Прејди на содржината

Дејвид Гилмор

Од Википедија — слободната енциклопедија
Дејвид Гилмор
CBE
Gilmour playing onstage
Дејвид Гилмор во 2015 година
Роден(а)Дејвид Џон Гилмор
6 март 1946(1946-03-06)(78 г.)
Кембриџ, Англија
Занимање
  • пејач
  • тексоисец
  • музичар
Активен период1963–денес
Сопружник
Деца8
Страница
davidgilmour.com

Дејвид Џон Гилмор (англиски: David Jon Gilmour, роден на 6 март 1946) — англиски рок-музичар, познат како гитаристот, еден од главните вокали и текстописци на прогресивната рок група Пинк Флојд[1]. Во прилог на неговата работа со Пинк Флојд, Гилмор работи како продуцент на многубројни изведувачи и има остварено успешна самостојна кариера. Гилмор е активно ангажиран во многу добротворни органзации во текот на неговата кариера. Во 2003, беше награден со орден на Британската Империја за услуга на музиката и филантропијата. Списанието Ролинг Стоун го опиша како „еден од најспецифичните рок гитаристи”.

Ран живот

[уреди | уреди извор]

Гилмор е роден во Кембриџ, Англија[2]. Неговиот татко Даглас Гилмор, предавал зоологија на Кембричкиот универзитет, а неговата мајка Силвија (родена Вилсон), била учителка и филмски уредник[3]. Таа го одгледала своето семејство во Гранчестер Медоус, подоцна овековечено од страна на Роџер Вотерс во песната на Пинк Флојд „Ummagumma”. Тој има помлад брат, кој исто така е музичар.

Гилмор се школувал во училиштето „Перс” во Хилс Роуд, Кембриџ, каде што ги запознал идните гитарист и вокалист на Пинк Флојд, Сид Берет и басистот и вокалистот Роџер Вотерс, кој учел во машката гимназија во Кембриџ, која исто така се наоѓа на Хилс Роуд[4]. Студирал модерни јазици на напредно ниво, а за време на паузите за ручек, учел да свири на гитара со Сид Берет. Гилмор свирел во бендот Џокерс Вајлд во 1962[5]. Во 1966 го напуштил бендот и почнал со улични музички изведби во Шпанија и Франција со другари[6] . Тие не постигнале голем успех, бидејќи тоа не им донело доволна заработувачка за живот. Во јули 1992, тој изјави во интервју со Ники Хорн во емисија на Би-Би-Си радио, дека во тој период завршил во болница поради неисхранетост. Во 1967 се вратиле во Англија.

Пинк Флојд

[уреди | уреди извор]

Кон крајот на декември во 1967 година, Ник Мејсон му предложил на Гилмор да му се придружи на бендот[7] . Гилмор го прифатил предлогот во јануари 1968 година и стана петтиот член на Пинк Флојд. На почетокот, бил замена на гитарскиот дел на Сид Берет на живите настапи на Флојд. Но откако Сид Берет ја „напуштил” групата (поради неговото непредвидливо однесување, бендот одлучил да не го избере Берет една вечер за свирка), Гилмор ја презел улогата на гитарист во бендот, како и вокалните делови со басистот Роџер Вотерс и клавијатуристот Ричард Рајт. По последовалните успеси со „The Dark Side of the Moon” и „Wish You Were Here”, Вотерс презел поголема контрола над бендот, со тоа што сам го напишал поголемиот дел од „Animals” и „The Wall”. Рајт бил отпуштен за време на сесиите за „The Wall”, а односот помеѓу Гилмор и Вотерс уште повеќе се влошил за време на правењето на филмот „The Wall”[8] и албумот „The Final Cut” во 1983 година.

По снимањето на албумот „Animals”, Гилмор сфатил дека неговото музичко влијание не е доволно искористено и своите идеи ги насочил на неговиот истоимен самостоен албум (1978), кој го отсликува неговиот оригинален гитарски стил, и ги нагласува неговите композиторски способности. Тој ја напишал песната „Comfortably Numb” за време на завршувањето на самостојниот албум, која подоцна се нашол на албумот „The Wall”.

