Прејди на содржината

Балин Дол

Координати: 41°47′26″N 20°56′17″E / 41.79056° СГШ; 20.93806° ИГД / 41.79056; 20.93806
Од Википедија — слободната енциклопедија
Балин Дол

Воздушен поглед на селото Балин Дол

Балин Дол во рамките на Македонија
Балин Дол
Местоположба на Балин Дол во Македонија
Балин Дол на карта

Карта

Координати 41°47′26″N 20°56′17″E / 41.79056° СГШ; 20.93806° ИГД / 41.79056; 20.93806
Регион  Полошки
Општина  Гостивар
Област Горен Полог
Население 2.059 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1230
Повик. бр. 042
Шифра на КО 07002
Надм. вис. 560 м
Балин Дол на општинската карта

Атарот на Балин Дол во рамките на општината
Балин Дол на Ризницата

Балин Дол — село во Општина Гостивар, во областа Горен Полог, во околината на градот Гостивар.

Потекло и значење на името

[уреди | уреди извор]
Поглед на селото Балин Дол со Гостивар и Полог во позадината, рано наутро

Името на селото првпат е забележано во XV век како Балиндол. Името на селото потекнува од именски форми од македонскиот јазик, односно од топонимската синтагма: Балинјь Дол кое е придавно образување од личното име Балин, Бало,-а кое доаѓа од имињата Балдовин, Братислав, Братољуб, Благомир, Благољуб и кое под овој облик -Балин е забележано во Македонија во записи од XIV, XV и XVI век, со додавка на апелативот дол (мала река).[2]

Под името Балин Дол селото е забележувано и во пишаните историски документи во XV и XIV век, а самото население нема некое посебно толкување или легенда за настанокот на името. Селото Балин Дол навистина се наоѓа во дол низ кој протекува мал поток од подножјето на Сува Гора.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во југоисточниот дел на територијата на Општина Гостивар, во непосредна близина на самиот град Гостивар, поради што припаѓа на неговата рурбална зона.[3] Селото е рамнинско, сместено на надморска височина од околу 560 метри.[3]

Селото се наоѓа околу 2,5 километри источно од градот Гостивар, во подножјето на планината Сува Гора. Над него се издигнува стрмна планинска падина. Во минатото, водата за пиење мештаните ја добивале од бунари и чешми.[4] Во поново време, преку градењето на голем број нови куќи преку реката Вардар кон железничката станица „Гостива“ на улицата „Балиндолска“, селото е веќе речиси поврзано, односно споено со градот.

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Ѓоргоец, Куќишта, Килаец, Изгорено, Дукоо Трло, Стрезоа Ливада, Имероо Трло, Бунари, Лекоа Вода, Старо Село или Горни Балин Дол, Караагач, Лагишта, Турчанско, Пазарски Пат, Чулецој, Топчин Лаг, Сливиште и Лопатица.[4]

Селото има збиен тип, поделено е на шест маала. Во 1947 година, три маала во селото биле православно македонски, додека останатите биле населени со муслиманско албанско население. Македонските маала се наоѓаат во јужниот дел на селото и се нарекуваат по главните родови: Кљанкоско, Чуљческо и Бакљевско Маало. Албанските маала се наоѓаат во северниот дел на селото и се нарекуваат исто така по главните родови: Асковско, Гудовско и Цековско Маало.[4]

Историја

[уреди | уреди извор]

Според предание меѓу жителите, Балин Дол е старо село, кое еднаш било потполно разорено, а потоа на селиштето се собрале доселеници кои основале ново село.[4]

Најстарите записи за селото Балин Дол потекнуваат од XV век, односно од опширниот пописен дефтер бр. 508 од 1467 година за тогашниот Тетовски Вилает, кога во него живееле 11 македонски христијански семејства кои произведувале пченица, јачмен, ’рж, просо, бостан, лен, лозја и чувале свињи за што остварувале приход од 1637 акчиња.[5] Подоцна во XVI век, во 1545 година и во 1568 година во селото Балин Дол поединечно се запишани 9 христијански македонски семејства.[5]

Обновеното село Балин Дол се наоѓало над денешната местоположба на местото сега наречено Старо Село, а населбата на тоа место, кон крајот на XVIII век ја основале православни македонски родови. Први се доселиле предците на денешните родови Чулчевци и Баклевци, а со подоцнежните доселувања селото пораснало на околу 40 домови. Во средината на XIX век, тука се доселиле и албански муслимански родови.[4]

