Прејди на содржината

Евангелие според Марко

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Евангелие по Марко)

Евангелие според Марко, наречено и Евангелие по Марко — вториот по ред новозаветен евангелски текст. Како негов автор се јавува евангелистот Марко, еден од учениците и соработниците на апостол Петар.

Датирање

[уреди | уреди извор]

Во врска со неговото датирање, во науката, постои една помала група научници кои ја затапуваат тезата дека токму ова евангелие треба да се вброи како најстар евангелски текст. Ваквата своја теза ја засноваат на претпоставката дека Марко го напишал евангелието користејќи ја „папијасовата“ Logia како извор. Сепак, ваквото тврдење не е соодветно на она за кое сведочат изворите. Теза за првенството на евангелието според Марко не е поткрепена со веродостојни аргументи и изворни податоци.

Страна од Зографското евангелие на која започнува Евангелието по Марко "ⰵⰲⰰⰳⰳ[ⰵ]ⰾⰻⰵ ⱁⱅⱏ ⰿⰰⱃⱏⰽⰰ (Єваггєлїе отъ Маръка)", крај на X - почеток на XI век

Оттука, во науката постои полемика околу датирањето на Евангелието според Марко. Ова евангелие најрано се датира во 65 година, а најдоцна во 7080 година[1][2]. Сепак, се чини, дека најверодостојниот податок кој упатува на неговото прецизно датирање се наоѓа кај Иринеј Лионски, кој соопштил дека „по маченичката смрт на апостолите Петар и Павле во Рим, во времето на Нерон, Марко, ученикот и толкувач на Петар, го пренел во пишана форма тоа што беше проповедано од Петар“. Ако се повикаме на веродостојноста на овој податок, тогаш со голема веројатност може да се заклучи дека Евангелието според Марко било напишано во деценијата по маченичката смрт на апостолите Петар и Павле т.е. меѓу 65 и 75 година.

Што се однесува до неговата автентичност и веродостојност, според она што го соопштува Папијас од Хиреаполис, марковото евангелие е прилично веродостоен извор за настаните поврзани со животот и делото на Исус Христос. Ова пред сè се должи на Папијас, кој пишувајќи за досега неидентификуваниот Јован Постариот вели дека „Марко го составил евангелието врз основа на сеќавањата кои му ги пренел Петар“. Од тука може да се претпостави дека ова евангелие, во најголем дел, содржи материјал собран од усната традиција која на авторот му ја пренел лично Петар – очевидец, сопатник и еден од најблиските соработници на Исус.

Содржина

[уреди | уреди извор]

Во пустината се јавува пророкот Јован Крстител, кој проповеда и ги крштева луѓето, повикувајќи ги на покајание. Тој го крштева и Исус во реката Јордан. Во тој миг, над Исус се појавува Светиот Дух во вид на гулаб, а глас од небото објавува дека тој е Синот Божји. Духот го носи Исус во пустината, каде ѓаволот го искушува во текот на 40 дена, но без успех. Потоа, Исус се враќа во Галилеја и таму почнува да проповеда и да ги лечи болните. Нему му се придружуваат браќата Симон и Андреја, како и браќата Јаков и Јован. Проповедите и чудата на Исус предизвикуваат големо внимание и него насекаде го следи многуброен народ на кој тој им говори во параболи за божјото царство. Истовремено, тој ги избира своите 12 ученици кои ги овластува да проповедаат и да лекуваат болни. Во тоа време, Исус прави уште чуда: за време на пловидбата по морето ја смирува бурата, на две илјади демони им наредува да влезат во свињите кои потоа се дават во морето, оживува умрено девојче, а во две прилики нахранува илјадници луѓе со неколку леба. Сепак, кога се враќа во родниот крај, Исус не е прифатен од сонародниците. На своите ученици, Исус им ги претскажува својата смрт и воскресението. Во присуство на учениците Петар, Јаков и Јован, Исус се преобразува при што разговара со пророкот Илија и со Мојсеј, а во таа прилика глас од небото соопштува дека тој е синот божји.[3]

Исус Христос и учениците пристигаат во Ерусалим, каде тој ги брка продавачите и менувачите на пари од храмот, а тоа предизвикува омраза кај свештениците кои посакуваат да се ослободат од него. На своите ученици, Исус им ги опишува знаците според кои ќе го препознаат крајот на светот и неговото повторно доаѓање. Неговиот ученик Јуда Искариотски се нафаќа да им го предаде на свештениците, а за време на последната вечера со учениците за празникот Пасха, Исус им кажува дека еден од нив е предавник. Во таа прилика, тој претскажува дека и Петар ќе се откаже од него. Набргу, во градината каде што се моли Исус доаѓа Јуда во придружба на многу луѓе, кои го заробуваат Исус и го предаваат на свештениците. Таму, свештенството и народот го навредуваат и исмеваат Исуса, а Петар навистина трипати се одрекуав од него. Заробениот Исус му го предаваат на управникот Пилат, кој не сака да го казни, но насобраниот народ бара смртна казна. Војниците го носат Исус на ридот Голгота, каде го распнуваат на крст, заедно со двајца разбојници. Откако Исус умира, Јосиф од Ариматеја бара дозвола од Пилат да го земе неговото тело и го погребува. Во недела наутро, Марија Магдалена и уште една Марија го посетуваат гробот на Исус и гледаат дека гробот е отворен, а еден ангел им соопштува дека Исус воскреснал. Набргу, Исус им се јавува на Марија Магдалена и на учениците од кои бара да го проповедаат Евангелието по светот по што се вознесува на небото и седнува десно од Бога.[4]

  1. James R. Edwards, The Gospel according to Mark, The Pillar New Testament Commentary, Wm. Eerdmans 2002, p. 9.
  2. R. T. France, The Gospel of Mark: A Commentary on the Greek text, NICNT, Wm. Eerdmans, 2002, p. 39
  3. „Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос“, во: Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 43-57.
  4. „Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос“, во: Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 57-65.