Прејди на содржината

Андре Жид

Од Википедија — слободната енциклопедија
Андре Жид
Андре Жид во 1920
Роден/а22 ноември 1869(1869-11-22)
Париз, Франција
Починат/а19 февруари 1951(1951-02-19) (возр. 81)
Париз, Франција
Занимањероманописец, есеист, критичар
Значајни делаИморалист, Тесната врата, Подрумите на Ватикан, Пасторална симфонија, Ковачи на лажни пари
Значајни наградиНобелова награда за литература, 1947
Потпис

Андре Пол Гијом Жид (француски: [ɑ̃dʁe pɔl ɡijom ʒid]; 22 ноември 186919 февруари 1951) — француски писател и добитник на Нобеловата награда за литература во 1947 „за неговото разбирливо и уметнички значајно пишување, во кое човековите проблеми и состојби се претставени со бестрашна љубов по вистината и силно психолошко гледиште“.[1] Кариерата на Жид се протега од симболистичкото движење па сè до доаѓањето на антиколонијализмот помеѓу двете светски војни.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Детството и младоста

[уреди | уреди извор]

Андре Жид е роден во Париз, во богато семејство, на 22 ноември 1869, како син единец на Пол Жид, професор по право на Парискиот универзитет и протестант по вера, и Жилиет Рондо, чие благородничко семејство отпрвин било католичко па преминало во протестантско. Семејната атмосфера во која растел и се развивал, Андре Жид ја опишал во својата позната автобиографија, објавена во 1924 година, чиј наслов „Ако умре...“ (Si le grain ne meurt) го презел од зборовите на св. Јован, кој зборувал како зрното пченица мора прво да умре пред да донесе род.[2] Во својот дневник, Андре Жид го опишал својот татко како човек кој „поголемиот дел од денот го поминуваше молчејќи во огромната и прилично мрачна работна соба во која смеев да влезам единствено ако тој недвосмислено ме повикаше.“ Таму, на својот син му ги читал делата на Молиер, како и извадоци од „Одисејата“.[3] Уште во раната возраст почнал да свири на пијано, но иако напредувал, никогаш не станал вистински музичар. Првите училишни години, во Алзашката школа во Париз, нагло биле прекинати кога го исклучиле од училиштето за период од три месеци за да се лекува од „лошите навики“, односно од маструбацијата за која и самиот рекол дека е „грев“.[4]

Смртта на татко му, во 1880 година, го погодила десетгодишниот Андре многу длабоко и му го попречила школувањето, а семејството се преселило во Нормандија. Андре Жид западнал во анксиозност и во душевни кризи, што се одразило врз неговото школување. Детството и раната младост ги поминал во друштвото на неговата строга мајка, која го гушела со грижа и внимание, на Ана Шаклетон, гувернантата на мајка му, тетките и братучетките. Честопати, наместо редовната настава, бидејќи не се снаоѓал најдобро во училишната средина, посетувал часови кај приватни професори, а кај еден од нив нашол инспирација да почне да води интимен дневник. Во 1881 година, Жид пак почнал да учи во Алзаската школа во Париз, но поради засилените главоболки, повторно морал да ја напушти редовната настава.

Поголемиот дел од детството Жид го поминал во Руан, каде во 1882 година, се зближил со неговата братучетка Мадлен, која почнал да ја идеализира и во која се вљубил, но на чисто интелектуален начин. Во тоа време, таа имала 16 а тој 13 години.[3] Со неа многу се допишувал и двајцата заедно ја читале Библијата како и старогрчки автори. Во овој период, Жид се интересирал за религијата и бил воспитуван во пуритански дух.

Фотографија[мртва врска] од класот во Алзаската школа во 1887, Жид (стои) и Пјер Луис (седи).

