле тешко оштетени.[1]
Материјалната штета, иако се протегала на поголемо подрачје, не била финансиски голема затоа што се уништиле релативно мали и сиромашни населби.[2]
Настрадани населени места
[уреди | уреди извор]Срамнети со земја | Тешко оштетени |
---|---|
Пирава | Богородица |
Караѓорѓево | Стојаково |
Валандово | Богданци |
Балинци | Негорци |
Брајковци | Моин |
Грнчиште | Кованци |
Удово | Коњско |
Градец | Терменин |
Миронче | Хома |
Милетково | |
Ѓавато | |
Демир Капија | |
Давидово | |
Благуш | |
Смоквица |
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 Порта3 (2017-12-21). „Разурнувачкиот земјотрес во Валандово од 1931 година“. Порта3 - градежништво, архитектура и екологија. Посетено на 2021-10-08.
- ↑ 2,0 2,1 „Скопје, Катастрофа што го возбуди целиот свет“, Јован Пешиќ, Народна задруга (Панде Ташковски), 1963 г., Скопје