Прејди на содржината

Кристална ноќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Националсоцијализам
Кукест крст
Кукест крст

Кристална ноќ (германски: Kristallnacht или Reichskristallnacht, Pogromnacht или Ноќ на скршено стакло) е акт на масивно прогонување на Евреите во цела Германија и делови од Австрија на 9 и 10 ноември 1938 година. Домовите на Евреите биле опустошени во неколку германски градови, како и 8.000 еврејски дуќани, градови и села, од страна на цивили и членови на СА, кои ги рушеле еврејските градби со токмаци, оставајќи ги улиците покриени со скршени прозорци и излози. Од таму доаѓа името „Ноќ на скршено стакло“. Многу Евреи биле претепани до смрт, а 30.000 Евреи мажи биле однесени во концентрациони логори, 1.668 синагоги опустошени и 267 запалени.

Позадина на настанот

[уреди | уреди извор]

Во Германија до 1920-те години Евреите биле целосно интегрирани во општеството како германски граѓани,[1] а условите за нив почнале да се менуваат по доаѓањето на Адолф Хитлер на власт, како канцелар на Германија на 30 јануари 1933 година, односно донесувањето на Законот за итни мерки (23 март 1933) со кој Хитлер добил огромна моќ по пожарот на зградата на Рајстаг од 27 февруари 1933 година.[2][3] Режимот на Хитлер од почеток започнал со анти-еврејска и нацистичка пропаганда, при што биле обвинети 500.000 Евреи во Германија (или 0,86% од населението) за поразот на Германија во Првата светска војна, како и за лошата економска состојба по војната, големата инфлација и последиците од Големата депресија во Европа.[4] Почнувајќи од 1933 година, германската влада донела серија на анти-еврејски закони со кои се ограничувале правата на германските Евреи да заработуваат, да се школуваат и да уживаат полноправно како граѓани. Со законот донесен на 7 април 1933 година, на Евреите им било забрането да работат во државна служба.[5] Со Нирнбершките закони во 1935 година на Евреите им биле одземени граѓанските права и било забрането да се венчаат со не-Евреи.

Сите овие закони ги исклучиле Евреите од општествениот и политичкиот живот во Германија,[6] по што многу од нив ја напуштиле Германија.[7] На меѓународната Евијанска конференција на 6 јули 1938 година се расправало за ситуацијата на Евреите и Ромите кои имигрирале во други земји: повеќе од 250.000 Евреи ги напуштиле Германија и Австрија (која веќе била споена со Германија), а повеќе од 300.000 германски и австриски Евреи барале азил. Како се зголемувал бројот на Евреи и Роми кои барале азил, така се појавиле ограничувања што ги поставиле земјите како правила за прием на бегалци. Некои историчари сметаат дека нацистичката влада чекала соодветна провокација за да спроведе насилство против Евреите, уште од 1937 година.[8]

Протерување на полски Евреи од Германија

[уреди | уреди извор]
Полски Евреи протерани од Германија, октомври 1938 г.

Полска се откажала од граѓанските права на полските Евреи кои живеат надвор од Полска повеќе од пет години во октомври 1938, со што тие останале без државјанство.[9] Со овој т.н. „Полски акт“ повеќе од 12.000 полски Евреи, меѓу кои филозофот и рабинот Абрахам Џошуа Хешел и идниот книжевен критичар Марсел Рајх-Раницки биле протерани од Германија на 28 октомври 1938 година по наредба на Хитлер, односно им било наредено да ги напуштат домовите во текот на една ноќ со тоа што смееле да понесат само по еден куфер по човек. Сите биле качени на возови и испратени кон полската граница, каде полските граничари ги вратиле во Германија.

