Прејди на содржината

Харем

Од Википедија — слободната енциклопедија
Базен во харемот од Жан-Леон Жером, масло на платну (1876) денес се наоѓа во музејот Ермитаж, Санкт Петербург

Харем (арапски: حرم) – дел од домаќинството во полигамиските семејства, карактеристичен за исламот. Затворен е и добро се чува. Во него се сместуваат сопругите, конкубините и робинките на богатите муслимани кои можат тоа да си го дозволат.[1] Царскиот харем на турските султани се наоѓал во Топкапи-сарај, палата која е изградена по наредба на великиот Мехмед II Освојувачот, султанот кој го освоил Цариград во 1453 година. Харемот бил дом на сите жени кои го опкружувале султанот, и во него владееле посебни правила.

Харемот бил дом на валиде-султанијата (мајката на султанот), бројните султанови жени и конкубини, како и на бројните слугинки. Харемот го чувале црни евнуси, а самите жени биле поделени во две големи групи. Првата, пониската по ранг, ја сочинувале слугинките задолжени да чистат и да ги служат останатите жени. Слугинките од своја страна биле поделени на нивоа во зависност од нивните способности, умеења и стажот поминат во харемот. Повластената класа ја сочинувале, покрај валиде-султанијата и султановата доилка (која исто така заземала многу важно место во харемот), султановите жени и конкубини, кои биле бирани според нивната убавина и нивните способности да пеат, свират некој инструмент или танцуваат.

Кога ќе стигнеле во харемот овие жени прво станувале ученички на постарите и поискусни жени кои ги облекувале и спремале за излегување пред султанот. Кога султанот ќе запазел некоја од нив, таа веднаш добивала посебни одаи во кои се спремала за состанок со султанот. Ако после првата ноќ помината со султанот останела во негова милост, станувала царска конкубина, а ако би му подарела син и тој син бил султанов првенец, станувала прва жена на султанот. Ако нејзиниот син го наследел султанот, таа тогаш станувала валиде-султанија. Валиде-султаниите имале многу голем углед и влијание на султанот. За време на владеењето на Селим II Пијаницата почнал период од околу 130 години, познат како „султанат на жените“, во кој повеќе валиде-султании имале многу голема моќ и влијание на државните работи.

За разлика од харемот во Топкапи-сарај кој се викал и „Куќа на веселбите“, старата кралска палата на третото брдо, Ески-сарај, бил дом на т.н. „Куќа на солзите“, харемот во кој живееле жените и децата на поранешните султани. Кога ќе умрел султанот, сите негови жени и конкубини преминувале во Куќата на солзите со сите свои деца кои не би настрадале во вообичаените братоубиствени чистки кои се случувале секогаш кога ќе дојдело до смена на престолот, и останувале таму до крајот на животот. Додуша, некои жени кои не стигнале да станат конкубини на султанот, понекогаш се мажеле за османските великодостојници.

Дисциплината во харемот била на многу високо рамниште. Чуварите на харемот физички ја казнувале секоја жена која би се покажала непослушна. Оние пак кои би биле повеќепати казнети и кои се покажувале како непоправливи, по директна наредба од султанот би биле исфрлени од султановиот харем и испратени во Куќата на солзите, а целокупната своина би им била одземена. Ако би биле криви како вештерки или некој друг престап со слична тежина, би биле ставени во вреќа со врзани раце и нозе и фрлени в море во текот на ноќта.

  1. „Harem Oxford Dictionaries“. Архивирано од изворникот на 2016-06-21. Посетено на 2016-09-04.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]