Кон крајот на XIX век, Балин Дол го посетил македонскиот револуционер Ѓорче Петров, кој во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, дава детален опис на местоположбата и на една занимлива случка во селото. Според записите на Ѓорче Петров, селото Балин Дол е сместено на ½ час од Чајле и Гостивар во еден дол на Сува Гора, недалеку од Вардар. Селото било чисто македонско, а и тука имало „градиште“,[6] за што Јован Трифуноски смета дека е погрешен податок.[4] Самиот Ѓорче Петров запишал дека не знае дали е вистина, но ако тие „градишта“ се остатоци од поранешни градови, такви би требало да има навистина многу, но сепак, тоа е невозможно, притоа додавајќи дека најверојатно, со тој назив се нарекувале не местата каде што имало градови, туку остатоците од некогашните згради.[6]

Занимлива глетка од нашиот бит ми се претстави во Балин Дол. Во селото отидовме со еден поп. Кога влеговме во крајот на селото здогледавме една група од 5-6 деца кои весело си играа. Штом нѐ здогледаа веднаш престанаа со веселата игра, ги намуртија веселите лица, писнаа да плачат и се разбегаа наваму-натаму. Смирувачките зборови на свештеникот наместо да ги успокојат уште повеќе ги исплашија. Се виде дека појавата на попот беше причината за таа вознемиреност. Се пренесов во детските години и од сопственото искуство си го објаснив тоа. За да немаат главоболки, мајките постојано ги заплашуваат децата со попот и Турчинот. Стравот, дека попот сече уши на децата, правел да трепериме и да се криеме во глувчешки дупки кога поп ни доаѓал дома. Тој страв го зголемуваат и самите свештеници кои ги потврдуваат зборовите на нашите мајки за да им угодат. Ете под влијанието на тој страв и децата во Балин Дол бегаат и се кријат од попот.[6] .

—Ѓорче Петров, Материјали по изучвањето на Македонија, Софија 1896

Вкупно 7 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[7]

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Атарот на селото е мал и зафаќа простор од 4 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 188,7 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 173,4 хектари, а на пасиштата само 12,3 хектари.[3]

Главна дејност на мештаните била земјоделството, но исто така пред Втората светска војна и по неа дел од населението главно Македонци се занимавале и со правење на црепни и од таа работа живееле. Со осамостојувањето на Македонија жителите на с. Балин Дол дел се занимаваат со трговија, а дел со занаетчиски работи.

Врз основа на составот на атарот селото Балин Дол има полјоделска функција,[3] но поради неговата непосредна близина и поврзаност со градот Гостивар, најголемиот дел на населението своите приходи и издршка ги обезбедува од второстепени и третостепени стопански дејности како трговија, занаетчиство, услужни дејности - градежништво, превоз итн.

Поради плодната почва од алувијалната рамнина наводнета од реката Вардар од земјоделството, најразвиено е градинарството и жителите најмногу одгледуваат кромид, патлиџани (домати), пиперки, лук, марула, сето во бавчи на отворено. Од житата на помали површини се одгледуваат пченица и пченка, додека од сточарството се одгледуваат кокошки за што има и живинарска фарма на самиот влез на селото и мал број на кози. Во селото работат и неколку продавници, угостителски објекти како ресторани и чајџилници, автосервиси и перални и салони за мебел.

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948916—    
19531.020+11.4%
19611.170+14.7%
19711.736+48.4%
19813.164+82.3%
ГодинаНас.±%
1991895−71.7%
19942.862+219.8%
20022.501−12.6%
20212.059−17.7%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Балин Дол живееле 360 жители, од кои 160 жители Македонци христијани и 200 Албанци муслимани.[8] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Балин Дол имало 200 Македонци под врховенството на егзархијата.[9]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 400 Албанци и 250 Македонци.[10]

Селото е големо и во 1961 година броело 1.170 жители, од кои 738 биле Албанци, а 417 Македонци, додека во 1994 година имало 2.862 жители, од кои 2.213 биле Албанци, 361 Македонец, 275 Роми, 8 Срби и 2 Турци.[3]

Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Балин Дол, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.[б 1]