Полските Евреи со денови пешачеле без храна и засолниште. На 4.000 од нив им било дозволено да влезат во Полска, а останатите 8.000 останале на границата.[10] Условите биле толку лоши, што некои од нив се обиделе да се вратат во Германија, но биле веднаш стрелани.[11]

Убиството на Ернст фом Рат

[уреди | уреди извор]
Хершел Гриншпан, 7 ноември 1938
Ернст фом Рат

Меѓу протераните било семејството Гриншпан, полски Евреи кои се населиле во Хановер, Германија, во 1911 година. Нивниот седумнаесет годишен син Хершел живеел во Париз кај својот чичко. Хершел добил картичка од родителите испратена од полската граница, во која родителите кажуваат дека немаат пари во нив и бараат да им испрати.[12] Картичката ја добил на 3 ноември 1938 година.

Во понеделникот наутро на 7 ноември 1938 година, купил револвер и куршуми, и отишол во германската амбасада со барање да се сретне со некој одговорен. Откако бил внесен во канцеларијата на Ернст фом Рат, Хершел Гриншпан испукал пет куршуми во фом Рат, од кои два во стомак. Ернст фом Рат бил професионален дипломат во канцеларијата за надворешни работи, имал анти-нацистички ставови, посебно поради однесувањето на нацистите со Евреите, поради што бил под истрага на Гестапо.[13] Гриншпан се предал на француската полиција и го признал убиството. Во џебот имал картичка адресирана до неговите родители на која пишувало: „Господ нека ми прости ... морам да протестирам за да дознае целиот свет.“[14]

Наредниот ден германската влада се одмаздила со тоа што забранила децата Евреи да учат во германските училишта, ги запрела еврејските културни активности, го запрела издавањето на еврејските весници, а еврејските граѓански права им биле одземени.[15] Една од мерките била наредба на Хајнрих Химлер, командантот на германската полиција, која им забранувала на Евреите да поседуваат оружје и предвидувала казна од дваесет години затвор во концентрационен логор за секој Евреин кај кого ќе биде најдено оружје.[16]

Смртта на Ернст фом Рат

[уреди | уреди извор]
Телеграмата испратена од Рајнхард Хајдрих, 10 ноември 1938 г.

Ернст фом Рат починал од повредите на 9 ноември. Веста за неговата смрт стигнала до Хитлер истата вечер додека бил на вечера со неколкумина клучни личности од партијата. По интензивните разговори, Хитлер ги напуштил, а министерот за пропаганда Јозеф Гебелс изјавил дека фирерот решил демонстрациите да не бидат организирани од партијата, туку да избувнат спонтано и да не бидат попречени.[17] Со овие зборови, всушност Гебелс побарал од партиските водачи да организираат погром.[18] Според некои историчари, Гебелс во ова гледал шанса да се покаже во очите на Хитлер.

На 10 ноември 1938 година, во 01:20 по полноќ, Рајнхард Хајдрих испратил итна тајна телеграма до Безбедносната полиција и до Штурмабтајлунг (СА) со инструкции за немешање во претстојните немири, како и со упатство да се заштитат имотите на странците и не-Евреите. На полицијата ѝ било наложено да ги заплени архивите од синагогите и канцелариите, како и да ги притвори здравите мажи Евреи кои не се престари, кои требало да се префрлат на работа во концентрационите логори.[19]

Кристална ноќ, искршен дуќан во Магдебург

Излозите на околу 7.500 дуќани на Евреи биле искршени таа ноќ, оттука и називот Kristallnacht (Кристална ноќ).[20] Домовите на Евреите низ цела Германија биле ограбени, и имало случаи на претепани Евреи.

Повеќе од 1.400 синагоги и места за молитви,[21] многу од еврејските гробишта, повеќе 7.000 продавници и 29 стоковни куќи биле оштетени, а во многу случаи и целосно уништени. Повеќе од 30.000 Евреи биле усапсени и однесени во концентрациони логори, во најголем дел во Дахау, Бухенвалд и Захсенхаузен.[22]

Од уништените синагоги, некои биле стари со векови. Надгробни споменици биле урнати, а гробовите вандализирани. Биле палени огнови во кои фрлале молитвеници, свитоци, уметнички и филозофски текстови, а некои градби биле исто така запалени или урнати до непрепознавање.

