Прејди на содржината

Славчо Абазов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Славчо Абазов
Роден 9 март 1883
Злетово, Пробиштипско,  Османлиско Царство, денес Македонија
Починал 7 февруари 1928
Софија,  Бугарија
Занимање револуционер
Абазов како војник во 1916 г.
Свидетелство на Славчо Абазов за учество во Македонско одринско ополчение, подпишано од началникот на штабот на полкот, мајор Петар Дрвингов

Славчо Абазов (Злетово, Пробиштипско, 9 март 1883 - Софија, Бугарија, 7 февруари 1928) — македонски револуционер, кратовски војвода и член на Македонската револуционерна организација (МРО). Оставил забележителни траги во македонското револуционерно движење. Учествувал во подготовките за Илинденското востание, војувал за време на Балканските војни, а по Првата светска војна станал член на потесното раководство на емигрантската Илинденска организација.[1]

Животопис

[уреди | уреди извор]

Славчо Анастас Абазов е роден на 9 март 1883 година во Злетово, во семејството на Анастас и Парашкева Арсова Абазова. Семејството Абазови кое се занимавало со сточарство и трговија со дрво потекнувало од кочанското село Горно Гратче, од каде се преселило во пробиштопското село Зеленград. Во почетокот на 80-тите години на XIX век Крсте Митрев Абазов се преселил во Злетово, а неговиот син Анастас Абазов ја наследил трговијата со дрво од која се збогатил, а се занимавал и со револуционерна дејност. Во редовите на МРО, семејството Абазови го привлекол воденичарот Лазо Јакимов, човек на војводата Атанас Бабата во Злетово. Славчо учел во Скопското педагошко училиште, каде соученик му бил Тодор Александров. По завршувањето на педагошкото училиште во 1898 година, работел како учител во Кочани и како активен член на организацијата бил назначен за револуционерен раководител на регионот. Уште во 1901 година тој веќе го раководел злетовски комитет и го помага формирањето на четите и активностите на реонскиот војвода Атанас Бабата. Така Злетово и Лесново станале важни пунктови на Организацијата каде се складирало оружјето кое доаѓало од Бугарија. По Солунските атентати во април 1903 година, Славчо и неговиот татко Анастас биле уапсени од турските власти поради својата револуционерна дејност. Анастас бил ослободен, а Славчо бил прогласен за виновен, и осуден на 101 година во скопскиот затвор.[2] За подготвување и давање засолништво и храна на бунтовниците и пројавената активност за собирање пари од населението, како и заради пренесување и доставување оружје, муниција и други убојни средства, Славчо Абазов бил осуден на три години затвор. Тој казната ја издржувал во Скопскиот затвор Куршумли ан, каде лежел заедно со Тодор Александров.

По општата амнестија во април 1904 година, Славчо бил ослободен и се вратил во Злетово, каде по задушувањето на Илинденското востание ја затекнал Организацијата растурена, четите распуштени, а голем број на луѓе биле пребегани во Бугарија. Во овој период во регионот се појавила и српската вооружена пропаганда. Но, во текот на годината четите на Мише Развигоров, Константин Нунков и Боби Стојчев им нанеле тешки удари на четите на српската пропаганда и ја стабилизирале Организацијата. Така, од 2 до 7 јануари 1905 година, Славчо Абзаов како делегат учествувал на Скопскиот окружен конгрес во Кнежево, каде ги прифатил мерките за борба против српската пропаганда.

Набргу по конгресот Славчо Абазов влегол во илегала и делувал како војвода на чета во Кратовско, Штипско, Кочанско и Паланечко. Со четата дошол во Ќустендил во октомври 1906 година, со што се поврзал со узвената програма за борба против српската и грчката пропаганда на Вториот регуларен конгрес на Скопскиот револуционерен округ.

На Ќустендилскиот конгрес на ВМРО во март 1908 година, на местото на Аце Дорев кој бил избран за член на Задграничното претставништво на ВМРО, Славчо Абазов бил назначен да раководи со пунктот во Ќустендил. Основната задача на Славчо и неговиот помошник Георги Гочев во Ќустендил им била да ги вооружуваат и да ги испраќаат четите преку граница. Тој ја презел должноста и постајано одржувал коресподенција со задграничниот претставник Христо Матов. Инаку низ Ќустендил, од 1903 до 1908 година на пат за Македонија, поминале 162 чети.

