Нурбану Султан
Афифе Нурбану Валиде султан | |
---|---|
Погребот на Нурбану Султан | |
Роден(а) | Сесилија Вениер Бафо[1] 1525 Парос, Киклади, Венецијанска Република |
Починал(а) | 7 декември 1583 Цариград |
Почивалиште | Света Софија, Истанбул |
Познат(а) по | Валиде султан |
Вера | Јудаизам или католицизам, подоцна го прифатила исламот |
Сопружник | Селим II |
Деца | Мурат III |
Родители | Николо Вениер |
Нурбану Султан или Нур-Бану Султан (околу 1525 - 7 декември 1583) била венецијанска благородничка, сопруга на османлискиот султан Селим II, како и мајка односно Валиде султан на Мурат III. Во периодот од 1574 до 1583 година делувала како ко-регент во империјата.
Според венецијански извори, Сесилија или Оливија како што се викала Нурбану пред да го прими исламот, била ќерка на Николо Вениер кој бил владетел на островот Парос и внука на венецијанскиот дужд Себастијано Вениер. Таа била заробена кога Османлиите го освоиле Парос во 1537 година. По ова таа била однесена во султанскиот харем на Селим II во Истанбул. Во харемот таа станала омилена на османлискиот султан Селим, кој во 1566 година седнал на престолот. Во 1546 година го родила идниот султан Мурат III. Кога Селим II починал во 1574 година, таа го сокрила неговото тело во мраз додека нејзиниот син Мурат да пристигне од Маниса до Истанбул.
По прогласувањето на Мурат за нов султан, таа станала Валиде султан и започнала да ја управува империјата заедно со големиот везир Мехмет Паша Соколовиќ. Мурат III со сигурност ги признал водачките способности на неговата мајка. Всушност, тој се потпирал на неговата мајка во текот на неговото владеење барајќи совет при земање на секоја одлука.
Нурбану Султан била активна во дипломатската политика на земјата. Таа имала контакти со сопругата на францускиот крал Хенри III, Катерина Медичи. Преку воспоставување на кореспонденција, таа помогнала да се одржат добрите односи меѓу двете земји. Во прилог на Франција, Нурбану исто така имала и дипломатски односи со Венеција. Можеби најзначајниот придонес на Нурбану за Венеција, земјата од каде потекнувала, била објавената инвазија на адмиралот Килич Али Паша врз островот Крит кој бил под венецијанска управа. Бидејќи не сакала да ги наруши односите со Венеција таа испратила порака до адмиралот како предупредување дека инвазијата не треба да се изврши и дека овој поход ќе биде штетен за султанот. По ова, следувало и повлекување на планот на адмиралот.
Нурбану Султан била вклучена и во културниот живот на земјата. Таа била одговорна за изградбата на Атик Валиде џамија.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Cultures in Colors, Valeria Heuberger, Geneviève Humbert, Geneviève Humbert-Knitel, Elisabeth Vyslonzil, page:68, ISBN 3-631-36808-9, 2001
|