Во 1887 година се запишал во класот по реторика во Алзаската школа, каде го запознал Пјер Луис, со кого развил големо пријателство засновано врз нивната заедничка љубов кон книжевноста. Следната година, Жид ја подготвувал матурата од областа на филозофијата и го открил творештвото на Шопенхауер. По матурата во 1889 година, тој почнува да излегува по книжевните салони, каде се запознал со многу писатели. Во 1890 година умрел вујко му, Емил Рондо, таткото на Мадлен. За време на летото, Андре престојувал на езерото Анеси каде ги напишал „Тетратките на Андре Волтер. Во декември, заминал за Монпелје кај чичко му Шарл Жид, каде се запознал со Пол Валери и нивното пријателство траело целиот живот. Откако почнал да се дружи со Пол Валери, односот со Пјер Луис почнал да се распаѓа, поради егоцентричноста на Жид. Истовремено, Мадлен ја одбила понудата за брак. Во целост, овој период, во кој Жид шетал низ француските салони и напразно го губел времето, кај него предизвикало длабока депресија.[5]

Познанството со Оскар Валјд и патувањето во Северна Африка

[уреди | уреди извор]
Андре[мртва врска] Жид во 1893.

Во 1891 година, кратко време откако го напишал „Трактатот на Нарцис“, Жид го запознал Оскар Вајлд, кој истовремено го плашел и го фасцинирал. За Жид, кој копнеел по некаков аскетски идеал, Вајлд му отворил сосема Нов Свет и Жид почнал да мисли дека е „должност човекот да се чувствува среќно“.[6] Набргу, тој го открил светот во кој се дозволени задоволствата и полека го напуштил строгиот пуританизам. Во овој период, неговиот однос со мајка му почнал да се менува, но истовремено таа ја прифатила неговата желба да се ожени со Медлен, чие семејство било против каква било врска помеѓу двајцата. Пролетта, 1892 година, Жид престојувал во Минхен, а следната година го објавил делото „Патување на Уриен и љубовното искушение“ (Voyage d'Urien et la tentation amoureuse).

Благодарение на неговиот пријател Ежен Руар, Жид се запознал со младиот поет, Франсис Жам, со што се родило долго пријателство. Токму таа година, Андре Жид ја доживеал својата голема духовна криза која се должела на растргнатоста помеѓу строгото пуританско воспитание и неговите хомосексуални нагони. Во текот на еден престој во Северна Африка, тој ги искусил првите такви ослободувачки искуства благодарение на пријателството со сликарот Пол Лоран, кој одиграл клучна улога во животот на Жид. Лоран добил стипендија за патување во странство, која решил да ја сподели со Жид, а ова патување всушност е предмет на делото „Ако житото не умре“.[7] Во октомври 1893 година, тие заминале на деветмесечно патување, во Тунис, Алжир и во Италија. Уште од почетокот, Жид бил болен, а здравствената состојба му се влошила во Тунис. Таму, во градот Сус, Жид го открил задоволството со некое младо момче по име Али. Во ноември, Пол и Андре се населиле во Бискра, во Алжир каде останале до февруари 1894 година. Загрижена за здравјето на синот, мајка му на Жид дошла да ги посети. Пролетта, Жид се вратил во Франција кратко поминувајќи низ Италија, каде ги открил убавините на Рим и Фиренца. оттаму, во лоша здравствена состојба, тој заминал за Швајцарија, каде му било дијагностицирано невротично растројство. Жид решил да се пресели во провинцијата, во Ла Бревин, каде го напишал делото „Мочуришта“.[8]

На почетокот на 1895 година, Жид по вторпат заминал во Алжир. Тој повторно се сретнал со Вајлд и со неговиот љубовник лордот Алфред Даглас и доживеал уште една значајна ноќ со некој млад музичар. Преписката со мајка му била исполнета со горчина, но кога се вратил во Франција нештата се смириле. Медлен конечно се зближила со него, а ненајдената смрт на мајка му, на 31 мај 1895 година, едновремено значела болка и ослободување за Андре Жид. Овој настан ги забрзал нештата околу бракот кој Жид одамна го посакуваl, a којшто воедно му бил препорачан од некој лекар како спас од хомосексуалните стремежи. Мадлен Рондо и Андре Жид се свршиле во јуни, а стапиле во брак на 7 октомври 1895 година. Потоа, тие заминале на седумесечно свадбено патување во Швајцарија, Италија, Тунис и Алжир. Во Швајцарија, Жид работел на „Земските исхрани“, книгата што ја започнал во Бискра.