Негативната атмосфера која владеела за време на создавањето на албумот „The Wall” и последователниот филм, го поттикнало Гилмор да го продуцира и својот втор самостоен албум „About Face” во 1984 година[9]. Во него, тој говори на многу теми, како што се убиството на Џон Ленон[9] и неговиот однос со Вотерс. Тој исто така признава дека го употребил албумот да се оддалечи на некој начин од Пинк Флојд.

Во 1985 година, Вотерс изјавил дека Пинк Флојд нема повеќе што да понуди[10]. Но во 1986, Гилмор и тапанарот Ник Мејсон изјавиле за медиумите дека Вотерс го напуштил бендот и тие ќе продолжат без него[11]. Гилмор ја презел целосната контрола над бендот и во 1987 го продуцирал „A Momentary Lapse of Reason”, заедно со Мејсон и Ричард Рајт. Рајт официјално повторно се придружил на бендот по издавањето на албумот и помогнал во творењето на албумот „The Division Bell” во 1994 година. Гилмор објаснил: „Имав неколку проблеми во врска со насоката на бендот неодамна, пред заминувањето на Роџер. Сметав дека песните беа со пообемен текст и поради тоа што одредени значења на тие зборови беа од големо значење, музиката служеше повеќе како поттик за стиховите, отколку како инспирација.„Dark Side of the Moon” и „Wish You Were Here” беа успешни не само поради учеството на Роџер, туку и поради тоа што се постигна баланс меѓу музиката и текстовите. Се обидувам истото да го сторам и за „A Momentary Lapse of Reason”; да се задржам повеќе на музиката, за да се одржи баланс.”

Во 1986, Гилмор го купил бродот Асторија, на реката Темза и го претворил во студио за снимање[12]. Таму бил снимен поголемиот дел од двата последни албуми на Пинк Флојд, како и самостојното издание на Гилмор од 2006, „On an Island”[13].

На 2 јули 2005, Гилмор настапувал на хуманитарниот концерт „Live 8” со Пинк Флојд, вклучувајќи го и Роџер Вотерс. Настапот предизвикал пораст на продажбата од 1343% на албумот „Echoes: The Best of Pink Floyd”[14]. Гилмор ги донирал сите негови средства собрани на концертот, кои се одраз на целите на „Live 8”, велејќи: „Иако главната цел беше да се подигне свеста и да се изврши притисок врз водачите на Г-8 (групата од осум), јас нема да профитирам од концертот. Овие пари треба да се искористат за да се спасат животи.[15]

Набргу потоа, тој ги повика сите изведувачи кои се соочиле со нагло зголемување на продажбата по изведбите на „Live 8”, да ги донираат дополнителните приходи. По концертот на Пинк Флојд им беа понудени 150 милион долари за турнеја во Соединетите Американски Држави, но тие ја одбиле понудата.

На 3 февруари 2006, тој изјавил во интервју со италијанското списание „La Repubblica” дека Пинк Флојд веројатно нема повеќе да имаат турнеи и да создаваат нов материјал заедно[16]. Тој изјавил: „Што е доволно, доволно е. Имам 60 години. Немам повеќе желба да работам. Пинк Флојд беше важен дел од мојот живот, поминав одлични години со нив, но сега е крај. За мене полесно е да работам сам.”

Тој го изјавил тоа, откако прифатил да настапува на „Live 8” и исто така ветил дека приказната за Флод нема да има тажен крај. „Имаше повеќе причини, за почеток да се поддржи причината. Потоа е непријатниот однос помеѓу мене и Роџер, што долго време го носев во срцето. Затоа сакавме да настапуваме и да го оставиме неубавото зад себе. И трето, можеби ќе се каев ако одбиев”.

На 20 февруари 2006, Гилмор повторно искоментирал во врска со иднината на Пинк Флојд во интервју со „Billboard.com”, велејќи: „Кој знае? Јас воопшто не планирам да го сторам тоа. Моите планови се да настапувам на сопствените концерти и го издадам самостојниот албум.”

Во декември 2006, Гилмор издал сингл во форма на своја верзија на Пинк Флојд наречен „Arnold Layne” во чест на Сид Берет кој починал истата година, на 7 јули. Синглот на компактниот диск, кој е снимен во лондонскиот Ројал Алберт Хол, содржи верзии од песната изведени од страна на клавијатуристот на Пинк Флојд, Ричард Рајт и специјалниот гостин Дејвид Боуви[17]. Синглот успеал да се искачи на деветнаесеттото место на топ 75 листи во Велика Британија и го задржал истото цели три недели[18].

