Калеш Анѓа
„Калеш Анѓа“ — роман на македонскиот писател Стале Попов од 1958 година.
Содржина
[уреди | уреди извор]Еден топол јунски ден, на прилепскиот Ат-пазар се собрани повеќе Мариовци, меѓу кои и дедо Богдан Сирмев од селото Старавина, со својот осумгодишен внук Анѓел. На пазарот пристигаат четворица аги со двајца сејмени, кои со сомнеж ја набљудуваат групата селани. Еден од агите е прилепскиот кадија Арслан-беј, кој има намера да му се оддолжи на султанот така што ќе му однесе стотина христијански деца за да бидат јаничари. Кога селаните се подготвуваат да си заминат, нив ги обиколуваат многу сејмени, кои ги грабаат сите орисутни деца, вклучувајќи го и Анѓел Сирмев. Кога се враќа во селото, дедо Богдан им ја соопштува тажната вест на родителите на Анѓел, Трајко и Велика, како и на Анѓа, сестрата-близначка на Анѓел, и неговиот постар брат Јован. Кадијата им дава турски имиња на грабнатите деца, па така Анѓел станува Арслан. Десет години подоцна, Анѓа има 18 години и се мажи за Стојан Ристев, додека Јован се жени за Сирма, ќерката на попот Јаков. Таа есен, кадијата Арслан-беј дознава дека Мариово било „слободно“, односно дека селаните не ја признавале турската власт, па со бројна војска се упатува кон Мариово. Во слеото, попот му објаснува на кадијата дека селаните на плаќаат данок поради тоа што пред стотина години целата земја им била подарена од султанијата Мара, а кадијата бара до крајот на денот селаните да соберат 100 000 аспри како надомест за неплатените давачки во изминатите сто години. Селаните немаат толку пари, па започнува колеж и грабеж во селото при што меѓу грабнатите селани е и Анѓа. Минува една година, а Анѓа никако не сака да се потурчи, иако кадијата и неговата слугинка Ајша се обидуваат да ја наговорат на разни начини. Во меѓувреме, татко ѝ на Анѓа, Трајко дознава дека таа се наоѓа во конакот на кадијата во Прилеп и, заедно со нејзиниот сопруг Стојан и со седуммина мариовски момчиња, влегува во конакот и ја спасуваат Анѓа. Кога пристигаат во Мариово, Анѓа и Стојан прават богата свадба. По нападот, Суљо-ага оди во Истанбул и бара помош од султанот, кој наредува да се фатат водачите на бунтот. Така, Суљо-ага со двесте војници заминува да го покори Мариово, но тие паѓаат во стапицата поставена од селаните при што гинат повеќето турски војници, вклучувајќи го и Суљо-ага. По тој неуспех, по налог на кадијата, неговите пријатели, аџи Јане и аџи Рампо, преправени, одат во Мариово каде во разговорот со попот Јаков ги дознаваат слабите точки на мариовската одбрана. Така, со помош на скопскиот бег, кадијата го напаѓа селото од четири страни и бунтовниците се принудени да се повлечат во една пештера. Аџи Јане повторно се преправа во калуѓер и дознава како се снабдуваат со вода бунтовниците и турските војници ја уништуваат чешмата. По голема битка, повеќе селани, меѓу кои и Трајко, Стојан, Јован и Сирма, се заробени и одведени кај кадијата во Прилеп. За награда, аџи Јане и аџи Рампо станале бегови и биле назначени за нови господари на Мариово. Попот Јаков и Трајко Сирмев биле живи запалени на прилепскиот Ат-пазар, а останатите заробеници се одведени во Истанбул, каде дознаваат дека султанот Сулејман починал пред неколку дена и дека него го наследил Селим Втори. Кога слуша за Анѓа, везирот Мехмед-паша Соколовиќ го известува водачот на јаничарите, Арслан-бег, а тој ја препознава Анѓа. Тогаш, везирот одлучува Мариово да остане слободна земја, а прилепскиот кадија да се затвори. Тогаш, Арслан-бег ги враќа заробениците во Мариово, назначува нов кадија и ги затвора Јунус-бег и Рифат-бег (поранешните аџи Јане и аџи Рампо).[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Стале Попов, Калеш Анѓа, Просветно дело, Редакција Детска радост Скопје, 2017.