Патувањето на младенците продолжило во Италија, а потоа повторно се вратиле во Алжир, во Бискра, каде ги посетиле Жам и Руар. Штом се вратил во Франција, пролетта 1896 година, Жид дознал дека е избран за градоначалник на Ла Рог-Бењар. Тој го прифатил мандатот, но одбил да се занимава со политика. Нивниот брак бил среќен, но лажен, бидејќи Жид одбивал да има сексуални односи со Медлен, која за неговите хомосексуални авантури дознала во 1916 година, кога од невнимание отворила некое писмо адресирано до Андре Жид.[8]

Од почетокот на 20 век до Првата светска војна

[уреди | уреди извор]
Портрет[мртва врска] на Анри Батај.

Кон крајот на 19 век и почетокот на XX век, Жид воспоставил нови пријателства со Жак Копо, Жан Шлумбергер и Шарл ди Бо, а врската со Франсис Жам полека исчезнала, кој бил верски преобратен од страна на Пол Клодел, но тоа не била главната причина за раскинувањето. Жид накратко бил заинтересиран за Клодел, но го отфрлил како „фанатик“.[9] Жид ја одбивал верата што ја сакал Клодел, препрочитајќи ја емпатијата. Во 1900 година, тој го продал својот голем замок во Ла Рог-Бењар и изградил скромна куќа во Отеј, каде останал да живее цели дваесет и пет години (1906-1928). Ова укажува на потребата да им помага на другите и свеста за неправедноста на својата благородничка положба.

Кон крајот на првата деценија на XX век, Жид го основал весникот „Нова француска ревија“ (Nouvelle Revue Française). Иако тој официјално не бил директор, во најмала рака бил главен уредник, работејќи со Жан Шлумбергер, Жак Копо и други. Во 1911 година, групата се поврзала со Гастон Галимар и создале издавачка куќа, објавувајќи книжевни текстови. Во 1912 година, Жид, во својство на лектор во „Нова француска ревија“, го одбил делото „Кај Сван“ (Du côté de chez Swann) на Марсел Пруст, поради снобизмот на неговиот автор. Две години подоцна, тој се покајал за тоа и му напишал на Пруст дека заради тој гест целиот живот ќе го гризе совеста.

Во 1916 година, Жид добил искушение да се преобрати во католик, предизвикано од преобраќањето на неговиот љубовник, Геон. Проблемот не бил толку религиозен колку што бил морален: тој се колебал меѓу паганството кое му овозможувало да се докажува во уживањето и верата која му давала оружје да се бори против личниот грев. Неговите размислувања се запишани во делото Numquid et tu. Најпосле, Жид не се преобратил, а заслуга за тоа имал и Пол Клодел.

Во 1917 година, Анри Геон дефинитивно се оддалечил од него и во мај Жид се вљубил во младиот Марк Алегре, тогаш на возраст од 16 години и со него започнал куса љубовна врска во тек на патувањето во Кембриџ, од јули до октомври 1918 година.[10] Тогаш, Мадлен го напуштила Жид, ги изгорела сите писма што тој ѝ ги напишал и си заминала.

Татковство

[уреди | уреди извор]

Во јануари 1923 година, Жид патувал низ Италија со Елизабет ван Риселберг (ќерка на сликарот Тео ван Риселберг), со која се познавал претходно и имал љубовна врска. Во март, Жид заминал за Мароко, а на 18 април, од таа љубовна врска се родила неговата ќерка, Катарина Жид. Раѓањето на детето останало тајна до смртта на Мадлен, во 1938 година.[11] Подоцна, својот брак со Мадлен, Жид го опишал како „брак на рајот и пеколот“.[12]

Патувањата во Африка

[уреди | уреди извор]
Марк[мртва врска] Алегре и Андре Жид во 1920.