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 2.501 жител, од кои 337 Македонци, 2.156 Албанци, 3 Срби, 1 Бошњак и 4 останати.[11] Намалувањето на бројот на жители помеѓу двата последни пописи се должи на тоа што куќите населени со ромски семејства на самиот почеток на улицата „Балиндолска“ кои се најблиску до градското подрачје, се префрлени и службено се водат како дел од градот Гостивар.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 2.059 жители, од кои 319 Македонци, 1.651 Албанец, 13 Турци, 1 Влав, 2 Срби, 1 останат и 72 лица без податоци.[12]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Балин Дол:

Година Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Ост. б.п. Вкупно
1948 916
1953 382 633 1 0 0 1 3 1.020
1961 417 738 4 1 10 1.170
1971 458 1.261 1 0 2 14 1.736
1981 658 2.276 42 120 0 5 63 3.164
1991 688 6 4 135 0 6 56 895
1994 361 2.213 2 275 0 8 3 2.862
2002 337 2.156 0 0 0 3 1 4 2.501
2021 319 1.651 13 0 1 2 0 1 72 2.059

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Балин Дол е мешано село, со православно македонско население, исламизирани и албанизирани Македонци, како и муслимански Албанци. Православното население говори на македонски јазик, додека останатите го говорат албанскиот јазик.[4]

Според истражувањата од 1947 година, родови во селото:

  • Македонски православни родови:
    • Доселеници: Чуљчевци (19 к.), по потекло се од селото Сретково на планината Буковиќ. Доселени се пред 160 години. Во Сретково, Чуљчевци биле староседелци. Од Сретково се иселиле пет браќа. Двајца во Гостивар, а останатите во Балин Дол (Јове, Крсте, на третиот не му го знаат името). Го знаат следното родословие: Јове (жив на 65 г. во 1947 година) Дуко-Јован-Јове, еден од браќата кои се доселиле. Гранка на Чуљчевци постои во Гостивар, но тие таму преминале на ислам и се потурчиле; Бакљевци (14 к.), доселени се од селото Долно Јеловце на Шар Планина. Таму биле староседелци. Во Балин Дол се доселиле после претходниот род. Еден дел од овој род во Балин Дол преминал на ислам. Имаат иселеници во Романија (две семејства); Кљанковци (21 к.), доселени се од селото Стенче. Таму биле староседелци. Од Стенче се иселил Никола со своите пет синови (Петре, Богоја, Сандре, Арсе и Марко). Го знаат следното родословие: Серге (жив на 63 г. во 1947 година) Павле-Петре-Никола, кој се доселил. Имаат иселеници во Печково; Дабевци или Љумевци (4 к.), доселени се како католици од Љума во северна Албанија. Кога се доселиле овде преминале во православие. Кога се доселиле тука сè уште не биле доселени Албанците. Го знаат следното родословие: Груне (жив на 55 г. во 1947 година) Стојан-Никола-Дабе, Дабе се доселил поради крвна одмазда; Јанкулоски (1 к.), гранка се од истоимениот род во селото Беловиште; Џаноски (1 к.) доселени се исто така од селото Беловиште, таму припаѓале на истоимениот род.
  • Родови на исламизирани и албанизирани Македонци:
    • Доселеници: Потуровци или Баклевци (2 к.), се делат на Ајдиновци и Емировци, а во исламска вера преминал нивниот предок Столе кој го добил муслиманското име Бејто. Сѐ до втората половина на XX век, припадниците на овој род помагале во работите и одржувале блиски односи со своите православни роднини - Баклевци, а не се знае причината зошто преминале во ислам. Се знае следното родословие: Назиф (жив на 40 години во 1975)-Шефкија-Ајдин-Столе, односно Бејто.
  • Албански муслимански родови:
    • Доселеници: Цековци (8 к.), најстари доселеници кои по потекло се од областа Љума во северна Албанија од каде се доселиле пред околу 140 години. Го знаат следното родословие: Елмаз (жив на 45 г. во 1947 година) Даут-Тафо-Елмаз, еден од нивните доселеници. Имаат иселеници во Гостивар (две семејства); Оџалари (8 к.), по потекло се од некое место во северна Албанија, а пред доселувањето некое време живееле во Гостивар; Асковци (24 к.), по потекло до Хас во северна Албанија. П. Јовановиќ забележал дека се доселени од Дебарско; Гудовци (22 к.), се доселиле од с. Гуда во областа Љума во Албанија во средината на XIХ век, а останатите жители за припадниците на овој род велеле дека се „бектеши“ зашто пиеле алкохолни пијалаци, јаделе свинско месо, ретко ја посетувале џамијата и „не ја држеле цврсто“ муслиманската вера. П. Јовановиќ и за овој род забележал дека е доселен од Дебарско; Рамовци (2 к.), млади доселеници од северна Албанија, чии припадници важат како насилници и убијци, а како такви се истакнале и во Втората светска војна; Рекани (2 к.), неодамна доселени од пределот Горна Река; Адем (1 к.), најпрвин како слуга дошол во Беловиште, потекнува од планинското село Трново.

