Картахена (Шпанија)
Картахена Cartagena | |||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|
Општина | |||||||
Картахена | |||||||
Гесло: Muy noble, muy leal y siempre heroica ciudad de Cartagena | |||||||
Местоположба во Шпанија | |||||||
Координати: 37°36′N 0°59′W / 37.600° СГШ; 0.983° ЗГД | |||||||
Држава | Шпанија | ||||||
Автономна заедница | Мурсија | ||||||
Покраина | Мурсија | ||||||
Округ | Кампо де Картахена | ||||||
Основан | 227 г. п.н.е | ||||||
Управа | |||||||
• Градоначалник | Хосе Лопес Мартинес | ||||||
Површина | |||||||
• Вкупна | 558,08 км2 (21,548 ми2) | ||||||
Надм. вис. | 10 м | ||||||
Најг. вис. | 50 м | ||||||
Најм. вис. | 0 м | ||||||
Население (2015) | |||||||
• Вкупно | 216.301 | ||||||
• Густина | 387,85/км2 (100,450/ми2) | ||||||
Час. појас | CET (UTC+1) | ||||||
• Лето (ЛСВ) | CEST (UTC+2) | ||||||
Поштенски код | 302xx и 303xx | ||||||
Повик. број | (+34) 968 | ||||||
Мреж. место | Официјално мрежно место |
Картахена (арапски: Al-Qartājanna قرطاجنة, латински: Carthago Nova) — шпански град и голема поморска станица која се наоѓа во автономната покраина Мурсија, покрај средоземниот брег во југоисточна Шпанија. Картахена има население од 216,301 жител (2015)[1] и е втора најголема општина во Мурсија и 22. најголема во државата. Метрополитенската област на Картахена, позната како Кампо де Картахена, има население од 409,586 жители.
Картахена е населена повеќе од два милениуми, основана околу 227 година п.н.е[2] од картагинецот Хаздрубал Убавиот[3] како Qart Hadasht, истото име како првичниот град Картагина. Градот го достигнал својот врв во текот на Римското Царство, кога бил познат како Carthago Nova (Новата Картагина) и Carthago Spartaria, главен град на покраината Карфагеника. Градот бил еден од најзначајните во текот на арапското освојување на Пиринејскиот Полуостров, под своето арапско име Qartayannat al-Halfa.
Голем дел од историска тежина на Картагена во минатото е заслуга на одбранбеното пристаниште, кое е едно од најважните во западното Средоземноморје. Картахена бил главен град на поморскиот оддел на Средоземноморјето на шпанската морнарица уште од доаѓањето на шпанските Бурбонци во 18. век. Уште од 16. век, градот бил еден од најважните поморски пританишта во Шпанија, заедно со Ферол на север. Тоа сè уште е важно морско пристаниште, главно воено пристаниште на Шпанија, и дом на големо поморско бродоградилиште.
Вкрстувањето на цивилизациите како и стратешкото засолниште, заедно со растот на локалната рударска индустрија се показател на уникатното уметничко наследство, со голем број на знаменитости како римскиот театар, вториот најголем на Пиринејскиот Полуостров по тој во Мерида, изобилство на феникански, римски, византиски и мавритански остатоци, и изобилство на градби во арт нуво, како резултат на буржоазијата од раниот 20. век. Картахена сега е позната како главно одредиште за бродско крстарење[4] во Средоземноморјето и важен културен центар.
Историја
[уреди | уреди извор]Праисторија и античка историја
[уреди | уреди извор]Постојат докази за праисториски населби на територијата на општина Картагена, како на пример на местото Лас Амоладерас на провлакот Ла Манга. По должината на брегот исто така има бројни археолошки наоди како што е ибериската населба Лос Ниетос на лагуната Мар Менор, како и остатоци од феникиски бродови, што претставуваат доказ за интензивни индустриски и трговски активности на целата територијата на уште од 6. век п.н.е.
