Прејди на содржината

Младотурска револуција

Од Википедија — слободната енциклопедија
Младотурска револуција

Влегување на Младотурците во Цариград
Датум 1908
Место Отоманско Царство
Исход Победа на револуционерите
Завојувани страни
Младотурци
Комитет за единство и прогрес
Османлиско Царство Османлиска армија
Дашнаци[1]

ВМРО

Османлиско Царство Османлиска влада
Команданти и водачи
Исмаил Енвер
Ахмед Нијази
Реџеп-паша
Ејуп Сабри
Хачадур Малумјан
Јане Сандански
Христо Чернопеев
Абдул Хамид II
Османлиско Царство Мехмед Ферид-паша
Османлиско Царство Шемси-паша 

Младотурска револуција — голем општествен пресврт во Отоманското Царство во 1908 г. против апсолутизмот на султанот Абдул Хамид II. Револуцијата била крената од Младотурците кои имале формирано својата партија уште во 1889 година.

Македонските востаници влегуваат во Битола за време на Младотурската револуција

Во почетокот на XX век големите европски сили вршеле притисок врз Османлиското Царство за реформи во земјата. Иста цел имале и младата турска интелигенција која била свеснa дека султанската власт е сериозно поткопaна и дека мора да дојде до промени. Османлиските власти за подготвувањето на современите специјалисти во воената област ги испраќале своите офицери на обука во европските држави. Но османлиските офицери освен со воени знаења во земјата се враќале и со либерални идеи.

Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век во Отоманското Царство се создале првите тајни комитети, претежно во воените училишта. Првиот таков комитет бил формиран во 1889 година од военопоморското училиште во Истанбул. Кон ова движење се приклучиле и приврзаниците на Митхат Паша кој бил еден од авторите на првиот османлиски устав во 1876 година. Но овој устав бил замрзнат и Абдул Хамид II успеал да го продолжи животот на империјата уште 30 години. Султанот организирал многу ефикасна шпионска централа за елиминација на тајните комитети во империјата. Во 1901 година во империјата останала само една тајна организација бидејќи голем дел од членовите биле уапсени, а останатите побегнале во Европа. Во Франција тие основале задгранична организација. Во 1905 година во Солун била основана организација на османлиското општество за слобода, а членовите потекнувале главно од Битола и Солун. Во 1907 година оваа раководство се обединило со француското. Градот Солун станал политички центар на организацијата.

Почеток на револуцијата

[уреди | уреди извор]

Во текот на овој период Големите сили постојано барале спроведување на реформи од империјата главно во Македонија. Овие барања го забрзале почетокот на Младотурската револуција. Солунскиот воен комитет ја подготвувал воената револуција, а Парискиот комитет се занимавал со политички работи. Така дошло до првите немири меѓу војската во Солун, Едрене, Скопје и Битола. На 3 јули 1908 година во Ресен младиот офицер Ахмед Нијази-бег организирал прва востаничка чета заминувајќи во најблиската шума во знак на протест против султанот и барање за враќање на уставот од 1876 година. Слоганите на Младотурците биле Слобода, еднаквост и братство кое го покажало влијанието на Француската револуција. На 6 јули излегол и мајор Енвер бег, кој потоа станал водач во младотурското движење. Османлиската влада се обидувала да го изгасне овие први чекори на Младотурската револуција преку префрлање на војници од Едрене и Солун.

Наскоро востанието се проширило низ цела Македонија. Битола била заземена на 22 јули и при тоа биле ослободени сите политички затвореници: Македонци и Албанци. Исто така сите телефонски централи во Македонија биле заземени и од таму започнало да се праќаат телеграми до престолнината. Настанало општо збратимување меѓу до вчера закрвените народи. На 22 јули до султанот бил упатен дводневен ултиматум да го врати Уставот, а на 23 јули во Солун избувнале масовни демонстрации организирани од Младотурците, на кои учествувале околу 30.000 луѓе. И во Солун биле ослободени политичките затвореници.