Од јули 1926 до мај 1927 година, Жид патувал низ Централна Африка заедно со неговиот љубовник Марк Алегре. Тој ги посетил француските колонии Конго (денес Република Конго), Убанги-Шари (денес Централноафриканска република), а потоа кратко останал во Чад и во Камерун пред да се врати во Франција. Своите патувања ги опишал во Патувањата во Конго (Voyage au Congo) и во Враќањето од Чад (Retour du Tchad). Во овие објавени дневници тој ги критикувал француските деловни интереси во Конго и ги поттикнувал реформите.[13] Притоа, особено силно го критикувал режимот на „големото концесионерство“ (régime des Grandes Concessions), т.е. режимот според кој дел од колонијата им бил отстапен на француските компании кои можеле да ги експлоатираат сите природни ресурси, особено каучукот. Тој зборува за тоа дека домородците биле принудени да ги напуштаат нивните села и со недели да собираат каучук во шумите, експлоатирани како робови. Книгата имала значајно влијание врз антиколонијалистичкото движење во Франција и помогнала да се преиспита влијанието на колонијализмот.[14]

Посетата на Советскиот Сојуз

[уреди | уреди извор]

Во текот на 1930-тите, Жид накратко станал комунист, т.е. симпатизер, бидејќи никогаш формално не ѝ се приклучил на Комунистичката партија. Како истакнат писател кој ја симпатизирал комунистичката кауза, тој бил повикан на гости во Советскиот Сојуз од страна на Советскиот Сојуз на писателите. Ова патување му ги срушило сите илузии и тој наскоро станал критичар на советскиот комунизам. Поради критиките на комунизмот тој ги изгубил социјалистичките пријатели, особено по објавувањето на книгата „Враќањето од СССР“ (Retour de L'U.R.S.S.) во 1936 година.

Пред посетата на СССР, во „Паднатиот бог“, Жид напишал: „Мојата верба во комунизмот е како мојата верба во религијата: тоа е ветување за спас на човештвото. Ако треба да го положам животот за тоа да може да успее, би го сторил тоа, без колебање.“ Но, по посетата на Советскиот Сојуз, неговите ставови драстично се измениле. Така, тој изјавил: „Според мое мислење, во ниту една земја денес, дури ни во Хитлеровата Германија, духот не е толку потиснат, уплашен, сервилен колку во Советскиот Сојуз“, а во Култура, Цивилизација и Хуманост напишал: „Недозволиво е под ниеден услов моралот да потоне толку ниско како што тоа го сторил комунизмот. Никој не може да ја замисли трагедијата на човештвото, на моралот, на религијата и на слободите во земјата на комунизмот, каде човекот е изнемоштен до неверување.“

Втората светска војна и повоениот период

[уреди | уреди извор]

Во текот на Втората светска војна, „Нова француска ревија“ паднала во рацете на Германците. Во 1940 година, Жид ја напуштил работата на главен уредник, а во неа објавил само еден текст и потоа се воздржал од натамошно објавување. Притоа, во весникот „Фигаро“, тој ја објавил својата желба да ја напушти „Ревијата“, а истовремено го одбил и местото во Академијата. Потоа, од Париз заминал на Азурниот брег, повремено објавувајќи книжевни критики во „Фигаро“. Почнувајќи од 1942 година, нападите против него се засилиле, без да му биде дадена можноста да се брани, поради цензурата. Поради тоа, тој заминал за Тунис, а оттаму заминал во Алжир, каде се сретнал со генералот Шарл де Гол. По ослободувањето на Франција, Жид решил да не се враќа веднаш во Париз, зашто не можел да ја поднесе атмосферата на тоталитарна осуда. Неговите сомнежи предизвикале жестоки напади од Луј Арагон, а во негова одбрана застанале Жан Полан, Моријак и Ербар. Кога се вратил во Париз, во мај 1946 година, му било тешко да го најде своето место во еден исполитизираниот книжевен свет, бидејќи тој отсекогаш бил поборник за автономија на книжевноста.

