Прејди на содржината

Елфриде Јелинек

Од Википедија — слободната енциклопедија
Елфриде Јелинек во 2004 г.

Елфреде Јелинек (20 октомври 1946, Мирццушлаг, Штаерска, Австрија) - австриска писателка,[1] добитничка на Нобеловата награда во 2004 година.[2]

Животопис

[уреди | уреди извор]

Елфриде Јелинек е родена на 20 октомври 1946 година, во Мирццушлаг, Штаерска. Нејзината мајка Олга Илона (родена Бихнер) потекнувала од богато католичко виенско семејство. Таа го издржувала од нејзината работа како книговодителка. Таткото, Фридрих Јелинек бил хемичар и потекнувал од чешко-еврејско семејство чии бројни припадници настрадале во холокаустот. За воспитувањето на Елфриде се грижела мајка ѝ, која ја запишала во католичка градинка, а подоцна Елфриде учела во католички интернат во Виена. Желбата на мајка ѝ била Елфриде да има музичка кариера, па затоа уште како дете таа посетувала часови за свирење на клавир, гитара, оргули, виолина, виола и блок-флејта. На 13-годинишна возраст, Јелинек била запишана на Конзерваториумот во Виена и студирала оргули, клавир, флејта, а подоцна и композиција. Исто така, Јелинек студирала и историја на уметноста и театрологија на Универзитетот во Виенa, но заради беспокојство ги прекинала студиите и во текот на една година живеела изолирана во станот на родителите. Тогаш, таа почнала да пишува, претежно поезија, како облик на терапија. Во 1960-тите, таа станала политички активна, како членка на комунистичката партија.[2] По стапувањето во брак во 1974 година, наизменично живеела во Виена и во Минхен.

Творештво

[уреди | уреди извор]

Почетоците на книжевното творештво на Јелинек датираат од нејзините студентски денови, кога за време на едногодишното лекување од беспокојство почнала да пишува поезија. Елфриде Јелинек пишува за лошата состојба во јавниот, политичкиот, но и во приватниот живот на австриското општество. Пред нејзината прва книга „Сите ние сме мамки, бејби!“ (1970), објавена од издавачот ророро, бр. 12341, нејзините поетските и прозни текстови биле објавувани во различни антологии и во книжевните списанија. Таа е авторка на десетина романи и околу 30 многу провокативни театарски дела, како и бројни радио-драми, есеи, текстови за театарот, преводи, сценарија, музички дела, либрета за балети, а се занимавала и со филм и со видео-уметност. Нејзините познати дела се „Љубовнички“ (1975), „Пијанистка“ (1983) и „Желба“ (1989).[1] Според романот „Пијанистка“, во 2011 година бил снимен истоимениот филм на режисерот Михаел Ханеке во кој главната улога ја игра Изабел Ипер. Нејзиниот роман „Завидливост“ не бил објавен како книга, туку само како он-лајн издание, а доколку би се печател како книга, тогаш би имал 900 страници.

Елфреде Јелинек е добитничка на многу награди и признанија: наградата „Хајнрих Бел“ на градот Келн (1996), литературната награда на Штаерска (1987), наградата Бремер (1996), наградата „Георг Бихнер“ (1998). Во 2004 година ја добила Нобеловата награда за литература (како десетта жена која освоила оваа награда), но од здравствени причини не била во можност лично да отпатува во Стокхолм, така што наградата ја примил нејзиниот издавач.

Покрај другото, во соопштението по повод доделувањето на Нобеловата награда се истакнува: „... музикалниот тек на гласовите и репликите во нејзините романи и театарски дела со исклучителен лингвистички жар го разоткрива апсурдот на општествените клишеа и нивната моќ за потчинување...“[3]

  1. 1,0 1,1 Превод на книжевни дела на добитници на Нобелова награда. Битола: НИД „Микена“, 2009.
  2. 2,0 2,1 „O piscu i delu“, во: Elfride Jelinek, Ljubavnice. Beograd: Lom, 2018, стр. 169.
  3. Elfride Jelinek, Ljubavnice. Beograd: Lom, 2018.