Под притисок на ова масовно движење, султанот на 24 јули 1908 година го обновил Уставот од 1876 година и распишал избори за Претставничкиот дом (меџлисот). На изборите кои се одржале есента 1908 година од Македонија, меѓу останатите, биле избрани и Тодор Павлов, Панчо Дорев, Христо Далчев и Димитар Влахов.[2]

Цел на Младотурците

[уреди | уреди извор]
Младотурски револуционери во борбен автомобил, 1909 г.

Целта на Младотурците се темелела врз фактот дека Османлиското царство пропаѓа и ги губи сите свои освоени области. Но, по нивното стапување на власт се покажало дека ниту тие не се во состојба да го спречат губењето на турските територии. Во текот на оваа владеење, Бугарија ја прогласила својата независност во 1908 година. Покрај тоа, од нив се очекувало модернизација, уставотворност, а можеби и демократизација на земјата, но кога дошле на власт и овие очекувања не биле исполнети.

По доаѓањето на Младотурците на власт уследиле мерки за давање политички слободи. Овој период на слободен живот кој траел кратко време е познат под името Хуриет (Слобода). Младотруската револуција успеала, но многу бргу се покажало дека Младотурците не располагале со потребните кадри за управување со државата. Тие главно биле подготвени во воен план, но не и во политички. Во следниот период султанската институција не била ликвидирана туку го голема мера ограничена. Биле убиени најомразените султански приврзаници и во следниот период презеле голем број на мерки за задоволување на првичните свои барања и слогани кои ги извикувале во времето на револуцијата. Но многу бргу успехот на Младотурците се претворил во националистичка и шовинистичка цел. Заедно со тоа започнале да се организираат и конзервативните сили во Истанбул против Младотурците.

Контрареволуција и нејзино задушување

[уреди | уреди извор]

На 13 април 1909 година избувнало востание против младотурците. Младотурците биле истерани од парламентот и од владата, а голем дел од младотурските водачи биле убиени. Оние кои побегнале, свое засолниште нашле во Солун каде решиле овој револт да биде уништен. За таа цел била основана т.н. Армија на акцијата во која учествувале и Јане Сандански, Тодор Паница и Христо Чернопеев заедно со уште 1.200 македонски револуционери. По тридневни борби, на 24 април, контрареволуцијата е совладана. На 27 април султанот Абдул Хамид II е сменет, а за нов султан е поставен Мехмед Решад V.

Абдул Хамид II бил прогонет во Солун. На пат кон Солун, соборениот султан на еден младотурски офицер му рекол: „Македонија е една убава роза со големи боцки. Откако ме отстранивте од престолот, соседните држави меѓусебно ќе се убијат по оваа роза“.

Мерки на Младотурците

[уреди | уреди извор]

Во втората фаза од управувањето, Младотурците ја зеле власта под своја управа. И покрај функционирањето на парламентот, демократија немало. Во текот на овој период биле направени голем број на воени реформи.

Набрзо Младотурците воведуваат рестриктивни мерки. Биле донесени закони против вооружените чети, против политичките партии и организации формирани на етнички и верски основи (од октомври 1909 година). Донеле закони и против штрајковите на работниците, откако веднаш по избувнувањето на Младотурската револуција следел голем број на штрајкови во поголемите градови на империјата. Така, од 30 јули до 20 декември 1908 година имало најмалку 119 штрајкови во поголем број градови во империјата, вклучително и во македонските градови.[3]

Со тоа била отфрлена можноста за добивање на автономија на Македонија во рамките на Турција за што се залагала Народната федеративна партија.

Младотурците и ВМОРО

[уреди | уреди извор]
Санданисти и младотурски офицери
Манифестот до сите народности во Османлиското Царство
Извештај за анархичната состојба предизвикана со арнаутското движење и зулуми во Битолскиот вилает. (16 октомври 1909)

Во Младотурската револуција било инволвирано и македонското население. Во неа учество зеле и Македонци на чело со Јане Сандански кои се бореле за целите на Младотурците како и за добивање на автономија. Откако уставот бил вратен на сила, четите на ВМОРО по наредба на Јане Сандански слегле од планините во градовите и учествувале во свеченостите по повод победата на Младотурците.

