Сосиете Женерал
Сосиете Женерал (француски: Société Générale) - француска универзална банкарска група.
Историја
[уреди | уреди извор]Банката „Сосиете Женерал“ била основана во 1864 година од група на индустријалци и финансиери, а нејзиното првобитно име било Société Générale pour favoriser le développement du commerce et de l’industrie en France (Општо друштво за поддршка на развојот на трговијата и индустријата во Франција), како што било напишано во царскиот декрет потпишан од Наполеон III на 4 мај 1864 година. Сосиете Женерал секогаш му служела на економскиот развој на Франција, особено придонесувајќи во финансирањето на инфраструктурата. Таа била меѓу првите француски банки кои отвориле свои подружници во Лондон и во Русија, во 1870-те, а потоа се проширила во земјите на Магреб, во Њујорк и во Африка.
Организација и менаџмент
[уреди | уреди извор]Со банката раководи Одборот на директори, составен од 14 членови, а на чело на банката се наоѓа Фредрик Одеа.[1]
Финансиски активности
[уреди | уреди извор]Со повеќе од 148.000 вработени во 76 земји, Сосиете Женерал нуди услуги за физички и правни лица и институционални клиенти во три клучни бизниси:[1]
- Банкарство на мало во Франција, со мрежата на експозитури на Сосиете Женерал, Кредит ду Норд и Бурсорама, нудејќи широк спектар на мултиканални финансиски услуги водени од дигиталната иновација;
- Меѓународно банкарство на мало, финансиски услуги и осигурување;
- Корпоративно и инвестициско банкарство, приватно банкарство, управување со средства и услуги со хартии од вредност.
Финансиски показатели
[уреди | уреди извор]Во јуни 2017 година, „Сосиете Женерал“ имала вкупни средства од 1.350,2 милијарди евра, со што била трета најголема француска банка.[2]
Табела 1: Биланс на состојба на Сосиете Женерал (во милиони евра)[3]
Опис | 31.12.2017 | 31.12.2016 |
---|---|---|
Парични средства и депозитни средства кај централната банка | 114.404 | 96.186 |
Финансиски средства по објективна вредност преку билансот на успех | 419.680 | 500.215 |
Дериватни средства чувани за управување со ризик | 13.641 | 18.1 |
Тековни средства достапни за продажба | 139.998 | 139.404 |
Кредити на и побарувања од банки | 60.866 | 59.502 |
Кредити на и побарувања од други комитенти | 425.231 | 426.501 |
Финансиски средства кои се чуваат до достасување | 3.563 | 3.912 |
Побарувања за данок на добивка (тековен) | 6.001 | 6.421 |
Останати побарувања | 60.562 | 71.437 |
Нетековни средства кои се чуваат за продажба и група за отуѓување | 13 | 4.252 |
Вложувања во придружени друштва | 700 | 1.096 |
Материјални и нематеријални основни средства | 24.818 | 21.783 |
Гудвил | 4.988 | 4.535 |
Вкупни средства | 1.275.128 | 1.354.422 |
Обврски кон централната банка | 5.604 | 5.238 |
Финансиски обврски по објективна вредност преку билансот на успех | 368.705 | 440.120 |
Дериватни обврски чувани за управување со ризик | 6.750 | 9.594 |
Депозити на банките | 88.621 | 82.584 |
Депозити на други комитенти | 410.633 | 421.002 |
Издадени должнички хартии од вредност | 103.235 | 102.202 |
Разлики во ревалоризацијата на портфолија опфатени со заштитата од ризикот на каматни стапки | 6.020 | 8.460 |
Обврски за данок на добивка (тековен) | 1.662 | 1.444 |
Останати обврски | 69.139 | 81.893 |
Нетековни обврски кои се чуваат за продажба | - | 3.612 |
Резервирање на резерви на осигурителни компании | 130.958 | 112.777 |
Резервации | 6.117 | 5.687 |
Субординирани обврски | 13.647 | 14.103 |
Вкупни обврски | 1.211.091 | 1.288.716 |
Издадени обични акции, сопственички инструменти и капитални резерви | 29.427 | 30.596 |
Задржана добивка | 27.791 | 25.813 |
Нето-добивка | 2.806 | 3.874 |
Нереализирани или одложени капитални добивки и загуби | (651) | 1.670 |
Малцинско учество | 4.664 | 3.753 |
Вкупно капитал и резерви | 64.037 | 65.706 |
Вкупно обврски и капитал и резерви | 1.275.128 | 1.354.422 |
Скандалот со измамата на Жером Кервиел
[уреди | уреди извор]Сосиете Женерал важела како една од најдобрите банки во светот во областа со раководењето со ризиците, но сепак се соочила со измама од страна на свој службеник. Жером Кервиел, вработен во банката како трговец на деривати, уште во 2005 година направил една неовластена транскација (спекулација со акции) од која остварил заработка од 500.000 евра. Охрабрен од успехот, тој продолжил да спекулира, мислејќи дека може постојано да остварува заработка. Познавајќи го компјутерскиот систем на банката, Кервиел прикажувал лажни зделки со кои ги прикривал своите спекулативни трансакции. Потоа влегувајќи во системот под различни имиња, тој ги поништувал лажните транскации и на нивно место вметнувал нови. Исто така, тој ја фалсификувал електронската пошта што ја добивал од клиентите, прикажувајќи дека со нив склучувал зделки. Во јули 2007 година му се насмевнала среќата и тој остварил добивка од 1,4 милијарди евра, но свесен дека немал дозвола за склучените трансакции, тој се исплашил од последиците и кај претпоставени пријавил добивка од само 55 милиони евра. Меѓутоа, опиен од успехот, во почетокот на 2008 година, Жером Кервиел отишол до крајни граници, склучувајќи трансакции во вредност од неверојатни 50 милијарди евра што било повеќе од капиталот на банката.
