Чајле
Чајле | |
Воздушен поглед на селото Чајле | |
Координати 41°48′15″N 20°55′53″E / 41.80417° СГШ; 20.93139° ИГД | |
Регион | Полошки |
Општина | Гостивар |
Област | Горен Полог |
Население | 1.236 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1243 |
Повик. бр. | 042 |
Шифра на КО | 07087 |
Надм. вис. | 510 м |
Чајле на општинската карта Атарот на Чајле во рамките на општината | |
Чајле на Ризницата |
Чајле — село во Општина Гостивар, во областа Горен Полог, во околината на градот Гостивар.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во северниот дел на територијата на Општина Гостивар, недалеку од самиот град Гостивар, на оддалеченост од само три километри.[2] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од околу 510 метри.[2] Тоа се наоѓа на десниот брег на реката Вардар и практично е приградска населба на Гостивар.
Селото во поголемиот дел се наоѓа на котлинското дно покрај реката Вардар. Источно од селото започнува да се издигнува падината на планината Сува Гора. На јужниот дел од падината се наоѓа помал дел од селото, наречен уште и како Горно Чајле. Во минатото, жителите на Горно Чајле водата за пиење ја добивале од чешми, додека оние во котлинскиот дел копале бунари длабоки од 2 до 4 метри.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Стрчек, Бара, Бегои Ниви, Шкоза, Стежје, Алајска Нива, Аџи Нива, Јурија, Подиште, Градиште или Каља, Киево, Црква и Бунари.[3]
Чајле е селска населба од разреден тип и има три маала. Маалата се наречени Старо, Ново и Горно Чајле. Првите две се наоѓаат на котлинското дно и оддалечени се една од друга околу 300 метри и тие го претставуваат главниот дел на селото. Горно Чајле е оддалечено од главниот дел на селото околу 600 метри. Старо Чајле претставувало православно македонско маало, додека другите две биле муслиманско албански маала (сост. 1947 г.).[3]
Историја
[уреди | уреди извор]Над Чајле на падините на Сува Гора се наоѓа голо варовничко возвишение сместено на околу 800 метри, каде се наоѓа Градиште или Кале. На возвишението се забележуваат остатоци од ѕидови, цигли и дупки исполнети со разновидни материјали.[3]
Во подножјето на Градиште се наоѓа местото Киево. Мештаните мислат дека некогаш тука се наоѓа големо истоимено село, но кое во некоја војна или од чума било уништено. Тогаш била срушена и старата киевска црква „Св. Илија“. На местото каде се наоѓало Киево, денес има ретки остатоци од темели и се наоѓаат стари гробови со крстови. Во 1940-тите години уште можеле да се изнајдат околу 30 добро зачувани гробови.[3]
Денешното Чајле е основано околу 1740-тите години од страна на православните македонските родови Смиљковци и Караџовци.[3]
Вкупно 4 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[4]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот на селото зафаќа простор од 18,2 км2, при што преовладуваат пасиштата со површина од 1.073 хектари, на шумите отпаѓаат 388 хектари, а на обработливото земјиште 316 хектари.[2]
Врз основа на составот на атарот селото Чајле има полјоделско-сточарска функција. Во селото работат продавници и услужни објекти.[2]
Во близина на селото се наоѓа истоимениот рудник за доломит.[5]
За време на отоманскиот период, поплодните ниви во котлинското дно биле во посед на гостиварските аги и бегови. Сопственици биле Асан-ага, Вели-бег и други. Асан-ага имал и паша над селото.[3]
-
Индустриски објект на Старо Чајле
-
Истоимен рудник над селото
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Чајле живееле 549 жители, од кои 355 Албанци муслимани и 194 Македонци христијани.[6] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Чајле имало 216 Македонци под врховенството на егзархијата.[7]
Според Афанасиј Селишчев, во 1929 година Чајле — село во Чегранска општина во Горнополошкиот срез и има 120 куќи и 686 жители, Албанци и Македонци.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 650 Албанци и 150 Македонци.[9]
Чајле е големо село, коешто во 1961 година имало 1.681 жител, од кои 1.380 Албанци, 288 Македонци и 7 Турци. Во 1994 година, бројот се зголемил на 2.674 жители, исклучиво албанско население.[2]
Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Чајле, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.[б 1]
Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 3.070 жители, од кои 1 Македонец, 3.028 Албанци, 3 Турци и 38 останати.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.236 жители, од кои 3 Македонци, 1.161 Албанец и 72 лица без податоци.[11]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Чајле:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Срби | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | 1.224 |
1953 | 284 | 1.157 | 2 | 0 | 1 | 4 | — | 1.448 |
1961 | 288 | 1.380 | 7 | — | 0 | 6 | — | 1.681 |
1971 | 82 | 1.968 | 0 | 0 | 2 | 9 | — | 2.061 |
1981 | 191 | 2.955 | 0 | 10 | 3 | 7 | — | 3.166 |
1991 | 0 | 2 | 0 | 0 | 0 | 0 | — | 2 |
1994 | 0 | 2.672 | 0 | 0 | 0 | 2 | — | 2.674 |
2002 | 1 | 3.028 | 3 | 0 | 0 | 38 | — | 3.070 |
2021 | 3 | 1.161 | 0 | 0 | 0 | 0 | 72 | 1.236 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
[уреди | уреди извор]Чајле е мешано село, со православно македонско население и муслимански Албанци. Сите родови потекнуваат од доселеници.[3]
Според истражувањата од 1947 година, родови во селото:
- Македонски православни родови:
- Доселеници: Смилковци или Лифуровци (10 к.), најстари доселеници. Тие се основачи на денешното село, и најпрвин се населиле на местото Киево. Доселени се од Крушевско. Основачот на родот бил Аврам, за кој населението на овој род мисли дека бил Влав по потекло. Го знаат следното родословие: Диле (жив на 72 г. во 1947 година) Мерџан-Трпе-Миленко-Смилко-Аврам, основачот на родот кој се доселил. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство), Романија (едно семејство) и во Франција (едно семејство); Караџовци или Катранџии (10 к.), доселени се од некое место во Албанија. П. Јовановиќ слушал за нив дека се доселени од Љура во северна Албанија. Имаат иселеници во Гостивар (едно семејство) и во Сушица; Стојчевци или Туљаковци (12 к.), доселени се од Албанија. П. Јовановиќ слушал дека се доселени од Чаје во северна Албанија. Го знаат следното родословие: Стојан (жив на 65 г. во 1947 година) Кузман-Митре-Илија-Стојче, основачот на родот кој се доселил. Имаат иселеници во Романија (две семејства), Смедерево (едно семејство), Ковин (едно семејство) и во Стари Бечај (едно семејство); Јанкуловци или Гоџомаровци (7 к.), последни македонски доселеници во селото кои се доселиле од селото Волче во Порече. Се доселил основачот на родот, Јанкула. Во селото Волче имаат роднини. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство).
- Албански муслимански родови:
- Доселеници: Корби (39 к.), доселени се од некое село во околината на Пешкопеја. Според П. Јовановиќ доселени се од областа Матија во северна Албанија. Корби се првите албански доселеници во селото. Го знаат следното родословие: Шабан (жив на 70 г. во 1947 година) Исо-Селим-Алија, кој се доселил; Љурци (28 к.), доселени се од Љура во северна Албанија. Овде се доселиле како католици, и ја промениле верата во муслиманска; Алмете (17 к.), доселени се од Матија во северна Албанија; Зогеј (14 к.), доселени се од Хас во северна Албанија; Калишта (13 к.), доселени се од селото Калишта во Матија во северна Албанија; Кете (6 к.), по потекло се од Матија. Овде се доселиле од селото Симница, каде имале истоимени роднини. А роднини имаат и во селото Беловиште, таму наречени исто така, Кета; Ељмаз (1 к.), доселени се од Струшко; Адиље (2 к.), доселени се од селото Ѓурѓевиште; Шабан (1 к.), основачот на родот е дојден како домазет од селото Балин Дол; Фератовци (2 к.), доселени се од селото Речане; Ќајил (1 к.), доселени се од селото Страјане; Сабри (1 к.), доселени се од Долна Ѓоновица; Дино (1 к.), родот го основал домазет од селото Добри Дол.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Се знае за следниве иселени македонски родови: Силјаноски (1 к.), живеат во Беловиште кај Гостивар и Синадиновци (2 к.), живеат во Галате.[3]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Основно училиште „Чајле“, централно основно училиште
- Пошта (1243)
-
Централното основно училиште „Чајле“
-
Поштата
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Кон крајот на XIX век, Чајле било село во Гостиварската нахија на Тетовската каза на Отоманското Царство.