Во врска со урбаната населба на градот Картагена, најстарите наводи би можеле да одговараат на градот Мастија[5], населба населена од Ибери и Тартешани[6] која се спомнува уште од 6. век п.н.е. и која традиционално се поврзува со градот Картахена. Првиот конкретен запис за истата населба датира од 227 година п.н.е, кога картагинскиот генерал Хаздрубал Убавиот го основал градот Qart Hadasht (Нов Град), на тој начин обезбедувајќи контрола над богатите минерални депозити на југоистокот. Градот станал престолнина на Картагинското Кралство, основано од Ханибал во Хиспанија, и од овој град тој отишол со слонови во познатиот победнички воен поход кон Италија, поминувајќи ги Алпите и започнувајќи ја втората пунска војна.
Во 209 година п.н.е, градот бил заземен од римскиот генерал Скипион Африканецот. Градот бил преименуван во Carthago Nova (Нова Картагина), и станал еден од најзначајните римски градови во Хиспанија. Во 44 година п.н.е. градот бил трет најголем шпански град по Таракон и Кордуба, добил статус на римска колонија под името Colonia Vrbs Iulia Nova Carthago (C.V.I.N.C) и бил управуван од граѓаните во согласност со римското право. Во овој процес на романизација, императорот Октавијан Август го обновил градот и изградил форум и монументален римски театар.
Околу 425 година, градот бил ограбен од Вандалите, пред тие да преминат во Африка. Градот морал да одговори на нападите на Вандалите и во 461 година, императорот Мајоријан собрал во градот флота од 45 бродови со намера да го освои Вандалското Кралство во Северна Африка и да го обнови Римското Царство во своите поранешни граници. Битката кај Картагена резултирала со голем пораз за римската војска, која била целосно разбиена.
Среден век
[уреди | уреди извор]- Ран среден век
По падот на Западното Римско Царство и воспоставувањето на германски кралства во Шпанија, околу 550 година Картахена била освоена од страна на византискиот цар Јустинијан I. Иако не постојат сигурни податоци за организацијата на овие територии, постои консензус дека Картахена, под името Carthago Spartaria во 615 година станала главен град на византиската провинција Спанија.[7]
Околу 622 година, Визиготите предводени од кралот Свинтила, го преземале и според Исидор Севиљски го уништиле и целосно опустошиле градот, предизвикувајќи длабок пад. Сепак, познато е дека во 675 година, при потпишување на еден документ при Толедските состаноци, се појавува потписот на Мулино, епископ на Картахена. Тоа значи дека во тој периодот градот бил епископско седиште.
За време на арапската доминација, градот доживеал извесна обнова, постоела џамија и тврдина на денешното брдо Консепсион, а градот бил именуван со арапското име Qartayannat al-Halfa.
- Доцен среден век
Во 1243 година, емирот Ибн Худ ал-Давла потпишал во алкараскиот договор капитулација на таифата Мурсија како калстилски протекторат.[8] Во 1245 година, кнезот Алфонсо, кој подоцна ќе стане познат како Алфонсо X од Кастиља, го заземал градот. Откако станал крал, тој ја обновил епархијата во Картахена и во 1270 година го создал Редот на Света Марија од Шпанија за поморска одбрана на Кралството Кастиља и основал своја резиденција во градот. Неколку години по Реконквистата, епархијата била преместена во Мурсија, со што значително се намалил урбаниот и економскиот раст и развој на населението во Картахена.
Во 1296, градот преминал во сопственост на Кралството Арагон, одлука која била потврдена во договорот во Торељас, но во согласност со договорот од Елче од 1305 година, градот повторно припаднал на Кралството Кастиља.[9]
Модерен период
[уреди | уреди извор]- XVI—XVII век
Започнувајќи од владеењето на кралевите Карло I и Филип II, воената и одбранбената улога на Картахена значително се зголемила. Градот прераснал во база на кралските галии и воена енклава, ѕидините биле зајакнати и биле издигнати неколку тврдини, како на пример Фуерте де Навидад (Божиќната тврдина).
Сепак, растот на населението бил одеднаш прекинуван во неколку прилики поради тоа што градот во овие векови бил зафатен од катастрофални епидемии на чума. Особено сериозна била епидемијата во 1648 година, кога 14.000 жители загинале за три месеци.