Измамата била откриена на 18 јануари 2008 година, кога контролорите на банката откриле дека една зделка со фјучерси, во вредност од 30 милијарди евра, ги надминува пропишаните ограничувања за тргување, а истровремено, таа била премногу голема во однос на страната со која била склучена (германска брокерска куќа). Кога бил прашан за трансакцијата, Кервиел рекол дека направил грешка т.е дека другата страна од трансакцијата е „Дојче Банк”, но кога банката била контактирана, таа одговорила дека воопшто не склучила таква зделка. Тогаш започнала внатрешната истрага, со која почнала да се отплеткува клопчето, т.е притиснат од контролорите, Кервиел ја признал вината. Најпрвин банката го криела скандалот од јавноста, велејќи дека се работи за мала грешка во компјутерскиот систем, но подоцна во истрагата се вклучило и обвинителството. Вкупната загуба на банката изнесувала 4,9 милијарди евра, што претставувало најголема загуба од тој вид во историјата на банкарството. Кервиел бил притворен и обвинет за измама, а „Сосиете Женерал” била сериозно потресена и морала итно да позајми дополнителен капитал за покривање на загубата. Истовремено, во Франција, Кервиел бил славен како борец против капитализмот, а девојките носеле мајци со натпис „Јас сум девојката на Жером Кервиел”.[4]
Општествена одговорност
[уреди | уреди извор]Сосиете Женерал е една од првите француски банки кои ја претставиле својата обврска за оддржлив развој. Сосиете Женерал е вклучена во главните меѓународни инвестициски индекси за општествена одговорност: Dow Jones Sustainability Index, FTSE4Good, Euronext Vigeo и во пет од индексите STOXX ESG Leaders.[5]
- Во 2000 година, Сосиете Женерал била основач и единствената француска банка која учествувала во формирањето на групацијата „Волфзберг“, асоцијација на 13 интернационални банки кои се обврзале да се борат против перењето пари и корупцијата.
- Во 2001 година, Сосиете Женерал се приклучила кон UNEP FI (финансиска иницијатива на Обединетите Нации за програмата за животна средина). Ова партнерство помеѓу Обединетите нации и глобалниот финансиски сектор промовира усвојување на најдобрите практики во однос на одржливиот развој на сите оперативни нивоа на финансиските институции.
- Во 2003 година, банката пристапила кон Глобалната повелба за разновидност на Обединетите Нации, која ги охрабрува бизнисите да усвојат принципи за човекови и трудови права, како и антикорупциски принципи во своите операции и стратегии.
- Во 2007 година ги усвоила Екваторските принципи, кои се збир на правила кои ги прифаќаат финансиските институции со цел подобро одлучување, проценување и менаџирање на социјалниот и еколошкиот ризик при финансирање на проекти.
- Во 2014 година, банката ги поддржала принципите за „зелени обврзници“, т.е. обврзници кои се издаваат од страна на овластени организации или општини со цел развивање на „браунфилд“ локации при кои се нуди даночно ослободување.
- Во 2015 година се приклучила на пактот на Иницијативата за банкарска околина, чија цела е да се бори против уништувањето на шумите, а истата година ги прифатила и принципите за интегрирање на климатската активност во финансиските институции.
- Во 2016 година ја потпишала Повелбата за професионална еднаквост и поттикнување на жените, како и Повелбата за интернационалната трудова организација за попреченост.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 „www.ohridskabanka.mk (пристапено на 25.2.2018)“. Архивирано од изворникот на 2017-12-27. Посетено на 2018-03-12.
- ↑ www.statista.com (пристапено на 13.3.2018)
- ↑ www.societegenerale.com (пристапено на 25.2.2018)
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките. Скопје: Економски факултет, 2011 година, стр. 68.
- ↑ www.societegenerale.com (пристапено на 5.3.2018)[мртва врска]