По настапот на Пинк Флојд на „Live 8” во 2005, Гилмор во неколку наврати изјавил дека нема да има повторно обединување на бендот. По смртта на клавијатуристот Ричард Рајт во септември 2008, станало невозможно да се обединат основните членови[19].

Гилмор изјавил за Рајт: „во збрката од расправии за тоа кој и што беше Пинк Флојд, огромниот труд на Рик беше постојано запоставуван. Тој беше нежен, скромен и повлечен, но неговите чувствителен глас и начин на свирење претставуваа важни, компоненти кои придонесоа за препознатливоста на звукот на Пинк Флојд. Исто како и Рик, не умеам да ги изразам своите чувства преку зборови, но го сакав и ќе ми недостига неверојатно многу. Никогаш не сум имал можност да настапувам со некој друг како него.”

Во мај 2010, Роџер Вотерс изјавил за американските медиуми дека Гилмор е целосно незаинтересиран за повторно обединување. „По концертот „Live 8”, би можело да продолжи со нов материјал, но тој не е заинтересиран“.

Други проекти

[уреди | уреди извор]

За време на паузирањето до распоредот на Пинк Флојд, Гилмор исто така презеде различни улоги како продуцент, специјален гостин, па дури и инженер за звук на бројни изведувачи како што се: поранешниот член на Флојд Сид Берет, Пол МакКартни, Кејт Буш, Грејс Џонс, Том Џонс, Елтон Џон, Ерик Клептон, Б.Б. Кинг, Сил, Сем Браун, Џулс Холанд, Боб Дилан, Пит Тауншенд, „The Who”, Роби Робертсон итн.

Во 1985, Гилмор беше член во бендот на Брајан Фери. Свири во албумот на Фери „Boys and Girls” и песната „Is Your Love Strong Enough” во изданието за САД на филмот Легенда на Ридли Скот и Том Круз. За филмот е создадена музичка видео снимка, која ги вклучува Фери и Гилмор. Истата година подоцна Гилмор настапи со Фери на концертот „Live Aid”; и го запозна клавијатуристот Џон Карин, кој подоцна ќе има турнеја со Пинк Флојд.

Дејвид Гилмор исто така учествува во сатирата „The Easy Guitar Book Sketch” со комичарот Роуланд Риврон и Британските музичари Марк Нопфлер, Леми од МоторхедМарк Кинг од Левел 42 и Гери Мур. Гитарскиот техничар Фил Тејлор објасни во интервју дека Нопфлер ја користел гитарската опремата на Гилмор и успеал да звучи како него на изведбата во сатирата.

Тој исто така има снимено четири самостојни албуми, кои се најдоа на топ 40 листите во САД (во 2006 „On an Island” беше на позиција 6, во 2008 „Live in Gdansk” беше 26-то место, во 1978 неговиот истоимен, самостоен деби-албум го достигна 29-тото место и албумот во 1984 „About Face” се искачи на 32-то место), што го прави единствениот член на Пинк Флојд со комерцијална успешна кариера.

Во 1994, Гилмор свири гитара за видео-играта „Tuneland” заедно со дополнителниот саксофонист на Пинк Флојд, Скот Пејџ.

Во 2001 и 2002, тој одржа мал број на акустични самостојни концерти во Лондон и Париз, во придружба на мал бенд и хор, кои беа документирани во изданието „In Concert”. Во 2003, списанието Ролинг Стоун го вклучи Гилмор на 20-то место од 100 најдобри гитаристи на сите времиња.

На 24 септември 2004, Гилмор настапи со три песни на концертот „The Star Pack” во Лондонската Вембли Арена, обележувајќи ја 50-годишнината од постоењето на Фендер Стратокастер гитарата.

На 6 март 2006, на неговиот 60-ти роденден, го издаде својот трет самостоен албум „On an Island”, кој беше утредента издаден во САД, каде што дебитираше на првото место на листите од Велика Британија. Албумот се искачи на петтото место на топ-листите во Германија и Шведска и на шестото место во „Billboard 200”. Продуциран од Гилмор со помош од страна на Фил Манзанера и Крис Томас, албумот содржи оркестрална обработка од познатиот композитор Збигњев Прајснер. Во албумот учествуваат Дејвид Крозби и Грем Неш на хармонии на насловната песна, Роберт Вајат на корнет и ударни инструменти и Ричард Рајт на Хамонд оргуљи и како вокал. Во албумот Гилмор за првпат свири саксофон.