По Младотурската револуција во 1908 година, Ќустендилскиот пункт бил распуштен, а Славчо се вратил во Злетово. Меѓутоа, набрзо бил приморан да бега во Бугарија и само повремено се враќал во Злетово.

Славчо Абазов учествувал во Првата балканска војна како војвода на Кратовската чета (чета бр 33 на Македонско одринско ополчение).[3] Четата која броела 33 лица, Абазов ја формирал за еден ден и ја вооружил со поголем дел од оружјето. Кратовската чета ја преминала границата на 5 октомври 1912 година и заедно со четите на Стојан Мишев и Георги Гочев учествувала во разбивање на турска коњичка патрола кај влашките колиби Кормина, југозападно од Султан тепе, што предизвикало нејзино повлекување и паника меѓу турското население. На 9 октомври, четата на Абазов со 300 лица од формираната македонска милиција го ослободила Кратово и го предала на 14-тиот српски полк, а Абазов и милицијата го зазеле Црн врв и го спречиле настапувањето на турската војска од кај Овче Поле. На 11 – ти, четите на Абазов, Тодор Оровчанов и Спиро Диљов со милицијата, поддржани од делови на Тимочката дивизија сè уште го држеле Црн Врв, а на 12 октомври пред пладне, Турците се повлекле откако ги изгубиле двете батерии и резервите.

Веќе на 16 октомври, постариот окружен војвода Абазов го испратил до штабот на Македонското одринско ополчение еден од првите документи во кој го опишал непријателскиот однос на српската војска кон локаното македонско население. Тој подоцна ги опишал Србите како окупатори. Потоа Кратовската чета дејствувала заедно со четата на Стамен Темелков во Радовишко, а заедно со Дончо Ангелов и Еротеј Николов се нашол на чело на Кратовско-Пијанечката чета.

Во почетокот на 1913 година, за да бидат што подалеку од татковината, Бугарската армија ги реорганизирала македонските партизански чети и ги префрлила во Кешан и Малград (Малгара) во Тракија. Војводата Славчо Абазов бил приклучен на 15-тата штипска дружина, која на 10 март од Ајнарџик била префрлена во Авдин, каде влегла во состав на Третата бригада на Четвртата бугарска армија, која учествувала во одбрана на брегот на Мраморното Море. По заострувањето на односите меѓу сојузниците, на 19 април ополченците добиле команда да се префрлат во Македонија. На 1 мај Абазов добил наредба со уште 200 лица војводи и четници да замине на 9 мај за Македонија за да подготви разузнувачки пункт од каде мали групи ќе преминувале на територијата под српска и грчка окупација. Така Абазов го презел раководството на Кочанскиот разузнувачки пункт.

По избувнувањето на Втората балканска војна на 16 јуни 1913 година, Абазов со Кратовската партизанска чета и делови на семата рилска дивизија влегол во Злетово и потоа се повлекол по паѓањето на градот на 21 јуни. За учеството во двете војни бил награден со орден „За воени заслуги“ VI степен и воен крст „За храброст“. По војната се населил во градот Ѓумурџина (Комотина), кој во војната и припаднал на Бугарија и се занимавал со трговија со тутун.

Во текот на Првата светска војна Абазов бил подофицер во 59. пешадиски полк на 11 дивизија на бугарската армија, кој ги држел позициите во близина на Валовишта во Егејска Македонија. Во јули 1918 година, Славчо бил назначен за член на окружната постојана комисија во Куманово и водел голема грижа за да го овозможи прехранувањето на населението.

По завршувањето на Првата светска војна, Славчо се повлекол во Бугарија каде учествува во активностите на македонските емигрантски организации и бил член на Кратовското добротворно браство. Учествувал во основањето на Илинденската организација и бил прв нејзин благајник. Исто така учествувал и во основањето на Македонската коперативна банка во 1925 година. Починал во Софија на 7 февруари 1928 година.

  1. Славчо Славчов Абазов; Војводата Славчо Абазов 1883 - 1928, каталог, Кочани, 2010, 42 стр.;
  2. Енциклопедија ВМРО, Скопје, 2015, стр. 1
  3. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 53.