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Од селото Балин Дол во минатото имало иселеници во Гостивар, Печково и Романија,[4] а во поново време иселеници има во Швајцарија, Германија, Шведска и други држави во Западна Европа.

Општествени установи

[уреди | уреди извор]
Подрачното основно училиште во селото

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIX век, Балин Дол било село во Гостиварската нахија на Тетовската каза на Отоманското Царство.

Селото се наоѓа во рамките на Општина Гостивар, која била значително проширена со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната помала Општина Гостивар.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар.

Во периодот 1952-1955, селото се наоѓало во рамките на Општина Чајле, во која покрај Балин Дол се наоѓале Корито, Мало Турчане и Чајле. Во периодот 1950-1952 година, селото се наоѓало во тогашната општина Чајле во која влегувале селата Балин Дол, Мало Турчане и Чајле.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постојат избирачките места бр. 433, 434, 435 и 435/1 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[13]

На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 3.160 гласачи.[14] На локалните избори во 2021 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 3.242 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Археолошки наоѓалишта[16]
Цркви[17]
Џамии[17]
Реки

Личности

[уреди | уреди извор]
Родени во или по потекло од Балин Дол

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 33. ISBN 978-608-220-026-2.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 17.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 4,7 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ. стр. 177–179.
  5. 5,0 5,1 Соколоски, Методија (1976). Турски документи за историјата на македонскиот народ. III. Скопје: Архив на Македонија. стр. 98.
  6. 6,0 6,1 6,2 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 309–310. ISBN 978-608-245-113-8.
  7. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  8. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“, София, 1902, стр. 214.
  9. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 122-123.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 24 март 2023.
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2023-03-27. Посетено на 31 мај 2023.
  16. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 107. ISBN 9989-649-28-6.
  17. 17,0 17,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  18. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 271.
  19. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 564.
Забелешки
  1. Во Пописот од 1991 година, во населените места: Страчинци, Љуботен, Арачиново, Грушино, Мојанци, Орланци, Боговиње, Жеровјане, Пирок, Милетино, Радиовце, Теново, Челопек, Горно Јаболчиште, Велешта, Горно Татеши, Долно Татеши, Врапчиште, Топлица, Вруток, Долно Јеловце, Здуње, Речане, Балин Дол, Беловиште, Гостивар, Дебреше, Мало Турчане, Чајле, Баниште, Дебар, Кривци, Селокуќи, Хаме, Делогожди, Корошишта, Ливада, Мислодежда, Ново Село (Делогожди), Горна Бањица, Долна Бањица, Симница, Долна Лешница, Желино, Озормиште, Требош, Бачишта, Букојчани, Горно Строгомиште, Зајас, Колари, Лешница, Палиград, Смесница, Копанце, Шемшево, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Камењане, Кичево, Долно Свиларе, Кондово, Радуша, Рудник Радуша, Бедиње, Горно Коњаре, Д`лга, Куманово, Лопате, Романовце, Сопот, Табановце, Черкези, Белановце, Матејче, Никуштак, Опае, Ропалце, Жужње, Нистрово, Сенце, Тануше, Добри Дол, Калиште, Неготино-Полошко, Сенокос, Бериково, Гарани, Јагол, Ново Село (Осломеј), Поповјани, Премка, Србица, Стрелци, Туин, Шутово, Охрид, Ќојлија, Арнакија, Буковиќ, Грчец, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Семениште, Барово, Јаболци, Биџево, Долна Белица, Заграчани, Калишта, Радолишта, Струга, Батинци, Вртекица, Морани, Студеничани, Глоѓи, Доброште, Непроштено, Пршовце, Слатино, Теарце, Голема Речица, Лавце, Мала Речица, Сараќино, Тетово, Баланци, Форино, Чегране, Џепиште, Гајре, Лисец, Скопје дел - Гази Баба, Скопје дел Карпош, Скопје дел - Центар и Скопје дел - Чаир, дел од жителите не прифатија да замат учество (го бојкотираа) во Пописот.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]