Андре Жид умрел на 19 февруари 1951 година, во Париз, на возраст од 81 година, а бил закопан селските гробишта, до сопругата Мадлен. Според неговите биографи, Жид умрел во согласност со неговите зборови од младоста: „Се надевам, откако ќе го изразам на оваа земја сето она што чекаше во мене - задоволен - дека ќе умрам потполно безнадежен.“[12]

Творештво

[уреди | уреди извор]
Портрет[мртва врска] на Андре Жид од Тео Ван Риселберг. Детал од Читање од Емил Верхерен

На возраст од 21 година, Жид го објавил своето прво дело „Тетратките на Андре Волтер“ (Les Cahiers d'André Walter), кое му донело првична слава и му помогнало да ги запознае Морис Баре и Маларме, со чија помош религиозниот мистицизам го преобразил во естетски.[5] По враќањето од Африка во Париз, тој западнал во егзалтација (исти кафеани, исти кружоци и исти расправи), па разочаран се повлекол и така осамен го напишал краткото дело „Мочуришта“ (Paludes), еден од првите француски „антиромани“ во кои пишувал за разурнувачката сила на хедонизмот и за гладот по нови искуства. Во 1897 година го објавил делото „Земска храна“ кое било младешки обид да ги опее земните задоволства.[15] Првиот голем книжевен успех Жид го доживеал во 1902 година, со психолошкиот роман „Иморалист“ но публиката го поистоветувала авторот со ликот на Мишел, така што Жид останал несфатен. Според него, Мишел е само бледа негова верзија, преку кој пишувајќи се прочистувал. Од „Иморалист“ (1902) до следното дело „Тесна врата“ (1909), Жид не објавил ништо, а во 1914 година излегол неговиот роман „Визбите на Ватикан“. Во меѓувреме, се мачел со пишувањето, објавувајќи само збирка критики, краток роман и книгата „Враќањето на генијалното дете“ (1907).

Во тој период, Жид почнал да го пишува делото „Коридон“, сократски есеј што се стреми да се бори против предрасудите околу хомосексуалноста. Одлуката да го напише делото дошла по судскиот процес „Ренар“, каде наместо да го судат обвинетиот за злосторството што го извршил (убиство), вниманието било насочено врз неговите „одвратни морални навики“ (хомосексуалноста). Својата намера Жид им ја доверил на пријателите кои го одвраќале од идејата, бидејќи се плашеле дека со тоа ќе си наштети себеси. Уверен дека ќе предизвика скандал, Жид најпрво ги објавил двете први поглавја, анонимно и во мал тираж, во 1910 година. Делото го комплетирал во 1917-18, за потоа во 1924 година да го објави под своето име. Сепак, книгата паднала во заборав, бидејќи била лошо напишана, била премногу демонстративна, а јавното мислење не било подготвено да се соочи со оваа табу-тема.[16] Подоцна, Жид го сметал ова за неговото најважно дело.

Позначајни негови романи објавени пред и по Првата светска војна се „Пасторалната симфонија“ (1919), неговата најчитана книга, која го обработува судирот на религиозниот морал и чувствата и „Ковачи на лажни пари“ (1926), роман со нелинеарна структура. Овие дела го етаблирале како модерен писател, кој честопати бил критикуван за својот висок, претензиозен стил на пишување. Со иновативната техника применета во романот „Ковачи на лажни пари“ Жид го зголемил своето влијание, инспирирајќи потполно нова ориентација во современото раскажување.[15] Сепак, приватниот живот, преоптоварен од скриената хомосексуалност како и желбата да се надминат табуата, станува предмет на некои поинтимни текстови, како „Коридон“ (1920-24) и „Ако житото не умира“ (1926), автобиографски дела кои го опишуваат неговото буржоаско детство, привлечноста кон машкиот пол и почитта кон братучетката Мадлен, со која стапил во брак.