Гилмор имаше турнеја низ Европа, САД и Канада од 10 март до 31 мај 2006 со цел да го промовира „On an Island”. Имаше 10 настапи на турнејата во САД и Канада. На турнејата го придружуваа поранешниот член на Пинк Флојд Ричард Рајт и честите соработници со Флојд, Дик Пери, Гај Прат и Џон Карин За време на периодот помеѓу јули и август во 2006 се оддржаа повеќе настапи низ Европа. На пресот за промовирање на турнејата, Дејвид Гилмор изјави: „се надевам дека со најавата на оваа турнеја, луѓето ќе веруваат кога ќе кажам дека, искрено, ова е единствениот бенд со кој сакам да имам турнеја!”

„On an Island” го достигна првото место на топ-листите во Велика Британија. На 10 април 2006, албумот во Канада беше прогласен за платински, со продажба од повеќе од 100 000 примероци. Албумот исто така му овозможи на Гилмор за првпат да ги освои Американските топ-10 листи на албуми на самостојни изведувачи.

На 17 септември 2007 издадена е видео снимка од настап од турнејата на Гилмор, со име „Remember That Night - Live At The Royal Albert Hall”. Двојното ДВД, кое е режирано од Дејвид Малет, содржи повеќе од пет часовен снимен материјал, вклучувајќи документарец снимен за време на патувањата и гостувања на Дејвид Боуви и Роберт Вајат. Концертот кој трае два часа и триесет минути ги проследува членовите на бендот Ричард Рајт од Пинк Флојд, Фил Манзанера од Рокси Мјузик, Стив ДиСтанислао на тапани и други членови на Пинк Флојд како што се Дик Пери, Гај Прат и Џон Карин.

Последниот настап на Дејвид Гилмор во рамките на турнејата за „On an Island” се одржа на 26 август 2006 на бродоградилиштето во Гдањск. На концертот присуствуваа 50 000 луѓе. Концертот беше забележан по вклучувањето на песната „A Great Day For Freedom” на бис.

Концертот беше снимен и издаден како албум во живо и во ДВД издание, насловено како „Live in Gdańsk”. Овој концерт за првпат на турнејата му овозможи на Гилмор да настапува во придружба на оркестар, од Полската балтичка филхармонија, под диригентската палка на Збигњев Прајснер, којшто исто така беше одговорен за оркестарскиот аранжман на „On An Island”. На 4 јули 2009, му се придружи на Џеф Бек на сцената на Ројал Алберт Хол. Дејвид и Џеф разменија неколку солоа за Ерусалим и го затворија настапот со песната „Hi Ho Silver Lining”. Во август 2009, тој објави онлајн сингл,„Chicago - Change the World”, на кој пее и свири гитара, бас гитара и клавијатури, со цел да промовира свест за маките на Гери МекКинон.

На 11 јули 2010, Гилмор настапи за даобротворни цели со Роџер Вотерс во Англија. Таму настапија и Бијонсе, Ник Кејџ и Том Џонс. Според некои луѓе, очигледно е дека Гилмор и Вотерс го надминале долгогодишниот ладен однос и изгледале како најдобри пријатели, кои се смејат и шегуваат меѓусебно. Вотерс потврди на својот фејсбук профил дека Гилмор ќе ја свири со него песната „Comfortably Numb” на еден од неговите настапи на претстојната „The Wall Live” турнеја.