Пристаништето во Картахена станало водечка база на военото и политичкото влијание на шпанските кралеви на Средоземноморјето, во поглед на нивната власт во Италија како и на намалувањето на турската и варварската сила.
Во текот на овие векови, главните измени во градот се темелеле на основање на различни манастири, и овозможување во градот да се сметат црковни редови како тие на доминиканците, августинците и фрањевците. Манастирите создале одреден градски пејзаж, а раководителите на црковните редови го воделе културниот, религиозниот, па дури и здравствениот живот во Картахена во текот на 17. век.
- XVIII век
И покрај тоа што во текот на војната за шпанското наследство, градот бил на страната на Австријците, Картахена доживеала голема обнова со формирањето на Бурбонската династија.
Во 1726 година, Картахена станала главен град на поморскиот средоземни оддел, кој подоцна во 1748 година бил поделен на поморски провинции,[10][11] така што Картахена станала главен град на својата провинција.
Од друга страна пак, градот значително го проширил градското пространство со изградбата на нов ѕид кој ја зголемил површината на внатрешноста, а исто така биле изградени нови објекти од воен карактер, посебно арсеналот и различните замоци околу ѕидот, како на пример поморската болница, која денес е седиште на техничкиот универзитет на Картахена.
Збратимени градови
[уреди | уреди извор]Картахена е збратимен со:
- Картагина, Тунис (од 1989 г.)[12]
- Картахена де Индијас, Колумбија
- Терни, Италија[13]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Ayuntamiento de Cartagena“. Ayto-cartagena.es. Архивирано од изворникот на 2012-07-02. Посетено на 2013-03-26.
- ↑ „Callejero | Ayuntamiento de Cartagena“. Ayto-cartagena.es. Архивирано од изворникот на 2012-07-01. Посетено на 2013-03-26.
- ↑ Hasdrubal the Fair
- ↑ „Autoridad Portuaria de Cartagena“. Apc.es. Архивирано од изворникот на 2011-09-08. Посетено на 2013-03-26.
- ↑ Luis Suárez Fernández (1995). Ediciones Rialp (уред.). „De la protohistoria a la conquista romana“ (2. изд.). ISBN 8432120960. Архивирано од изворникот на 2015-02-21.
- ↑ Cascales, Francisco (1598). „Discurso de Cartagena“.
- ↑ Presedo Velo, Francisco J. (2003). La España bizantina. Universidad de Sevilla. стр. 80. ISBN 84-472-0730-7.
- ↑ Rodríguez Llopis, Miguel (1997). Alfonso X: Aportaciones de Un Rey Castellano a la Construcción de Europa. Editora Regional de Murcia. стр. 180. ISBN 9788475641966.
- ↑ Ferrer i Mallol, Maria Teresa (2005). Entre la paz y la guerra: La Corona catalono-aragonesa y Castilla en la Baja Edad Media. CSIC. стр. 150. ISBN 9788400083885.
- ↑ Burgoa, Juan J; de Aracil, Carlos (2012). Ferrol. La historia y los símbolos de la ciudad ilustrada. Visión Libros. стр. 158. ISBN 9788490118597.
- ↑ Martínez Shaw, Carlos (2004). El imperio sublevado: monarquía y naciones en España e Hispanoamérica. Editorial CSIC - CSIC Press. стр. 134. ISBN 9788400082475.
- ↑ Carthage
- ↑ „Umbria - Town Twinning“. Comuni-Italiani.it. Архивирано од изворникот на 2012-03-04. Посетено на 2013-08-21.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Картахена“ на Ризницата ? |
- Official Tourism Site of Murcia, Spain (click on English at the bottom)
- Cartagena City Hall (шпански)
- Viva Murcia Архивирано на 9 јуни 2021 г. Information and photographs for Cartagena
- Photos of Cartagena Архивирано на 10 февруари 2012 г. (click on English at the bottom)
- Handball Club Cartagena, Spain Архивирано на 24 септември 2016 г.
|