По оваа ноќ, еврејската заедница била казнета со 10 милијарди марки, а поправката на прозорците ги чинела 40 милиони марки.[23] Многумина во Берлин се срамеле од погромот, а некои понудиле помош.

Последици

[уреди | уреди извор]
Синагога во Минхен по Кристалната ноќ
Синагога во Ајзенах по Кристалната ноќ

Геринг не бил задоволен со уништувањето на еврејскиот имот, бидејќи имал план да им го одземе,[24] а на 12 ноември се сретнал со членови на нацистичкото раководство за да ги испланираат наредните чекори по немирите.

По погромот, германските Евреи биле прогонувани и иако биле веќе ограбени, им биле нанесени нови економски штети. Биле принудени да платат колективна казна од милијарда марки за убиството на фом Рат (денес околу 5,5 милијарди американски долари), казна која била извршена со одземање на 20% од имотите на Евреите во државата. Сума од шест милиони марки осигурителна исплата за оштета на имот требало да биде исплатена на владата.[25]

Бројот на Евреи бегалци се зголемил, така што во наредните десет месеци по Кристалната ноќ, повеќе од 115.000 Евреи емигрирале од Рајхот,[26] од кои повеќето заминале во другите европски држави, во САД и Палестина, а најмалку 14.000 заминале во Шангај, Кина. Како дел од владината политика, нацистите го присвоиле имотот на оние што избегале. Голем дел од уништените остатоци кои биле ограбени за време на Кристалната ноќ, биле фрлени близу Бранденбург. Во октомври 2008 година, оваа депонија, која била голема колку четири фудбалски игралишта, била откриена од Јарон Сворај, истражувачки новинар. Меѓу пронајдените предмети имало стаклено шише со изгравирана Давидова ѕвезда, мезуза, обоени прозорски даски, како и потпирачи за раце од столици какви што има во синагогите, со украсна свастика.[27]

Реакции по Кристалната ноќ

[уреди | уреди извор]

Во Германија

[уреди | уреди извор]

Реакциите на не-Евреите во Германија по Кристалната ноќ биле различни. Многумина тивко набљудувале, а пожарникарите внимавале само да не се пренесе огнот на соседните градби. Во Берлин, полицискиот поручник Ото Белгард им забранил на СА групите да ја запалат Новата синагога, заради што неговиот претпоставен добил усна опомена од комесарот.[28]

Портретот на германскиот научник и добитник на Нобелова награда за медицина, Паул Ерлих, бил спасен од сосед.[29] Степенот на уништување бил толку голем, што многумина Германци изразиле неодобрување, а Кристалната ноќ ја опишале како бесмислена.[30]

Во статија објавена вечерта на 11 ноември, Гебелс ги опишал настаните за време на Кристалната ноќ како „здрав инстинкт“ на германскиот народ, спонтана реакција за убиството на Ернст фом Рат, објаснувајќи дека германскиот народ е антисемитски, и не сака да биде провоциран од Евреите.[31] По помалку од 24 часа по Кристалната ноќ, Адолф Хитлер одржал едночасовен говор пред група новинари, со цел да избегне да биде директно поврзан со настаните.[32]

Во 1938 година по Кристалната ноќ, психологот Михаил Милер-Клаудиус интервјуирал 41 случајно одбрани членови на нацистичката партија за нивниот став во врска со расниот прогон. Од нив, 63% биле екстремно против, само 5% изразиле одобрување, а останатите немале став.[33] Студија спроведена во 1933 година покажала дека 33% од членовите на нацистичката партија немале проблем со другите раси, а 13% одобрувале прогон.[34] За време на Кристалната ноќ неколкумина Гаулактери, како и многумина од водачите на СА и на Хитлеровата младина, одбиле да учествуваат.[35] Некои нацисти им помагале на Евреите во текот на Кристалната ноќ.[35]