Музички стил

[уреди | уреди извор]

Гилмор е најпознат како водечки гитарист. Стилот на солото на Гилмор се одликува со фразирање кое е со блуз-влијание, изразливи вибрирачки ноти и задржување на звукот. Во 2005, Гилмор беше оценет на 82 место на списокот на најдобрите гитаристи од страна на списанието Ролинг Стоун. Во јануари 2007, читателите на списанието Гитар Ворлд ги изгласаа солоата на Гилмор за песните „Comfortably Numb”, „Time” и „Money” во Најдобрите 100 гитарски солоа („Comfortably Numb” беше изгласано на 4-тото место на најдобри солоа на сите времиња, „Time” беше на 21-вото и „Money” на 62-то најдобро соло на сите времиња.) Во почетоците со Пинк Флојд, Гилмор свиреше со голем број Фендер Стратокастер гитари. Едно од неговите попознати солоа („Another Brick in the Wall, Part 2”) е отсвирено со Гибсон Лес Пол гитара опремена со Бигзби тремоло бар и П-90 пик-апи. Во 1996, Гилмор беше примен во Рокенрол холот на славните како член на Пинк Флојд. Солото на Гилмор за песната „Comfortably Numb” беше изгласано за едно од најдобрите гитарски солоа на сите времиња на неколку анкети од страна на слушачите и критичарите. Иако главно познат по свирењето на гитара, Гилмор е исто така вешт мулти-инструменталист. Тој исто така свири на бас гитара (свирел на многу песни на Пинк Флојд),клавијатури, синтисајзер, бенџо, усна хармоника, тапани (како што може да се слушне на самостојна песна од Сид Берет насловена како „Dominoes”) и во последно време, саксофон.

Приватен живот

[уреди | уреди извор]

Првиот брак на Гилмор беше со Американката Вирџинија „Џинџер” Хасенбејн со која има четири деца, Алис (родена во 1976), Клер (родена во 1979), Сара (родена во 1983) и Метју (роден во 1986). Неговите деца се школуваа во училиштето Валдорф. Во 1994, тој се ожени со Поли Самсон, со која има исто така четири деца, Чарли (син на Самсон од претходниот брак), Џо, Габриел и Романи. Гилмор е поврзан со голем број на добротворни организации. Гилмор ја продаде својата куќа во Литл Венис за деветтата Ерл Спенсер и ги донираше средствата вредни 3,6 милион долари во кризата за да го финансира проектот за вдомување на бездомниците. Тој исто така учествувал во добротворни акции како што се Оксфам, Здружението на Европската унија за душевно здравје и болести, Гринпис, Амнести Интернејшнал, итн.

Освен музиката, Гилмор е исто така искусен пилот и ентузијаст за авијација. Тој има собрано колекција историски авиони под покровителство на својата компанија Интерпид Евиејшн. Подоцна се одлучил да ја продаде компанијата, бидејќи она што го започнал како хоби, подоцна станало премногу комерцијално за да се справи со истото. Во интервју за Би-Би-Си, тој изјави: „Интерпид Евиејшн за мене претставуваше начин за моето хоби да се исплати помалну, но постепено по неколку години, компанијата стана бизнис и мора да се биде професионален во врска со тоа. Во меѓувреме сфатив дека тоа наместо да биде хоби во кое што ќе уживам, всушност е бизнис и затоа ја продадов. Повеќе не сум сопственик. Имам само стар убав двокрилец, кој го палам од време на време и талкам по небото...”

Во 2008 е награден за особен придонес кон музиката од страна на „Q Awards”. Тој му ја посвети наградата на својот неодамна починат колега од бендот Ричард Рајт.

Главна музичка опрема

[уреди | уреди извор]

Фендер

Стратокастер Неговата главна гитара, на многупати изменувата со тек на годините, е модел од 1969, 3-бојна „Санбрст” Фендер Стратокастер, обоена во црно, исто така со црн штитник и со бело обоени пик-апи, обвивки и рачки, а моментално е со врат јаворов од старо преиздание од 1957. вратот е од гитарата што ја користеше на турнејата „About Face”. Главната гитара користена за време на ерата на Роџер Вотерс во Пинк Флојд беше реиздание на „Кедни Епл Ред '57” произведена во 1984. Гилмор е сопственик на „Strat #0001”. Тоа е првиот Стратокастер со сериски број. Кремаст Стратокастер, реиздание од 1957. го користеше во 1984 за време на самостојната турнеја и во турнејата од 1987-1990. „Лејк Плесид Блу” од 1957, кој го користеше за време на сесиите за „The Wall”. Стратокастер со двоен врат, користен на живи настапи во периодот од 1970-1972. „Санбрст Стратокастер” од 1963 со врат од палисандрово дрво и труп од 1959. оваа гитара му ја подари Стив Мариот. Бел Стратокастер со бел штитник, користен во 1960-тите.

