Ротонда
Ротонда (латински: rotondus, италијански: rotonda) — градба со кружен облик, чијшто врв е форма на конус. Може да биде изградена како посебна градба или како дел на поголема градба. Големината на ротондата може да се разликува од помала до монументална, а истата може да биде црковна или за секојдневни намени. Употребата на ротондата како архитектонски елемент е карактеристична во развојот на речиси сите архитектонски стилови. Внатрешноста, често, но не и неопходно е уредена со конхи и ниши, а покривот е во облик на купола.
Историја
[уреди | уреди извор]Антика
[уреди | уреди извор]Како едноставни ротонди од античко време се сметтат моноптеросите и толосите, кои водат потекло од старогрчката и староримската архитектура. Атреевата ризница во Микена, со својата конзолеста купола претставува најран познат пример за постоењето на ротонда. Најпознат пример на монументална градба со облик на ротонда од тоа време е Пантеонот во Рим, изграден од страна на иимператорот Адријан. Како историски пример се потврдува и Базиликата на Светиот Гроб во Ерусалим, во чијашто градба, ротондата на два ката и трокатниот средиштен дел претставуваат дел од целокупната градба, кон која се приклучени и ред со столбови и петстранична базилика.
Рано христијанство
[уреди | уреди извор]Црквата Санто Стефано Ротондо во Рим, посветена во 470 година, претставува ранохристијански пример за ротонда по оној од Базиликата во Ерусалим. Оваа црква го претставува последниот пример на монументална градба, изградена во Западното Римско Царство.
Во Сирија, постоењето на ротонди е потврдено во ископините на градот Босра.
Среден век
[уреди | уреди извор]Тркалезните цркви како оние на островот Борнхолм, во Унгарија и во Трансилванија, како централен елемент содржат едноставна ротонда. Овие цркви биле градени за да послужат за одбранбени цели, а карактеристично е и тоа што понекогаш сводот бил поставуван над средишниот столб.
Како посебен елемент во целата градба, значајна е и хорската ротонда, која за првпат се појавила со изградбата на црквата Сент Бенињ во Дижон од 11. век, но набргу нејзината употреба се проширила и овој вид ротонда станала дел од други средноевропски градби.
Централните ротонди во англиските цркви, како онаа во Храмовата црква во Лондон, се големи и од внатрешната страна содржат заштитни венци кои наликуваат на оние вградени во Базиликата на Светиот Гроб во Ерусалим.
Средновековните кули на замоците, исто така имале кружна основа. Овие структури во функција на „одбранбени кули“ („бергфрид“ или „донжон“) обично не спаѓаат во рамките на дефиницијата за „ротонда“, па дури и ако биле капели во рамките на замокот (добри примери за ова има во Бохемија и Моравија).
Во кој степен Трулите во Алберобело, чијашто основа е кружна, може да се сметаат за „ротонди“, не е опишано иако прашањето сè уште не е затворено.
Ренесанса
[уреди | уреди извор]Во оваа епоха дошло до изградба на монументални дела од антиката, а почетна точка претставува архитектурата во Италија (Венеција, Фиренца и Рим). Централните кружни градби биле прифаќани како достигнување во затворената архитектонска хармонија, во која хоризонталните и вертикалните сили биле еквивалентни. Познати вакви ротонди се среќаваат во градбите на Андреја Паладио (на пример во Вила Ротонда), Филипо Брунелески и Донато Браманте. Како и Леон Батиста Алберти, така и Леонардо да Винчи се занимавал со теоријата на архитектурата и обајцата направиле бројни скици, кои никогаш не биле спроведени.
За најзначајната и најпозната ротонда, со најголемата купола над неа, Базиликата Свети Петар во Рим, првоангажираните уметници (меѓу другите и Браманте и Микеланџело) доставиле револуционерни нацрти, но на крајот бил употребен изработениот модел од страна на Џакомо дела Порта.
Барок
[уреди | уреди извор]Уметноста на монументалните градби со централна ротонда се среќава во различни обработени форми во Италија, но исто така е широко распространета и северно од Алпите.
Познати примери се црквата Санта Марија дела Салуте во Венеција, Богородичната црква во Дрезден, Карловата црква во Виена и Домот на инвалидите во Париз. Во Германија и Австрија, овој вид на централни градби со ротонда често се среќава како аџилачки цркви (познат пример е Манастирот Марија Бирнбаум во Горна Баварија).
Во парковите, кои во оваа епоха биле поретко уредувани, била обновена изградбата на римските ротонди во облик на мал павилјон. Околу барокните дворци, во кружен облик биле градени и бунарите и фонтаните. Одовде произлегол и започнал да се употреба поимот „бунарска ротонда“, кој сепак сè уште не е дефиниран во архитектонскиот речник.
Исто така, барокните капели често содржеле или биле изградени во облик на ротонда.
Понова и најнова архитектура
[уреди | уреди извор]Во класицизмот, биле градени монументални ротонди според традицијата на пантеоните, како што се црквите Сан Франческо ди Паола во Неапол и Црква Гран Мадре ди Дио во Торино. Изградба на куполи со централни ротонди имало и во Франција (Пантеонот во Париз), Германија (црквата Свети Павле во Франкфурт) и Данска (Фредериковата црква во Копенхаген). Во САД, „ротонда“ претставува зградата на библиотеката на универзитетот Вирџинија која има кружен облик и ја инспирирала изградбата на многу идни градби, како на пример оние на МИТ. Виенската ротонда, која изгорела во 1937 година, а служела како зграда за одржување на изложби, претставува вообичаен пример од 19. век. Исто така во класицизмот, римскиот храм бил вообичаен објект при уредувањето на парковите.
Базиликата Сакре Кер на ридот Монмартр во Париз претставува школски пример за градба која до централната има повеќе странични ротонди.
Примери на градби од поново време се главниот простор на Современата ликовна галерија во Минхен, Панорамскиот музеј во Бад Франкенхаузен, како и ротондата во Фалкензее покрај Берлин.
Понекогаш и некои паметници биле изработуване во облик на ротонда, а познати примери се Паметникот на Арминиј во Северна Рајна-Вестфалија и Споменикот на војникот-ослободител во Трептов-парк во Берлин.
Има бројни современи примери за тркалезни цркви, во кои ротондата како архитектонски елемент е вграден многу слободно и во иновативни кострукции.
Некои административни кули имаат тркалезен облик, но нормално не се сметаат за ротонди. Сепак, на сродноста со обликот посочува и името на кулата „Ротонда“, која се наоѓа во Бирмингем и има тркалезен облик.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Користена литература
[уреди | уреди извор]- Günther Binding: Architektonische Formenlehre, Darmstadt, 1987.
- Wilfried Koch: Baustilkunde, München, 1988.
Литература
[уреди | уреди извор]- Vera, Gervers-Molnár (1972): A középkori Magyarország rotundái. (Rotunda in the Medieval Hungary). Akadémiai, Budapest.
- József, Csemegi (1949): A tarnaszentmáriai templom hajójának stíluskritikai vizsgálata. (Studies on the Nave of the Church at Tarnaszentmária.) in: Antiquitas Hungarica III (1949), 92-107.
- Sena Sekulić-Gvozdanović (1994): Templom erődítések Horvátországban.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Ротонда“ на Ризницата ? |