Прејди на содржината

Михаил Салтиков-Шчедрин

Од Википедија — слободната енциклопедија

Михаил Салтиков-Шчедрин (руски: Михаил Евграфович Салтыков-Щедрин; 27 јануари 1826, Спас-Угол, Русија - 10 мај 1889, Санкт Петербург, Русија) — руски писател и новинар. Салтиков ги објавувал своите дела под псеводнимот Николај Шчедрин (руски: Николай Щедрин), па оттаму е познат како Салтиков-Шчедрин.

Животопис

[уреди | уреди извор]
Салтиков-Шчедрин во 1850-тите.

Михаил Салтиков е роден во селото Спас-Угол, на 27 јануари 1826 година. Иако имал благородничко потекло, целиот живот го поминал како службеник во државната администрација. Истовремено, тој бил уредник на највлијателните руски списанија на 19 век, „Современик“ и „Отечествени записи“. Поради неговите напредни, демократски сфаќања, кон крајот на неговиот живот, во 1880-тите, царската власт му забранила на Салтиков-Шчедрин да ѝ се обраќа на читателската публика преку неговото списание.[1]

Салтиков-Шчедрин починал на 10 мај 1889 година, во Санкт Петербург.

Гробот на Салтиков-Шчедрин

Творештво

[уреди | уреди извор]
Салтиков-Шчедрин во 1870.

Иако бил современик на Тургенев, Толстој и Достоевски, според својата книжевна постапка, Салтиков-Шчедрин не е дел од таа книжевна традиција, туку неговиот пат одел по друга насока. Ако се бараат претходници на неговото творештво, тоа би биле писателите Кантемир, Фонвизин, Грибоедов и Гогољ, кои со својата сатира се обидувале да ги поправат недостатоците на општеството. Тој ја започнал книжевната кариера кон крајот на 1840-тите, но идеолошки ѝ припаѓа на генерацијата писатели кои се појавиле за време на големите реформи, во 1860-тите, кога било укинато кметството во Русија. Во тој период се појавила група писатели кои се разликувале од големите руски автори, и тоа како по општествениот статус, така и по погледите на стварноста. Таа група настојувала да ги изобличи одликите на стариот систем, поради што оваа книжевна струја била позната како „изобличителни“. Салтиков-Шчедрин бил најистакнат претставник на тој правец, иако ни по своето потекло ниту по општествената положба не им припаѓал на „изобличителите“.[2]

Спомен-домот на Салтиков-Шчедрин

Творештвото на Салтиков-Шчедрин е обемно и се протегало во текот на 40 години. Неговите најзначајни дела се:[3]

  • Слики од губернијата
  • Историја на градот Глупов
  • Помпадури и помпадурки
  • Ташкенци
  • Современа идила
  • Пошехонската старина
  • Господа Головлеви

Во своите дела, Салтиков-Шчедрин силно, во остар сатиричен тон ги насликал феудалниот и бирократскиот режим на Русија, економското и моралното пропаѓање на благородниците, експлоатацијата на кметовите и ја напаѓал младата буржоазија која во тоа време го градела капитализмот во Русија. Притоа, по своите убедувања, тој им припаѓал на револуционерните демократи и во неговите први дела се чувствувало влијанието на социјалистите-утописти, но подоцна настанал пресврт во неговиот стил и тој започнал да пишува во сатиричен стил. Бескомпромисен, тој не ги трпел претставниците на благородничката книжевност, ги исмевал и правел пародии на нивните книжевни јунаци. Својата писателска мисија Салтиков-Шчедрин ја ценел исклучително многу. Тој ја признавал својата длабока врска со книжевноста, страдал поради нејзината подредена положба, а тој живеел поради читателите.[4]

Сатиричкиот талент на Салтиков-Шчедрин се одликува со голема разновидност, зашто не постоела негативна појава во рускиот јавен живот која не била предмет на неговата остра осуда. Тој неуморно ги разобличувал назадните елементи во владата и во општеството, ги критикувал претензиите на благородништвото, а насликал низа незаборавни ликови на феудалци-земјопоседници, „кулаци“-експлоататори, лажни либерали во провинцијата, лицемери итн. Исто така, негова омилена тема била и бирократијата, тоа „мрачно царство“ кое тој многу добро го познавал.Во тој поглед, според еден руски критичар, повеќедецениското творештво на Салтиков-Шчедрин претставува еден вид историски документ во кој се соединуваат уметничката и стварната вистина.[5]

Паралелно со развојот на руското општество, кон крајот на 19 век се проширил и опфатот на творештвото на Салтиков-Шчедрин, кој во втората половина на 1870-тите започнал да пишува за лакомите и бескрупулозни „кулаци“ кои започнале да доаѓаат на местото на старите спахии од времето на кметството. Бидејќи во тоа време, власта започнала да го цензурира, Салтиков-Шчедрин ја продолжил својата сатира во „завиткана“ форма, градејќи нов стил, т.н. „езоповски“ јазик, особено застапен во неговите „сказни“.[6]

Поради својата остра сатира, Салтиков-Шчедрин бил остро напаѓан од неговите противници, кои го критикувале дека воопшто немал позитивни идеали, туку само „плукал“ и „фрлал кал“, постојано вртејќи ги своите здодевни теми. Навистина, во неговите дела има едностраност, карикирање, сарказам, па дури и груби, невкусни изрази. Сепак, во неговото творештво може да се сретнат повисоки идеали, но најчесто тие се скриени на дното и само понекогаш излегуваат на површината со топли лирски искри. Во секој случај, точно е дека неговиот талент е претежно насочен кон човечките недостатоци. Познато е дека тој особено ги мразел „златната средина“ и „умерениот“, „средниот“ човек.[7]

  1. P. Mitropan, „Satira M. Saltikova-Ščedrina“, во: M.J. Saltikov-Ščedrin, Gospoda Golovljovi. Beograd: Rad, 1964, стр. 314-316.
  2. P. Mitropan, „Satira M. Saltikova-Ščedrina“, во: M.J. Saltikov-Ščedrin, Gospoda Golovljovi. Beograd: Rad, 1964, стр. 313-314.
  3. P. Mitropan, „Satira M. Saltikova-Ščedrina“, во: M.J. Saltikov-Ščedrin, Gospoda Golovljovi. Beograd: Rad, 1964, стр. 314.
  4. P. Mitropan, „Satira M. Saltikova-Ščedrina“, во: M.J. Saltikov-Ščedrin, Gospoda Golovljovi. Beograd: Rad, 1964, стр. 314-315.
  5. P. Mitropan, „Satira M. Saltikova-Ščedrina“, во: M.J. Saltikov-Ščedrin, Gospoda Golovljovi. Beograd: Rad, 1964, стр. 315-316.
  6. P. Mitropan, „Satira M. Saltikova-Ščedrina“, во: M.J. Saltikov-Ščedrin, Gospoda Golovljovi. Beograd: Rad, 1964, стр. 316.
  7. P. Mitropan, „Satira M. Saltikova-Ščedrina“, во: M.J. Saltikov-Ščedrin, Gospoda Golovljovi. Beograd: Rad, 1964, стр. 316-317.