Селото се наоѓа во рамките на Општина Гостивар, која била значително проширена со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната помала Општина Гостивар.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на Општина Чајле, во која покрај Чајле се наоѓале Балин Дол, Корито и Мало Турчане. Во периодот 1950-1952 година, селото било административно седиште на тогашната истоимена општина во која влегувале селата Балин Дол, Мало Турчане и Чајле.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постојат избирачките места бр. 0404, 0405, 0406, 0406/1 и 2975 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште и простории на џамијата во Старо Чајле.[12]
На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 3.259 гласачи.[13] На локалните избори во 2021 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 3.330 гласачи.[14]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[15]
- Градиште — населба од железно и доцноантичко време;
- Јурија — средновековна населба; и
- Ветва Црква — средновековна црква и некропола.
- Цркви[16]
- Црква „Св. Атанасиј“ — главната селска црква, сместена во Старо Чајле
- Џамии[16]
- Стара џамија — старата џамија;
- Нова џамија — нова џамија; и
- Нова џамија — нова џамија.
-
Главната селска црква „Св. Атанасиј“
-
Една од новите џамии
-
Старата џамија
-
Една од новите џамии
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во или по потекло од Чајле
- Руфи Османи (р. 1960) — политичар и пратеник во македонското Собрание[17]
- Шефит Џафери (р. 1960) — поранешен член на ОНА
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 315.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ. стр. 174–177.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ Exchange, Macedonian Stock. „Објави од друштва на Слободен пазар - Силика Рудник Чајле АД Гостивар - Податоци од финансиски извештаи и дивиденда - 05.07.2021“. www.mse.mk. Посетено на 2023-11-05.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“, София, 1902, стр. 214.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 124-125.
- ↑ Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. – София, 1929, стр. 26.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 5 ноември 2023.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2023-11-05. Посетено на 5 ноември 2023.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 117. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ 16,0 16,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Јорданов, Јордан (2001). Во фокусот на граѓанската војна: размислувања, забелешки и сознанија. Штрк.
- Забелешки
- ↑ Во Пописот од 1991 година, во населените места: Страчинци, Љуботен, Арачиново, Грушино, Мојанци, Орланци, Боговиње, Жеровјане, Пирок, Милетино, Радиовце, Теново, Челопек, Горно Јаболчиште, Велешта, Горно Татеши, Долно Татеши, Врапчиште, Топлица, Вруток, Долно Јеловце, Здуње, Речане, Балин Дол, Беловиште, Гостивар, Дебреше, Мало Турчане, Чајле, Баниште, Дебар, Кривци, Селокуќи, Хаме, Делогожди, Корошишта, Ливада, Мислодежда, Ново Село (Делогожди), Горна Бањица, Долна Бањица, Симница, Долна Лешница, Желино, Озормиште, Требош, Бачишта, Букојчани, Горно Строгомиште, Зајас, Колари, Лешница, Палиград, Смесница, Копанце, Шемшево, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Камењане, Кичево, Долно Свиларе, Кондово, Радуша, Рудник Радуша, Бедиње, Горно Коњаре, Д`лга, Куманово, Лопате, Романовце, Сопот, Табановце, Черкези, Белановце, Матејче, Никуштак, Опае, Ропалце, Жужње, Нистрово, Сенце, Тануше, Добри Дол, Калиште, Неготино-Полошко, Сенокос, Бериково, Гарани, Јагол, Ново Село (Осломеј), Поповјани, Премка, Србица, Стрелци, Туин, Шутово, Охрид, Ќојлија, Арнакија, Буковиќ, Грчец, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Семениште, Барово, Јаболци, Биџево, Долна Белица, Заграчани, Калишта, Радолишта, Струга, Батинци, Вртекица, Морани, Студеничани, Глоѓи, Доброште, Непроштено, Пршовце, Слатино, Теарце, Голема Речица, Лавце, Мала Речица, Сараќино, Тетово, Баланци, Форино, Чегране, Џепиште, Гајре, Лисец, Скопје дел - Гази Баба, Скопје дел Карпош, Скопје дел - Центар и Скопје дел - Чаир, дел од жителите не прифатија да замат учество (го бојкотираа) во Пописот.