Било јасно дека германската јавност не ја одобрува Кристалната ноќ, па Министерството за пропаганда им наредило на новинарите да ги претстават противниците како нелојални,[36] а описот на настаните да го минимизираат.[37] Во 1939 година, на медиумите им било забрането да пренесуваат какви било преземени мерки против Евреите.[38] Но затоа се прошириле вербални коментари, така што гранката на Гестапо од Диселдорф известиле за остар пад на антисемитизмот меѓу населението.[39]

Католичката и Протестантската црква во Германија не дале јавено коментар за настаните, иако нивни членови преземале некакви активности,[40] како на пример, свештеник платил трошоци за лекување од рак на Евреин, за што бил казнет со голема сума и неколку месеци затвор во 1941 година. Свештеникот Пол Шнајдер дал црковна казна на нациситчки симпатизер, за што бил испратен во концентрационен логор и таму бил убиен. Католичка калуѓерка била осудена на смрт во 1945 година заради помагање на Евреи.[40] Протестантски свештеник во 1943 година заради говор бил испратен во концентрациониот логор „Дахау“, каде умрел по неколку дена.[40]

Насловната страница на Њујорк Тајмс од 11 ноември 1938 г.

Реакции од светот

[уреди | уреди извор]

Кристалната ноќ предизвикала меѓународна реакција, и го дискредитирала нацистичкото движење во Европа и Северна Америка. Многу весници објавиле осуда. САД го отповикале својот амбасадор, иако не ги прекинале дипломатските односи, а владите на други земји ги прекинале дипломатските односи со Германија. Владата на Велика Британија одобрила програма за деца бегалци. Мислењето на светот остро се свртело против нацистичкиот режим, а некои политичари повикувале на војна. На 6 декември 1938 година, Вилијам Купер, политички активист, Абориџин, предводел марш низ Мелбурн до германскиот конзулат, за да остави петиција со осуда за суровиот прогон на Евреите од страна на нацистичката влада во Германија, која германските официјални лица во конзулатот одбиле да ја земат.[41]