Во 1920-тите години, Жид бил инспирација за писателите како што се Ками и Сартр.[12] Исто така, тој открил многу таленти (Луј Арагон, Андре Бретон, Анри де Монтерлан) и ја овозможил соработката помеѓу постарите и новодојдените писатели. Во 1923 година, тој објавил книга за Фјодор Достоевски. Неговиот углед на книжевник почнач да расте, но повеќето имале впечаток дека тој е славен без да биде читан и разбран. Сепак, тој бил предмет на остри напади од католичката десница, која ги навредувала неговите вредности, интелектуализмот, неговиот јазик, но и влијанието на неговиот весник врз француската книжевност. Жид, со поддршка на Роже Мартен ди Гар, помалку се бранел себеси колку што го бранел весникот, но повеќето десничарски интелектуалци (Леон Доде, Франсоа Моријак), кои Жид ги почитувал и покрај меѓусебните несогласувања, одбиле да изберат страна во оваа јавна кампања против него.

Неговите дела добиле поинаква боја откако бил сведок на неколку настани од светската политика. Така, патувајќи, ја открил црната Африка и во 1927 година го објавил дневникот „Патување во Конго“, во кој ги осудува концесионерите, но и управата и ставот на поголемиот дел од Европејците кон колониите. Во 1936 година, по посетата на Советскиот Сојуз, го објавил своето дело „Назад во СССР“, кое предизвикало напади и омраза од страна на комунистите. Во подоцнежните години од животот, Жид се посветил на објавувањето на последните дела, особено „Дневникот“ (првиот том се појавил во 1939, а вториот во 1950 година), а по 1947 година речиси воопшто не пишувал. Во јули 1950 година, Жид ја започнал неговата последна тетратка „Така нека биде, или Игрите се завршени“ (Ainsi soit-il ou Les jeux sont faits). Во 1952 година, Ватикан ги осудил сите негови книжевни дела.[17]

Осврт кон делото на Жид

[уреди | уреди извор]
Андре[мртва врска] Жид

За своето творештво, Жид добил почести од неколку институции, меѓу кои и Оксфордскиот универзитет, а во 1947 година ја добил Нобеловата награда за литература, како доказ за неговата верба во „доблеста на малкумината“.[18]. Поради здравствени причини, Жид не присуствувал на свечениот чин на доделувањето на наградата која во негово име ја примил францускиот амбасадор.[19]

Преку книжевноста, Жид се справувал со предрасудите на неговото време, а неговото влијание се должи повеќе на уметноста отколку на политичкиот ангажман, за разлика од Жан-Пол Сартр, кој избрал друг пат, останувајќи книжевник, но со истакната политичка ангажираност. Постои снимка од средбата помеѓу двајцата интелектуалци во домот на Жид во 1950 година.

Жид е подеднакво познат како писател, како моралист и како мислител. Без сомнение, тој е еден од најголемите француски книжевни критичари, водач во „крстоносните општествени војни“ и борец за правата на хомосексуалците. Во втората половина на 20 век, тој станал најголемиот борец за жртвите на општеството, а општествените неправди ги проучувал многу подлабоко од неговите книжевни современици. Како писател и како интелектуалец, Жид бил оценуван на различни начини: за едни, тој бил психолог-традиционалист, а за други бил иновативен модернист. Впрочем, и самиот Жид бил во постојана потрага по својата личност, а тоа била честа тема во неговите дела, но цело време, во суштината, останал религиозен. Во својата книжевна кариера, тој го употребувал пишувањето како средство за проучување на моралноста.[20]