На 31 јули 1908 година (нов стил) Сандански упатува Манифест до сите народности во Османлиското Царство, во кој меѓу другото истакнал:

Сонародници,

Вие, кои дадовте толку скапи жртви пред олтарот на слободата, можете радосно да здивнете. Сега вие не сте сами - ете зошто вашата борба станува уште полесна и понадежна. Со заедничките усилби на сите народности ние ќе ја извојуваме нашата слобода. Не подавајте им се на престапната агитација која можеби ќе ја поведат официјалните власти во Бугарија против вашата заедничка борба со турскиот народ и неговата интелигенција којашто се стреми кон слобода.

Драги сотатковници,

Ждрепката е веќе фрлена. Враќање назад нема, а и кој од вас би посакал да се врати повторно кон смрдливата атмосфера на неправдата и развратот на бившата тиранија? Да си дадеме сите збор дека ја претпочитаме смртта на светата слобода пред гнасниот јарем на ропскиот живот. Бодроста, самопожртвуваноста и постојаната подготвеност за борба - ете што треба да не воодушевува во овој голем момент. Смрт на тиранијата - за да живее народот! Да живее слободата! да живее солидарноста меѓу народите! Да живее големата народна борба! Да живее народот! [4]

Хуриетската Османлиско Царство во Македонија искрено била прифатена единствено од левицата, на чело со санданистите. Од левицата изникнала Народната федеративна партија (НФП), чија програма предвидувала спроведување на радикални економско-политички реформи, кои требало да го задоволат големото мнозинство од обесправеното и бедно население, да го приврзат кон Младотурската револуција, да ја зацврстат нејзината победа и да ја спасат Империјата од сигурниот распад. Основното барање на НФП било преуредувањето на Османлиското Царство врз принципот на децентрализацијата и самоуправувањето на народите, со што сите етнички средини и малцинства во Империјата би стекнале национална рамноправност. Притоа, се тргнувало од фактот дека само така и македонскиот народ ќе ги стекне своите национални права и ќе ја зачува својата територијална целост, а Империјата својот демократски развиток и опстанок.

По задушувањето на контрареволуцијата од 1909 година младотурците, чувствувајќи се силни, наместо да продолжат со реформите што народот во Македонија и пошироко со нетрпение ги очекувале и на таков начин да ги зацврстат своите позиции, тргнале по друга насока. Под изговор дека е нужно да се осигура безбедноста на државата, тие донеле закони со кои насилството врз оние што со воодушевување ја пречекале нивната победа го претвориле во систем на владеење. Меѓу најпознатите биле Законот против четите и Законот за колонизација на Македонија, чија примена предизвикала огромно незадоволство меѓу христијанското население. Веќе кон 1910 година поголемиот дел од придобивките стекнати во јули 1908 г. биле уништени од самите младотурци. Поради тоа многу се влошиле односите и меѓу османлиските власти и Јане Сандански, иако тој од редовите на христијанското население во Македонија имал најголеми заслуги во борбата против апсолутизмот на султанската власт и им бил најискрен пријател на младотурците.

Со напуштањето на хуриетските принципи на владеење, прогласени во јули 1908 г., враќајќи се во значителна мера на стариот систем на управување, младотурците им дале повод на трите балкански соседи, кои одамна го очекувале моментот да го извршат своето „национално обединување” преку заграбување делови од македонската земја, да се здружат и со војна да го остварат тоа. Планот на младотурците, преку ликвидирање на апсолутизмот, но без радикални реформи во економско-општествениот систем (аграрна реформа и др.), да ги придобијат широките обесправени и незадоволни слоеви во Македонија и пошироко на Балканот и да ја спасат државата од неизбежниот распад, се покажал нереален.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Kansu, Aykut (1997). The Revolution of 1908 in Turkey. Brill Academic Publishers. стр. 78. ISBN 978-90-04-10283-5.
  2. Јусуф Хамза, „Младотурската револуција во Османлиското Царство“, „Логос-А“, Скопје, 1995, 236 стр.
  3. [International Communist Current, After the 1908 mutiny: mass strikes and the socialist movement], 2013.
  4. Манифест до сите народности во Османлиското Царство

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]