По Кристалната ноќ, Салвадор Аљенде, Габриел Гонсалес Видела, Мармадуке Грове, Флоресио Дуран и други членови на Конгресот на Чиле, испратиле телеграма до Адолф Хитлер осудувајќи го прогонот на Евреите.[42] Англискиот композитор Мајкл Трипет во 1939 година го компонирал ораториумот Дете од нашето време.[43]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Goldstein, Joseph (1995). Jewish History in Modern Times. Sussex Academic Press. pp. 43–44. ISBN 978-1-898723-06-6.
  2. Trueman, Chris. „Nazi Germany – dictatorship“. Посетено на 12 March 2008.
  3. „Hitler's Enabling Act“. Посетено на 2008-03-12.
  4. Gilbert, стр. 23
  5. Cooper, R.M. (1992). Refugee Scholars:Conversations with Tess Simpson. Leeds. стр. 31.
  6. „The Holocaust“. Посетено на 12 March 2008.
  7. Manchester Guardian, 23 May 1936, cited in A.J. Sherman, Island Refuge, Britain and the Refugees from the Third Reich, 1933–1939, (London, Elek Books Ltd, 1973), p. 112, also in The Evian Conference — Hitler's Green Light for Genocide Архивирано на 27 август 2013 г., by Annette Shaw
  8. Friedländer, Saul. Nazi Germany and The Jews, volume 1: The Years of Persecution 1933–1939, London: Phoenix, 1997, p. 270
  9. "Polenaktion" und Pogrome 1938 – "Jetzt rast der Volkszorn. Laufen lassen" (германски). Der Spiegel. 29 October 2018.
  10. „Expelled Jews' Dark Outlook“. Newspaper article. London: The Times. 1 November 1938. Посетено на 12 March 2008.
  11. "Recollections of Rosalind Herzfeld," Jewish Chronicle, 28 September 1979, p. 80; cited in Gilbert, The Holocaust—The Jewish Tragedy, London: William Collins Sons & Co. Ltd, 1986.
  12. German State Archives, Potsdam, quoted in Rita Thalmann and Emmanuel Feinermann, Crystal night, 9–10 November 1938, pp. 33, 42.
  13. William L. Shirer, The Rise And Fall of the Third Reich, p. 430.
  14. Schwab 1990, стр. 43.
  15. "Nazis Planning Revenge on Jews", News Chronicle, 9 November 1938
  16. "Nazis Smash, Loot and Burn Jewish Shops and Temples Until Goebbels Calls Halt", New York Times, 11 November 1938
  17. Friedländer, op.cit., p. 113.
  18. Walter Buch to Goring, 13.2.1939, Michaelis and Schraepler, Ursachen, Vol.12, p. 582 as cited in Friedländer, p. 271.
  19. "Heydrich's secret instructions regarding the riots in November 1938", (Simon Wiesenthal Center)
  20. GermanNotes, „Kristallnacht - Night of Broken Glass“. Архивирано од изворникот на 19 април 2005. Посетено на 6 март 2009., retrieved 26 November 2007
  21. http://www.zukunft-braucht-erinnerung.de/die-kristallnacht-luege/
  22. "The deportation of Regensburg Jews to Dachau concentration camp" Архивирано на 6 октомври 2018 г. (Yad Vashem Photo Archives 57659)
  23. Raul Hilberg. The Destruction of the European Jews, Third Edition, (Yale Univ. Press, 2003, c1961), Ch.3.
  24. Döscher, Hans-Jürgen (2000). "Reichskristallnacht" – Die Novemberpogrome 1938 ("'Reichskristallnacht': The November pogroms of 1938"), Econ, 2000, ISBN 3-612-26753-1, p. 131
  25. "JudenVermoegersabgabe" (The Center for Holocaust and Genocide Studies)
  26. Jewish emigration from Germany Архивирано на 12 мај 2013 г. (USHMM)
  27. Connolly, Kate (22 October 2008). „Kristallnacht remnants unearthed near Berlin“. The Guardian. London. Посетено на 7 May 2010.
  28. Scheer, Regina (1993). "I'm Revier 16 (In precinct No. 16)". Die Hackeschen Höfe. Geschichte und Geschichten Feiner Lebenswelt in der Mitte Berlins (Gesellschaft Hackesche Höfe e.V. (ed.), pp. 78 ed.). Berlin: Argon. ISBN 3-87024-254-X.
  29. Rinde, Meir (2017). „A History of Violence“. Distillations. том 3 no. 2. стр. 6–9. Посетено на April 18, 2018.
  30. "New Campaign Against Jews", The Argus, 11 November 1938
  31. Daily Telegraph, 12 November 1938. Cited in Gilbert, Martin. Kristallnacht: Prelude to Destruction. Harper Collins, 2006, p. 142.
  32. Eugene Davidson. The Unmaking of Adolf Hitler. Columbia: University of Missouri Press, 1996. ISBN 978-0-8262-1045-6. p. 325
  33. Müller-Claudius, Michael (1948). Der Antisemitismus und das deutsche Verhangnis. Frankfurt: J. Knecht. стр. 76–77, 175–176.
  34. Gordon 1984, стр. 263–264.
  35. 35,0 35,1 Gordon 1984, стр. 266.
  36. Gordon 1984, стр. 159.
  37. Gordon 1984, стр. 156.
  38. Gordon 1984, стр. 157.
  39. Gordon 1984, стр. 175–179, 215.
  40. 40,0 40,1 40,2 Gordon 1984, стр. 251, 252, 258, 259.
  41. Miskin, Maayana (8 February 2010). „Yad Vashem to Honor Aborigine“. Israel National News. Посетено на 20 April 2012.
  42. „Telegram protesting against the persecution of Jews in Germany“ (PDF) (шпански). El Clarín de Chile's.
  43. Lewis, Geraint (May 2010). „Tippett, Sir Michael Kemp“. Oxford Dictionary of National Biography (online edition). Посетено на 29 April 2012. (бара претплата)

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]