На 10 декември 1947 година, во својот говор по повод доделувањето на Нобеловата награда, секретарот на Шведската академија, Андреас Остерлинг го оценил творештвото на Жид со следниве зборови: Уште во младоста, додека членувал во групата „Симболисти“, Жид настојувал најпрвин да ги пронајде долгите, криви патишта и не го задоволувале лесните победи. Од почетокот на својата кариера, тој се докажал како сејач на духовен немир, а неговото влијание не се намалувало во текот на неколку генерации. Во неговото дело е нагласен еден многу важен период на духовната историја на Европа, поставувајќи ја драматичната основа на неговиот долг живот. Причината за неговото задоцнето признание лежи во тоа што Жид има припаѓа на писателите чие вистинско вреднување бара долга перспектива и адекватен простор за трите фази на дијалектичкиот процес. Жид бил човек на контрасти, одликувајќи се со постојани промени на ставовите и неуморно работејќи на спротивните полови. Поради тоа, неговото дело изгледа како непрекинат дијалог во кој судбината оди рака под рака со сомневањето, аскетизмот со љубовта кон животот, а дисциплината со потребата за слобода. Иако се борел против пуританското образование, цело време размислувал за фундаменталните проблеми на моралноста и религиозноста. Од друга страна, кај него може да се пронајдат дури и силни манифестации на познатата „неморалност“ - концепт којшто неговите противници го толкувале погрешно. Но, Жид само го одбележува слободниот чин, „неоправданиот чин“, ослободувањето од обврзувачката совест.[21]

Понатаму, во неговите дела се забележува силна поезија на одвоеноста и враќањето, а неговото творештво може повторно да се открива. Имено, во неговите дела има чудни и постојани пресврти, но секогаш се пронаоѓа истата интелигенција, истата нерасипана психологија, изразена со јазик со возвишена класична чистота и најделикатна разновидност. Исто така, тој се обидува да го преиспита својот живот без додавање на нешто што би го разубавило и без криење на непријатните нешта. Но, тој им го одбива правото на другите да го обвинат и се повикува на повисок суд, на поширока перспектива, претставувајќи се пред врховното око на Господ. Жид бил често обвинуван за интелектуална нестабилност, но таа никогаш не го довела до самопредавство, а неговата философија имала тенденција на регенерација по секоја цена. Дури и во неговите подоцнежни години, Жид никогаш не расправал во полза на целосно прифаќање на неговото искуство и неговите заклучоци, залагајќи се за соголување и изложување на проблемите. Оттука, дури и во иднина, нема сомнение дека неговото влијание ќе биде изразено помалку како целокупно прифаќање, а повеќе како жива контроверза и токму во тоа е основата на неговата големина. Низ целата своја книжевна еволуција, Жид делувал како вистински бранител на книжевниот интегритет, заснован врз личното право и обврска за храбро и искрено претставување на сите свои проблеми. Набљудувано од таа точка, неговото долго и разновидно творештво без сомнение ги претставува идеалистичките вредности.[22]

Францускиот писател Албер Ками во младоста бил голем љубител на творештвото на Жид поради неговиот стил и „скротениот“ романтизам.[23]

Библиографија

[уреди | уреди извор]
  • „Тетратките на Андре Волтер“ (Les Cahiers d'André Walter)
  • „Трактатот на Нарцис“, 1891
  • „Патување на Уриен и љубовното искушение“ (Voyage d'Urien et la tentation amoureuse), 1893
  • „Мочуришта“ (Paludes)
  • „Земска храна“ (Les Nourritures terrestres), 1897
  • Иморалист“, 1902
  • „Враќањето на генијалното дете“, 1907
  • Тесна врата“ (La Porte étroite), 1909
  • Подрумите на Ватикан“ (Les caves du Vatican), 1914
  • Пасторалната симфонија“, 1919
  • „Ако житото не умре“ (Si le grain ne meurt), 1924
  • Коридон“, 1924
  • Ковачи на лажни пари“ (Les Faux Monnayeurs), 1926
  • „Патувањата во Конго“ (Voyage au Congo), 1927
  • „Враќањето од Чад“ (Retour du Tchad)
  • „Враќањето од СССР“ (Retour de L'U.R.S.S.), 1936
  • „Дневник“, 1939, 1950
  • „Така нека биде, или Игрите се завршени“ (Ainsi soit-il ou Les jeux sont faits), 1950

