Евроазиски рис
Евроазиски рис | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | `Рбетници |
Класа: | Цицачи |
Ред: | Ѕверови |
Семејство: | Мачки |
Род: | Рисови |
Вид: | Евроазиски рис |
Научен назив | |
Lynx lynx (Linnaeus, 1758) | |
Ареал на евроазискиот рис |
Евроазиски рис (науч. Lynx lynx) — мачка од средна големина, автохтона на европските и сибирските шуми, каде е грабливец. Во Република Македонија ова е ретко и заштитено животно, и еден од симболите на државата. Евроазискиот рис е најголем од сите рисови, со должина од 80 до 130 см и висина од 70 см кај плешките. Мажјаците тежат од 18 до 30 кг, а женките просечно по 18,1 кг.[1] Има сиво до црвенкасто крзно со црни дамки. Шарата на крзното варира; рисовите со многу шари можат да се најдат близу до оние без шари. Ова е ноќно животно и како возрасно живе само. Покрај ова, звукот кој тие го испуштаат е многу тивок и ретко се слуша, и така присуството на овој вид некаде може да биде незабележано со години. Полесно е да се најдат остатоците од пленот и стапки, отколку да се види самото животно.
Рисот се храни со зајаци, глодачи, лисици, срни, дивокози и ирваси. Како и други мачки, обидот на поголем плен е ризик. Главно лови со прикрадување и скокање врз пленот. Зимно време, заради снегот, ова е потешко, па тогаш се префрла на поголем плен. Европскиот рис претпочита диви шумовити предели со многу скривалишта и можност за прикрадување. Ловната површина на просечниот рис е од 20-60 км² и може да изоди повеќе од 20 км за една ноќ.
Статус
[уреди | уреди извор]Некогаш ова животно било честа појава насекаде низ Европа. До средината на XX век, рисот исчезнал во централна и западна Европа, каде во последно време одново е заживеан. Природно животното сѐ уште живее во источните и северните делови на Европа. Околу 90% од сите рисови живеат во Сибир. На целиот Балкан има нешто повеќе од 100 риса, од кои, најголемиот број од популацијата на критично загрозениот подвид - балкански рис (науч. Lynx lynx balcanicus), живеат во западна Македонија.[2] Заради овој факт, рисот е законски заштитен вид во земјата и еден од симболите на Македонија, и стои на монетата од 5 денари.
Рисот во Македонија
[уреди | уреди извор]Во минатото, рисот бил распространет на целата територија во западните и јужните делови на Македонија, како и на некои планини во источна Македонија.
Со влошување на животните услови балканскиот рис целосно исчезнал од источните делови на Македонија, така што денес може да се најде само во густите шуми и недопрени области во Западна Македонија. Последните податоци за рис во Источна Македонија се од 1924 на планината Плачковица.[3]
Во врска со големината на популацијата на рисот во Македонија, постојат бројни и различни податоци од кои не може да се извлече доследен заклучок. Според тврдењата на Мириќ на територијата на Македонија имало 120 единки,[3] додека пак според Мицевски само во клисурата на реката Радика може да се најдат околу 54 единки.[4] Христовски и Ангеловски, пак, проценуваат дека на целата територија на Македонија вкупниот број на рисови е приближно 35.[5] Во 2002 година Грубац проценува дека на територијата на Македонија живеат околу 35-40 единки.[6]
Според Мириќ во периодот од 1917 до 1977 година рисот го проширил својот ареал на распространување во Македонија.[7] Во последните триесет години очигледно е дека бројноста на популацијата е во опаѓање, но од неодамнешните литературни податоци не може точно да се утврди во која мера е тоа опаѓање.
Во март, 2010 е фатена жива единка на подрачјето на Маврово за која не се знае сè уште на кој подвид припаѓа.
Популацијата на рисот е изложена на најразновидни закани, кои во најголем број произлегуваат од активностите на човекот. Некои од главните закани кои се забележани во Македонија се:
- Малубројната популација и малиот репродуктивен потенцијал
- Криволовство како една од најсериозните закани
- Редукција на пленот како резултат на криволовството и деградацијата на стаништата
- Деградација на стаништата во кои живее рисот и нелегалното сечење на шумите
- Фрагментирање на стаништата и дисконтинуираност на биокоридорите преку разни инфраструктурни елементи
- Вознемирување (рекреација, шумски активности и сл.)
- Директна и индиректна конкуренција со волкот кој живее во истите станишта
Законски регулативи
[уреди | уреди извор]Рисот е животно кое е заштитено со закон во Македонија. Законот за ловство (Службен весник на РМ 20/96) го дефинира рисот како дивеч и го категоризира како заштитен дивеч (Член 12), а неговиот лов е трајно забранет (Член 15). Друг закон,мошне важен за заштитата на дивите животни е Законот за заштита на природата, кој е имплементиран во јуни 2005. Рисот е заштитен и со неколку меѓународни конвенции, кои се ратификувани од Р Македонија: Бернската конвенција, CITES, EU Habitats & Species Directive.
Подвидови
[уреди | уреди извор]Ова се утврдени подвидови на Европскиот рис. Други се сѐ уште само предлози, но сега се смета дека се синонимни со овие.
- Lynx lynx lynx, Скандинавија, Средна Европа, источна Европа, Кавказ, Сибир, Монголија, северна Кина, Кореја
- Lynx lynx isabellinus, Средна Азија
- Lynx lynx kozlovi, централен Сибир
- Lynx lynx sardiniae, Сардинија (изумрен)
- Lynx lynx stroganovi, Амурска област, Русија
- Lynx lynx balcanicus (стар назив: Lynx lynx martinoii), западна Македонија, западна Србија, источна и северна Албанија, источна Црна Гора
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Евроазиски рис“. Питер Џексон. 24 април 1997. Архивирано од изворникот на 2007-05-27. Посетено на 2007. Укажано повеќе од еден
|accessdate=
и|access-date=
(help); Проверете ги датумските вредности во:|access-date=, |date=
(help) (англиски) - ↑ „Акција за спасување на балканскиот рис“. BBC. 3 ноември 2006. Посетено на 2007. Укажано повеќе од еден
|accessdate=
и|access-date=
(help); Проверете ги датумските вредности во:|access-date=, |date=
(help) (англиски) - ↑ 3,0 3,1 (1977) Мириќ
- ↑ (1997) Мицевски
- ↑ (2001) Христовски и Ангеловски
- ↑ (2002) Грубаќ
- ↑ (1981) Мириќ
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Евроазиски рис“ на Ризницата ? |
- Евроазиски рис - ловечки портал „Ловство“[мртва врска] (македонски)
- МЕД - Проект - Рис Архивирано на 20 октомври 2007 г. (македонски)
- Компендиум за Bалканскиот рис (македонски)
- Дистрибуција и конзервациски статус на Балканскиот рис (англиски)