Телекастер Рус труп со бел штитник, користен за време на турнејата „On an Island”. Реиздание на Батерскоч со црн штитник, користен во периодот од 1987-1995. Телекастер од 1961, користен за време на снимањето на албумот „The Wall”. Телекастер произведен и користен за време на 1960-тите со избледен кафеав труп. Телекастер произведен во 1960 со пепеласто рус труп и бел штитник, кој го користеше во неговата прва година со Пинк Флојд.

Бас гитари

[уреди | уреди извор]

Фендер бас VI, користен за време на снимањето на албумот „The Wall”. Фендер Пресижн бас Фендер џез бас, користен исто така за време на снимањето на албумот „The Wall”.

Гибсон Гибсо Лес Пол со горен дел во златна боја, користен за време на гитарското соло на песната „Another Brick in the Wall, Part 2”.

Акустични гитари

[уреди | уреди извор]

Такамајн Мартин Тејлор Гилд

Засилувачи

[уреди | уреди извор]

Фендер Маршал

Дискографија

[уреди | уреди извор]

Со Пинк Флојд

  • „A Saucerful of Secrets” – 29 јуни 1968
  • „More” – 27 јули 1969
  • „Ummagumma” – 25 октомври 1969
  • „Atom Heart Mother” – 10 октомври 1970
  • „Meddle” – 30 октомври 1971
  • „Obscured by Clouds” – 3 јуни 1972
  • „The Dark Side of the Moon” – 17 март 1973
  • „Wish You Were Here” – 15 септември 1975
  • „Animals” – 23 јануари 1977
  • „The Wall” – 30 ноември
  • „The Final Cut” – 21 март 1983
  • „A Momentary Lapse of Reason” – 8 септември 1987
  • „Delicate Sound of Thunder”- 22 ноември 1988
  • „The Division Bell” – 30 март 1994
  • „P•U•L•S•E” – 29 мај 1995

Самостојна

  • „David Gilmour” – 1984
  • „About Face” – 1984
  • „On an Island” – 2006
  • „Live in Gdańsk” – 2008
  • „Rattle That Lock” – 2015
  • „Live at Pompeii” – 2017
  • „Luck and Strange” – 2024
  1. „Gilmour, David“. Encyclopedia of Popular Music. Oxford Music Online. Посетено на 4 June 2014.[мртва врска]
  2. Fitch 2005, стр. 115.
  3. "David Gilmour: Wider Horizons". BBC Two. BBC.
  4. Blake 2008, стр. 15–17.
  5. Manning 2006, стр. 11.
  6. Manning 2006, стр. 18: arrested for busking; „PINK FLOYD – David Gilmour Photos, Biography, Apparel“. Megapinkfloyd.com. Архивирано од изворникот на 14 July 2011. Посетено на 9 August 2010.: malnutrition.
  7. Mason 2005, стр. 109–111: (primary source); Povey 2008, стр. 47: (secondary source).
  8. „The Day Pink Floyd Played Their Final Concert With Roger Waters“. Ultimate Classic Rock. Посетено на 12 July 2018.
  9. 9,0 9,1 Miles, Barry; Andy Mabbett (1994). Pink Floyd the visual documentary (Updated. изд.). London: Omnibus. ISBN 0-7119-4109-2.
  10. Povey 2008, стр. 240–241, 246.
  11. Povey 2008, стр. 240.
  12. Blake 2008, стр. 318.
  13. Mabbett, Andy (2010). Pink Floyd – The Music and the Mystery. London: Omnibus. ISBN 978-1-84938-370-7.
  14. „Pink Floyd gives back“. Архивирано од изворникот на 2011-08-24. Посетено на 2 December 2007.
  15. „Pink Floyd offered millions to tour“. Архивирано од изворникот на 19 December 2008. Посетено на 2 December 2007.
  16. „Il requiem di David Gilmour "I Pink Floyd? Sono finiti". la Repubblica. 3 February 2006. Посетено на 20 July 2011.
  17. Mabbett 2010, стр. 140–141.
  18. „Arnold Layne chart position“. Архивирано од изворникот на 13 November 2011. Посетено на 4 December 2007.
  19. Booth, Robert (16 September 2008). „Pink Floyd's Richard Wright dies“. The Guardian. Посетено на 16 October 2013.