Дела од Андре Жид објавени на македонски јазик

[уреди | уреди извор]
  • Андре Жид, Дневник: избор: 1889-1949. Скопје: Магор, 2014 (Скопје: Бато & Дивајн), ISBN 978-608-223-411-3 (превод од француски јазик: Офелија Ковилоска; поговор: Славица Србиновска).
  • Андре Жид, Тесна врата/ Пасторална симфонија. Скопје: Конгресен сервисен центар; Битола: Микена; Скопје: Макавеј, 2012 (превод од француски јазик: Офелија Ковилоска; поговор: Санде Стојчевски)
  • Андре Жид, Подрумите на Ватикан, ISBN 978-608-223-025-2 (превод од француски јазик: Елисавета Поповска; дизајн на корицата: Мирко Давидовски )
  • Андре Жид, Ковачи на лажни пари. Битола: Микена, 2009 (превод од француски јазик: Благоја Велковски - Краш)
  • Андре Жид, Патување низ Конго. Скопје : Култура, 1957 [превод: Ѓорѓи Цаца]

Филмографија

[уреди | уреди извор]
  • „Животот започнува утре“ (La vie commence demain), документарен филм од 1950 година, во режија на Nicole Vedrès.
  • „Со Андре Жид“ (Avec André Gide), документарен филм од 1952 година.
  • „Пасторална симфонија“ (La symphonie pastorale), драма од 1946 година.
  1. www.nobelprize.org
  2. „Nobelova nagrada za književnost 1947. godine“, во: Andre Žid, Podrumi Vatikana. Novi Sad: Vega Media, 2004, стр. 252.
  3. 3,0 3,1 „O autoru Andre Žid (1869-1951)“, во: Andre Žid, Podrumi Vatikana. Novi Sad: Vega Media, 2004, стр. 257.
  4. Si le grain ne meurt, I, chapitre 7
  5. 5,0 5,1 Si le grain ne meurt, I, chapitre 10
  6. Journal, avril 1893
  7. Si le grain ne meurt, II, chapitre 1
  8. 8,0 8,1 „André Gide (Biographie) - aLaLettre“. www.alalettre.com. Посетено на 2017-09-26.
  9. Correspondance, 1899-1926, Paul Claudel, André Gide.
  10. André Gide & Marc Allégret - Le roman secret, Pierre Billard, Plon, 2006.
  11. „La Fondation - Fondation Catherine Gide - patrimoine d'André Gide“. www.fondation-catherine-gide.org (француски). Посетено на 2017-09-26.
  12. 12,0 12,1 12,2 „O autoru Andre Žid (1869-1951)“, во: Andre Žid, Podrumi Vatikana. Novi Sad: Vega Media, 2004, стр. 258.
  13. www.nobelprize.org
  14. Voyage au Congo suivi du Retour du Tchad Архивирано на 16 март 2007 г., in Lire, July–August 1995 (француски)
  15. 15,0 15,1 „Nobelova nagrada za književnost 1947. godine“, во: Andre Žid, Podrumi Vatikana. Novi Sad: Vega Media, 2004, стр. 253.
  16. Cf. Pierre Lepape, André Gide le messager, Ouvrage utilisé pour la rédaction de l'article, Seuil, 1997.
  17. Спасиќ, С. (22 ноември 2012). „Роден на денешен ден, Андре Жид“. МКД.мк. Архивирано од изворникот на 2020-11-20. Посетено на 2017-09-26.
  18. Gide, Martin du Gard, Annexe à Correspondance, 1935-1951
  19. „Nobelova nagrada za književnost 1947. godine“, во: Andre Žid, Podrumi Vatikana. Novi Sad: Vega Media, 2004, стр. 255.
  20. „O autoru Andre Žid (1869-1951)“, во: Andre Žid, Podrumi Vatikana. Novi Sad: Vega Media, 2004, стр. 257-258.
  21. „Nobelova nagrada za književnost 1947. godine“, во: Andre Žid, Podrumi Vatikana. Novi Sad: Vega Media, 2004, стр. 251-252.
  22. „Nobelova nagrada za književnost 1947. godine“, во: Andre Žid, Podrumi Vatikana. Novi Sad: Vega Media, 2004, стр. 253-255.
  23. Nada Marinković, „Alber Kami“, во: Stranac, Rad, Beograd, 89.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Викицитат има збирка цитати поврзани со: