Мисисипи (река)
Реката Мисисипи (англиски: The Mississippi River) — втора најдолга река во САД со должина од 3 766км од изворот во езерото Итаска во Минесота до устието во Мексиканскиот Залив. Најдолгата река во САД е реката Мисури, со должина од 4 128 км.
Реката Мисисипи е дел од речниот систем Џеферсон-Мисури-Мисисипи, кој е најголем речен систем во Северна Америка и меѓу најголемите во светот: по должина 6 275 км е четврти, а по проток 16 200 м3/с е десетти.
Најдолгата притока на Мисисипи е Мисури, а најбогатата со вода е реката Охајо. Името на реката е изведено од зборот на домородните Оџибве „миси-зииби“ (огромна река) или „гичи-зииби“ (голема река).
Географија
[уреди | уреди извор]Реката се дели на горна Мисисипи од изворот кон југ до вливот на реката Охајо, и долна Мисисипи од Охајо до устието во Мексиканскиот Залив близу Њу Орлеанс во државата Луизијана.
Цел систем од 29 брани во горниот дел, од кои повеќето се изградени во 1930-тите години, се направени за да се одржи нивото на водата на 2,7м длабочина за комерцијалниот сообраќај на сплавови.[1] Езерата кои притоа се формираат се користат за рекреативна пловидба и рибарење. Браните ја прават реката подлабока, но не ја сопираат и не се наменети за контрола на поплави. Во периоди на висок водостој, портите на браните се целосно отворени и браните воопшто не функционираат. После градот Сент Луис во државата Мисури, Мисисипи тече главно слободно, иако постојат бројни насочувања преку систем од крилни брани и препреки за насочување.
Поголеми притоки на Мисисипи се реките Минесота, Висконсин, Дес Моинес, Илиноис, Мисури, Охајо и Арканзас. Поголеми ндиректни притоки се и реките Тенеси (притока на р. Охајо) и Плат (притока на р. Мисури). Покрај тоа, Мисисипи има и една голема „од-тока“ - река што се издвојува од неа, а тоа е реката Атчафалаја во Луизијана.
Реката тече низ десет сојузни држави на САД: Минесота, Висконсин, Ајова, Илиноис, Мисури, Кентаки, Тенеси, Арканзас, Мисисипи и Луизијана и служи како природна граница помеѓу некои од тие држави. Границите ја следат средината на речното дно, и иако таа со текот на времето се поместува, границите се сметаат според времето кога биле воспоставени.[2]
Ширината на реката, во деловите каде што е контролирана со брани е мошне голема, и најшироката точка е езерото Онласка, во Висконсин, каде што достигнува ширина од околу 6,4км. Во деловите кајшто реката не е контролирана со брани, ширината надминува и 1,6км.
Преку Мисисипи се изградени низа мостови, од кои првиот во 1855. Ја премостувал реката во Минеаполис, Минесота, каде што денес се наоѓа Мостот на Авенијата Хенепин. Првиот железнички мост преку Мисисипи е изграден во 1856, и ја премостувал реката помеѓу островот Арсенал кај островот Рок во Илиноис и Девенпорт во Ајова.
Реката често се смета како природна граница која го определува западниот и источниот дел на САД, и местата често се опишуваат како „западно од Мисисипи“ или „источно од Мисисипи“.
Поголеми градови по течението на реката се: Минеаполис и Сент Пол во Минесота, Сент Луис во Мисури, Мемфис во Тенеси и Њу Орлеанс во Луизијана.
Настани
[уреди | уреди извор]Во 1927 година реката се излила на 145 места за време на Големата поплава и поплавила 70 000км2 до длабочина од 10м.
На 20 октомври 1976, автомобилскиот траектен брод Џорџ Принс се судрил со брод кој патувал узводно. 78 лица загинале, само 18 ја преживеале несреќата.
Голема поплава од 1993 го зафатила горниот дел на Мисисипи, над утоката на реката Охајо.
На 1 август 2007 се урнал мостот И-35В (I-35W) во Минеаполис, Минесота за време на вечерниот сообраќаен шпиц. 13 лица загинале, а уште 100 биле повредени.
Култура
[уреди | уреди извор]Поради своето економско и географско значење, Мисисипи има длабоки културни корени кај американскиот народ, и е предмет или место на настани во многу дела од културата: во литературата, кај Вилијам Фокнер, Марк Твен, Херман Мелвил, Дон Роса, и др.; во музиката кај Ферд Горфе, Џони Кеш, Лед Цепелин, мјузиклот „Сценски брод“; во филмот „Доручек кај Тифани“, и др.
Реката има и одредени врски со џезот: авторот Дубос Хејвард вели дека музичкиот правец џез го добил името од еден црн музичар што се викал Џезбо Браун. Околу почетокот на 19. век легендарниот Џезбо Браун се вели дека свирел на бродовите во Мисисипи, како што се вели и во песната на Беси Смит „Џезбо Браун од Мемфис Таун“.
Два дела од Мисисипи се прогласени за Американско наследство во 1997: долниот дел околу Луизијана и Тенеси, и горниот дел околу Ајова, Илиноис, Минесота и Мисури.
Спорт и рекреација
[уреди | уреди извор]Спортот скијање на вода бил измислен на Мисисипи, во регионот помеѓу Минесота и Висконсин, познат како езеро Пепин. Ралф Семјуелсон ја измислил и усовршил техниката на скијање во јуни и јули 1922. Тој подоцна го извел и првиот скок во водно скијање во 1925. год., и бил влечен со брзина од 128 км/ч истата година.
Во 2002. словенечкиот пливачки маратонец Мартин Стрел ја препливал реката по целата должина, од Минесота до Луизијана, за 68 дена.
Во 2005, експедицијата „Од изворот до морето“ веслала по реките Мисисипи и Атчафалаја за да го помогнат Природозаштитното друштво „Одибон“.
Занимливости
[уреди | уреди извор]Кога децата кај нас играат ластик, ритмичката песничка „е-ма-ес-ес-а-ес-ес-а-пи-пи-ја“ што ја пеат доаѓа од англиското спелување на зборот Мисисипи (Mississippi = ем-ај-ес-ес-ај-ес-ес-ај-пи-пи-ај).
Мисисипи како тема во уметноста и во популарната култура
[уреди | уреди извор]- „Тивко тече Мисисипи“ (српски: Тихо тече Мисисипи) - роман на српскиот писател Владимир Табашевиќ од 2016 година.[3]
- „Ми недостига Мисисипи“ (англиски: Miss The Mississippi) - песна на американската фолк-музичарка Емилу Харис (Emmylou Harris) од 1980 година.[4]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „U.S. Waterway System Facts, December 2005“ (PDF). USACE Navigation Data Center. Архивирано од изворникот (PDF) на 2007-07-03. Посетено на 2006-04-27.
- ↑ http://encyclopediaofarkansas.net/encyclopedia/entry-detail.aspx?entryID=2546 encyclopediaofarkansas.net
- ↑ Vladimir Tabašević, Zabluda svetog Sebastijana. Beograd: Laguna, 2019, стр. 195.
- ↑ DISCOGS, Emmylou Harris – Roses In The Snow (пристапено на 8.10.2018)
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Мисисипи (река)“ на Ризницата ? |
- Справуавње со поплави на реката Мисисипи Архивирано на 18 август 2018 г.
- Пријатели на реката Мисисипи
|